У.бр.6/2025


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.6/2025
Скопје, 19.11.2025 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 19 ноември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 67 став 4 од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 64/2009, 24/2011, 53/2011, 25/2013, 79/2013, 147/2013, 43/2014, 160/2014, 33/2015, 44/2015, 147/2015, 7/2016 и 39/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.274/2022, 255/2024 и 59/2025).

Образложение

I

Владо Мицковски од с. Вранештица – Општина Кичево, до Уставниот суд, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот означен во диспозитивот од ова решение.

Според подносителот, оспорената одредба е спротивна на член 8 став 1 алинеи 3 и 6 и член 30 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија, како и спротивна на член 36 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права.

Во иницијативата се наведува дека со условување на сосопственикот на поголем дел од сопственоста му се ограничува управувањето со сопственоста врз целата ствар од малцинскиот сосопственик и на овој начин управувањето со стварта во целост зависи од него. Оспорената одредба му дава поголемо право врз стварта на малцинскиот сосопственик, односно таканаречено „право на вето“. Понатаму во иницијативата се наведува дека за разлика од правата кои произлегуваат од оспорената одредба, со член 36 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права, е предвидено дека за преземање работи за редовно управување со стварта, е потребна согласност од сосопственици чиишто делови претставуваат повеќе од половина на вредноста на стварта.

Според наводите во иницијативата, во пракса сосопственици со поголемо учество во сосопственоста од половина, се доведуваат во ситуација да не можат да поднесат барање за одобрение за сеча, а со тоа и да не можат да управувааат со својот имот. Доколку се укине оспорената одредба, одобрение за сеча во приватна шума ќе може да поднесуваат и сосопственици кои имаат повеќе од половина од вредноста на стварта со што мнозинските сосопственици ќе можат да управуваат со стварта, а не да трпат вето од малцинските сосопственици.

Подносителот потенцира дека оспорената одредба им дава екслузивно право на малцинските сосопственици на минорни делови кои не се заинтересирани да спроведат оставина, а имало и случаи кога сосопствениците на минорни делови не сакаат да поднесат барање за сеча поради незначителна вредност на нивниот дел или најчесто поради нарушени лични односи да го блокираат управувањето на целата ствар. На овој начин сосопсвениците на помали делови од стварта се во повластена дури и монополска положба во однос на другите мнозински сосопственици.

Поради сето наведено, подносителот бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба и истата да ја укине.

II

На седницата Судот утврди дека во член 67 став 4 од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 64/2009, 24/2011, 53/2011, 25/2013, 79/2013, 147/2013, 43/2014, 160/2014, 33/2015, 44/2015, 147/2015, 7/2016 и 39/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.274/2022, 255/2024 и 59/2025) е утврдено дека одобрение за сеча во приватна шума која е сопственост на повеќе сосопственици, може да се издаде само врз основа на заедничко барање од сите сосопственици.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 10 од Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а според став 2 на овој член сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Според став 3 од овој член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со член 56 од Уставот, е определено дека сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Во член 1 став 1 од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 64/2009, 24/2011, 53/2011, 25/2013, 79/2013, 147/2013, 43/2014, 160/2014, 33/2015, 44/2015, 147/2015, 7/2016 и 39/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.274/2022, 255/2024 и 59/2025), е предвидено дека со овој закон се уредуваат планирањето, управувањето, стопанисувањето, одгледувањето, заштитата и користењето, чувањето на шумите како природно богатство и шумското земјиште, остварувањето на општокорисните функции на шумите, правото и обврските на користење на шумите, финансирањето, како и други прашања од значење за шумите и шумското земјиште по принципот на биолошка, економска, социјална и еколошка прифатливост. Во став 2 од истиот член е определено дека одредбите на овој закон се применуваат на сите шуми и шумско земјиште без оглед на сопственоста и намената.

Шумите се во државна и во приватна сопственост според член 2 од истиот закон, додека со членот 3 е уредено дека шумите како природно богатство се добро од општ интерес за Република Северна Македонија и уживаат посебна заштита, како и тоа дека планирањето, управувањето, стопанисувањето и чувањето на шумите и шумското земјиште се дејности од јавен интерес.

Во член 4 од истиот закон се утврдени целите на Законот: трајно да се сочува површината под шума, да се зголеми нивната вредност и да се обезбеди најголем прираст според природните услови на месторастењето и да се обезбеди одржливо управување, планирање, стопанисување со шумите и чување на шумите и шумското земјиште на начин и во обем со кој трајно се одржува и унапредува нивната производна способност, биолошка разновидност, способност за обнова и виталност во интерес на сегашниот и идниот развој на економските, еколошките и социјалните функции на шумата, притоа да не се наруши екосистемот.

Стопанисување со шумите, согласно со член 7 од истиот закон, претставува одгледување, заштита и користење на шумите, преку обнова, нега, заштита, подигнување на нови шуми, користење на шуми и шумско земјиште, како и други активности за одржување и унапредување на функциите на шумите.

Сосопственоста е сопственост на повеќе лица кои имаат право на сопственост на неподелена ствар на која делот на секој од нив е определен сразмерно според целината (идеален, сосопственички дел), согласно со член 31 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010).

IV

Од анализата на наведените законски одредби несомнено произлегува дека законодавецот воспоставил посебен правен режим за заштита, чување и користење на шумите како природно богатство и како добро од општ интерес за Републиката. Како такви, дури и во приватна сопственост, шумите се предмет на контролиран режим на стопанисување, со цел заштита на јавниот интерес и природната рамнотежа. Ваквиот посебен правен режим наоѓа своја оправданост и во член 56 од Уставот каде е пропишано дека сите природни богатства на Републиката уживаат посебна заштита.

Во конкретниот случај, државата може да постави посебни правила за заедничко управување, посебно кога се работи за природни богатства со значајна еколошка вредност и каде јавниот интерес за заштита на шумскиот фонд претставува легитимна цел која може да оправда построги процедури за користењето, како и потребата од заедничко управување заради одржливоста на животната средина. Посебната заштита која ја уживаат шумите (независно од сопственичкиот режим) како природно богатство и добро од општ интерес за Републиката, наметнува определени заштитни мерки со цел да се спречи бесправното користење и располагање со шумите.

Сечата на шума, има директно влијание врз екосистемот, водите, ерозијата и квалитетот на воздухот, па оттука произлегува дека одобрението за сеча не е само прашање од економски карактер за сосопственикот, туку и прашање на јавен интерес, што ја оправдува потребата за заедничка согласност од сите сосопственици. Со оспорената одредба не се забранува правото на сеча во приватните шуми, туку се условува со усогласување меѓу сосопствениците за поднесување на заедничко барање. Барањето за согласност од сите сосопственици при располагање со заеднички имот е во функција на заштита на правото на сопственост, а не негово ограничување. Ваквиот законски услов за заедничко барање од сите сосопственици, не го одзема правото на сопственост, туку регулира процедура во користењето на шумата во функција на заштита на шумскиот фонд, што е во согласност со принципот на пропорционалност.

Сопственоста како уставно загарантирано право се уредува со закон, особено кога станува збор за сосопственост, односно имот на кој повеќе лица имаат идеални делови.

Уставот не гарантира апсолутно и неограничено право на сопственост. Сопственоста мора да се остварува во согласност со општите интереси, правата на другите сосопственици и законските ограничувања. Со приватната шума која е во сопственост во идеални делови, согласно со оспорената одредба ниту еден сосопственик нема право самостојно да управува со конкретен дел. Ова произлегува од  природата на шумата како природно богатство и овде не може да се примени механизмот на мнозинско одлучување. Правилата за заедничко управување кај сосопственоста не смеат да водат до мајоризација, односно надвладување на мнозинството над малцинството, а особено во случаи каде станува збор за користење на природни богатства и каде штетите од користењето може да бидат несразмерно префрлени на помалите сосопственици. Поради ова, Судот оцени дека оспорената одредба има заштитна функција, односно спречува еден или повеќе сосопственици да ја експлоатираат шумата без согласност на останатите, со што се заштитува интересот на сите сосопственици, а воедно и јавниот интерес за одржливо управување со шумите, заштита на природата и животната средина.

Врз основа на анализата на наведените одредби од Законот за шумите и Законот за сопственост и други стварни права, Судот оцени дека со оспорената одредба се обезбедува правна сигурност, заштита на индивидуалните интереси на сите сосопственици, и се спречува самоволно и штетно дејствување од страна на поединци врз заеднички имот.

Од наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба е во функција на потребата од воспоставување посебен правен режим на заштита на шумите како природно богатство и не го ограничува правото на сопственост, со што истата е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 6 и член 30 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија од аспект на наводите во иницијативата.

По однос на наводите за несогласноста на оспорената одредба со член 36 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права, Судот оцени дека истите се сведуваат на барање за кое, Уставниот суд согласно со член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува.

V

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи  како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски