Делегација на Уставниот суд учествуваше на Годишното отворање на судската година во Судот во Стразбур

Делегација на Уставниот суд предводена од судиите проф. д-р Осман Кадриу и м-р Татјана Васиќ- Бозаџиева учествуваше на свеченото отвoрање на судиската година на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Покрај традиционалното отворање на судската година, се одржа и семинар во чијшто фокус беше темата „Заштита на медиумскиот плурализам и демократскиот процес во предизвикувачки времиња”. Семинарот го отвори претседателот на ЕСЧП Судот, Матијас Гијомар, свое обраќање имаше Ања Зајберт-Фор, судијка и претседателка на Организацискиот комитет. 

Во рамки на настанот се одржаа две сесии за „медиумскиот плурализам и правото на информации”, со излагање на професорката Вероника Билкова од Универзитетот Карлов во Прага. Втората тема беше посветена на „слободата на информации и надлежностите на Европската Унија, со посебен осврт на рестриктивните мерки”, презентирана од професорот по право на ЕУ, Роберто Мастројани од Универзитетот во Неапол. Втората сесија под модераторство на судијката Лорејн Шембри Орланд, беше посветена кон заштитата на демократските процеси. Претседателот на Уставниот суд на Австрија, Кристоф Грабенвартер, говореше за интегритетот на демократскиот процес и судската контрола, претседателката на Уставниот суд на Латвија, Ирена Кучина, ја презентираше темата за слободното изразување на волјата на народот како предуслов за заштита на демократскиот државен поредок.