УЗ.бр.68/2025


Уставен суд
на Република Северна Македонија
УЗ.бр.68/2025
Скопје, 24.12.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 24 декември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 24 точка 113 од Правилникот за сообраќајните знаци, опрема и сигнализација на патот („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.174/2020).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

О б р а з л о ж е н и е

I

Иван Мирчевски и Александар Видиновски, двајцата од Скопје, поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите, оваа одредба ги повредува Уставот на Република Северна Македонија и т.н. Преспански договор. Исто така, употребената кратенка во истата, не го зема предвид утврдениот код МК за нашата држава од страна на UN/LOCODE којшто произлегува од ISO country alpha 2 кодовите утврдени од Обединетите нации.

Се наведува дека според Преспанскиот договор и УНТЕРМ (UNTERM), кодот NMK се користи исклучиво за регистарските таблици за возила издадени од Министерството за внатрешни работи, додека во сите други случаи, треба да се користат кодовите MK и MKD, како што било случај пред склучувањето на овој меѓународен договор.

На крајот, се предлага поништување на оспорената одредба за да се отстрани можноста други држави да се повикуваат на ова нормативно решение, коешто се применува и од странски стопански субјекти кои во Република Северна Македонија увезуваат малопродажни производи со код НМК.

II

На седницата Судот утврди дека член 24 точка 113 од Правилникот за сообраќајните знаци, опрема и сигнализација на патот („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.174/2020), гласи:

„Член 24

Знаци за известување се:

113) знакот „национална автоознака на сообраќајните знаци“ (388) ја опишува ознаката на државата на која се однесува.

NMK

388“

III

Согласно со член 8 став 1 алинеja 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Став 2 на овој член уредува дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со член 96 од Уставот е уредено дека органите на државната управа работите од своја надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Член 118 од Уставот предвидува дека меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Согласно со Амандманот XXXIII на Уставот, во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36 од Уставот на Република Македонија.

Според член 1 став 1 од Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI нa Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија бр.6/2019), истите влегуваат во сила со влегувањето во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба.

Во член 2 став 1 од овој уставен закон е предвидено дека одредбите од Амандманот XXXIII во прописите и другите акти на државните органи се применуваат од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Согласно со член 6 од овој уставен закон, истиот го прогласува Собранието на Република Македонија и влегува во сила со денот на влегувањето во сила на уставните амандмани.

Понатаму, Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817(1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните е ратификувана со Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817(1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните („Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2019) (во натамошниот текст: Конечна спогодба).

Согласно со член 4 од овој закон, истиот влегува во сила со денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“.

Во член 1 точка 3 потточка а) реченица прва од Конечната спогодба е уредено дека официјалното име на Втората страна ќе биде „Република Северна Македонија“, што ќе претставува уставно име на Втората страна и ќе се употребува erga omnes, како што е предвидено со оваа спогодба. Според реченица втора на оваа потточка, скратеното име на втората страна ќе биде „Северна Македонија“.

Согласно со реченица прва на потточката е) на оваа точка, кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна ќе биде НМ или НМК. Реченица втора на истата потточка, предвидува дека за сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е определено од Меѓународната организација за стандардизација (ИСО).

Со член 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010, 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019, 110/2019, 154/2019-автентично толкување и 121/2024), е предвидено дека со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување.

Потоа, согласно со член 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2015, 226/2015, 55/2016, 11/2018, 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2019, 302/2020, 122/2021, 33/2024, 208/24 и 193/2025), со истиот се уредува безбедноста и заштитата на патиштата, основните начела и меѓусебните односи на учесниците и другите субјекти во сообраќајот на патиштата, правилата на сообраќајот на патиштата, системот на сообраќајните знаци, опремата и сигнализацијата на патиштата, должностите во случај на сообраќајна незгода, кандидати за возачи, возачи, автошколи, испитни центари и возачки дозволи, оспособувањето за управување и текнување право на управување со моторно возило и прекршочната постапка за деца, посебните мерки на безбедност, сообраќајни прекршоци документирани со технички средства и уреди за снимање, организацијата и задачите на советите за безбедност на сообраќајот на патиштата, евиденциите и заштитата на податоците, прекршочните одредби и овластувањата за подзаконски прописи.

Член 2 став 1 точка 133 од овој закон, утврдува дека изразот „сообраќаен знак“ којшто е употребен во истиот закон, го има следното значење: знак на кој со употреба на графички, светлосни, ознаки со бројки, букви или други симболи, учесниците во сообраќајот се предупредуваат за опасностите на патот, се укажува на ограничувањата, забраните и обврските, односно се дава известување потребно за безбедно движење по патот.

Со член 397 алинеја 1 од овој закон, се овластува министерот за транспорт во согласност со министерот за внатрешни работи, да донесе поблиски прописи, меѓу другото и за сообраќајните знаци, опрема и сигнализација на патот.

Согласно со член 1 од Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ бр.140/2008, 53/2011, 123/2012, 153/2012-исправка, 70/2013, 164/2013, 138/2014, 154/2015, 192/2015 и 39/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019, 161/2019, 87/2023 и и 148/2025), со истиот се утврдуваат условите за пуштање на пазар и почетокот на користење на возилата, регистрацијата и техничката исправност на возилата, условите за извршување на работи на техничките служби, правните лица за технички преглед и правните лица за регистрација и регистарот на податоци за возилата.

Според член 26 став 9 од овој закон, возило регистрирано во Република Северна Македонија не може да ја напушти територијата на Република Северна Македонија, ако не носи истакната меѓународна ознака на Република Северна Македонија.

Правилникот за сообраќајните знаци, опрема и сигнализација на патот („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.174/2020) е донесен врз основа на овластувањето од член 397 алинеја 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата од страна на министерот за транспорт и врски, во согласност со министерот за внатрешни работи.

Според член 1 на овој правилник, со истиот се пропишуваат видот, значењето, обликот, бојата, димензиите, правилата за поставување на сообраќајните знаци, опрема и сигнализација што се поставуваат на јавните патишта и улици.

Согласно со член 2 став 1 од истиот пропис, на сообраќајниот знак може да се напише и називот на одредиштата кои се наоѓаат во друга држава.

Став 2 на истиот член, предвидува дека називот на одредиштата во друга држава се испишува со латинично писмо и меѓународна транскрипција на називот.

И на крајот, согласно став 3 од овој член, со одредиштето во друга држава, потребно е да се напише знакот – „национална автоознака на сообраќајните знаци“ (388) согласно со Виенската конвенција за сообраќајни знаци и сигнали од 1968 година.

Според член 35 став 1 од Виенската конвенција за патен сообраќај од 1968 година, за да се има право на она што е предвидено со оваа конвенција, потребно е секое моторно возило во меѓународен сообраќај и секоја приколка, освен лесна приколка, поврзана со моторно возило да биде регистрирано од договорната страна, додека возачот на моторното возило мора да носи важечка потврда за таква регистрација издадена или од надлежен орган на таа договорна страна или нејзин орган или здружение соодветно овластено за тоа од договорна страна или нејзин орган.

Исто така, член 36 став 1 од Конвенцијата утврдува дека секое моторно возило во меѓународен сообраќај мора да го прикажува својот регистарски број напред и назад, додека, мотоциклите треба да го прикажуваат овој број само назад.

Член 37 став 1 од оваа конвенција, предвидува дека секое моторно возило во меѓународниот сообраќај треба да го има истакнато на задниот дел, покрај својот регистарски број, особениот знак на државата во која е регистрирано.

Потоа, во Анексот 3 точки 1-5 на оваа конвенција, се пропишани техничките карактеристики на особениот знак на државата од член 37 од Конвенцијата.

Така, согласно со точка 1 реченица прва на овој анекс, особениот знак од член 37 од оваа конвенција, треба да содржи од една до три големи латинични букви. Според реченицата втора, буквите треба да имаат висина од најмалку 0,08 m, а нивните линии треба да бидат широки најмалку 0,01 m. И на крајот, реченица трета предвидува дека буквите треба да бидат обоени во црно на бела основа во облик на елипса, a главната оска треба да биде хоризонтална.

Според точка 3 на овој анекс, особениот знак за разликување не смее да биде вграден во регистарскиот број, ниту да биде прицврстен на таков начин што би можел да се помеша со тој број или да ја наруши неговата читливост.

И на крајот, согласно со член 45 став 4 од Конвенцијата, при потпишувањето на истата или при депонирањето на инструментот за ратификација или пристапување, секоја држава ќе го извести генералниот секретар за карактеристичниот знак што го избрала за прикажување во меѓународниот сообраќај на возила регистрирани од неа, во согласност со прилог 3 на оваа конвенција. Со дополнително известување упатено до генералниот секретар, секоја држава може да го промени карактеристичниот знак што претходно го избрала.

Според член 3 став 1 точка а од Виенската конвенција за сообраќајните знаци (1968), договорните страни на оваа конвенција го прифаќаат системот на сообраќајни знаци, сигнали и симболи и ознаки на патот опишани овде и се обврзуваат да го усвојат што е можно поскоро. За таа цел кога оваа конвенција пропишува знак, симбол или ознака за означување на одредено правило или пренесување на одредени информации до учесниците во сообраќајот, договорните страни се обврзуваат, согласно со временските рокови наведени во ставовите 2 и 3 од овој член, да не користат никаков друг знак, симбол или ознака за означување на тоа правило или пренесување на тие информации (потточка i); кога оваа конвенција не пропишува знак, симбол или ознака за означување на одредено правило или пренесување на одредени информации до учесниците во сообраќајот, договорните страни ќе имаат право да користат за овие цели кој било знак, симбол или ознака што ја сакаат, под услов на таков знак, симбол или ознака да не му е доделено различно значење во оваа конвенција и под услов да се усогласува со системот пропишан со оваа конвенција (потточка ii).

Согласно со член 5 став 1 од истата конвенција, системот пропишан во оваа конвенција и разлика помеѓу следните класи на сообраќајни знаци: (a) знаци за предупредување за опасност: овие знаци се наменети да ги предупредат учесниците во сообраќајот за опасност на патот и да ги информираат за нејзината природа ; (b) регулаторни знаци: овие знаци се наменети да ги информираат учесниците во сообраќајот за посебните обврски, ограничувања или забрани на кои мора да се придржуваат; тие се поделени на: (i) знаци за приоритет; (ii) знаци за забрана или ограничување; (iii) задолжителни знаци; (iv) знаци за посебни регулации; (c) информативни знаци: овие знаци се наменети да ги водат учесниците во сообраќајот додека патуваат или да им обезбедат други информации што можат да бидат корисни; тие се поделени на: (i) знаци за информации, објекти или услуги; (ii) знаци за насока, позиција или индикација; знаци за напредна насока; знаци за насока; знаци за идентификација на патот; знаци за идентификација на место; потврдни знаци; индикативни знаци; (iii) дополнителни панели.

IV

При анализата, а имајќи ги предвид наводите во иницијативата, беа покренати следните прашања: дали особениот знак на државата во која е регистрирано возилото, може да се смета за сообраќаен знак и доколку тоа не е така, дали со пропишувањето со оспорената одредба, се излегува надвор од овластувањето од член 397 алинеја 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Најпрво, со Виенската конвенција за патен сообраќај, во која Република Северна Македонија е страна по основ на сукцесија од СФРЈ, е утврдена обврска за секое моторно возило во меѓународниот сообраќај да го има истакнато овој знак на задниот дел, покрај регистарскиот број.

Исто така, пропишан е и начинот на кој државите ги известуваат Обединетите нации кој особен знак го избрале при потпишувањето, депонирањето на инструментот за ратификација или при пристапувањето кон Конвенцијата – со известување до генералниот секретар на оваа организација. Покрај ова, предвидена е и можност за промена на претходно избраниот особен знак – повторно, со известување. Притоа, Анексот 3 на оваа конвенција ги дефинира техничките карактеристики и што треба да содржи овој особен знак.

На национално ниво, пак, законодавецот со член 26 став 9 од Законот за возила, утврдил забрана за возило регистрирано во Република Северна Македонија да ја напушти територијата на Република Северна Македонија, ако не носи истакната меѓународна ознака на Република Северна Македонија.

Од начинот на уредување со релевантните меѓународноправни документи и нашата позитивна законска регулатива, неспорно произлегува дека по својата природа особениот знак за државата во која е регистрирано возилото не е, ниту може да се смета за сообраќаен знак.

Истиот е исклучиво поврзан со означување на возилата во меѓународниот сообраќај и не е знак кој преку графички, светлосни, ознаки со бројки, букви или други симболи ги предупредува учесниците во сообраќајот на опасностите на патот, ограничува, забранува или известува потребно за безбедно движење по патот, што се карактеристики за сообраќајните знаци.

Впрочем, поради нивниот различен предмет на уредување, постојат две различни конвенции, од кои едната се однесува на сообраќајните знаци (Виенска конвенција за сообраќајни знаци и сигнали во која Република Северна Македонија е страна по основ на сукцесија од СФРЈ), додека другата (Виенската конвенција за патен сообраќај), меѓу другото се однесува и на особениот знак на државата во која е регистрирано возилото.

Но, во овој дел треба да се укаже дека, самата оваа ознака може да биде дел од сообраќајните знаци во една држава на кои е означено одредиште во друга држава и покрај кое се испишува и особениот знак за државата во која е регистрирано возилото, при што во Правилникот за сообраќајните знаци, опрема и сигнализација на патот, се користи изразот „национална автоознака“ (член 2 став 3).

Меѓутоа, тоа што како текст може да биде дел од сообраќаен знак, оваа ознака не ја квалификува како сообраќаен знак. Во прилог на ова се споредбено-правните решенија, како што е на пример Република Хрватска (Правилник за регистрација и означување на возилата („Narodne novine“ 130/2017)), согласно кои уредувањето на прашањата поврзани со особениот знак, не се предмет на подзаконски акти кои се однесуваат на сообраќајните знаци.

Ако се има предвид ова, како и предметот на уредување на прописот во кој е содржана оспорената одредба, произлегува дека со ваквото нормирање е пречекорено законското овластување за подзаконско уредување на прашањата коишто се однесуваат на сообраќајните знаци, опрема и сигнализација на патот.

Темелната вредност на уставниот поредок – владеење на правото, меѓу другото, подразбира и дека државните органи треба да постапуваат во согласност и во рамките на овластувања согласно Устав и закон. Во однос на органите на државната управа, Уставот, содржи и посебна одредба која се однесува на органите на државна управа кои работите од своја надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамки на Уставот и законите и за својата работа се одговорни пред Владата, што очигледно не е случај со оспорената одредба.

Од тие причини според Судот, основано може да се постави прашањето за нејзината согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 96 од Уставот на Република Северна Македонија, како и член 397 алинеја 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

V

Врз основа на претходно наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски