Уставниот суд оформи 45 нови предмети во месец декември 2025 година

Во текот на месец декември 2025 година се формирани 45 предмети од кои во 36 предмети е оспорена уставноста на акти, 6 предмети во кои е оспорена и уставноста и законитоста и со три барања се бара заштита на слободите и правата на граѓаните. 

ИНИЦИЈАТИВИ СО КОИ Е ОСПОРЕНА УСТАВНОСТА

1. Убр.170/2025

Оспорен акт: Toчки 4 и 5 од ставот 1 на членот 95 од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи

Подносител на инцијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека член 95 став 1 точка 4 од Законот упатува на примена на членот 54 став 3 од истиот закон и всушност упатува на одредба која во себе содржински и суштински не пропишува состојба за продажба на електронски уред за користење на несогорлив тутун во заштитено пакување. Дополнително, наведува дека точката 5 од ставот 1 на членот 95 од Законот, упатува на примена на одредба од членот 54 став 4 која регулира дека електронскиот уред за користење на несогорливи производи од тутун се продава во заштитено пакување. Се наведува дека примената на одредбите создава правно нефункционална целина и доведуваат во заблуда при примената. 

2.Убр.171/2025

Оспорен акт: Делот “деловна тајна” од член 58 став 11 од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи

Подносител на инцијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека со оспорениот дел се остава можност на производителите и увозниците да наведат кои од информациите се деловна тајна и се прави „дерегулација” во сферата на листата на состојки кои се содржани во производот, листата на состојките на емисиите за секоја марка и секој тип, токсиколошки достапни податоци за состојките и емисииите на производот, вклучувајќи го нивното влијание врз здравјето на потрошувачите при вдишување и евентуалниот ефект на зависност при нивното загревање, информациите за дозите на никотин и апсорбирањето кога се конзумира во нормални или разумно предвидливи услови. Подносителот тврди дека постои опасност, под „деловна тајна”  да се определи нешто што индиректно ќе го засега здравјето на граѓаните, иако според него, „деловна тајна” треба да биде поврзана со работата на правното лице, неговото внатрешно дејствување и активности, но не и нешто што ќе го засега здравјето на граѓаните. 

3.Убр.172/2025

Оспорен акт: Член 35 став 2 од Законот за експропријација

Подносител на инцијативата: Македонска православна црква-Охридска Архиепископија

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата тврди дека со измените на Законот за експропријација се одземаат права на претходните сопственици на земјиштето, бидејќи не е предвидено преодно решение кога станува збор за кратење на роковите за барање за поништување на правосилно решение за експропријација, на место на кое не е изграден објектот oд значење за Република Македонија во предвидениот рок. Имено, подносителот како пример ја наведува експропријацијата на недвижен имот во село Љубаништа кое е во сопственост на МПЦ-Дебарско-кичевска православна епархија. Се наведува дека поранешниот сопственик- МПЦ-ОА(Дебарско-кичевска православна епархија) се стекнала со право да бара поништување на Решението за експропријација кое е правосилно од 11.12.2014, бидејќи не се реализирала целта поради која била извршена експропријацијата на земјиштето, а тоа е таквото право да не го оствари не подоцна од 15 години од денот на правосилноста на решението, односно тоа би било 11.12.2023 година. Но, на 09.10.2024 година со направените измени кои се оспорени со иницијативата, е ускратено правото на правната сигурност, се тврди во иницијативата, бидејќи изменетата одредба гласи дека барањето за поништување на правосилно решение за експропријација може да се поднесе во рок од 5 години по правосилноста на решението, или најдоцна до 11.12.2019 година. Ова за подносителот е спорно, бидејќи според толкувањето на оспорената норма, тој требало да го оспори решението за експропријација најдоцна до 11.12.2019 година, иако во 2019 година според одредбата која тогаш била на сила, не можело да се поднесе такво барање пред 12.12.2024 година.  

4.Убр.173/2025

Оспорен акт: Член 121 став 1 од Законот за работните односи во делот „со претходна согласност на работодавачите, каде што вработен со полно работно време” и на дел од член 121 став 3 „или ако е повлечена согласноста на работодавачот, каде што работникот е во работен однос со полно работно време”.

Подносител на инцијативата: Влатко Бојковски

Содржина на оспорената одредба:

Работникот може да склучи договор за работа со скратено работно време кај друг работодавач, со претходна согласност на работодавачите, каде што е вработен со полно работно време

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот, оспорените делови го ограничуваат уставно гарантираното право на слободен избор на рабoта, бидејќи за да склучи договор и да работи со скратено работно време кај друг работодавач мора да бара согласност од работното место каде што е вработен со полно работно време. На овој начин како што е уредена одредбата, се тврди дека работодавачот добива контрола врз времето и изборите на работникот, надвор од договореното време, со што се нарушува правото на лична автономија и приватност, уредено со членовите 25 и 18 од Уставот.

5.Убр.174/2025

Оспорен акт: Член 71 став 1 од Законот за административни службеници

Подносител на инцијативата: Самостоен синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија-СОНК, застапуван од Јаким Неделков, претседател

Од наводите во иницијативата:

Со оспорениот дел се исклучува примената на колективните договори како уставно признаен извор на уредување на правата на вработените, бидејќи условите и критериумите се утврдуваат токму со оспорениот закон,  се наведува во иницијативта. Подносителот тврди дека со оспорениот дел се ограничува можноста за уредување на правото на плата преку колективни договори, што директно ги засега работниците кои синдикатот ги застапува во процесот на социјален дијалог. Сето ова е спротивно на начелото на владеење на правото уредено со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 од Уставот, член 51 од Уставот, тврди подносителот.

6.Убр.175/2025

Оспорен акт: Делот „стручен” од член 45 став 1 од Законот за високото образование, 

Поднасловот „Агенција за квалитет во високото образование”

Подносител на инцијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека со оспорениот дел „стручен” се воспоставува хибридност во определувањето на карактерот и природата на Агенцијата за квалитет во високото образование, што според него не е во согласност со начелото на владеењето на правото. Според подносителот, во ниту еден друг член од Законот, а ниту во оспорените одредби, не се пропишуваат надлежностите на Агенцијата, со што се доведува во прашање усогласеноста со оспорениот член со Уставот. Се тврди дека е нејасна и непрецизна оспорената норма.


7.Убр.176/2025

Оспорен акт: Делот „а одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните членови” од член 49 став 4;

-Делот „реално направени трошоци”

-Делот „врз основа на присуство на седница и обем на извршена работа” од член 49 став 8 од Законот за високото образование

Подносител на инцијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека е спорно e тоа што Одборот за акредитација во високото образование иако брои 15 членови вкупно, при донесување на одлука, доволно е да присуствуваат 8 членови, а одлуката да биде донесена со една третина од мнозинството, што би значело само 5 членови. Според наводите во иницијативата, спорно е што одлука на тој начин ќе биде донесена од малцинскиот број на гласови од вкупен број на гласови на едно тело, што ќе има правна сила како да е донесена од мнозинскиот број од вкупниот број гласови. Се тврди дека оспорените делови не се во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. 

8.Убр.177/2025

Оспорен акт: Делот „составот” или употребата на одредени суровини, хемикалии или други материјали или производи може да” од член 24 став 7;

-делот „составот или употребата на одредени  суровини, хемикали или други материјали или производи” од член 28 став 5

Подносител на инцијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорените делови се во спротивност со начелото на владеењето на правото уредено со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. 

9.Убр.178/2025

Оспорен акт: Алинеја 4 од ставот 9 од член 52 од Законот за високото образование

Подносител на инцијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека за него е спорно тоа што не се знае кои се функциите или должностите кои се неспојливи со функцијата член на Одборот за евалуација. Имено, се тврди дека оспорената одредба регулира дел кој уредува дека мандатот на член на Одборот за евалуација престанува ако членот стапи на должност или функција која е неспојлива со функцијата член на Одборот за евалуација. 

10.Убр.179/2025

Оспорен акт: Делот „констатира” од член 56 став 5 

-точка 3 од ставот 5 на член 56

-точка 2 од ставот 6 на член 56

Сите од Законот за високото образование

Подносител на инцијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека Законот за високото образование прецизно не пропишува дали одлуката со која се констатира дека мандатот на директорот на Агенцијата за квалитет престанал откако Собранието или некое друго надлежно тело во постапка и начин пропишани со закон, настапиле некои од условите од Законот за високото образование.

11.Убр.180/2025

Оспорен акт: Член 21, 96 и 98 од Законот за административни службеници

Подносител на инцијативата: Јаше Ибишов, Јовица Димковски, Анита Зец, Бојан Николовски 

Од наводите во иницијативата:

Подносителите наведуваат дека се спорни одредбите кои ги уредуваат општите и посебни работни компетенции, со различни нивоа на квалификации. Се тврди дека на службениците од Б3 и Б4 категориите добиваат унапредување и поминуваат на повисоко ниво во категоријата стручни административни службеници, а паралелно и покачување на нивните плати, додека службениците распоредени со звање „виш соработник” не ги добива истите услови и освен што му се менува звањето, нема промена на неговата плата. Се тврди дека Законодавецот не го вреднува стекнатото право на вредување на бодовите на плата во делот на образованието за државниот службеник со ниво на квалификациите VI Б, односно стекнати 180 кредити според ЕКТС, кој засновал работен однос во институцијата заклучно со денот на започнувањето на примената на Законот, ќе продолжат да се вреднуваат со 200 бода. Со ова законско решение, Законодавецот им го ускратува правото кои веќе го стекнале административните службеници и им ја намалува платата за 25 бода, во делот на плата за степен на образование, што е во спротивност со владеењето на правото, се наведува во инцијативата.

12.Убр.181/2025

Оспорен акт: Член 36 став 1 делот „прво и второ дете”, став 2 и став 3 во деловите „прво и второ” и „доколку мајката нема новородено дете” во смисла на ставот 2 на овој член од Законот за заштита на децата

Подносител на инцијативата: Клементина Ангелеска

Од наводите во иницијативата:

Подносителката тврди дека оспорените одредби се дискриминтаорски, бидејќи прават разлика меѓу прво и второ новородено дете, а уште дотолку што се потенцира фактот „доколку мајката нема новородено дете”, па го поставува прашањето дали третото дете не се смета за новороденче или воопшто за дете, за да може да добие еднократна парична помош.

13.Убр.182/2025

Оспорен акт: Член 38 став 3 од Законот за заштита на децата од 23.05.2019 година

Подносител на инцијативата: Клементина Ангелеска

Од наводите во иницијативата:

Подносителката тврди дека додатокот за трето дете не може да го добие секоја мајка, односно тој според оспорената одредба следува само на невработени или вработени со минимална нето плата. Се наведува дека оспорената одредба е дискриминаторска и свесно креирана бидејќи такви услови не исполнува речиси никој, не соодвествува со реалноста за да може едно петчлено семејство да ги задоволи сите потреби со вкупни примања кои се врзани со минималната плата или не повисоки од 24 000 денари месечно вкупно, за да се добие додаток за трето дете од 9000 денари.

14.Убр.183/2025

Оспорен акт: Член 65 став 16 од Законот за дивечот и ловството

Подносител на инцијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

За подносителот спорно е што на членовите и претседателот на Стручната комисија за полагање на ловечки испит  им следува паричен надоместок од кандидатот и тој надоместок не смее да биде повисок од 1% од просечната нето плата за претходната година во Републиката. Подносителот смета дека уверението за положен ловечки испит го издава Министерството за земјоделство, шумарство, водостопанство, па по таа логика, тоа е управна функција на органот и не може да се смета за дополнителна работа на лицата вработени во Министерството, кои се членови на стручната комисија. 

15.Убр.184/2025

Оспорен акт: Делот „може да се изменува и дополнува” од член 40 став 11 , став 12 и делот „склучениот договор за користење на дивечот во ловиштата останува во сила” од член 42 став 7 од Законот за дивечот и ловството

Подносител на инцијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот смета дека оспорените делови се во спротивност со начелото на владеењето на правото уредено со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Се наведува дека со оспорениот дел кој овозможува менување и дополнување на тендерската документација  се нарушуваат легитимните очекувања во јавниот повик, а со тоа и правната неизвесност. 

16.Убр.185/2025

Оспорен акт: Делот „а ќе почне да се применува од 1 јануари 2027 година” од Законот за административните службеници

Подносител на инцијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека нема јасна и образложена причина од страна на Законодавецот, зошто Законот има одложена примена од една година, имајќи предвид дека образложението за неговото носење е усогласување со европските стандарди предвидени со Националната програма за усвојување на правото на ЕУ и во согласност со СИГМА принципите. 


17.Убр.186/2025

Оспорен акт: Член 37 од Законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина

Подносител на инцијативата: Игорчо Точев 

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека измените упатуваат на идредба која не е дел од правниот промет, па поради оа доведува до забуна при примената. Се наведува дека ова е спротивно на начелото на владеење на правото уредено со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

18.Убр.187/2025

Оспорен акт: Делот „езера” од член 76 став 2 и членот 192 од Законот за заштита на природата

Подносител на инцијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот, дискутабилна е согласноста на оспорениот дел „езера”, ако според член 2 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро, езерата се користат за задоволување на општи и поединечните потреби, според прописите за заштита на природните реткости, заштита на човековата околина, просторно-урбанистичко планирање, рибарство, води и меѓурепублички и меѓудржавните води, доколку со закон не е поинаку уредено. Според подносителот, терминот „езера” е генерален и би ги опфаќал сите езера, не само трите наведени.

19.Убр.188/2025

Оспорен акт: Делот „цистична фиброза” наведен во член 66 став 2 од Законот за јавните патишта

Подносител на инцијативата: Филип Петровски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот смета дека при набројувањето на лицата кои се ослободени од плаќање на патарина се наведени и хронично болни од најтежок облик на заболување-цистична фиброза и според него спорно е што хронично болните се заболени и од други болести а не само цистична фиброза како што е дополнето. На тој начин со прецизирање на хронично болните  само како заболени од цистична фиброза, дискриминаторски се исклучени останатите лица со тешки дијагнози, кои се набројани во членот 1 од Правилникот за функционална проценка.  

20.Убр.189/2025

Оспорен акт: Член 12 став 1 алинеја 9 од Законот за адвокатура 

Подносител на инцијативата: Оливер Давидовски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот го оспорува условот според кој, за да може да се запише во Именикот на адвокати, на лицето „да не му престанала функцијата судија, јавен обвинител, државен правобранител или заменик, народен правобранител или заменик, избран или именуван функционер, односно да не му престанал работниот однос како државен службеник, нотар, заменик или помошник нотар, извршител или заменик извршител, со конечна одлука во судска, дисциплинска или друга постапка со која е утврдена одговорност во вршење на функцијата, односно службата додека не поминат пет години од конечноста на одлуката”. Се тврди дека нормата е нејасна и непрецизна, бидејќи не го дефинира поимот „одговорност”, ниту пак ја определува неговата правна природа, тежина, врската помеѓу утврдената одговорност и способноста за вршење на адвокатската професија. Сето тоа, ја повредува правната сигурност, наведува подносителот. 

21.Убр.190/2025

Оспорен акт: Член 8 став 6 од Законот за нефер трговски практики во синџирот на снабдуваање на земјоделски и прехранбени производи

Подносител на инцијативата: Илија Адамчевски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека со оспорената одредба, наместо слобода на пазарот, се создава нејзино ограничување. Се наведува дека со одредбата се доведува до воспоставување на состојба на постојано ограничување на вршење на дејноста на купувачите-трговци на мало на прехранбени и земјоделски производи.

22.Убр.191/2025

Оспорен акт: Член 33 став 2 во делот „вирусен хепатит Б” од Законот за заштита на населението од заразни болести

Подносител на инцијативата: Дарко Јаневски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека оспорениот дел треба да биде тргнат од календарот на имунизација, по примерот на препораките на Комитетот за практики на имунизација во САД, исто како и ставовите на претседателот на САД, Доналд Трамп, а со оглед на фактот дека во САД е повлечено задолжителното вакцинирање против вирусен хепатититис Б од календарот за имунизација на САД. 

23.Убр.192/2025

Оспорен акт: Член 121 став 1 во делот „со претходна согласност на работодавачите, каде што е вработен со полно работно време”, член 121 став 2 и член 121 став 3 во делот „или ако е повлечена согласноста на работодавачот каде што работникот е во работен однос со полно работно време” од Законот за работните односи 

Подносител на инцијативата: Оливер Давидовски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека со оспорените делови работникот се условува со согласност од првиот работодавач за да склучи договор за вработување на неполно работно време со друг работодавач. Наведено е дека со оспорените делови е повредено начелото на владеењето на правото преку член 8 од Уставот и член 32 кој уредува право на слободен избор на вработување, бидејќи работникот не може да предвиди дали ќе добие согласност или не. Се тврди дека одредбата е нејасна. 

24.Убр.193/2025

Оспорен акт: Член 42 став 10 во делот „да се преиначи одлуката на Комисијата” и „Министерот за правда е должен да донесе мериторна одлука” од Законот за вештачење

Подносител на инцијативата: Оливер Давидовски

Од наводите во иницијативата:

За подносителот е спорна надлежноста на министерот за правда, за што наведува дека е ставен во улога на второстепен жалбен орган, кој може да менува и преиначува првостепена мериторна одлука на професионално стручно тело-дисциплинска комисија. Подносителот тврди дека е проблематично тоа што евентуалното нестручно и несовесно вршење на вештачењето е во надлежност на Комората на вештаци и дисциплинската комисија, а со оспорените делови на министерот за правда без стручни квалификации за вештачењето, му се дава можност да носи мериторна одлка, односно да преиначува одлука на професионалци и на таков начин да ја наруши независноста на Комората.  

25.Убр.194/2025

Оспорен акт: Член 34-в став 9 од Законот за бесплатна правна помош

Подносител на инцијативата: Оливер Давидовски 

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека со член 34-в е уредена постапката за исплата на награда и надоместок на субјектите кои вршат вештачење во постапките на одобрена секундарна правна помош, а оспорената одредба Министерството може со решение да му одбие да му исплати надоместокот на субјектот кој го вршел вештачењето, ако при проверките оцени дека вештакот не ги извршил своите одговорности и обврски предвидени со закон. Спорно за подносителот е тоа што, вештакот не може однапред да знае што точно ќе се смета за „неисполнување на обврските” и да предвиди кога и за што ќе му биде скратен надоместокот. Дополнително, тврди дека со оспорените одредби министерството добива власт со огромни надлежности, без да се утврди јасно законската рамка која ја регулира неговата улога.  

26. Убр.195/2025

Оспорен акт: Член 21 став 2 од Законот за бесплатна правна помош

Подносител на инцијативата: Оливер Давидовски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорената одредба е нејасна и непрецизна бидејќи содржи неодредени вредносни термини, без да се дефинирани законски, како што се „очигледно неосновано”, „исходи во исти или слични фактички состојби”, „морал” итн. Се тврди дека нормата создава правна несигурност и го повредува начелото на владеење на правото уредено со член 8 од Уставот. 

27.Убр.196/2025

Оспорен акт: Член 222 став 1 во делот „во јавната здравствена установа каде што се вработени или во друга јавна”, член 222 ставовите 9, 10,12, 13 од Законот за здравствена заштита

Подносител на инцијативата: Дарко Тодоровски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека со оспорените одредби, се задира во владеењето на правото бидејќи се создава конфликт на интереси. Според него спорно е да може лекари да вршат дополнителна дејност во јавна здравствена установа каде што се вработени или во друга јавна или…На тој начин, на лекарот му се овозможува да ги користи истите простории, медицинската опрема, помошниот персонал, а  притоа да врши приватна дејност за да оствари личен профит. 

28.Убр.197/2025

Оспорен акт: Член 21-б став 2, делот „Советот од ставот 2 на овој член” и „советот” од член 21-б став 4, делот „Советот” од член 21-б став 4, делот „советот за верификација од ставот 2” од член 21-б став 5 и делот „советот за спортот” од член 21-к с тав 3 од Законот за спортот 

Подносител на инцијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорените одредби и делови доведуваат до забуна при примената и се неусогласени со начелото на владеење на правото. 

29. У.бр.198/2025

Оспорен акт: Делот „раководен” од член 10 став 3 алинеја 1;

Деловите „инспектор”  „државен инспектор”   „инспекциска служба” од член 10 став 3 алинеја 3 и делот „член на” од член 10 став 9 од Законот за стручно усовршување и обука на административни служненици

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорените делови не се во согласност со член 32 од Уставот кој уредува дека секому му е достапно секое работно место, под еднакви услови. Ова е спорно бидејќи за да се стане член или претседавач на Програмскиот совет,  со оспорените норми се дава предност, или привилегија на раководни државни службеници и инспектори со најмалку осум години работен стаж во државен инспекторат или инспекциска служба, наспроти сите кои не биле на такви работни места. 

30. У.бр.199/2025

Оспорен акт: Член 3  и 16 од Законот за вработените во јавен сектор

Подносител на иницијативата: Сојуз на синдикатите на Македонија преку претседател Слободан Трендафилов

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека со оспорената одредба е ограничено правото на уредување на правата од работен однос со колективен договор и на тој начин се оневозможува колективно договарање за вработените во јавниот сектор. Се дополнува дека со членот 16 е ограничено правото на доуредување на правата поврзани со платата, надоместоците и додатоците на плата со колективен договор. Се тврди дека со  оспорените членови ќе се создаде дискриминаторски однос и нарушување на принципите на еднаквост и рамноправност, се создава правна несигурност. Се наведува дека одредбите се во спротивност со член 8 став 1 алинеи 1,3,4,8,11 од Уставот, член 9, член 32 од Уставот, член 1 од Законот за работните односи. 

31. У.бр.200/2025

Оспорен акт: Член 71 од Законот за административните службеници

Подносител на иницијативата: Сојуз на синдикатите на Македонија преку претседател Слободан Трендафилов

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека со оспорениот член се ограничува и суспендира правото на уредување и доуредување на правата поврзани со платата, надоместоците и додатоците на плата со колективен договор и на тој начин е суспендирано колективно договарање за административните службеници. Дополнително, се наведува дека за разлика од вработените во приватниот сектор, вработените во јавниот сектор се лишени од правата на колективното договарање и со тоа се создава нееднаквост и една категорија вработени кои се дискриминирани, наспроти друга категорија во приватниот сектор која е привилигирана во однос на истите прашања за работнички права. 

32. У.бр.201/2025

Оспорен акт: Член 26 став 1 алинеја 6 од Законот за бесплатна правна помош

Подносител на иницијативата: Оливер Давидовски

Од наводите во иницијативата:

Се наведува дека со членот 26 се уредува прекинувањето на одобрената секундарна правна помош, а со оспорената одредба таа надлежност му е дадена на Министерството кое треба да го донесе решението за прекин на правната помош. Подносителот тврди дека му е дадена надлежност на Министерството на извршен орган, еднострано и без консултација да ја прекине веќе одобрената секундарна правна помош врз основа на проценка дека трошоците се несразмерно повисоки во споредба со вредноста на спорот. Се тврди дека не станува збор за формален услов како промена на имотната состојба, туку за дискрециона проценка на целисходност и исплатливост на судската заштита. 

33. У.бр.202/2025

Оспорен акт: Член 218 од Законот за извршување

Подносител на иницијативата: Јанаки Митровски, адвокат 

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека со оспорената одредба се создава правна несигурност во општеството, бидејќи се пропишуваат ограничувања при извршувањата врз државни органи, претпријатија и општини и покрај фактот што оштетените имаат добиено правосилни пресуди или извршни решенија. Подносителот дополнува дека правото на судска заштита не се исцрпува само со донесување на судска одлука, туку тоа подразбира и ефективно извршување на истата. 

34. У.бр.203/2025

Оспорен акт: Член 1 од Законот за училиштата за средно образование на верските заедници од 05.08.2025 година

Подносители на иницијативата: Хелсиншки комитет за човекови права, Македонско здружение за млади правници- МЗМП, Здружение за поддршка на лицата што живеат со ХИВ-ЗАЕДНО ПОСИЛНИ, Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХЕРА, Коалиција за секусални и здравствени права на маргинализирани заедници МАРГИНИ, Здружение на граѓани Инстутут за човекови права, Европски центар за права на Ромите, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост кај жените, Здружение ХОПС- Опции за здрав живот-Скопје, Здружение за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т Прилеп, Насилна мрежа против насилство врз жените и семејно насилство ГЛАС ПРОТИВ НАСИЛСТВО

Од наводите во иницијативата:

Подносителите наведуваат дека оспорената одредба задира во секуларниот карактер на државата и ја занемарува униформираноста на образовниот систем на државата. Се тврди дека со оспорената одредба верските заедници може да основаат средни училишта и тие да вршат дејност средно образование од областа на религијата и теологијата. Се наведува дека тоа е спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.  Дополнително, одредбата се оспорува и се тврди дека освен со членови од Уставот, е во колизија и со член 7 од Законот за средно образование  и член 10 од Законот кој уредува дека средно училиште може да основа општината, односно Владата доколку станува збор за државно средно училиште. 

35. У.бр.204/2025

Оспорен акт: Член 20 став 2 од Законот за адвокатура

Подносител на иницијативата: Оливер Давидовски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека одредбата уредува право на адвокатот да врши јавна функција или јавна служба доколку за вршење на истата не заснова работен однос. Според него, одредбата е во спротивност со член 53 од Уставот според кој адвокатурата е дефинирана како јавна служба. Следствено на ова, за подносителот не е јасно како законот дозволува друга јавна служба да ја загрози независноста на адвокатурата како јавната служба уредена со Уставот. 

36. У.бр.205/2025

Оспорен акт: Член 9 од Законот за бесплатна правна помош

Подносител на иницијативата: Оливер Давидовски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека со оспорениот член се регулира одговорноста на давателите на примарна правна помош. Се тврди дека со одредбата недоволно е  јасно утврдувањето на видот на одговорноста, бидејќи иако се предвидува одговорност за штета, не е јасно дали станува збор за субјективна одговорност(начело на вина), објективна одговорност или посебен режим на професионална одговорност. Дополнително, се тврди дека не е јасно кој ја утврдува штетата, во која постапка и рок. 

ПРЕДМЕТИ ВО КОИ Е ОСПОРЕНА И УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА АКТИ

1. УЗ.бр.82/2025

Оспорен акт: Член 5 од Правилник за изменување и дополнување на правилникот за распределба на авторските надоместоци, со кој се менува член 41 од Правилникот

Подносител на иницијативата: Ѓорѓи Крстевски и Рамиз Јусуфи

Од наводите во иницијативата:

Подносителите тврдат дека оспорениот член дозволува да се игнорира реалното користење на авторски дела, доколку програмата не содржи само еден од задолжителните податоци, како што би можело да биде, колку е времетраењето на едно авторско дело кое се пушта во текот на 24 часа. На тој начин се повредува принципот на правична застапеност, се тврди во иницијативата. Се наведува дека ова е контрадикторно со член 54 од Правилникот бидејќи таму е уредено дека доколку траењето не може да се утврди ниту според пријавата на авторот, ниту според програмата, тогаш се зема стандардно траење (8 или 3 минути). 

2. УЗ.бр83/20225

Оспорен акт: Деловникот на советот на Општина Јегуновце донесен на 5. Седница на Советот на Општина Јегуновце одржана на 30.06.1997 година

Подносител на иницијативата: Maтеј Алексовски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека Општината продолжила да применува стар Деловник донесен врз основа на прописи кои не се применуваат повеќе (од 1997 година), иако во 2002 година е донесен целосно нов Закон за локална самоуправа кој треба да биде основ за регулирање на нов Деловник од Општината.

3. УЗ.бр.84/20225

Оспорен акт: Правилник за начин на склучување договори и плаќање на здравствените услуги во биохемиските лаборатории

Подносител на иницијативата: ПЗУ Лабораторија за молекуларна дијагностика ЛАОР Тетово

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата тврди дека со оспорениот Правилник е воведен систем на плаќање на биохемиски лаборатории врз основа на однапред определени месечни финансиски квоти. Поради овој факт, тој тврди дека приватните здравствени лаборатории се дискриминирани од Фондот за здравствено осигурување, бидејќи и аптеките користат реагенси а притоа користат и лабораториска услуга, но за разлика од аптеките не им се плаќа поединечно за реагенсите и за дадената лабораториска услуга.

4. УЗ.бр.85/20225

Оспорен акт: Пресуда на Виш Управен суд УПРЖ бр.359/2023

Подносител на иницијативата: Марјан Здравковски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот бара поништување на пресудата, со образложение дека веќе бил осуден за прекршок нарушување на јавен ред и мир, за што му била изречена глоба во вредност од 100 евра. Се тврди дека пресудата од Управниот суд е донесена за веќе пресудена работа и е настаната апсолутна застареност, но сепак тој е огласен за виновен.

5.УЗ.бр.86/20225

Оспорен акт: Член 6 став 7 и 8 во делот „како и даде податоци за остварени нето приходи кои не се во согласност со податоците добиени од УЈП или од други извори” од Правилникот за содржината и начинот на остварувањето на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување.

Подносител на иницијативата:Оливер Давидовски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека единствен законски основ за губење на правото на категоријата осигурани лица е фактичкото работно ангажирање или вршење дејност спротивно на закон, а со оспорените делови се предвидува својството на осигуреното лице и губење на правата врз основа на повисоки приходи, непријавени приходи, несогласување на податоци со УЈП. Се тврди дека овие основи на губење на стекнато право не се предвидени со Законот за здравствено осигуурување, ниту  во член 52-а или било која друга одредба. Дополнително, се тврди дека со Правилникот  неовластено се прошириле материјалните критериуми кои се дефинирани со членот 52 од Законот и се зема предвид и приходната состојба на осигуреникот. 

6.УЗ.бр.87/20225

Оспорен акт:  Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција, усвоена од Собранието на Република Северна 

Подносител на иницијативата: Политичка партија „Социјалдемократски сојуз на Македонија” преку законски застапник Венко Филипче

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената Резолуција е во спротивност со членот 16 од Уставот, бидејќи ја загушува слободата на мислата и јавно да се искаже мислата и сопственото мислење на темата со мигрантите во земјата. Притоа, се тврди дека за прашање од јавен интерес се загушува мислењето и се осудува наративот на критика, претставувајќи го како лажен и манипулативен. Се наведува дека целта на оспорениот акт е да врши цензура врз неистомислениците за тема од особен јавен интерес и во никој случај критиката не може да биде нападната како средство за создавање и паника и нарушување на јавната стабилност. 

БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИТЕ И ПРАВАТА

1. БЗСП.бр.20/2025

Предмет на барањето: Барање за заштита од дискриминација по основ на националност, согласно член 110 алинеја 3 од Уставот

Подносител на барањето: Шерафедин Куртов

Од наводите во барањето:

Подносителот наведува дека и покрај тоа што е редовно работно ангажиран и извршува задачи не му биле уплаќани придонеси со што му биле повредени уставно загарантираните права. Дополнително наведува дека Комисијата за заштита од дискриминација одлучила во негова корист и донела препорака да се отстранат повредите на работното место, во рок од 30 дена.

2. БЗСП.бр.21/2025

Предмет на барањето: Барање за заштита на слободите и правата согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, по основ слободно изразување на мислата политичко здружување и дејствување и забрана од дискриминација по политички основ.

Подносител на барањето: Амар Мециновиќ

Од наводите во барањето:

Подносителот наведува дека на два дена пред официјалниот почеток на изборната кампања на локалните избори во 2025 година, Советот на АВМУ донел Упатство за кое тврди дека нему како кандидат за градоначалник и на партијата „Левица” им ги ограничиле правото на фер третман и пропорционално платено политичко рекламирање на сите пишани и електронски медиуми, интернет портали и билборд. Се тврди дека неговата партија и тој како кандидат свесно и намерно се пропуштени од списокот на набројани партии со што му е ускратено правото на примање и пренесување на информации, со крајна цел влијание врз изборните резултати. 


3. БЗСП.бр.22/2025

Предмет на барањето: Забрана од дискриминација по основ на социјална припадност, согласно член 110 алинеја 3 од Уставот

Подносител на барањето: Кузман Цилков

Од наводите во барањето:

Подносителот наведува дека со извршување од страна на банка и извршител му се одзема пензијата во целина, заради намирување на долгови од кредити, без притоа да се имаат предвид законските норми дека не може да се спроведе извршување врз предмети или права кои се нужно неопходни за задоволување на основните животни потреби. Смета дека е дискриминиран по основ на социјална припадност, бидејќи при извршувањето не се земени предвид нормите кои ги штитат неговите права како должник.