
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.160/2024
Скопје, 24.09.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 алинеи 1 и 3 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 24.09.2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 9 во делот „толкување и“ од Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/1993, 20/2005, 22/2008, 153/2008, 147/2009, 164/2010, 35/2011, 122/2016, 126/2016 и 13/2017 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.189/2019, 262/2019, 27/2020, 75/2020 и 41/2023).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на Автентичното толкување на Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите („Службен весник на Република Македонија“ бр.111/2015).
3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Образложение
I
Оливер Давидовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот означен во точка 1 и на актот означен во точка 2 од ова решение, како спротивни на член 8 став 1 алинeја 3 и член 51 од Уставот.
Во иницијативата подносителот наведува дека Адвокатската комора на Република Северна Македонија, врз основа на член 34 став 2 алинеја 5 од Законот за адвокатура, донела Тарифа за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите со која се одредува висината на наградата и трошоците на дадената правна помош.
Подносителот смета дека со член 9 од оспорената Тарифа, несомнено се пропишувало право на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, да дава автентично толкување. Врз основа на овој член од Тарифата, Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Северна Македонија изготвил Автентично толкување на Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите („Службен весник на Република Македонија“ бр.111/15).
Подносителот наведува дека член 34 став 2 алинеја 5 од Законот за адвокатура ја овластува Адвокатската комора да донесе подзаконски пропис, но не и да дава автентично толкување на самиот пропис, поради што смета дека Адвокатската комора и нејзините тела немаат законска основа да даваат автентично толкување, со што се пречекорени законските надлежности предвидени во Законот за адвокатурата.
Од наведените причини, подносителот смета дека оспорените акти се противуставни и противзаконити и предлага Судот истите да ги укине.
II
На седницата Судот утврди дека во член 9 од Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/1993, 20/2005, 22/2008, 153/2008, 147/2009, 164/2010, 35/2011, 122/2016, 126/2016 и 13/2017 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.189/2019, 262/2019, 27/2020, 75/2020 и 41/2023), е уредено дека толкување и тековно усогласување на оваа тарифа со порастот на трошоците за живот врши Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Северна Македонија.
Судот, исто така утврди дека Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, врз основа на член 19 и член 34 став 2 од Законот за адвокатурата, член 23 од Статутот на Адвокатска комора на Република Македонија и член 9 од Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, на седница одржана на ден 25.06.2015 година, го донел оспореното Автентично толкување на Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите бр. 02-702/1 од 30 јуни 2015 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.111/2015).
Со оспореното Автентично толкување, Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Северна Македонија утврдил дека Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите е донесена и може да биде толкувана исклучиво од Управниот одбор на Адвокатската комора, а судовите немаат право да ја менуваат ниту висината ниту основаноста на наградата и трошоците, туку се должни само да ги применуваат тарифните одредби. Тарифата утврдува задолжителни минимални износи кои не можат да се намалуваат, при што адвокатот и странката можат да договорат повисоки износи. Спротивната страна во постапката е должна да ги надомести сите трошоци и награди за дејствија што се предвидени и тарифирани, како на пример застапување од адвокат надвор од општината на судот, присуство на рочиште за објавување на пресуда дури и ако не се одржи, изготвување полномошно и трошковник, застапување во постапки со повеќе учесници, при делумен успех во спорот или намалување на тужбеното барање, како и при одложување на рочиште по вина на судот. Дополнително, се признава надомест за отсуство од канцеларија и трошоци за превоз со сопствено возило, за што доказ претставува патен налог заверен од адвокатот.
III
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Член 51 став 1 од Уставот, предвидува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Со член 2 став 1 од Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008, 135/2011 и 113/2012, 148/2015), адвокатурата е дефинирана како самостојна и независна јавна служба која обезбедува и дава правна помош. Според став 2 од истиот член, адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со овој и други закони.
Во член 19 од истиот закон е предвидено дека адвокатот има право на награда и надоместок на трошоците за извршената работа во вршењето на адвокатската дејност според тарифата за наградата и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.
Согласно со член 33 став 1, адвокатите во Република Северна Македонија се организираат во Адвокатска комора на Република Северна Македонија.
Според член 34 став 1 од Законот, Адвокатската комора на Република Македонија во својата работа е самостојна и независна, а согласно со став 2 алинеја 5 од истиот член, Адвокатската комора на Република Северна Македонија донесува тарифа за награда и надоместок на трошоците на адвокатите.
Врз основа на член 34 став 2 алинеја 5 од Законот, Адвокатската комора донела Тарифа за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, со која се одредува висината на наградата и трошоците на дадената правна помош.
Во воведниот дел на Тарифата за награда и надоместок на трошоците на адвокатите е наведено дека истата е донесена врз основа на Законот за адвокатурата и Статутот на Адвокатската Комора на Република Северна Македонија.
Со иницијативата се оспорува член 9 од Тарифата во целина, но по спроведената уставно-судска анализа, Судот утврди дека уставно проблематичен е делот „Толкување и“ во цитираниот член 9 од Тарифата.
Член 9 од Тарифата, систематизиран во главата „Посебни одредби“, пропишува дака толкување и тековно усогласување на оваа тарифа со порастот на трошоците за живот врши Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Северна Македонија.
Според член 34 став 1 од Законот за адвокатурата и член 9 од Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Северна Македонија на седницата одржана на ден 25.06.2015 година, донел Автентично толкување на тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.
Согласно со член 68 став 1 алинеја 2, Собранието на Република Северна Македонија, има уставна надлежност да донесува закони и да дава автентично толкување на законите.
Субјектите овластени за поднесување барање за давање на автентично толкување на закон и условите за негово поднесување се утврдени со член 185 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија – секој пратеник, Владата, Уставниот суд на Република Северна Македонија, Врховниот суд на Република Северна Македонија, јавниот обвинител на Република Северна Македонија, народниот правобранител, градоначалниците на општините и на Градот Скопје и советите на општините и на Градот Скопје, доколку потребата од автентично толкување настанала во врска со примена на законите во нивното работење.
Анализата на содржината на оспорената одредба пропишана во член 9 од Тарифата, укажува на тоа дека Адвокатската комора предвидела посебно правило – толкување на тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.
Законот за адвокатурата и Статутот на Адвокатската комора прецизно ги дефинираат надлежностите на Адвокатската комора, според кои Адвокатската комора, меѓу другото, е надлежна за донесување на тарифа за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, но нема законско овластување самата да си даде надлежност да дава толкување на тарифата, поради што Судот утврди дека со член 9 од Тарифата и оспореното автентично толкување, Адвокатската комора ги пречекорила своите овластувања.
При нормирањето на оспорената одредба, Адвокатската комора употребила недефиниран термин каков што е „толкување“, израз којшто подоцна го користи како автентично толкување, врз основа на што е донесено сега оспореното Автентично толкување на Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.
Оспорениот член 9 од Тарифата содржи дел „толкување“ без претходно да биде пропишано такво овластување на Комората. Поради тоа Судот оцени дека оспорениот член 9 од Тарифата, со кој се предвидува институтот „толкување“, без претходно утврдување на такво овластување, создава правна нејасност, непрецизност и неконзистентност. Ваквото нормативно уредување е спротивно на принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок утврдена во член 8 алинеја 3 од Уставот.
При формирањето на правното мислење Судот ги имаше предвид сите околности од значење за заштита на уставноста и законитоста, односно фактот дека во правниот поредок не може да опстојуваат нејасни, непрецизни и недефинирани норми, коишто оставаат простор за слободно толкување и неконзистентна примена и како такви, навлегуваат во правната сигурност на граѓаните како составен дел на принципот на владеење на правото.
При анализата на оспорениот дел од одредбата од член 9 од Тарифата, Судот го зема предвид и оспореното автентично толкување.
Управниот одбор на Адвокатската комора, меѓу останатото, со точката 5 од Автентичното толкување, предвидел при определување на трошоци сторени за превоз со сопствено возило, што како право е пропишано со член 7 точка 1 од Тарифата и изворно гласи „За извршување на правна помош, странката е должна на адвокатот да му ги надомести и трошоците за превоз, до висина на трошоците на патниот билет за превозното средство што го користел адвокатот, а за употреба на сопствено возило ќе му надомести по 30% од цената на најскапиот бензин за секој изминат километар“, адвокатот како доказ да достави патен налог кој е пополнет, со потпис и печат од негова страна, без какви било прилози. На овој начин, Адвокатската комора ја искористила цитираната одредба од точка 5 од Автентичното толкување, како метод за измена на прописот и на тој начин ги пречекорила границите на веќе утврдена содржина на нормата којашто се толкува и што е објективна цел на прописот и причина за неговото донесување.
Врз основа на наведеното, по однос на делот „Толкување и“ од оспорената одредба во член 9 од Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, за Судот, основано се постави прашањето за неговата согласност со член 68 став 1 алинеја 2 и член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Што се однесува до оценувањето на уставноста и законитоста на оспореното автентично толкување, имајќи го предвид неговиот правен карактер како составен дел на Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, од процедурален аспект не е возможно истото посебно да се оценува. Имено, сомнежот за уставноста на член 9 од Тарифата го опфаќа и Автентичното толкување, коешто како составен дел на Тарифата не може посебно да се оценува. Со укинување или поништување на оспорениот член, Автентичното толкување автоматски ќе престане да важи и нема повеќе да биде дел од правниот поредок, поради што постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата во овој дел, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Судот.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски