Судиите на Уставниот суд проф. д-р Осман Кадриу и м-р Татјана Васиќ- Бозаџиева остварија средба со претседателот на Европскиот суд за човекови права, Матијас Гијомар во Стразбур.
Во рамки на средбата беа разгледани можностите за идно институционално поврзување, со посебен фокус на развојот, обуката и унапредувањето на професионалните капацитети на служба на Судот, како и размената на искуства во областа на заштитата на човековите права.
Присутните споделија исти ставови за важноста и значењето на континуираната размена на знаења и добри практики, како и реализацијата на заеднички активности меѓу Европскиот суд за човекови права и Советот на Европа.
На средбата присуствуваа и Светлана Гелева, амбасадор, шеф на Мисијата на Република Северна Македонија при Советот на Европа, Јован Илиевски, судија на Република Северна Македонија во Европскиот суд за човекови права, како и Абел Кампос, заменик регистратор на ЕСЧП.
Средбата се одржа во пресрет на церемонијата на официјалното отворање на судиската година на Европскиот суд за човекови права, која традиционално секоја година во овој период се одбележува со тематски семинар, на 30 јануари 2026 година.


