
Уставен суд на
Република Северна Македонија
БЗСП.бр.14/2025
Скопје, 03.12.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 3 декември 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА барањето на Александар Наумовски од Скопје, за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 на Уставот на Република Северна Македонија коишто се однесуваат на забраната на дискриминација по однос на политичка припадност.
Образложение
I
Александар Наумовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата на граѓанинот против Одговорот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, бр. 16-280/3 од 09.06.2025 година на Собранието на Република Северна Македонија и Решението бр. 18-2567/2 од 01.04.2025 година за одбивање на барањето за остварување на правото на плата по престанок на функција – претседател на Совет за унапредување и надзор на ревизијата на Република Северна Македонија донесено од Владата на Република Северна Македонија.
Според подносителот, актите со кои му била сторена повредата биле конечни и правосилни поради што се повикува на претходна пракса на Уставниот суд, како што се Решението У.бр.180/2009 од 09.09.2019 година и Одлуката У.бр.66/2000 од 12.07.2000 година.
Според оваа пракса, истиот смета дека има право да бара заштита од Уставниот суд без да се исцрпат правните средства во судска постапка.
Во барањето се наведува дека е востановена пракса на Управниот суд Скопје во повеќе предмети и референтни решенија со ист правен основ, во кои се укажува дека ова право е гарантирано со член 19 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Северна Македонија, а во врска со членовите 20, 21, 23, 24 и 25 од истиот закон, за кое стварно надлежен е Основниот граѓански суд Скопје.
Согласно со образложенијата на овие судски решенија стварно надлежни да постапуваат во споровите за остварување на право на плата по престанок на функцијата се основните судови со основна надлежност при што споровите се заведуваат во уписникот за работни спорови.
Според подносителот, даваат правна можност да бидат оспорени и без да се исцрпат сите други дозволени правни лекови. Како доказ, се наведуваат две решенија на Управниот суд во кои се дава образложение за надлежноста за постапување по овие спорови (решенија У-5.бр. 1069/2024 и У-5.бр.1076/2024 на Управен суд).
Според наведеното, подносителот на барањето смета дека оспорениот управен акт на Владата претставува конечен акт бидејќи истиот нема правна поука и согласно со погоре наведената управна пракса, нема можност да се поведе управен спор. Исто така, смета дека Одговорот на неговото барање даден од страна на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Северна Македонија, претставува акт кој нема правна целисходност во процесно оспорување и докажување за повреда на предметното право во која било друга постапка.
Подносителот наведува дека бил именуван за претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата на Република Северна Македонија, на седница на Влада, согласно со член 10 од Законот за ревизија преку јавен оглас, притоа исполнувајќи ги законските услови иако Законот предвидува мандат од пет години, но тој функцијата ја извршувал две години и околу десет месеци.
Во барањето подносителот се повикува на решенијата У.бр.229/2024 и У.бр.230/2024 на Уставниот суд по барање за решавање на негативен судир на надлежност за остварување на право на плата по основ на вршење на функција каде е наведено дека „Од анализата на актите и од утврдената фактичка состојба, Уставниот суд оцени дека Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието е надлежен орган за постапување по конкретно барање за остварување на право на плата“.
Во поткрепа на неговите аргументи, тој се повикува на решенија на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието со кои други лица во слична ситуација како неговата го оствариле своето право.
Следствено на тоа, постапувањето на Владата довело до негова дискриминација бидејќи предвреме без образложение бил разрешен со паушални оценки спротивно на Законот. Се наведува дека во Решението за разрешување на донесено од Владата, како и во Одговорот на надлежното работно тело на Собранието, не се давааат конкретни факти што е спротивно на условите за разрешување во материјалниот закон. Според него, основот за одбивање на неговото барање требало да биде составен дел на образложението на Решението за неговото разрешување.
Владата и Собранието по своја волја ја применуваат Одлуката на Уставниот суд со која е укинат член 22 од наведениот закон и си земааат за право истата различно да ја толкуваат и образложуваат, односно на одредени лица во слична ситуација им било доделено признаено правото додека на подносителот не.
Подносителот наведува дека од октомври 2017 година до октомври 2021 година бил градоначалник на Општина Ѓорче Петров од редовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и коалицијата, па очигледно е дека поради неговото политичко уверување, не можел да го оствари неговото право, иако не бил член на органите на партијата, и на тој начин бил дискриминиран.
Според тоа се наведува дека во конкретниот случај, носителите на функции во законодавната и извршната власт имаат различен општествен статус, и само поради општествената положба во која се наоѓаат, се издвојуваат од сите други работници кои согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност имаат право на паричен надоместок, кога ќе се најдат во положба идентична како и избраните и именуваните функционери по престанокот на нивните функции и со постапувањето на Владата и Собранието му било повредено правото на социјална сигурност.
Со оспорените акти, подносителот наведува дека, исто така, е повреден и принципот на еднаквост пред Уставот и законите, од причина што во ист поредок едни (избрани и именувани носители на законодавна и извршна власт) имаат право на исплата на плата по завршување на работниот однос/функцијата со мандат, а други такво право немаат.
Во барањето подносителот се повикува на праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур и тоа Пресудата Бака против Унгарија бр. 20261 на Големиот судски совет, во параграфот 110, каде е наведено дека „Конечно, Судот смета дека фактот што мандатот на Апликантот бил прекинат ех lege, дејството на новиот закон кој стапил на сила на 1 јануари 2012 година (дел 185 од Законот бр. CLXI od 2011 година за организацијата и управувањето на судовите и член 11 од преодните одредби од основниот закон), врз основа на новиот Основен закон не е можно, ретроактивно да се укине извршувањето на неговите права според правилата кои важеле во време на неговиот избор. Како што е наведено погоре, со овие правила јасно е утврдено дека неговиот мандат трае шест години и наведени се конкретни основи поради кои неговиот мандат може да биде прекинат порано“.
Со ваквото постапување подносителот смета дека му е сторена директна дискриминација којашто го загрозува неговото општествено опстојување со што му е нанесена материјална и нематеријална штета.
Подносителот достави дополнување на своето барање со прилог записници од седниците на Владата од кои се воочува дека на други лица во иста ситуација им било одобрено остварување на правото на плата по престанок на функцијата. На овој начин, подносителот бил дискриминиран спротивно на член 9 од Уставот, како и му било повредено правото на материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, согласно со член 32 од Уставот.
Имајќи ја предвид невоедначената пракса од страна на Владата и Собранието при одлучување по идентични барања како конкретното барање, подносителот бара Уставниот суд да донесе одлука со која ќе утврди постоење повреда на правата од членовите 9 и 32 од Уставот и да ги поништи актите со кои, според него, е сторена повредата.
II
На седницата Судот утврди дека подносителот на барањето за заштита на слободите и правата, со Решението бр.14-4470/1 на седница одржана на 10 мај 2022 година од страна на Владата на Република Северна Македонија бил именуван за претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата на Република Северна Македонија.
Со Решението бр.18-2183/1 на седница одржана на 25 февруари 2025 година од страна на Владата на Република Северна Македонија бил разрешен од должноста претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата на Република Северна Македонија.
На ден 04.03.2025 година подносителот, до Владата поднел барање за остварување на правото на плата по престанок на функцијата.
Владата на Република Северна Македонија на седница одржана на 1 април 2025 година, донела Решение бр. 18-2567/2 со кое барањето на подносителот го одбила како неосновано.
Подносителот на ден 03.04.2025 се обратил и до Собранието на Република Северна Македонија со Барање бр. 16-2080/1 за остварување на правото на плата по престанок на функцијата.
Од страна на Собранието на Република Северна Македонија, на ден 09.06.2025 година подносителот добил одговор на неговото барање, со кој бил известен дека согласно Одлуката на Уставниот суд У.бр.8/2022 од 01.03.2023 година, член 22 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/1990, 44/1990, 11/1991, 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 84/2005, 110/2007, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 139/2009, 139/2009, 153/2009, 42/2010, 97/2010, 162/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013, 139/2014, 45/2018 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 51/2023, 65/2023, 51/2024 и 272/2024), е укинат со што нема законски основ за донесување решение за остварување на правото на плата по престанок на функцијата.
Од страна на Судот дополнително беше побарано од подносителот да достави доказ дека против оспорените акти побарал заштита пред надлежниот орган. Подносителот во одговорот наведува дека на 29.04.2025 година истиот се обратил со жалба против оспореното решение донесено од Владата, до Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка по работен однос и инспекциски надзор во втор степен.
Од страна на Државната комисија неговата жалба била отфрлена со Решението По.бр.0904-113 од 28.07.2025 година, со образложение дека истата не е надлежна да постапува, па според тоа жалбата била недозволена. Во правната поука на решението подносителот се упатува во рок од 15 дена од приемот да поведе управен спор.
Во одговорот подносителот, исто така, повторно наведува дека оспорените акти со ова барање според него даваат правна можност да бидат оценувани директно пред Уставниот суд и без да се исцрпат сите други дозволени правни лекови.
III
Согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Согласно со член 50 став 2 од Уставот, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.
Во член 53 став 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија е пропишано дека барањето може да се поднесе откако ќе бидат исцрпени сите редовни и вонредни правни средства за заштита од поединечниот акт во рок од 60 дена од приемот на актот по кој се исцрпени правните средства, односно 60 дена од денот на дознавањето за преземање на дејствието, но не подоцна од една година од денот на преземањето.
Според член 53 став 5 од Актот, со барањето се поднесува и оспорениот поединечен акт, доказите дека се исцрпени правните средства, како и други докази од значење за одлучувањето.
Тргнувајќи од содржината на цитираниот член 53 став 3 од Актот, произлегува дека основен предуслов за поведување постапка за заштита на слободите и правата, утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, е барањето да се поднесе откако ќе бидат исцрпени сите редовни и вонредни правни средства за заштита од поединечниот акт и тоа во рок од 60 дена од приемот на актот по кој се исцрпени правните средства.
Подносителот смета дека е дискриминиран од причина што иако неговото барање за остварување на плата по неговото разрешување било одбиено од страна на Владата со образложение дека правото кое подносителот го бара нема правен основ од причина што Уставниот суд го укинал член 22 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Северна Македонија, сепак Владата за други лица донела решенија за остварување на нивните права, спротивно на Одлуката на Уставниот суд.
Во конкретниот случај, барањето за заштита од поединечните акти е поднесено без претходно исцрпување на можноста за поведување судски спор, од причина што подносителот смета дека со самиот факт дека се работи за конечни акти, а со оглед на нивото на органите коишто одлучувале, Уставниот суд е надлежен да ја оцени неговата законитост.
Во овој случај од страна на Владата на Република Северна Македонија е донесено Решението бр.18-2567/2 од 01.04.2025 година за одбивање на барањето за остварување на правото на плата по престанок на функција – претседател на Совет за унапредување и надзор на ревизијата на Република Северна Македонија донесено од Владата на Република Северна Македонија. Дополнително по неговото обраќање до Собранието на Република Северна Македонија, од истото добил одговор за непостоење законски основ за устварување на неговото право.
Од наводите во барањето како и од приложената документација произлегува дека подносителот го примил Решението донесено од Владата на ден 01.04.2025 година, додека Одговорот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието го примил на 09.06.2025 и против истите не ги искористил сите редовни и вонредни правни лекови.
Имајќи предвид дека за прашањето поставено со барањето, Уставот гарантира судска заштита, којашто видно од самото барање поднесено до Уставниот суд не е исцрпена.
Со оглед на фактот дека барањето за заштита на правата е инструмент од супсидијарен карактер, Судот утврди дека воопшто не се исполнети условите да се разгледува наведеното барање, бидејќи истото не ги задоволува предвидените критериуми за да се впушти Судот во мериторно одлучување.
Имајќи го предвид сето погоре наведено, Судот утврди дека не се исцрпени сите редовни и вонредни правни средства за заштита во однос на актите заради кои подносителот бара заштита. Неисполнетоста на овој услов во конкретниот случај претставува процесна пречка за натамошно водење на постапката, поради што Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на барањето, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот.
Во однос на наводите со кои подносителот бара заштита на правото на материјална обезбеденост за привремена невработеност, Судот оцени дека тоа не претставува право заштитено согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски