Формирани се два предмета за одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоци во кои е оспорен т.н. „Безбеден град- Safe city”

Поради поголем јавен интерес и новинарски прашања информираме дека во Уставниот суд се формирани два предмета по поднесени иницијативи во кои се оспорени измени на Законот за прекршоци, во делот кој се однесува на воспоставување и функционирање на електронскиот систем за надзор во сообраќајот, во јавноста познати како проект „Безбеден град-safe city”.

1.У.бр.25/2026

Оспорени одредби: Член 4 став 5, член 5 став 3, член 8 глава 7-а, член 48-а делот „достава”, член 48-б делот „издавање на записник за сторен сообраќаен прекршок со сообраќаен патен налог”, член 7-б делот „прифаќање на одговорност за сторен прекршок, член 48-в, член 48-г „неприфаќање на одговорност за сторен прекршок” и член 15 од Законот за прекршоци од 23.01.2026 година

Подносители на иницијативата: Зиадин Села, Илире Даути, Елми Азири

Од наводите во иницијативата: 

Подносителите наведуваат дека за нив е спорно што со овој проект се наметнува законска обврска на сите граѓани да имаат личен телефонски број, електронска адреса за да се остварат комуникациите и да се биде достапен при евентуална порака за прекршок. Дополнително, се тврди дека спорно е што во ниеден дел не е предвидено дека во телефонската порака или електорнска комуникација треба да се испочитува член 7 од Уставот, во насока на Законот за употреба на јазиците. Се наведува и дека сите граѓани не се ставени во иста положба, бидејќи системот се спроведува само во Скопје, Тетово и Куманово, за што тврди дека „под лупа” е ставено албанското население кое на овие територии е во поголем број, за разлика од другите градови во државата.

1. У.бр.26/2026

Oспорени одредби: Член 48-б, 48-в, 48-г од Законот за прекршоци

Подносител на иницијативата: Или Пачуку

Од наводите во иницијативата:

За подносителот е спорно тоа што овој систем се применува само на територијата на градовите Скопје, Куманово и Тетово, а не на целата држава и поради тоа тврди дека има селективна територијална примена и спорен начин на кој се применува. Подносителот тврди дека идентични сообраќајни прекршоци во одредени градови се санкционираат автоматски преку електронски систем, додека во други делови од територијата на државата не подлежат на ист степен на контрола и санкционирање. Се наведува дека на тој начин се создава различен третман врз граѓани, врз основа на географската локација. Се додава, дека не е јасно по кои критериуми се избрани токму овие градови и колку долго ќе трае примената.За подносителот спорна е и т.н „пилот фаза” бидејќи, според него е нејасна и временски неограничена.