У.бр.82/2025


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.82/2025
Скопје, 03.12.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 3 декември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 145 став 1 во делот „и тоа од денот кога до тој работодавец е доставен налогот за извршување” од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија” бр. 72/2016, 142/2016 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 14/2020 и 154/2023).

Образложение

I

Илко Петров од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на дел од одредбата од Законот означен во диспозитивот на Решението.

Во иницијативата подносителот наведува дека оспорениот дел „и тоа од денот кога до тој работодавец е доставен налогот за извршување” од член 145 став 1 од Законот за извршување, не е во согласност со начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија бидејќи не ја гарантира правната сигурност на граѓаните доверители дека воопшто ќе можат да го намират своето парично побарување од должникот по доставен налог за извршување кај работодавецот. Неуставноста на оспорениот дел подносителот ја објаснува со негов конкретен пример во кој, тој како доверител, се нашол во ситуација должникот да го напушти вработувањето кај работодавецот и се вработил кај друг работодавец до кого бил доставен налогот за извршување врз плата, но неговиот налог бил ставен на ред на чекање бидејќи друг извршител за друг доверител, кој успеал побрзо да го дознае новиот работодавец, веќе дал налози за извршување спрема истиот должник, со што тој го изгубил редот.

Подносителот наведува дека поради оспорениот дел на членот од Законот, тој ќе треба да чека на ред за намирување на долгот од должникот кај вториот работодавец, но дека лично се сомнева дека ќе може да го намири своето парично побарување поради претходно поднесените налози за извршување врз плата, па од овие причини подносителот предлага Уставниот суд да го поништи оспорениот дел „и тоа од денот кога до тој работодавец е доставен налогот за извршување” од член 145 став 1 од Законот.

Во иницијативата се наведува како, според подносителот, треба да гласи нормата за да може тој да има приоритет во редот за извршување, односно Министерството за правда да го прилагоди Законот за таа цел, на начин што во одредбата наместо поништениот дел од реченицата ќе биде наведено „кој воспоставува ист редослед на намирување на долгот како и кај претходниот работодавец”.

II

На седницата Судот утврди дека според член 145 став 1 од Законот за извршување, кога на должникот му престанал работниот однос, налогот за извршување има дејство и спрема работодавецот кај кого должникот потоа засновал работен однос и тоа од денот кога до тој работодавец е доставен налогот за извршување.

Со иницијативата се оспорува делот „и тоа од денот кога до тој работодавец е доставен налогот за извршување”.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со член 1 став 1 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија” бр. 72/2016, 142/2016 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 14/2020 и 154/2023), е предвидено дека со овој закон се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено.

Според општото правило за редоследот на намирување на повеќе доверители содржано во член 7 од делот на основните одредби од Законот за извршување „Повеќе доверители што ги остваруваат своите парични побарувања спрема ист должник и на ист предмет на извршување, се намируваат по оној ред по кој стекнале право да се намират од тој предмет, освен во случаите во кои со овој закон поинаку е определено.

Во глава тринаесетта со наслов „Извршување врз парично побарување на должник“, е содржана точката 5. во која се уредени посебните одредби за извршување врз плата и врз други парични примања (членовите од 140 до 148).

Според член 141 став 1 од Законот, со налогот за извршување врз плата се определува забрана на определен дел од платата и му се наложува на работодавецот, кој на должникот му ја исплатува платата, паричниот износ за кој е наложено извршувањето да му го исплати, односно да му го исплатува на доверителот.

Согласно со став 3 од истиот член, ако работодавецот примил повеќе налози за извршување против ист должник, е должен истите да ги евидентира, чува и да ги спроведува по редоследот по кој ги примил. На барање на извршителот, работодавецот е должен да го извести извршителот за редоследот на наплата.

Според член 145 став 1 од Законот, кога на должникот му престанал работниот однос, налогот за извршување има дејство и спрема работодавецот кај кого должникот потоа засновал работен однос и тоа од денот кога до тој работодавец е доставен налогот за извршување.

Став 2 од истиот член, уредува дека работодавецот кај кого должникот повеќе не е во работен однос е должен без одлагање со препорачана пратка да го достави налогот за извршување до работодавецот кај кого должникот засновал работен однос и за тоа да го извести извршителот.

Според став 3 од истиот член, работодавецот кај кого должникот повеќе не е во работен однос, без одлагање го известува извршителот и кога не му е познато кај кој работодавец должникот засновал работен однос.

IV

Од цитираните законски одредби произлегува дека со Законот за извршување се предвидени правилата на извршување врз плата и врз други парични примања, вклучително и правилата на извршување по примени повеќе налози за извршување против ист должник. Воедно, со Законот се уредени и правила на постапување на работодавецот кај кого му престанал работниот однос на должникот, како и правното дејство на налогот за извршување при повторно вработување на должникот кај друг работодавец.

Владеењето на правото, утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот како темелна вредност на уставниот поредок, е уставен принцип којшто се остварува преку усогласеноста на законите со Уставот и на сите други прописи со Уставот и со закон. Воедно, начелото на владеење на правото се остварува и преку постоење на јасни и разбирливи, односно недвосмислено конципирани норми во законите, како и другите акти, со цел доследна нивна примена, без можност за различно нивно толкување и нивна различна примена, како гаранција за правната сигурност на граѓаните како елемент на владеењето на правото.

Разгледувајќи ја оспорената содржина од законската одредба од аспект на нејзината согласност со погоре наведениот член од Уставот, Судот утврди дека оспорениот дел „и тоа од денот кога до тој работодавец е доставен налогот за извршување”, е недвосмислена и разбирлива содржина којашто на јасен и прецизен начин го означува почетокот на дејството на налогот за извршување спрема другиот работодавец.

Согласно со оспорениот дел на членот од Законот, од денот на приемот на налогот за извршување, за новиот работодавец настануваат обврските за постапување согласно со предвидените правила на извршување врз плата и врз други парични примања, вклучително и правилата на извршување по примени повеќе налози за извршување против ист должник, доколку такви се доставени.

Во случај на повеќе поднесени налози за извршување спрема ист должник, сосема оправдано и правно прифатливо е намирувањето да се спроведува според принципот на временски редослед, односно по оној редослед по кој се доставени налозите за извршување, што неминовно создава ситуација некој да биде прв во намирувањето, а некој втор, трет итн.

Според Судот, околноста, дали ќе дојде до измена на редот на намирувањето кај новиот работодавец или ќе остане ист, е фактичко прашање коешто зависи од времето на доставените налози за извршување.

Воедно, уставноста на оспорениот дел на членот од Законот, не може да се разгледува од аспект на наводите дека ризикот од наплата на побарувањето се зголемува за оние доверители кои не успеале да станат први во редот на намирување. Извршувањето, според Законот за извршување, може да се спроведува и со други средства за извршување со што целосно се заштитени правата на доверителите доколку извршувањето не може да се спроведе со едно средство за извршување.

Тргнувајќи од погоре наведеното, Судот оцени дека член 145 став 1 во делот „и тоа од денот кога до тој работодавец е доставен налогот за извршување” од Законот за извршување не е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

V

Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски