
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.259/2024
Скопје, 26.11.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска и д-р Ана Павловска-Данева, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 26 ноември 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 32 алинеи 1, 2, 3 и 4, член 34 точки 1, 2, 3 и 4, член 35 точки 1, 2, 3 и 4 и член 46 став 8 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.141/2014 и 36/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023, 263/2023, 286/2023, 135/2024, 218/2024, 275/2024 и 215/2025).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 46 став 7 од актот означен во точка 1 од диспозитивот од ова решение.
3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
О б р а з л о ж е н и е
I
Филип Стефановски од Штип, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 34 точки 1, 2, 3 и 4 , член 35 точки 1, 2, 3 и 4 и член 46 став 7 од актот означен во диспозитивот од ова решение.
Со оспорените одредби, се повредуваат член 55 од Уставот на Република Северна Македонија и одредби од Законот за авторско право и сродните права и Законот за аудио и аудиовизуелни услуги.
Според наводите, со самиот факт што претходно постоела јасна диференцијација на радиодифузните друштва на повеќе нивоа во зависност од тоа на кое подрачје ја емитуваат својата радио програма и за кое имаат дозвола за работа, се потврдува почитувањето на правилата за конкуренција коишто се однесуваат на достапноста и можноста за слушаност на нивната програма од страна на различен број на слушатели во зависност од „регионот кој го покриваат“.
Помеѓу радиодифузните друштва треба да постои конкуренција што емитуваат програма на исто ниво и работат и емитуваат под еднакви услови и оптоварувања, но не и меѓу таквите друштва коишто емитуваат програма на различни нивоа.
Не е фер и спротивно е на начелата и правилата за конкуренција кои мора да важат на сите нивоа на вклученост на користење на делата, а во случајот, почнувајќи од различните износи по висина на надоместоците кои радиодифузните друштва ги плаќаат на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Агенцијата за електронски комуникации, како надлежни регулаторни тела.
Со ова, се стекнуваат со можност да ја емитуваат својата програма којашто е достапна до различен број слушатели, со нерамномерна слушаност во зависност од регионот кој го „покрива“ радиодифузната организација со своето работење, при што во ова е вклучено користењето на делата коишто колективно ги штити ЗАМП.
Тоа не може и не смее да се толкува како просто користење на музичкото дело, без притоа да се имаат предвид и останатите услови за начинот и местото на користење на истото. Впрочем, тогаш не би имало потреба за разликување на делата, ниту на начинот на користење на делата или на местото на користење или едноставно кажано, потреба од постоење на правилник каков што донел ЗАМП, а чии делови се оспоруваат со иницијативата.
Вакво изедначување, какво што е направено со оспорените одредби ги поништува можностите за заштита на конкуренцијата за што постои посебен закон (Закон за заштита на конкуренцијата) и одредба во Уставот – член 55 којшто предвидува слобода на пазарот и претприемништвото, а што со оспорените одредби се оневозможува, односно се изедначуваат надоместоците на авторите без оглед на околноста кое дело колку е користено и од кого е користено, односно до колкав аудиториум бил достапен.
Со оспорениот став 7 од член 46 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци е направена дискриминација и поделба во однос на времето на користење или емитување на делата и тоа само за две репартициски класи, а не и за сите кои се наведени во член 34 од Правилникот. Истовремено, се минимизира и речиси целосно девалвира радио програмата на радиодифузните друштва која е уредена со закон преку програмските концепти.
Во Законот за авторско право и сродните права, не е предвидено дека користењето на авторските музички дела ќе има различна вредност во зависност од времето во текот на денот кога се користат и тоа од страна на телевизии и радија.
Вака формулираната оспорена одредба, не предвидува правичен надомест за секој вид користење на делото, како што е предвидено со член 3 од овој закон.
Со определување на термините за емитување на делата на радиопрограмата со кои помалку се вреднува користењето на делото, различно се вреднуваат авторските дела.
На тој начин, се навлегува во програмскиот концепт на радиодифузерите од кои речиси сите имаат 24-часовна програма во која има говорен дел, музика и други програмски сегменти. Во однос на концептот, не се обврзани во кој период од тие 24 часа што и кога ќе емитуваат, а во конкретниот случај кога ќе емитуваат музика, односно дела кои ги штити ЗАМП, а авторите добиваат соодветен надомест.
Програмскиот концепт и условите за работа на радиодифузерите се уредени со членовите 61, 62, 65, 67, 68, 69, 78, 80 и 81 од Законот за аудио и аудиовизуелни услуги.
Врз основа на сето претходно наведено, може да се извлече заклучок дека со оспорените одредби, се нарушени правилата на конкуренција помеѓу исти радиодифузни друштва на исто ниво. Потоа, се губи конкурентноста помеѓу оние субјекти кои имаат дозвола за работа на државно ниво, во однос на оние на работат на регионално и локално ниво по однос на регионот кој го покриваат според број на население и потенцијално поголем број слушатели, односно публика, иако суштината на таквата поделба е токму тоа – преку различно вреднување на радиодифузните друштва на различни нивоа различно, но правично да се вреднува користењето на авторските музички дела.
Се наведува дека се поттикнува нерамноправноста на пазарот и претприемништвото, но и на пазарот на трудот, односно се создава нерамноправен третман на радиодифузерите како субјекти кои ги користат авторските музички дела, но и на самите автори кои би имале иста вредност без оглед на кој регион се емитувани нивните дела, односно без оглед на тоа на колкав број на слушатели се достапни, а со тоа се создава ситуација кога сите дела еднакво се вреднуваат, што не е суштина на Законот, ниту на Правилникот за распределба на авторските надоместоци.
Со поднесок со кој се дополнува и прецизира иницијативата за оценување уставност и законитост, којшто беше поднесен на 24 јануари 2025 година, подносителот на иницијативата го извести Судот дека со оглед на тоа дека содржината на првично оспорените одредби е изменета со измените на Правилникот донесени во декември 2024 година, ја оспорува новата содржина, но останува на првичните наводи.
Исто така, со ова дополнување е оспорен и новиот став 8 на член 48 од Правилникот, воведен со последните измени и дополнувања на овој пропис.
Во однос на оваа одредба, се наведува дека и со неа се прави исто вреднување на авторското музичко дело, без оглед на тоа, дали емитувањето е достапно на поголем или помал број слушатели.
Тоа значи дека исто се вреднува емитувањето на радио или тв програма на државно, регионално или локално ниво, иако секој радиодифузер има посебна дозвола за работа за чие издавање се предвидени различни услови и критериуми, притоа условувајќи го вреднувањето со емитување на програмите на најмалку десет радиодифузери (без оглед на форматот и нивото на гледаноста или случаноста), во претходните членови на Правилникот, особено член 34 и 35 од Правилникот, со кои се прави јасна диференцијација на радиодифузерите според подрачјето на кое емитуваат програма.
II
На седницата, Судот утврди дека според член 34 точки 1-4 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.141/2014 и 36/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023, 263/2023, 286/2023, 135/2024, 218/2024, 275/2024 и 215/2025), со овој правилник се утврдуваат следниве репартициски класи: 1. Во рамки на категоријата „радио (Македонско радио и трговски радиодифузни друштва (радија) на државно ниво“ од член 32 став 1 алинеја 1 од овој правилник, се формираат посебни репартициски класи за секое од радијата кои поседуваат дозвола за емитување на државно ниво, така што ќе се формираат класи нумеролошки означени како класа 100), 101), 102) и така натаму, со последователен редослед се до исцрпување на радиодифузерите кои ја поседуваат дозволата за емитување на државно ниво. 2. Во рамки на категоријата „радио (Трговски радиодифузни друштва на регионално и локално ниво)“ од член 32 став 1 алинеја 2 од овој Правилник се формира репартициска класа: 200) радио (трговски радиодифузни друштва на регионално и локално ниво). 3. Во рамки на категоријата „телевизија (Македонска телевизија и трговски радиодифузни друштва (телевизии) на државно ниво)“ од член 32 став 1 алинеја 3 од овој правилник, се формираат посебни репартициски класи за секоја од телевизииите кои поседуваат дозвола за емитување на државно ниво, така што ќе се формираат класи нумеролошки означени како класа 300), 301), 302) и така натаму, со последователен редослед се до исцрпување на радиодифузерите кои ја поседуваат дозволата за емитување на државно ниво. 4. Во рамки на категоријата „телевизија (трговски радиодифузни друштва – телевизиски програмски сервиси на локално и регионално ниво)“ од член 32 став 1 алинеја 4 од овој правилник, се формира репартициска класа: 400) телевизија (трговски радиодифузни друштва-телевизиски програмски сервиси на локално и регионално ниво).
Потоа, согласно член 35 точки 1-4 од овој правилник, паричните фондови на репартициските класи се составени од следниве видови приходи: 1. За репартициските класи формирани согласно член 34 став 1 точка 1 од овој правилник: приходите од радио програмските сервиси по оваа основа; дел од приходите од јавното пренесување т.е. јавното соопштување преку звучник екран или друго техничко средство согласно членовите 32, 33 став 3 и 37 став 2 од Правилникот за распределба на авторските на надоместоци и Службен весник на РСМ, бр. 275 од 30.12.2024 година; приходите од радиските кабелски мрежи. 2. За репартициската класа формирана согласно член 34 став 1 точка 2 од овој правилник: приходите од радио програмските сервиси по оваа основа; дел од приходите од јавното пренесување т.е. јавното соопштување преку звучник екран или друго техничко средство согласно членовите 32, 33 став 3 и 37 ст. 2 од Правилникот за распределба на авторските на надоместоци и приходите од радиските кабелски мрежи. 3. За репартициските класи формирани согласно член 34 став 1 точка 3 од овој правилник: приходите од телевизиските програмски сервиси по оваа основа; дел од приходите од јавното пренесување т. е. Јавното соопштување преку звучник екран или друго техничко средство согласно со членовите 32, 33 став 3 и 37 ст. 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци и приходите од телевизиските кабелски мрежи. 4. За репартициските класи формирани согласно член 34 став 1 точка 4 од овој Правилник: приходите од телевизиските програмски сервиси по оваа основа; дел од приходите од јавното пренесување т. е. јавното соопштување преку звучник екран или друго техничко средство согласно со членовите 32, 33 став 3 и 37 ст. 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци и приходите од телевизиските кабелски мрежи.
Според член 46 став 8 од истиот правилник, авторското музичко дело кое е емитувано на програмите на најмалку 10 (десет) радиодифузери ќе се вреднува со коефициент 2 (два) за траење од 1 (една) минута, доколку најдолго остварената минутажа на емитување кај еден од радиодифузерите ќе биде потврдена и со емитување на истото музичко дело со времетраење од најмалку 50% од таа минутажа на емитување и кај останатите радиодифузери.
Судот, утврди дека со Одлуката У.бр.268/2024 од 22 октомври 2025 година, е поништен член 46 став 7 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија бр.141/2014 и 36/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023, 263/2023, 286/2023, 135/2024, 218/2024, 275/2024 и 215/2025). Оваа одлука е објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 225/2025 од 5 ноември 2025 година.
И на крајот, Судот со Решението У.бр.268/2024 од 11 јуни 2025 година, меѓу другото, не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 32 алинеи 1 и 2, член 34 точки 1 и 3 и член 35 точки 1 и 3 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија бр.141/2014 и 36/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023, 263/2023, 286/2023, 135/2024 и 218/2024).
III
Согласно со член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Член 9 од Уставот предвидува дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Член 30 став 1 од Уставот го гарантира правото на сопственост и правото на наследување.
Според став 2 на истиот член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.
Согласно со ставот 3 на овој член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Со член 47 став 2 од Уставот, се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво.
Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Член 55 став 1 од Уставот, ја гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.
Според став 2 реченица прва на истиот член, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, додека според реченица втора на истиот став, Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Понатаму, во член 1 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010, 140/2010-исправка, 51/2011, 147/2013, 154/2015 и 27/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.87/2025), е предвидено дека со овој закон се уредуваат правото на авторите над своите авторски дела (во натамошниот текст: авторското право), правата на уметниците-изведувачи, на произведувачите на фонограми, на произведувачите на видеограми (филмски продуценти), на радио-телевизиските организации, на издавачите и на изготвувачите на бази на податоци над своите предмети на сродни права (во натамошниот текст: сродните права), остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права и важењето на Законот.
Според член 1-а став 2 од истиот закон, јавно користење означува секое користење на авторското дело, односно на предметот на сродните права, достапно на јавноста или користење на авторско дело односно предмет на сродните права во простор до кој јавноста има пристап, како и овозможување на достапност на припадник на јавноста до авторско дело односно предмет на сродните права во време и место кое самиот ќе го избере.
Член 2 став 1 од Законот, предвидува дека авторското дело и предметите на сродните права се сметаат објавени доколку станале достапни на јавноста, во согласност со носителите на правата, доколку со овој закон поинаку не е определено.
Авторот, односно носителот на сродно право, има право на правичен надомест за секој вид користење на авторското дело, односно предметот на сродно право, доколку со овој закон поинаку не е определено (член 3 од Законот).
Согласно со член 12 став 1 од Законот, авторско дело, во смисла на овој закон, е интелектуална и индивидуална творба од областа на книжевноста, науката, уметноста и новинарството, изразена на кој било начин и форма.
Според член 20 став 1 од Законот за авторското право и сродните права, авторското право е единствено право и е неразделно од авторското дело, додека согласно став 2 од истиот член, авторското право содржи исклучиви морални права, исклучиви материјални права и други права, определени со овој закон.
Член 30 точки 1-7 од Законот, определува што е јавно соопштување во смисла на овој закон: 1) јавно изведување; 2) јавно пренесување; 3) јавно изложување; 4) јавно прикажување; 5) радиодифузно емитување; 6) реемитување и 7) ставање на располагање на јавноста.
Согласно со член 63 став 1 од истиот закон, авторот може да пренесе на други лица одделни материјални права, на начин и под услови определени со овој закон. Пренесувањето од ставот 1 на овој член може да се врши со наследување, со пишан договор (исклучиво и неисклучиво) или на друг пишан начин (неисклучиво) со дозвола, изјава, согласност и слично (став 2 на истиот член).
Член 66 став 1 од Законот за авторското право и сродните права, уредува дека авторскиот надоместок се определува според принципот на правичност, видот на делото, видот и обемот на правото на користење што се пренесува, времетраењето и други битни околности за неговото користење.
Членот 129 (насловен „Индивидуално и колективно управување“) став 1 од овој закон, предвидува дека носителите на авторското право и на сродните права можат да ги остваруваат правата определени со овој закон индивидуално (одделно за секое авторско дело, односно предмет на сродно право), лично, односно преку застапник или колективно (заедно за повеќе дела или предмети на сродни права и за повеќе носители на правата) преку организација за колективно управување со правата, на начин и под услови определени со овој закон.
Колективното управување со правата од ставот 1 на овој член, опфаќа правни работи со корисниците на правата, прибирање надоместоци од користењето, нивна распределба и заштита на правата пред државни органи и други субјекти (став 2 на истиот член).
Ставот 3 на овој член, нормира дека колективно се управуваат авторското право и сродните права само за објавени авторски дела и за објавени предмети на сродните права, додека според став 5 на овој член, во случај на колективно управување правата се пренесуваат неисклучиво.
Во член 131 точки 1-10 од овој закон е утврдено кои права по правило се управуваат колективно: 1) јавно соопштување несценско музичко и несценско книжевно дело; 2) право на авторот на надоместок од правото на следство; 3) право на авторот на надоместок од јавна послуга; 4) право на надоместок на автор и изведувач за изнајмување фонограми или видеограми; 5) право на надоместок на изведувач за радиодифузно емитување и друго јавно соопшување на својата изведба што, сама по себе, е радиодифузна или е направена од снимка; 6) право на надоместок на изведувач и на произведувач на фонограми од единствениот надоместок од јавно соопштување на фонограми со изведби издадени за комерцијална цел; 7) право на надоместок на автор и издавач од умножување на хартија или на сличен носач на запис, по пат на фотокопирање или која било слична техника со слични ефекти, за приватно користење; 8) право на надоместок на автор, изведувач и произведувач на фонограмот од умножување на фонограм за приватно користење; 9) право на надоместок на автор, изведувач и произведувач на видеограмот (филмски продуцент) од умножување на видеограм за приватно користење и 10) право на кабелско реемитување авторски дела и предмети на сродни права кое, како исклучиво право, задолжително се управува колективно, освен правото на емитување од радио-телевизиска организација, независно дали се работи за нејзиното сопствено право или правото и е пренесено од друг носител на правата.
Согласно со член 132 став 1 од овој закон, колективно управување со авторското право и сродните права може да врши правно лице основано од носители на правата (физички и/или правни лица) за колективно управување со правата кое работи во свое име, а за сметка на носителите на правата и врз основа на дозвола од Министерството за култура (во натамошниот текст: организација).
Според став 2 на овој член, организацијата работи со непрофитна цел врз принципите на рационалност и транспарентност и со почитување на правилата за конкуренција.
Нејзините обврски се утврдени со член 133 точки 1-12 од Законот за авторското право и сродните права: 1) ги штити интересите на носителите на правата со кои управуваат преку следење на нивното користење во Република Македонија и во странство; 2) ги врши правните работи и односите на носителите на правата со корисниците и води постапки пред судовите и други органи заради заштита на авторското право и сродните права и слично; 3) донесува и објавува општи акти за прибирање и за распределба на надоместоци од користењето, во согласност со закон; 4) склучува договори со соодветни организации во странство; 5) неисклучиво пренесува право за користење авторски дела и предмети на сродни права со договор или на друг пишан начин; 6) ги прибира утврдените надоместоци од корисниците и врши нивна распределба на носителите на правата во согласност со закон и општите акти; 7) бара од корисниците информации и документи потребни за определување на висината на надоместокот за користење на правата; 8) врши контрола на користењето на авторските дела, односно предметите на сродните права; 9) обезбедува внатрешна контрола, отчетност и одговорност на органите и лицата за работите во нивна надлежност во согласност со закон и општите акти; 10) обезбедува и овозможува јавност на работењето (обезбедува пристап на носителите на правата до информациите за користење на правата, за прибраните средства и за распределбата); 11) обезбедува и овозможува увид во работењето и податоците од страна на носителите на правата, на начин, во обем и под услови определени со закон и општи акти на организацијата; и 12) обезбедува и одржува просторни, кадровски и други услови определени со овој закон заради успешно остварување на работата.
Според член 135-а став 1 од Законот, заради електронско евидентирање, обработка на податоци, следење и контрола над емитуваните авторски дела, односно предмети на сродни права, организациите за колективно управување се должни да обезбедат и да инсталираат кај радио-телевизиските организации систем за електронско евидентирање на емитуваните авторски дела, односно предмети на сродни права (во натамошниот текст: систем за електронска евиденција).
Системот за електронска евиденција обезбедува особено: идентификување на емитуваните авторски дела односно предмети на сродни права во времето кога тие се емитуваат на програмата на радио-телевизиската организација, со дозволено временско отстапување согласно актот од член 135-д став (2) од овој закон; записи од емитуваните авторски дела односно предмети на сродни права; дневни, месечни и годишни извештаи и други периодични извештаи за емитуваните авторски дела односно предмети на сродни права по одредени параметри (број на емитувања на авторското дело, односно предметот на сродно право, временски период на емитување, времетраење на емитување, идентификување на радио-телевизиските организации на кои е емитувано делото, дневен извештај за радио-телевизиските организации кои евидентирале податоци за емитувани авторски дела односно предмети на сродни права во системот за електронска евиденција); известување по електронски пат до лицето во организацијата за колективно управување и лицето во радио-телевизиската организација за прекинот во работата на системот за електронска евиденција; и чување на податоците од системот за електронска евиденција во рок од пет години од денот на нивното евидентирање (став 6 алинеи 1-6 на истиот член).
Во член 137 (насловен „Основи за определување надоместоци, корисници и крајни корисници“) од Законот, се содржани дефиниции за поимите „корисници“ (на авторско дело, н.з.) и „крајни корисници“ (на услугите на корисниците на авторските дела, н.з.).
Според став 2 на овој член, корисник, во смисла на ставот 1 на овој член, е физичко или правно лице кое користи авторско дело и/или предмет на сродни права за вршење на дејност или занимање. Доколку повеќе корисници заеднички користат авторско дело, односно предмет на сродни права, обврските кон организацијата ги исполнуваат солидарно, доколку со претходен меѓусебен договор поинаку не се договориле.
Согласно со став 3 на истиот член, како краен корисник на услугите на корисниците од ставот 1 на овој член, во смисла на овој закон, е физичко или правно лице кое како потрошувач за непосредна сопствена потрошувачка за цели што не се наменети за вршење на негово занимање или за други деловни дејности, користи услуги во кои се содржани авторски дела, односно предмети на сродни права.
Според член 138 точки 1-8 од Законот, при определување висината на надоместоците се земаат предвид: 1) правата, видовите и обемот на нивно користење; 2) бројноста на потенцијалните корисници; 3) категоријата и големината на просторот; 4) времетраењето и бројот на користењата; 5) разликата на цените во работењето на корисникот поради користењето на делата, односно предметите на сродните права; 6) структурата и природата на програмата (форматот на радиодифузниот сервис), согласно со издадената дозвола за вршење радиодифузна дејност (кај радиодифузно емитување); 7) религиозните, културните, општествените и социјалните интереси на корисниците и 8) интересите на младите и лицата со посебни потреби.
Согласно со член 139 став 1 точки 1-3 од истиот закон, висината на надоместоците за користење, доколку со овој закон поинаку не е определено, се определуваат со: 1) општ договор меѓу организацијата и здруженијата на одделни категории корисници, односно нивните комори што го претставуваат мнозинството корисници (општ договор); 2) поединечен договор меѓу организацијата и поединечен корисник (поединечен договор) и 3) општ акт на организацијата за определување за висината на надоместоци за користење (во натамошниот текст: тарифата).
Во член 144 став 1 од овој закон е предвидено дека организацијата донесува општ акт за распределба на надоместоците во согласност со закон и статутот, односно со договорот за основање.
Според ставот 2 на овој член, распределбата на надоместоците од ставот 1 на овој член се врши согласно со евиденциите и податоците за користење на делата, односно предметите на сродните права, а паушално кога не е можно или предизвикува неразумни трошоци, според принципот на правичност.
Надоместоците од радиодифузно емитување на авторски дела и/или предмети на сродни права се распределуваат меѓу авторите, односно носителите на сродни права врз основа на податоците за исплата добиени од системот за електронска евиденција на емитувани авторски дела, односно предмети на сродни права од членот 135-а од овој закон (став 3 на истиот член).
Согласно со став 5 на овој член, средствата кои организацијата ги прибира од корисниците, а се пресметуваат во паушални износи и средствата кои организацијата ги прибира од кабелско реемитување авторски дела и предмети на сродни права, се распределуваат меѓу авторите односно носителите на сродните права сразмерно на исплатата на надоместокот кои тие го оствариле во согласност со податоците за користени дела од системот за електронска евиденција односно во согласност со податоците од член 135 ставови 6 и 7 од овој закон.
Според член 1 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр. 184/2013, 13/2014, 44/2014, 101/2014, 132/2014, 142/2016, 132/2017, 168/2018, 248/2018, 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 42/2020, 77/2021, 154/2023, 55/2024 и 193/2024), со овој закон се уредуваат правата, обврските и одговорностите во областа на аудио и аудио-визуелните медиумски услуги, вклучувајќи ги радиодифузерите и давателите на аудиовизуелни медиумски услуги по барање; давателите на услуги платформи за споделување видеа и операторите на јавни електронски комуникациски мрежи кои ги емитуваат или реемитуваат програмските сервиси на радиодифузерите.
Во член 3 од истиот закон, се содржани дефиниции за значењето кои одделни изрази го имаат, во смисла на Законот.
„Радио емитување“ e линеарна аудиомедиумска услуга која ја обезбедува радиодифузер со цел да овозможи истовремено слушање аудио програми врз основа на однапред утврден хронолошки редослед на програмите (програмска шема) (точка 16 на член 3).
„Радиодифузер“ е давател на аудио или аудиовизуелни медиумски услуги за радио или телевизиско емитување (точка 17 на член 3).
„Телевизиско емитување“ e линеарна аудиовизуелна медиумска услуга која ја обезбедува радиодифузер со цел да овозможи истовремено гледање аудиовизуелни програми врз основа на однапред утврден хронолошки редослед на програмите (програмска шема). Телевизиското емитување особено вклучува дигитално телевизиско емитување, пренос во живо (live streaming), емитување преку веб (webcasting) или обезбедување на медиумска услуга приближна на видео по барање (точка 21 на член 3).
Член 62 од овој закон, ги утврдува условите за обезбедување на телевизиско или радио емитување.
Според став 1 на овој член, дејноста обезбедување на телевизиско или радио емитување ја врши радиодифузер кој е запишан во Централниот регистар на Република Македонија, има седиште и уредништво во Република Македонија и има дозвола за телевизиско или радио емитување.
Радиодифузер може да започне со обезбедување на телевизиско или радио емитување по добивање на дозвола за телевизиско или радио емитување (став 2).
Дозволата од ставот 2 на овој член може да се издаде за подрачје на целата територија на Република Македонија, односно за државно ниво, за подрачје на одреден регион, односно за регионално ниво или за подрачје на одредено населено место со најблиската околина, односно за локално ниво, согласно со подзаконски акт донесен од страна на Агенцијата. Имателот на дозволата стекнува право да го емитува радио или телевизискиот програмски сервис во подрачјето, односно нивото за кое ја добил дозволата (став 3).
За обезбедување на телевизиско или радио емитување покрај условите и обврските пропишани во овој закон, радиодифузерот треба да исполнува посебни минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови во зависност од програмскиот формат, пропишани со подзаконски акт донесен од страна на Агенцијата (став 6 на истиот член).
Во член 65 од истиот закон, се предвидени видовите на радиодифузери.
Радиодифузер може да биде трговско радиодифузно друштво, јавнo радиодифузнo претпријатие или непрофитна радиодифузна установа (став 1 на овој член).
Трговско радиодифузно друштво можат да основаат правни и физички лица под услови утврдени со овој и друг закон (став 2).
Јавно радиодифузно претпријатие се основа за целата територија на Република Македонија и врши функција на јавен радиодифузен сервис (став 3 на истиот член).
Согласно со член 104 став 1 од овој закон, функциите на јавен радиодифузен сервис во Република Македонија ги врши Македонската радио-телевизија ( во натамошниот текст: МРТ).
МРТ врши дејност од јавен интерес во областа на радиодифузијата во Република Македонија што опфаќа производство и обезбедување на радио и телевизиски програми и програмски сервиси согласно со член 107 од овој закон преку исполнување на програмски обврски, стандарди и начела согласно со членовите 91, 92, 110 и 111 од овој закон (став 4).
Врз основа на член 132 став 2 и член 144 од Законот за авторското право и сродните права и членовите 13, 24 и 48 од Статутот на Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП), Собранието на ова здружение, на седницата одржана на 23.09.2014 година го донело Правилникот за распределба на авторските надоместоци, кој е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.141/2014 од 24 септември 2014 година.
Овој правилник е изменуван и дополнуван повеќепати и тоа: Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2016); Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.281/2022) кој е поништен со Одлуката У.бр.25/2023 од 27.09.2023 година на Уставниот суд на Република Северна Македонија; Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023); Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.263/2023); Правилник за дополнување на Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторски надоместоци објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023 („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.286/2023); Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.135/2024); Правилник за измени и дополнување на Правилникот за дополнување на Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторски надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.286/2023) и Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторски надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 135/2024) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 218/2024); Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2024) и Правилник за измени и дополнувања на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2025).
Согласно со член 1 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци, овој правилник ги утврдува основните начела за распределба на авторските надоместоци на носителите на авторски музички права (во понатамошен текст: носители на права) кои ЗАМП колективно ги управува во согласност со закон и статут, односно со договорот за основање, како и врз основа на Решението за давање дозвола согласно Законот за авторското право и сродните права на Република Северна Македонија (во понатамошен текст: ЗАПСП).
Според член 2 став 1 точки 1-4 од Правилникот, ЗАМП е организација за колективно управување на авторските музички права на носителите на права која согласно со Решението за давање дозвола на Министерството за култура на Владата на Република Македонија бр.54-54-5454/1 од 03.04.2011 година објавено во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 65/11 од 10.05.2011 година, ги управува следните права: 1. Умножување и изнајмување несценски музички дела на фонограми и видеограми; 2. Јавно соопштување несценски музички дела (јавно изведување; јавно пренесување; радиодифузно емитување; реемитување и ставање на располагање на јавноста); 3. Кабелско реемитување на музички несценски дела; 4. Надомест од правото на следство на оригинал (ракопис) на музички дела.
ЗАМП во случаите на единствените надоместоци согласно со ЗАПСП а предвидени во Статутот, колективното управување на правата може да го врши по овластување на други организации на носители на права преку склучување посебен договор или може со договор да овласти друга соодветна организација да го врши колективното управување на тие права (став 2 на овој член).
Согласно со став 3 на истиот член, ЗАМП може да врши административно-технички работи за права кои се надвор од правата за кои има дозвола, а се во надлежност на други здруженија согласно договор.
Според член 3 од овој правилник, правата од член 2 на овој правилник, ЗАМП ги управува врз основа на Законот за авторското право и сродните права, Статутот на ЗАМП, овој правилник и други акти и одлуки донесени врз основа на Статутот. Во согласност со соодветните законски прописи, ЗАМП го обезбедува колективното управување со моралните и материјални права на носителите на права.
Во член 4 став 1 од Правилникот, е предвидено дека ЗАМП колективно ги управува авторските музички права на носителите на права кои со пријавување на своите дела или врз основа на договор за тоа му даваат овластување на ЗАМП.
Согласно со член 5 став 1 од Правилникот, авторските права на носителите на права ЗАМП ги управува под еднакви услови.
Одредбите на овој правилник се задолжителни за сите носители на права чии права ЗАМП ги управува согласно ЗАПСП, Статутот, како и врз основа на договор со авторот (став 2 на истиот член).
Согласно со член 10 од Правилникот, ЗАМП колективно ги управува само објавените несценски музички дела.
Во колективното управување на авторските музички права, ЗАМП ги извршува следниве работи: неисклучиво пренесува право за користење авторски дела со договор или на друг пишан начин; ги прибира утврдените надоместоци од корисниците и врши нивна распределба на носителите на правата во согласност со закон и општите акти; врши пресметка, распределба и исплата на авторски надоместоци примени од странските организации, за користење дела од домашни автори во странство; склучува договори за умножување несценски музички дела на фонограми и видеограми, како и за други видови користења на музички несценски дела и го контролира извршувањето на тие договори; од корисниците на музички дела собира програми и податоци за изведените и снимените дела и води евиденција за тоа; врши контрола за користењето на авторските дела; ги врши правните работи и односите на носителите на правата со корисниците и води постапки пред судовите и другите органи заради заштита на авторското право и слично и презема и други мерки предвидени со Законот и со други прописи заради заштита и остварување на колективното управување на авторските музички права (член 11 точки 1-8 од Правилникот).
Репертоарот на ЗАМП го сочинуваат објавени музичко несценски дела како што се: а) ораториуми, кантати, дела на симфониската, камерната, солистичката, хорската, забавната, детската, народната, џез музиката и сл.; б) извадоци од музички сценски дела (опери, балети, оперети и сл.) без оглед на нивното траење под услов тие извадоци да не претставуваат драмска целина; в) музика од музичко-кореографски дела (концертни и радио изведувања) без оглед на траењето; г) музички дела користени во драмски дела, било да се користени како музичка придружба или како музичка илустрација или да се вклопени во самиот драмски текст; д) музика користена во ТВ серии, ТВ филмови и кинематографски филмови што се емитуваат преку телевизија; ѓ) несценски музички дела кои драмско-сценски или кореографски се прикажуваат на сцена или телевизија; е) музика за музичко-литературни емисии или приредби (музички приказни, рецитали, хумористични и слични емисии, приредби и слично); ж) музички дела употребени за шпици, звучни записи, интермеца со звучна илустрација; з) обработка на народни творби (член 13 точки а) до з) од Правилникот).
Во член 30 став 1 од Правилникот е определено дека музичко дело (оригинално или обработка) се категоризира и определува согласно на ефективното траење на делото.
Според член 32 алинеи 1-11 од истиот правилник, наплатата на авторските надоместоци за јавно соопштување на музички несценски дела во една календарска година се разликуваат според видот на користењето и се однесува на следните категории: радио (Македонско радио и трговски радиодифузни друштва (радија) на државно ниво); радио (трговски радиодифузни друштва на регионално и локално ниво); телевизија (Македонска телевизија и трговски радиодифузни друштва (телевизии) на државно ниво); телевизија (трговски радиодифузни друштва (телевизии) на регионално и локално ниво); приредби (приходи од забави, игранки, другарски вечери, матурски, дипломски, модни ревии, артистички и спортски натпревари); угостителски објекти; концерти на популарна музика; концерти на сериозна музика; концерти на џез музика; јавно пренесување приходи по основ на јавно соопштување преку звучник, екран или кое било друго техничко средство во (угостителски објекти, дискоклубови, ноќни барови, хотели, трговски и деловни простории, занаетчиски дуќани, превозни средства, спортски објекти и др.); и кабелско реемитување.
Согласно со член 33 став 1 од овој правилник, авторските надоместоци за јавно соопштување на музички дела во една календарска година се разликуваат според видот на користењето и се основа за формирање на репартициски класи. Авторските надоместоци од секоја репартициска класа на прибрани средства се внесуваат во соодветниот репартициски фонд. Според став 2 од истиот правилник, секој репартициски фонд се состои од надоместок наплатен за јавно соопштување на музички дела од соодветната репартициска класа.
Со член 34 точки 1-9 од Правилникот се утврдени повеќе репартициски класи.
Во член 39 од Правилникот е предвидено дека поединечните пресметки и исплатите на надоместоците на авторите се вршат најмалку еднаш годишно најдоцна до крајот на март во тековната за претходната година.
Согласно со член 41 став 1 од истиот акт, распределбата на надоместоците се врши согласно со евиденциите и податоците за користење на делата, а паушално кога не е можно или предизвикува неразумни трошоци, според принципот на правичност.
Според член 46 став 1 од Правилникот, пресметката на авторскиот надомест се определува врз основа на ефективното траење на изведбата, емитувањето или каква било употреба на музичкото дело.
Траењето на авторското музичко дело од 1 (една) минута се вреднува со коефициент 1 (еден), според ставот 2 на истиот член.
Пресметката на авторскиот надомест со оглед на периодот на користење на авторското музичко дело кое се емитува:
– 10 години после настанувањето се вреднува со коефициент 1,30;
– 20 години после настанувањето се вреднува со коефициент 1,60;
– 30 години после настанувањето се вреднува со коефициент 1,90;
Како момент на настанување на делото се зема датумот на пријава на делото во ЗАМП, односно првото евидентирано користење во ЗАМП доколку и претходи на пријава на делото (став 3).
Секоја минута од ефективното траење на делото се множи со соодветниот коефициент (став 4).
Деловите со траење над 30 секунди се сметаат како цела минута (став 5).
И на крајот, согласно со член 1 од Правилникот со тарифа за користење авторски музички дела („Службен весник на Република Македонија“ бр.153/2017 и 154/2017-исправка), со овој правилник се определуваат условите под кои правно или физичко лице (во натамошниот текст: корисник) може јавно да соопштува, односно објавува музички дела, кои ЗАМП колективно ги управува на територијата на Р. Македонија, во согласност со Законот за авторското право и сродните права (во понатамошниот текст ЗАПСП), Статутот на ЗАМП и Решението за давање дозвола за колективно управување на Министерството за култура на Владата на Република Македонија (член 1).
При определувањето на висината на надоместоците се земаат предвид: 1) правата, видовите и обемот на нивното користење; 2) бројноста на потенцијалните корисници; 3) категоријата и големината на просторот; 4) времетраењето и бројот на користењата; 5) разликата на цените во работењето на корисникот поради користењето на делата; 6) структурата и природата на програмата (форматот на радиодифузниот сервис), согласно со издадената дозвола за вршење радиодифузна дејност (кај радиодифузното емитување); 7) религиозните, културните, општествените и социјалните интереси на корисниците и 8) интересите на младите и лицата со посебни потреби (член 10 точки 1 – 8).
Во Правилникот се содржани посебни тарифни броеви за емитување на несценски музички дела кога користењето на авторското дело се врши од страна на ЈП Македонска радиотелевизија (тарифен број 20); емитување и пренос на радио програмски сервис (трговски радио дифузни друштва) со посебни табели за утврдување на месечното плаќање на авторскиот надомест, доколку со договор не е поинаку определено за радио програмски сервиси на локално, регионално и државно ниво (тарифен број 21); и емитување и пренос на телевизиски програмски сервис (трговски радио дифузни друштва) со посебни табели за утврдување на месечното плаќање на авторскиот надомест, доколку со договор не е поинаку определено и тоа за телевизиски програмски сервиси на локално, регионално и државно ниво (тарифен број 22).
IV
Уставната гаранција од член 47 став 2 од Уставот на правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво, значи дека Републиката има позитивна обврска, меѓу другото, да воспостави правна рамка која ќе овозможи остварување и заштита на овие права коишто се израз и потврда на личната слобода со огромно значење за духовниот и културниот развој на поединецот и општеството и манифестација на слободата на мислата и нејзиното јавно изразување.
Таквата правна рамка, на законско ниво треба да е во согласност со уставните вредности и норми, додека на подзаконско ниво и со законските одредби коишто се однесуваат на овие права.
Во однос на уставните одредби, посебно треба да се имаат предвид и член 8 алинеја 6 и член 30 од Уставот коишто се однесуваат на сопственоста, имајќи предвид дека субјективните права коишто произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид творештво, вклучувајќи ги и авторските права, се именуваат како интелектуална сопственост, чијашто содржина е слична со овластувањата коишто произлегуваат од правото на сопственост врз стварите од материјална природа.
Правилникот за распределба на авторските надоместоци, во кој се содржани оспорените одредби, детално ги разработува законските одредби коишто се однесуваат на остварувањето на материјалните права на авторите на музички дела во делот на пресметката и распределбата на авторските надоместоци како материјални права со кои колективно управува ЗАМП.
Истиот е подзаконски акт, донесен од Собранието на Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП) врз основа на член 133 точка 3 и член 144 став 1 од Законот за авторското право и сродните права.
Согласно со првата одредба, организацијата за колективно управување со авторското право и сродните права, има обврска да донесува и објавува општи акти за прибирање и распределба на надоместоци од користењето и донесувањето и објавувањето на овие акти треба да е во согласност со закон.
Втората пак, содржи овластување за оваа организација да донесе општ акт за распределба на надоместоците во согласност со закон и нејзиниот статут, односно со договорот за нејзино основање.
Меѓу другото, во член 32 од Правилникот се предвидени различни категории според видот на користењето за јавно соопштување на музички несценски дела за наплата на авторските надоместоци во една календарска година.
Притоа, користењето авторски музички дела од страна на корисниците – радија се дели на два вида (категории): 1. користење од страна на Македонското радио и трговски радиодифузни друштва (радија) на државно ниво и 2. користењето од страна на трговски радиодифузни друштва на регионално и локално ниво.
Користењето, пак на делата од страна на корисниците – телевизии е исто поделено на два вида (категории): 1. Македонска телевизија и трговски радиодифузни друштва (телевизии) на државно ниво и 2. трговски радиодифузни друштва (телевизии) на регионално и локално ниво.
Од друга страна, различните видови на користење на делата се основ за разликување на авторските надоместоци за нивното јавно соопштување во една календарска година врз основа на кои се основаат репартициските класи во чии соодветни фондови се внесуваат прибраните средства од овие надоместоци (член 33 ставови 1 и 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци).
Конкретно, од значење за анализата, согласно со оспорените точки 1, 2, 3 и 4 на член 34 од Правилникот, меѓу другото, репартициските класи се формираат во рамки на двете категории на радио и на телевизија.
Во рамки на категоријата „радио (Македонско радио и трговски радиодифузни друштва (радија) на државно ниво“ од член 32 став 1 алинеја 1 од овој правилник, се формираат посебни репартицски класи за секое од радијата кои поседуваат дозвола за емитување на државно ниво, така што се формираат класи нумеролошки означени како класа 100), 101), 102) и така натаму, со последователен редослед сѐ до исцрпување на радиодифузерите коишто ја поседуваат дозволата за емитување на државно ниво (точка 1 од член 34).
Потоа, во рамки на категоријата „радио (трговски радиодифузни друштва на регионално и локално ниво)“ од член 32 став 1 алинеја 2 од овој правилник се формира репартициска класа: – 200) радио (трговски радиодифузни друштва на регионално и локално ниво) (точка 2).
Следно, во рамки на категоријата „телевизија (Македонска телевизија и трговски радиодифузни друштва (телевизии) на државно ниво)“ од член 32 став 1 алинеја 3 од овој правилник, се формираат посебни репартициски класи за секоја од телевизииите кои поседуваат дозвола за емитување на државно ниво, така што се формираат класи нумеролошки означени како класа 300), 301), 302) и така натаму, со последователен редослед сѐ до исцрпување на радиодифузерите коишто ја поседуваат дозволата за емитување на државно ниво (точка 3).
И на крајот, според точка 4 на овој член, во рамки на категоријата „телевизија (трговски радиодифузни друштва – телевизиски програмски сервиси на локално и регионално ниво)“ од член 32 став 1 алинеја 4 од овој правилник, се формира репартициска класа: 400) телевизија (трговски радиодифузни друштва – телевизиски програмски сервиси на локално и регионално ниво).
Понатаму, во член 35 од истиот правилник, се утврдени приходите на паричните фондови на секоја од репартициските класи.
За репартициските класи формирани во рамки на категоријата радио (Македонско радио и трговски радиодифузни друштва (радија) на државно ниво тоа се: приходите од радио програмските сервиси по оваа основа; дел од приходите од јавното пренесување т.е. јавното соопштување преку звучник екран или друго техничко средство согласно со член 32, 33 став 3 и 37 став 2 од Правилникот за распределба на авторските на надоместоци „Службен весник на Република Северна Македонија, бр. 275 од 30.12.2024 година; и приходите од радиските кабелски мрежи (оспорена точка 1 на член 35).
Потоа, за репартициските класи формирани во рамки на категоријата – радио (трговски радиодифузни друштва на регионално и локално ниво) тоа се: приходите од радио програмските сервиси по оваа основа; дел од приходите од јавното пренесување т.е. јавното соопштување преку звучник екран или друго техничко средство согласно член 32, 33 став 3 и 37 став 2 од Правилникот за распределба на авторските на надоместоци; и приходите од радиските кабелски мрежи (оспорена точка 2 на член 35).
Следно, за репартициските класи формирани во рамките на категоријата – телевизија (Македонска телевизија и трговски радиодифузни друштва (телевизии на државно ниво) тоа се: приходите од телевизиските програмски сервиси по оваа основа; дел од приходите од јавното пренесување т.е. јавното соопштување преку звучник, екран или друго техничко средство согласно со член 32, 33 став 3 и 37 став 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци; и приходите од телевизиските кабелски мрежи (оспорена точка 3 на член 35).
И на крајот, за репартициските класи формирани во рамките на категоријата – телевизија (трговски радиодифузни друштва – телевизиски програмски сервиси на локално и регионално ниво), тоа се: приходите од телевизиските програмски сервиси по оваа основа; дел од приходите од јавното пренесување т. е. јавното соопштување преку звучник екран или друго техничко средство согласно со член 32, 33 став 3 и 37 став 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци; и приходите од телевизиските кабелски мрежи (оспорена точка 4 на член 35).
Во однос на оспорените член 34 точки 1, 2, 3 и 4 и член 35 точки 1, 2, 3 и 4 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци, според Судот, основно прашање е дали постои законски основ да се прави поделба на користењето на авторските музички дела на радио и телевизија на начин како што е уредено со овие одредби.
Притоа, неспорно е дека видот на користење на делото е еден од законските основи за определување на авторскиот надоместок, кој понатаму, согласно со законско овластување се утврдува и уредува со подзаконски акт којшто го донесува организацијата за колективно управување, каков што во случајот е Правилникот за распределба на авторските надоместоци.
Во рамки на четирите вида користење на делата, опфатени се различните видови радиодифузери: кај радиото (Македонското радио и трговските радиодифузни друштва (радија) на локално, регионално и државно ниво); и кај телевизијата (Македонската телевизија и трговските радиодифузни друштва телевизии на локално, регионално и државно ниво).
Исто, неспорно е и дека овие различни видови радиодифузери се разликуваат во опсегот на давање аудио и аудивизуелни медиумски услуги во територијална смисла што има за последица да постои разлика во бројот на потенцијални крајни корисници.
Ова, за доносителот било основ и причина да ги разграничи и тоа се рефлектира на остварувањето на правото на надоместок на авторите за користењето на нивните дела, при што се ставени во различна положба само поради фактот што опсегот на радиодифузерот е различен, а не поради фактот што нивните дела биле користени од нивна страна.
Сепак, без оглед на тоа за кој вид радиодифузер станува збор, заеднички за сите нив е истиот начин на кој ги користат авторските музички дела – едните, преку радиоемитување, додека другите преку телевизиско емитување.
За двете емитувања има законска дефиниција што подеднакво важи и се применува за сите овие субјекти – даватели на иста аудио или аудиовизуелна медиумска услуга за радио или телевизиско емитување и која не дава основ за поинакво уредување.
Тоа што радиодифузерите се со различен опсег на емитување е адресирано со подзаконското уредување коешто го уредува прашањето за определување на висината на надоместоците коишто истите овие субјекти како корисници на авторски музички дела треба да ги платат на организацијата за колективно управување.
Конкретно тоа е операционализирано преку точка 6 од Правилникот со тарифа за користење авторски музички дела со која се разработуваат критериумите од член 138 од Законот за авторското право и сродните права, каде меѓу другото, се предвидени бројноста на потенцијалните корисници (точка 2); категоријата и големината на просторот (точка 3) и структурата и природата на програмата (форматот на радиодифузниот сервис), согласно со издадената дозвола за вршење радиодифузна дејност (кај радиодифузно емитување).
Всушност, ако се има предвид предметот на уредување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци, со овој акт всушност не може да се уредува прашањето поинаку, освен да се утврди видот на користење на делото, а не да се прави класификација на радиодифузерите со што се излегува надвор од законското овластување за донесување на овој правилник и предмет којшто треба да го уредува.
Како акт тој се однесува на уредувањето на авторските и сродните права на музички дела, за кои Законот за авторското право и сродните права, не прави дистинкција дали станува збор за музичко дело коешто се користи на државно, регионално или локално ниво што е последица на оспореното уредување, при што ваквата поделба којашто различно ги третира авторите не е во согласност со уставниот принцип на еднаквост.
Според Судот, врз основа на претходно наведеното, произлегува дека „најмалиот заеднички содржател“ при уредувањето на оваа материја е тоа дека единствено може да се прави разлика во однос на тоа на кој начин е користено делото (во смисла дали е тоа преку телевизија или преку радио), а не колкав е опсегот на радиодифузерот. Ова оттаму што, авторот се стекнува со право на надоместок со самиот факт на користење на неговото дело и во зависност од тоа колку време е користено.
Доколку би се прифатила логиката на доносителот на актот во кој се содржани оспорените одредби, тогаш произлегува дека авторските дела се групираат во дела од локално, регионално или државно значење, што нема законски основ.
Од тие причини, Судот зазеде став дека основано може да се постави прашањето за согласноста на член 34 точки 1, 2, 3 и 4 и член 35 точки 1, 2, 3 и 4 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци со член 8 став 1 алинеи 3 и 6, член 9, член 30 став 1, 2 и 3, член 47 став 2 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија и член 66 став 1 и член 144 став 1 од Законот за авторското право и сродните права.
Истовремено, со оглед на тоа дека овие одредби се разработка на уреденото во член 32 алинеи 1, 2, 3 и 4 од истиот правилник, каде се утврдуваат два различни вида на користење на делата преку радио и два различни вида на користење преку телевизија, наш став е дека согласно со член 26 од Актот на Судот, надвор од наводите на иницијативата и одредбите што се оспорени со истата, основано може да се постави прашањето за уставноста и законитоста и на овие одредби поради причините наведени претходно во однос на оспорените член 34 точки 1, 2, 3 и 4 и член 35 точки 1, 2, 3 и 4 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци.
Во овој дел, се имаше предвид дека Судот претходно со Решението У.бр.268/2024 од 11 јуни 2025 година, меѓу другото, не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 32 алинеи 1 и 2, член 34 точки 1 и 3 и член 35 точки 1 и 3 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци.
Меѓутоа, содржината на овие одредби подоцна е изменета и сега е предмет на оценување во ова решение, што е основ за поинакво одлучување, во смисла на член 38 алинеја 2 од Актот на Судот.
Потоа, од анализата на оспорениот став 8 на член 46 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци, произлегува дека станува збор за правно уредување согласно, кое во одредени случаи посебно се вреднува користењето на авторските музички дела од страна на радиодифузерите.
Во однос на тоа, предвидени се два услови: авторското музичко дело да е емитувано на програмите на најмалку десет радиодифузери; и најдолго остварената минутажа на емитување кај еден од радиодифузерите да биде потврдена и со емитување на истото музичко дело со времетраење од најмалку 50% од таа минутажа на емитување и кај останатите радиодифузери и да е утврден повисок коефицент (2) за траење на користење на делото од една минута.
Според Судот, основно прашање е дали постои основ за различно и поповолно вреднување на еден вид користење на авторските музички дела, во однос на другите видови.
Претходно беше наведено дека видот на користење на делото е еден од основите за определување на авторскиот надоместок согласно Законот.
Видовите на користење на делата пак, се утврдени во член 32 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци, кој освен користењето од страна на радијата и телевизиите, предвидува и други и тоа: приредби (приходи од забави, игранки, другарски вечери, матурски, дипломски, модни ревии, артистичкии спортски натпревари) (алинеја 5); угостителски објекти (алинеја 6); концерти на популарна музика (алинеја 7); концерти на сериозна музика (алинеја 8); концерти на џез музика (алинеја 9); јавно пренесување приходи по основ на јавно соопштување преку звучник, екран или било кое друго техничко средство во угостителски објекти, дискоклубови, ноќни барови, хотели, трговски и деловни простории, занаетчиски дуќани, превозни средства, спортски објекти и др. (алинеја 10) и кабелско реемитување (алинеја 11).
За сите видови користење, во член 46 став 1 од Правилникот е предвидено општо правило кое важи подеднакво за сите – пресметката на авторскиот надомест се определува врз основа на ефективното траење на изведбата, емитувањето или каква било употреба на музичкото дело, при што траењето на авторското музичко дело од една минута се вреднува со коефициент 1 (став 2 на истиот член).
Ваквото вреднување за сите видови користење на авторските музички дела значи примена на принципот на еднаквост и подеднакво третирање на авторите.
Правното уредување од член 46 став 8 од Правилникот претставува отстапување од овој принцип и ставање во повластена положба на една група авторски дела (коишто се користат од страна на радиодифузерите) и носителите на правата на овие дела.
Од друга страна, како пример во прилог на уредувањето со овој став, може да се наведе дека во став 3 на член 46 од Правилникот, исто така, се предвидува поповолно вреднување на користењето на музичките дела после десет, дваесет или триесет години по нивното настанување.
Меѓутоа, ова се однесува подеднакво на сите видови користење на авторските музички дела, за разлика од оспорениот став 8 на истиот член, само на користењето од страна на радијата и телевизиите.
Поради тоа, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на член 46 став 8 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 6, член 9, член 30 ставови 1, 2 и 3, член 47 став 2 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија и член 3, член 66 став 1 и член 144 став 1 од Законот за авторското право и сродните права.
Во однос на член 46 став 7 од Правилникот, иницијативата се отфрла во тој дел поради постоење процесни пречки согласно член 38 алинеја 3 од Актот на Судот, со оглед на тоа дека оваа одредба беше поништена со Одлуката У.бр.268/2024 од 22 октомври 2025 година и истата не е повеќе во правниот поредок.
На крајот, при одлучувањето по однос на точката 1 од диспозитивот на ова решение, Судот имаше предвид дека од страна на Собранието на ЗАМП на 10 октомври 2025 година е донесен Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци којшто е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2025 од 20 октомври 2025 година.
Со член 3 алинеја 1 од овој правилник е предвидено дека поранешниот став 8 од член 46 станува став 7.
Меѓутоа, согласно со член 5 од истиот правилник, примената на овој правилник ќе започне со распределбата на авторските надоместоци за 2026 година, што ќе биде утврдено со општата пресметка во 2027 година.
Во врска со ова, Судот во Одлуката У.бр.268/2024 од 22 октомври 2025 година, зазеде став дека новите измени и дополнувања сѐ уште не се во примена и консеквентно на тоа, при одлучувањето во овој предмет во однос на уставноста и законитоста на член 46 став 8 од Правилникот, истиот беше оценуван согласно неговото досегашно означување во овој акт.
V
Врз основа на претходно наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски