
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.44/2025
Скопје, 26.11.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска и д-р Ана Павловска-Данева, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Слубен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 26 ноември 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 36 став 1 точка 8) од Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 173/2022 и 47/2025).
Образложение
I
Виктор Василевски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во диспозитивот на Решението.
Во иницијативата подносителот наведува дека со бришењето на сметководителот односно овластениот сметководител од соодветниот Регистар доколку физичкото лице го оствари правото на пензионирање, на пензионираниот сметководител односно овластен сметководител му се ускратува правото да врши сметководствени работи со засновање работен однос (со што го губи правото на пензија) или да склучи договор за дело (со што не го губи правото на пензија) бидејќи вршењето на сметководствени работи директно зависи од тоа дали лицето се наоѓа во регистарот на сметководители односно овластени сметководители.
Подносителот нагласува дека согласно со член 252 со наслов „Посебни договори” од Законот за работните односи, работодавачот може со определено лице да склучи договор поради вршење работи кои се надвор од дејноста на работодавачот, а кои имаат за предмет самостојна изработка или поправка на определени предмети, самостојно извршување на определена физичка или интелектуална работа, како и дека тука несомнено влегува и сметководствената работа, односно услуга. Наведува и дека член 619 од Законот за облигациони односи, ги дефинира договорите за дело како договори со кои вршителот на работата (претприемач, изведувач на работи) се обврзува да изврши определена работа, како што е изработка или поправка на некој предмет или извршување на некоја физичка или интелектуална работа и слично, а нарачувачот се обврзува за тоа да му плати надомест.
Според подносителот, со примената на оспорениот член од Законот, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото утврдени со член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот како темелни вредности на уставниот поредок, директно се повредуваат и ограничуваат. Воедно, смета дека оспореното законско решение е спротивно на член 32 од Уставот, со наводи дека со овој уставен член се гарантира правото на работа коешто не може да биде ограничено со користењето на пензијата бидејќи може да се остварува со договор за дело или со изборот на корисникот на пензијата да заснова работен однос и да го прекине користењето на пензијата.
Од погоре наведените причини со иницијативата се предлага Уставниот суд да го поништи оспорениот член од Законот како неуставен.
II
На седницата Судот утврди дека според член 36 став 1 точка 8) од Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 173/2022 и 47/2025), сметководителот односно овластениот сметководител се брише од соодветниот Регистар доколку физичкото лице го оствари правото на пензионирање.
III
Според член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно со член 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Секој вработен има право на соодветна заработувачка. Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со член 1 од Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 173/2022 и 47/2025) се уредуваат условите на вршење на сметководствени работи, субјектите кои вршат сметководствени работи, условите за стекнување со статус на сметководител и овластен сметководител, организацијата и работењето на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија, основањето и надлежностите на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија на Република Северна Македонија, како и други прашања кои се однесуваат на вршењето на сметководствени работи.
Постапката за упис на сметководител, односно овластен сметководител во Регистарот на сметководители, односно Регистарот на овластени сметководители, е уредена со член 27 од Законот.
Според член 27 став 1 од Законот, лицето кое има уверение за сметководител, односно уверение за овластен сметководител се запишува во Регистарот на сметководители, односно во Регистарот на овластени сметководители врз основа на поднесено лично барање до Институтот на пропишан образец согласно со став 9 на овој член, со приложување на потребната документација предвидена во став 2 на истиот член од Законот.
Член 31 став 1 од Законот уредува дека со право за вршење сметководствени работи како и со право за потпишување на сите документи за финансиско известување кои произлегуваат од вршењето на сметководствените работи се стекнува сметководител и/или овластен сметководител кој има уверение за сметководител или овластен сметководител, издадено од Институтот и е запишан во соодветниот регистар којшто го води Институтот. Во став 5 од истиот член се уредува дека за сметководствените работи, обврзникот за водење на сметководство може да вработи вршител на сметководствени работи или сметководствен приправник, коj нема право за потпишување на годишни сметки и/или финансиски извештаи. Став 6 од истиот член уредува дека за целите на финансиското известување обврзникот за водење на сметководство може да вработи сметководител и/или овластен сметководител со полно работно време, и дека обврзниците за водење на сметководство, кои согласно со Законот за трговските друштва се поврзани лица, може да вработат едно исто лице со скратено работно време. Согласно со став 8 на наведениот член, обврзникот за водење на сметководство може со договор за вршење на сметководствени работи да ангажира трговец поединец – сметководител, трговец поединец – овластен сметководител или друштво за вршење на сметководствени работи кој поседува лиценца за работа издадена од Институтот. Според став 9 од истиот член, трговец поединец – сметководител може да склучи договор за вршење на сметководствени работи со самостоен вршител на дејност, заедница на сопственици на посебни делови на зграда, трговец поединец, здружение, фондација и приватна установа. Согласно со став 10 од истиот член, трговец поединец – овластен сметководител може да склучи договор за вршење на сметководствени работи со сите обврзници за водење на сметководство, освен со јавно трговско друштво, командитното друштво, акционерското друштво и командитното друштво со акции. Во став 11 од истиот член, се уредува дека друштво за вршење на сметководствени работи склучува договор за вршење на сметководствени работи со сите обврзници за водење на сметководство. Според став 12 од истиот член, друштвото за вршење на сметководствени работи мора да има вработено најмалку еден овластен сметководител.
Одредбите за видовите регистри коишто ги води Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија, како и содржината на истите, се уредени со член 35 од Законот.
Во член 35 став 3 од Законот се пропишани податоците кои особено треба да ги содржат Регистарот на сметководители и Регистарот на овластени сметководители, и тоа: 1) име и презиме и регистарски број на лицето; 2) ознака за право на потпишување годишна сметка и/или финансиски извештаи; 3) датум на упис во Регистарот; 4) назив, седиште и контакт податоци на правното лице каде што е вработен; 5) број на остварени часови за континуирано професионално усовршување, годишно и во тек на тригодишен период и 6) изречени дисциплински мерки.
Со член 36 став 1 точки од 1) до 8) од Законот, се предвидени случаите на бришење на сметководител, односно овластен сметководител од соодветниот Регистар.
Според оспорениот член 36 став 1 точка 8) од Законот сметководителот односно овластениот сметководител се брише од соодветниот Регистар доколку физичкото лице го оствари правото на пензионирање.
IV
Од погоре цитираните законски одредби произлегува дека за целите на финансиското известување, на обврзникот за водење сметководство му е дадено право на избор за вршење на сметководствени работи со склучување договор, истото да го довери на трговец поединец или друштво за вршење на сметководствени работи или да вработи сметководител и/или овластен сметководител со полно работно време, а обврзниците за водење сметководство кои согласно со Законот за трговски друштва се поврзани лица, може да вработат едно исто лице со скратено работно време. Воедно, меѓусебните права и обврски меѓу обврзникот за водење сметководство и трговец поединец, односно друштво за вршење сметководствени работи се уредуваат со договор за вршење сметководствени работи.
Во конкретниот случај, Судот утврди дека оспорениот член 36 став 1 точка 8) од Законот, е во врска со лице сметководител односно овластен сметководител кое остварило право на пензионирање, со што му престанува работниот однос во правното лице каде било вработено. Ваквиот факт, според оспорениот член од Законот, повлекува бришење на сметководителот односно на овластениот сметководител од соодветниот Регистар во кој се запишани и податоци за правното лице каде било вработено физичкото лице сметководител односно овластен сметководител.
Подносителот смета дека бришењето на сметководителот односно овластениот сметководител од соодветниот Регистар, е спротивно на владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото од член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот, уставното право на работа од член 32 од Уставот, а и на законското право на граѓаните на склучување договори од член 252 од Законот за работните односи и член 619 од Законот за облигационите односи.
Спротивноста на законската одредба со наведените уставни одредби, подносителот ја образложува со наводи дека на лицето корисник на пензија му се ускратува уставното и законското право и понатаму да може да врши сметководствени работи со засновање работен однос или со склучување договор за дело, согласно со член 619 од Законот за облигационите односи. Ова од причина што неговото ангажирање како сметководител односно овластен сметководител зависи од тоа дали лицето се наоѓа во Регистарот на сметководители, односно во Регистарот на овластени сметководители.
Дополнително, подносителот се повикува на член 252 од Законот за работните односи, содржан во глава 23 од овој закон со која се уредува работа на деца помлади од 15 години, ученици и студенти, што е нејасно, ако се има предвид фактот дека оспорениот член од Законот зборува за бришење на пензиониран сметководител односно овластен сметководител од Регистар, но и фактот дека вршење на сметководствени работи согласно со Законот за вршење на сметководствени работи е можно само по завршување на соодветно средно или високо образование.
Според Судот, неосновани се наводите дека бришењето од соодветниот Регистар на сметководителот односно овластениот сметководител доколку физичкото лице го оствари правото на пензионирање, значи ограничување на уставното право на работа од член 32 на Уставот. Имено, Законот за вршење на сметководствени работи уредува дека лицето се стекнува со право за вршење на сметководствени работи со уписот во соодветниот Регистар. Законот ги предвидува и случаите на бришење на сметководител, односно овластен сметководител од соодветниот Регистар. Меѓутоа, од Законот не произлегува забрана за бришано лице од Регистарот поради пензионирање да може повторно да биде запишано во соодветниот Регистар. Доколку лицето се откаже од правото на пензија и заснова работен однос, може да поведе постапка за упис во регистарот согласно со одредбите од член 27 од Законот. Воедно, оспорениот член од Законот со ништо не го спречува лицето корисник на пензија, согласно со член 619 од Законот за облигационите односи, да може доколку сака да врши работи со склучување договор за дело.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека член 36 став 1 точка 8) од Законот за вршење на сметководствени работи, не е спротивен на одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата.
V
Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски