
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.270/2024
Скопје, 11.12.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 11 декември 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 18 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 193/2024).
Образложение
I
Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите, со член 18 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 193/2024) одредбите од член 37 од овој закон не се применуваат во период од 1 септември 2024 година до 31 август 2025 година. Според ставот 2 од истиот член од Законот на 1 септември 2024 година сите видови пензии остварени согласно со овој закон заклучно со 31 август 2024 година се зголемуваат за 2.500 денари, а според став 3, на 1 март 2025 година сите видови пензии остварени согласно со овој закон заклучно со 28 февруари 2025 година се зголемуваат за 2.500 денари. Во став 4 е определено дека заради примена на став 2 и став 3, пензијата остварена во тековната година претходно се сведува на месечен износ според порастот на нето – платите од декември претходната година во однос на просечната нето – плата истата година.
Подносителот потенцира дека оспорениот член 18 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 193/2024), објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ на 18.09.2024 година од кога и почнува со примената на овој закон со што нормата има ретроактивно дејство. За ова во предлогот за изменување и дополнување на овој закон нема доволно образложени причини дали овие измени и дополнувања се со позитивни импликации за граѓаните или не, а во зависност од тоа и дали има оваа норма ретроактивно дејство или не произведува такво дејство.
Според тоа, подносителот смета дека исклучувањето на примената на одредена одредба со друга законска одредба за определен временски период, е спротивно на темелната вредност владеење на правото коешто во себе го обединува и принципот на правната сигурност, согласно кој во правниот промет треба да постојат логични и разумни норми коишто ќе воспостават траен и стабилен однос во правниот поредок.
Според наводите, оспорената одредба е подобна за уставно-судска анализа од аспект на нејзината согласност со владеењето на правото и забраната за ретроактивна примена на законите и предлага Судот да донесе одлука со која ќе ја укине оспорената одредба. Врз основа на Актот на Судот, до донесување на конечна одлука, предлага да се донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба.
II
На седницата Судот утврди дека член 18 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 193/2024) определува дека одредбите од член 37 од овој закон не се применуваат во период од 1 септември 2024 година до 31 август 2025 година.
III
Спoред член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 од Уставот на Република Северна Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.
Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со член 52 став 4 од Уставот е определено дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
IV
Со член 18 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување(„Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 193/2025) е определено дека член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување со кој се регулира усогласувањето на старосните пензии секоја година на 1 март и 1 септември нема да се применува во периодот од 1 септември 2024 година до 31 август 2025 година.
Со член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 154/2025) донесен на 24 јули 2025 година и објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија” на 29 јули 2025 година, е определена нова содржина на член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, односно нов период на примена на одредбите од овој закон како и нов начин на усогласување на старосните пензии што не може да биде предмет на уставно-судска анализа vis a vis наводите дадени во предметната иницијатива.
Имајќи ја предвид изнесената фактичка состојба според која оспорениот член од Законот има темпорален, времен карактер (од 1 септември 2024 година до 31 август 2025 година) односно неговата примена престанува со истекот на периодот утврден во самиот закон, Судот оцени дека согласно со член 38 алинеја 3 од Актот постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
V
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски