
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.119/2024
Скопје, 24.12.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115 /2024), на седницата одржана на 24 декември 2025 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување изменување и дополнување на Детален урбанистички план Тасино Чешмиче 1, Општина Центар – Скопје, бр.07-4414/6 од 18 јули 2014 година („Службен гласник на Општина Центар-Скопје”, бр.9 од 19.08.2014 година), во делот на сегашната градска четврт Ј 05-локалитет Барутана кој го опфаќа само блок 9.
2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Ѓорѓи Радојков од Скопје, на седницата одржана на 24 септември 2025 година, го донесе Решението У.бр.119/2024 со кое, меѓу другото, е поведена постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на оваа одлука.
Ова од причина што основано се постави прашањето за нејзината согласност со член 62 став 2 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2024), како и со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.
II
На седницата Судот утврди дека Одлуката за донесување изменување и дополнување на Детален урбанистички план Тасино чешмиче 1, Општина Центар – Скопје, бр. 07-4414/6 од 18 јули 2014 година, е донесена од страна на Советот на Општина Центар – Скопје, на 23-та седница одржана на 18.07.2014 година, врз основа на член 15 став 1 точка 1 алинеја 3 и член 26 од Статутот на Општината Центар – Скопје („Службен гласник на Општина Центар – Скопје“ бр.1/06) и член 26 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011). Истата е објавена во „Службен гласник на Општина Центар-Скопје” бр.9 од 19.08.2014 година.
Одлуката содржи 8 (осум) члена. Во првиот член се утврдува што е предмет на Одлуката, а во член 2 е утврдена површината на просторот и прецизно е дефинирана границата на планскиот опфат. Член 3 од Одлуката ги содржи текстуалниот и графичкиот дел, а во член 4 е наведено што сè е составен дел на Одлуката. Со член 5 од Одлуката се утврдува начинот на заверка и потпишување на Одлуката, како и бројот на примероци на истата и каде се доставува, а член 6 уредува дека Секторот за урбанизам во Општина Центар Скопје во рок од 30 дена од донесување на Одлуката е должен да обезбеди картирање на планот на хамер или астралон. Во член 7 се утврдува дека Одлуката со сите нејзини делови се чува и за нејзината реализација се грижи Секторот за урбанизам во Општина Центар-Скопје, додека со член 8 е определено дека Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Центар“.
III
Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Во Република Северна Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите, како што е предвидено во член 51 од Уставот.
Со член 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013, 163/2013 и 42/2014), кој бил на сила во време на донесувањето на оспорената одлука, се уредуваат условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.
Co член 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање, и тоа: просторни планови во кои спаѓа просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план надвор од населено место.
Главата VII од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2024), е со наслов „Акти на органите на општините“ и во неа јасно, прецизно и недвосмислено се содржани одредби коишто се однесуваат на дефинирањето на прописите за советот на општините и начинот на нивното донесување.
Член 62 од истиот закон е со наслов „Прописи на советот“. Со ставот 1 од овој член е уредено дека во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон. Со ставот 2 од истиот член се уредува потребното мнозинство за донесување на прописите, односно јасно и недвосмислено е утврдено дека прописите се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот, доколку поинаку не е определено со овој или друг закон.
IV
Оспорениот Детален урбанистички план – изменување и дополнување на Детален урбанистички план Тасино Чешмиче 1, Општина Центар – Скопје, донесен со Одлуката бр.07-4414/6 од 18 јули 2014 година, според подносителот на иницијативата, не е донесен со потребното мнозинство, предвидено во член 62 став 2 од Законот за локалната самоуправа, бидејќи за истиот гласале само 11 советници на Општината. Овој факт не се оспорува и од доносителот на актот, видно од доставениот одговор.
Од одговорот на доносителот на актот произлегува дека оспорениот акт бил предмет на измени и дополнување и тоа со Одлуката за донесување на Детален урбанистички план градска четврт Ј06- дел од локалитетот Тасино Чешмиче 1 и Тасино Чешмиче 2, Општина Центар- Скопје, бр. 08-5980/6 од 10.12.2019 година, но не за целиот опфат или поточно оспорената одлука е во важност само за градска четврт Ј 05 –локалитет Барутана кој го опфаќа само блокот 9. Оваа одлука е објавена во „Службен гласник на Општина Центар“ бр.23/2019.
Во конкретниот случај, при уставно-судската анализа, Судот имаше предвид дека оспорениот акт бил предмет на оцена пред овој суд, при што со Решението У.бр.115/2014 од 25 ноември 2014 година, Судот ја отфрлил иницијативата со образложение дека при оценка на уставноста и законитоста на плановите ја цени законитоста на постапката во која тие се донесуваат, односно фазите и другите дејствија преземени во рамки на таа постапка предвидени во Законот за просторно и урбанистичко планирање, а не и работите и работните задачи како тековни надлежности на субјектите од локалната самоуправа надлежни за донесување на планот, кои постапуваат врз основа на одредбите од Законот за локалната самоуправа.
Но, во предметот У.бр.80/2021, оспорена е Одлуката на Советот на Општина Центар-Скопје, која е донесена со мнозинство гласови, идентично како и сега оспорената одлука. Тогаш Судот со Одлуката бр.80/2021 од 25 јануари 2023 година, ја укина Одлуката на Советот на Општина Центар-Скопје бидејќи истата е донесена спротивно на член 62 став 2 од Законот за локалната самоуправа, што претставува промена на ставот на Судот за неговата надлежност по однос на оценка на оваа фаза од носењето на деталните урбанистички планови.
Од анализата на наведените уставни и законски одредби, изнесената уставно-судска практика, како и неспорниот факт дека оспорената одлука не е донесена со потребното мнозинство гласови на членови на Советот на Општината, Судот oцени дека оспорената одлука не е во согласност со член 62 став 2 од Законот за локална самоуправа, како и со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија, но само по однос на блокот 9, кој не бил предмет на ново планирање.
Ова од причина што владеењето на правото е уставно загарантирана темелна вредност која ги опфаќа, меѓу другото, принципот на правна сигурност и легитимни очекувања, како и принципот на уставност и законитост од член 51 од Уставот и утврдената должност секој да ги почитува Уставот и законите. Тоа значи дека законите важат за сите подеднакво и секое отстапување од нивната примена претставува повреда и на начелото на правната сигурност.
Имено, оспорената одлука, предмет на уставно-судска анализа, е донесена на 23-та седница на Советот на Општина Центар-Скопје одржана на 18.07.2014 година. Од одговорот на Советот на Општина Центар-Скопје, како и од Одлуката У.бр.80/2021 на овој суд од 25 јануари 2023 година, Судот утврди дека Советот на Општина Центар-Скопје во моментот на донесувањето на истата имал 23 члена на Советот, како и дека на одржаната 23-та седница на Советот, оспорената одлука за донесување на предметниот детален урбанистички план, е усвоена со 11 гласа „за“ и 1 глас „против“ од вкупниот број гласови од 23 советници. На истата седница на Советот е донесена и Одлуката бр.07-4414/4 од 18.07.2014 година којашто во постапката по предметот У.бр.80/2021 е укината заради повреда на член 62 став 2 од Законот за локалната самоуправа.
Согласно со член 62 став 2 од Законот за локалната самоуправа, прописите се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот, доколку поинаку не е определено со овој или друг закон.
Ако се има предвид дека Советот на Општина Центар-Скопје има 23 члена, а при донесувањето на оспорената одлука биле присутни 12 члена, при што „за” гласале 11 члена, а еден член гласал „против”, произлегува дека при донесувањето на оспорената одлука, не било обезбедено потребното мнозинство гласови за нејзино законско и легитимно донесување во моментот на гласање, колку што според Законот за локална самоуправа е потребно за полноважно донесување на прописи, односно одлука за урбанистички план.
Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот оцени дека оспорената одлука и тоа само по однос на градска четврт Ј 05-локалитет Барутана кој го опфаќа само блок 9, не е во согласност со член 62 став 2 од Законот за локалната самоуправа, како и со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.
При уставно-судската анализа, Судот имаше предвид дека новодонесената Одлука од 2019 година на Советот на Општина Центар- Скопје, не е предмет на оспорување во оваа постапка.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
VI
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски