
Уставен суд на
Република Северна Македонија
БЗСП.бр.9/2025
Скопје, 19.11.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, член 72 алинеја 2 и член 79 став 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 19 ноември 2025 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УВАЖУВА барањето за повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата на Билјана Николовска Тодорова од Скопје, Игор Јанковски од Скопје и Томе Ангеловски од с.Мешеишта, Дебрца.
2. СЕ УТВРДУВА повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата на Билјана Николовска Тодорова од Скопје, Игор Јанковски од Скопје и Томе Ангеловски од с.Мешеишта, Дебрца, сторена со Пресудата XXI П4-401/20 од 15.07.2022 година од Основниот граѓански суд Скопје и Пресудата ГЖ-1463/23 од 19.12.2024 година на Апелациониот суд Скопје.
3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Билјана Николовска Тодорова, Игор Јанковски и Томе Ангеловски, сите преку адвокатот Филип Медарски од Скопје, до Уставниот Суд на Република Северна Македонија поднесоа барање за заштита на слободата и правото на јавно изразување на мислата. Во барањето се наведува дека како вработени во ТВ „Телма” во својство на новинар, снимател и организатор на новинарска екипа поднеле тужба до Основниот граѓански суд Скопје против Република Северна Македонија за надомест на материјална штета поради претрпен страв и надомест на нематеријална штета за повреда на слободата на изразување, поради непреземање дејствија од страна на државата да го заштити физичкиот и психичкиот интегритет, како и да преземе соодветни дејствија за заштита на слободата на изразување на ден 27.04.2017 година.
Подносителите на барањето, на критичниот ден 27.04.2017 година, во 18:30 часот како новинарска екипа, вработени во ТВ „Телма” пристигнале во дворот на Собранието, со единствена цел во живо да го пренесуваат јавниот собир на група граѓани кој се одвивал пред Собранието на Република Северна Македонија. Додека ја подготвувале опремата за да започнат со емитување во живо, во еден момент толпата започнала насилно да ги отстранува заштитните препреки поставени како коридор, чија намена била да спречи навлегување на толпата во Собранието, при што на целото вакво постапување, полицијата која го обезбедувала Собранието и неговиот двор, воопшто не реагирала, туку напротив, по видување на подносителите, дел од полициските службеници кои го обезбедувале главниот влез на Собранието се поздравувале со дел од демонстрантите.
Подносителите започнале со прикажување во живо на ескалираната ситуација пред Собранието, но поради големиот и брз налет на толпата, истите биле опкружени и не можеле да се повлечат или да излезат од дворот на Собранието. Во една ваква ситуација, а според досегашното искуство од претходни јавни собири пред Собранието, подносителите очекувале дека полицијата навремено ќе интервенира и нема да настанат поголеми последици. Во текот на нивното известување, забележале дека вратите на Собранието се отвориле одвнатре, полицијата се повлекува и на демонстрантите им било дозволено да влезат внатре.
Со оглед на фактот дека биле фатени во обрач од толпата демонстранти, заедно со нив биле втурнати внатре во холот на Собранието. На скалите во холот, подносителите забележале присуство на специјалци, но, кај нив се создало чувство и мислење дека тие не пружале никаков отпор, туку напротив, имале чувство како тие да комуницираат со луѓето кои насилно влегле во Собранието и не преземале никакви мерки со кои би го обезбедиле Собранието.
Предупредени од страна на нивни колеги новинари кои биле за тоа време во прес-центарот на Собранието, што е можно побрзо да ја напуштат зградата, бидејќи толпата е насилна и гневна кон сите „неистомисленици”, подносителите, исплашени за своите животи и безбедност, се сокриле во ќош и набљудувале.
Во нивна непосредна близина имало присуство на униформирани лица, но истите не презеле никакви мерки за нивна евакуација и спасување на нивните животи и покрај јасно упатените закани и навреди кон нив. Поради очигледното непреземање никакви мерки за нивна евакуација и заштита подносителите дошле до заклучок дека се небезбедни и дека не можат да сметаат дека службените униформирани лица би ги заштитиле. Како одминувало времето подносителите слушале информации дека кон Собранието се упатени бројни групи приврзаници на две политички партии, за што кај нив се зголемил стравот за нивната безбедност, особено поради фактот што полициските службеници присутни во Собранието не преземале никакви дејствија, ниту пак полицијата пристапила да презема дејствија со кои ќе ја растури толпата и ќе ги извлече од зградата на Собранието.
Подносителите не биле во можност да го напуштат објектот на Собранието од причина што постојано влегувале толпи од демонстранти, полицијата која била присутна воопшто не ги запирала, а во еден момент демонстрантите од толпата почнале насилно да се однесуваат кон нив како новинарска екипа да ги прашуваат „од која телевизија сте?” при што не им бил дозволен излез од Собранието и останале заробени во холот во наредните два до три часа.
Околу 22:00 часот на местото на настанот пристигнале лица од Единицата за брзо распоредување (ЕБР) кои влегле низ главниот влез на Собранието, се упатиле кон првиот кат и почнале да ја истиснуваат толпата надолу. Во тие моменти настанала паника помеѓу луѓето, дел започнале да бегаат а друг дел да повикуваат да се влегува внатре, при што кај подносителите се зголемило чувството на страв дека ќе бидат нападнати и во најлош случај убиени. За кратко време, светлата во собраниската зграда биле исклучени, а подносителите стравувајќи за себе и својата безбедност успеале да се пробијат низ толпата и да излезат од главниот влез на Собранието со цел да не бидат препознаени како новинарска екипа од гневната толпа, но безуспешно.
Подносителот Билјана Николовска Тодорова била препознаена како новинар од ТВ „Телма” и од толпата демонстранти почнале да извикуваат погрдни зборови кон неа. Демонстрантите почнале да трчаат кон нив и да фрлаат со шипки и камења.
Подносителите избезумени трчале во правец кон домот на АРМ, каде што забележале полициски возило со околу триесетина полицајци, со надеж дека ќе ги заштитат од гневната толпа која трчала накај нив. Од страна на полициските службеници им било кажано да бегаат и дека тие не можат да им помогнат. Подносителите продолжиле да бегаат и во близина на АМСМ успеале да избегаат на толпата, стапиле во контакт со редакцијата на ТВ „Телма” за да им испрати небрендирано возило, со кое биле донесени во седиштето на ТВ „Телма”.
При таква фактичка состојба, подносителите на барањето во тужбата до Основниот граѓански суд Скопје укажале дека слободата на изразување, во смисла на член 10 од Европската конвенција за човекови слободи и права на Советот на Европа, подразбира за државата и т.н. позитивни обврски коишто се во насока на заштита на безбедноста на новинарите при извршувањето на нивните задачи.
Имено, подносителите на барањето ги цитираат член 3 ставови 1 и 2 од Законот за медиумите, со кои се гарантира слободата на изразување и слободата на медиумите и се дефинира опфатот на слободата на медиумите.
Во конкретниот случај, државата, преку соодветни државни институции, не ја гарантирала безбедноста на подносителите при извршување на нивната работна задача во Собранието. Дотолку повеќе што, видно од видео снимката, пратеник на Собранието ја тргал безбедносната шипка со цел вратите од Собранието да бидат отворени.
По изведувањето на сите докази во првостепената постапка, на ден 15.07.2022 година, Основниот граѓански суд Скопје донел Пресуда 21П4-401/20 со која го одбил тужбеното барање на подносителот во целост, а меѓу другото, и за повреда на слободата на изразување. Образложението на првостепениот суд во тој дел е следно:
„Во конкретниот случај член 10 од Европската конвенција за човекови права и слободи се однесува на овозможување на секој да го изрази своето мислење во секојдневното живеење, а не во услови кога се случуваат акти на насилство, како што бил настанот на 27.04.2017 година. Толкувањето на овој член во услови како конкретниот, со тоа што тужителите како новинар, снимател и организатор односно новинарска екипа, биле оневозможени да известуваат, претставува толкување на одредбата надвор од нејзината цел поради која е утврдена. Во една таква ситуација за настан како на 27.04.2017 година, државата има обврска да се грижи за заштита на здравјето, животот и имотот на сите физички и правни лица, па не може да стане збор дека државата не им овозможила на тужителите како новинарска екипа да ги изразат своите мислења без страв“.
Против ваквата пресуда, подносителите на барањето, преку полномошникот, адвокат Филип Медарски од Скопје, поднелe навремена жалба до Апелациониот суд Скопје, кој на ден 19.12.2024 година ја донел Пресудата ГЖ-1463/23 со која ја одбил жалбата на подносителите, како неоснована, со образложение дека:
„Фактот што на местото и во времето кога тужителите ја вршеле својата професионална должност се случиле акти на насилство, првостепениот суд правилно утврдил дека не значи мешање на државата во остварување на слободата на изразување на тужителите како што се тврди во тужбата. Слободата на изразување и слободата на медиумите како што е опишана во член 3 став 1 и 2 од Законот за медиумите подразбира дека така дефинираната слобода е двострана, при што новинарите имаат право да известуваат, а граѓаните како реципиенти да примаат информации, па следствено не може да се земе за утврдено дека државата ја повредила слободата на тужителите да информираат и дека со таква чинидба го повредила и правото на граѓаните да ја примаат информацијата пренесена од тужителите.”
Aпелациониот суд при своето одлучување воопшто го немал предвид ставот на Уставниот суд искажан во претходни одлуки, како што е Одлуката У.бр.142/2023 од 10.07.2023 година во која од страна на Судот е утврдено дека државата во наведените вонредни и насилни околности го повредила правото на слободното изразување на мислата.
Ставот на Апелациониот суд во однос на посочената одлука донесена од Уставниот суд во текот на судскиот процес по повод идентична или слична ситуација односно дејствие е изразен во образложението на Пресудата ГЖ-1463/23 од 19.12.2024 година со која оцениле дека ефектите на одлуките на Уставниот суд на Република Северна Македонија со кои се поништува поединечен конечен акт или правосилен акт со кој е повредена некоја слобода или право на граѓанинот, се ограничуваат само помеѓу странките во спорот кој е решен со поништениот акт, односно дејството на ваквите одлуки на Уставниот суд е inter partes.
Подносителите на барањето ја примиле наведената пресуда на ден 16.04.2025 година, преку нивниот полномошник, адвокатот Филип Медарски од Скопје.
Тргнувајќи од цитираните членови на Уставот и Европската конвенција за човекови права, видно е дека новинарите уживаат заштита во рамки на гарантираната слобода на изразување (гарантираната слобода на јавно информирање од цитираниот член 16 од Уставот, како и слободата на изразување од член 10 од Европската конвенција).
Од наведените судски одлуки покрај другото и од нивните образложенија се констатира дека и двата суда, член 10 од ЕКЧП го толкувале на начин дека се однесува на овозможување на секој да го изрази своето мислење во секојдневното живеење, а не во услови кога се случуваат акти на насилство, како што бил настанот на 27.04.2017 година. Тоа можеби би било правилна констатација, но во поинаква фактичка состојба, односно доколку подносителот сам, своеволно решил да присуствува на демонстрациите, па со демонстрантите да влезе во Собранието, а притоа нешто му се случило при вршењето на својата дејност. Тука се работи за сосема поинаква фактичка состојба.
Подносителите како новинар, снимател и организатор на новинарска екипа, односно медиумски работници присуствувале во дворот на Собранието, каде што известувале за прашања од јавен интерес односно за јавниот собир на група граѓани кој се одвивал пред Собранието. Должноста на државата била да спречи каков било обид за влегување во Собранието, така што не бил правилен заклучокот на двата суда дека во конкретниот случај, член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и член 16 од Уставот на Република Северна Македонија не можат да најдат примена, односно дека безбедноста на подносителот не потпаѓа под член 10 од ЕКЧП и член 16 од Уставот.
Од образложението на двата суда, се наметнува потребата од одговарање на две прашања, и тоа: состојбата за време на присуство на подносителите во Собранието, и дали со неинтервенирање од страна на државата на 27.04.2017 година, во смисла на непреземање превентивни мерки (доволен број полициски службеници кои ќе го обезбедуваат Собранието) од какви било напади од страна на демонстрантите, претставува повреда на слободата на изразување на подносителите во насока што со непреземањето на таквите дејствија се довела во прашање нивната безбедност.
Во врска со погоре изнесеното, Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје, прво, не заклучиле дека подносителот известувал во мирна, нормална парламентарна атмосфера за прашања од јавен интерес. Впрочем, Собранието, освен што претставува највисок државен орган, каде што пратениците ќе можат да ја остварат својата политичка слобода на изразување, а новинарите слободно да ги пренесат тие информации во јавност, треба и мора да претставува место каде што сите присутни ќе се чувствуваат безбедно при остварувањето на нивните слободи. Значи, државата има обврска да ги заштити сите присутни во Собранието, за што истата затаила. Оттука не станува збор за ситуација во која подносителите како новинар и снимателот и организаторот на новинарската екипа како медиумски работници се впуштиле во известување од „конфликт“, туку тие биле предмет на напад поради непреземање на мерки од страна на надлежните органи на државата. Како второ, судовите треба да ја ценат безбедноста на подносителите како составен дел на нивната слобода на изразување, бидејќи истите биле присутни во Собранието како акредитирана новинарска екипа. Впрочем, од доказите, видео снимки кои се во предметот, може да се дојде до еден и единствен заклучок, државата не презела претходни дејствија за заштита, а оние коишто ги презела биле со задоцнување.
Понатаму, подносителите во предметното барање потенцираат дека во образложението на пресудите и двата суда ја немаат земено предвид околноста дека ваквите немири се организирани од државата, односно од пратеник, министер за внатрешни работи и лица вработени во Министерството за внатрешни работи и нивни органи во состав. Оттука, неспорно, подносителите сметаат дека треба да се земе предвид дека државата не презела никакви активности за да ги заштити присутните во Собранието, бидејќи државата ги организирала. Тие демонстрации не биле ништо поразлични од претходните, кога се употребувале мерки и активности со секакви средства за растерување толпи пред Собрание, но само на овој критичен ден, 27.04.2017 година, државата не употребила никакви мерки и средства за да ја спречи толпата да влезе во Собранието.
При една таква фактичка состојба, подносителите сметаат дека судовите не ја примениле соодветно ЕКЧП, а ниту дале правно релевантно толкување на уставно загарантираната слобода на изразување. Согласно со толкувањата на член 10 од ЕКЧП, Европскиот суд за човекови права нагласува дека овој член создава позитивна обврска за државата да обезбеди заштита на оние кои се во ризик од физички или друг вид на напад поради остварување на нивната слобода на изразување. На пример, во предметот Ozgur Gundem v. Turkey, 2000, Европскиот суд за човекови права, во параграф 43 навел „Судот, потсетува на важноста на слободата на изразување како предуслов за функционална демократија. Навистина, ефективното остварување на оваа слобода не се заснова само на обврската на државата да не интервенира, туку може да создава и позитивни мерки за заштита, дури и во сферата на односи помеѓу индивидуи. При детермирањето дали постои позитивна обврска, треба да се погледне дали бил направен фер баланс помеѓу јавниот интерес во општеството и интересот на индивидуата, нешто што е својствено низ Конвенцијата. Опсегот на оваа обврска неминовно ќе варира, земајќи ги во предвид разноликоста на ситуациите во договорните држави, тешкотијата во креирањето на политики на модерни општества и изборите коишто мора да се направат во зависност од приоритетите и ресурсите. Но, ваква обврска не треба да се толкува на начин што ќе наметне невозможен или диспропорционален товар на властите.“
Во друг случај, Dink v. Turkey, 2010, станува збор за убиство на новинарот Фират Динк, познат под прекарот Хрант Динк, убиство кое се случило во време кога против него се водела судска постапка заради оцрнување на турцизмот, постапка покрената по барање на националистичка група. Европскиот суд за човекови права утврдил повреда на член 10, во смисла на тоа дека постапката којашто се водела против него, комбинирано со недостаток на заштита којашто му била потребна, претставува мешање во неговото право на слобода на изразување. Понатаму, во истиот случај, Судот констатирал „државите се обврзани да создадат поволна средина за учество во јавни дебати на сите засегнати лица, овозможувајќи им да ги изразат нивните мислења и идеи без страв како и дека никој нема да посегне по нивната безбедност при пренесување на информации од јавен карактер (Dink v. Turkey § 137)“.
Понатаму во дел II.Принципи од точка 21 од Препораката CM/Rec(2016)4 на Комитетот на министри на Совет на Европа до државите членки за заштита на новинарите и безбедноста на новинарите и другите медиумски работници, е наведено „Суштинската димензија инволвира примарна обврска за државата да го осигура правото на живот на начин што ќе воведе ефективни казнени одредби со коишто ќе ги одврати од сторување на дела против индивидуи, поткрепено со принуден апарат за превенција, супресија и казнување на прекршување на таквите одредби. Ова, исто така, во соодветни околности, се протега на позитивна обврска на властите да преземат превентивни оперативни мерки да ги заштитат индивидуите чии животи се во ризик од криминални активности на други индивидуи, Имајќи ги во предвид тешкотиите во креирање на политики во модерни општества, непредвидливоста на човековото однесување и оперативните одлуки коишто мора да бидат направени во согласност со приоритетите и ресурсите, делокругот на позитивната облигација мора да биде интерпретирана на начин што нема да наметне невозможен или диспропорционален товар на властите. Без оглед на се, властите мора да обрнат внимание на ранливата позиција во која новинарите се ставаат заради покривање на политичко сензитивни теми vis-a-vis оние на власт.“
Исто така, според подносителите, цитираните пресуди на Основниот граѓански суд Скопје и на Апелациониот суд Скопје имаат сериозна импликација со т.н. ефект на ладење (chilling effect) врз слободата на изразување. Ваквите заклучоци, неминовно создаваат импликации во судската пракса дека при вакви исти или слични настани државата всушност немала обврска да ја заштитува слободата на изразување, односно превентивно да се грижи, да спречува или навремено да интервенира да ја отстрани опасноста кон лицата коишто ја остваруваат слободата на изразување.
Според тоа, подносителите сметаат дека Уставниот суд има доволна основа да го толкува и да даде заштита согласно со член 16 од Уставот, односно слободата на мислата и јавното изразување на мислата, како и спрема член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права, а особено имајќи ги предвид одлуките У.бр.146/2021, У.бр.11/2023 и У.бр.26/2023 со кои Уставниот суд утврдил дека постои повреда на правата на подносителите Влатко Стојановски, Душица Мрѓа и Горан Трпеноски, па сметаат дека постојат услови Судот и во овој предмет да го заземе истиот став и да утврди повреда.
Врз основа на изнесените наводи, како и предложените докази, неспорен бил фактот дека на 27.04.2017 година, од страна на државата не биле преземени превентивни мерки со кои ќе спречи влегување на толпата во Собранието, не било реагирано три-четири часа за да се стабилизира состојбата во Собранието, со што државата не ја исполнила својата позитивна обврска за заштита на новинарите, а со тоа и на подносителите, кои тој ден како новинарска екипа известувале за прашања од јавен интерес. Поради тоа, се предлага Уставниот суд да констатира повреда на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата од член 16 од Уставот и член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и да утврди мерки со кои ќе ја отстрани повредата.
II
На седницата Судот, врз основа на целосната анализа на поднесеното барање од подносителите, како и од анализата на двете судски пресуди и прибавените докази, ја утврди следната фактичка состојба како што е наведено подолу.
На критичниот ден 27.04.2017 година, подносителите на барањето, како акредитирана новинарска екипа, вработени во ТРД ТВ „Телма“ биле испратени од својот работодавач за да известуваат за текот на протестот на насобраните граѓани во дворот на Собранието на Република Северна Македонија и за она што се случувало во зградата на Собранието на Република Македонија, каде што се одржувала седница за избор на негов претседател.
Паралелно со одржувањето на седницата, надвор од собраниската зграда се одржувале протести коишто добиле на интензитет поради тоа што новото парламентарно мнозинство требало да го избере новиот претседател на Собранието. Додека траел изборот на новиот претседател, подносителите на барањето, како новинарска екипа, во 18:30 часот биле во дворот на Собранието и ја подготвувале опремата за да почнат со емитување во живо.
Во еден момент толпата започнала насилно да ги отстранува заштитните препреки поставени како коридор. Подносителите започнале со прикажување во живо на ескалираната ситуација пред Собранието, но поради големиот и брз налет на толпата, истите биле опкружени и не можеле да се повлечат или да излезат од дворот на Собранието. Во ваква ситуација, подносителите очекувале дека полицијата навремено ќе интервенира и нема да настанат поголеми последици. Во текот на нивното известување во живо, подносителите забележале дека вратите на Собранието се отвориле од внатрешната страна, полицијата се повлекла и на демонстрантите им било дозволено непречено да влезат внатре во просториите на Собранието.
Подносителите, со оглед на фактот дека биле фатени во обрач од толпата демонстранти, заедно со нив, биле втурнати внатре во холот на Собранието од каде што продолжиле да известуваат во живо. Во периодот додека подносителите биле во внатрешноста на Собранието, лицата од толпата, слободно се движеле низ Собранието, а полицијата и собраниското обезбедување, воопшто не преземале мерки за обезбедување на Собранието. Подносителите биле предупредени од страна на нивни колеги новинари кои биле во прес центарот на Собранието, што е можно побрзо да ја напуштат зградата бидејќи толпата била насилна и гневна кон сите неистомисленици.
Подносителите исплашени за своите животи и својата безбедност, се сокриле во ќош и набљудувале. Во нивна близина имало присуство на униформирани лица, но истите не презеле никакви мерки за нивна евакуација и спасување на нивниот живот и покрај јасно упатените закани и навреди кон нив од демонстрантите. За цело време, додека траела оваа ситуација, подносителите имале впечаток дека полицијата која треба да ги заштити од нередот е во комуникација со демонстрантите, по што дошле до заклучок дека се небезбедни и дека не можат да сметаат на службените лица дека ќе ги заштитат.
Како одминувало времето, подносителите слушнале дека кон Собранието се упатени бројни толпи приврзаници на две политички партии, за што кај нив се зголемило чувството на страв за нивната безбедност, особено поради фактот што пред себе имале јасна слика дека полициските службеници присутни во Собранието не преземаат никакви дејствија. Тие морале да останат во холот на Собранието наредните два до три часа, каде што бројот на демонстранти за цело време воопшто не се намалувал, однесувањето било насилно а припадниците на МВР кои биле присутни не ја вршеле својата законска должност и не преземеле мерки за безбедност и заштита. Подносителите како новинарска екипа не биле во можност да го напуштат објектот од причина што на вратата на Собранието стоела толпа луѓе кои во еден момент почнале насилно да се однесуваат кон нив и да ги прашуваат од која телевизија се, при што не им бил дозволен излез од зградата на Собранието.
Околу 21:30 часот на местото на настанот пристигнале припадниците на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) кои влегле низ главниот влез во Собранието, се упатиле кон првиот кат и почнале да ја истиснуваат толпата надолу. Во тие моменти, за кратко време светлата на собраниската зграда се исклучиле, се слушнала експлозија, настанала паника помеѓу луѓето, дел започнале да бегаат, а дел да повикуваат да се влегува внатре, при што кај подносителите се зголемило чувството на страв дека ќе бидат нападнати. Во еден момент, подносителите заедно со дел од присутните луѓе од толпата успеале да го напуштат Собранието преку главниот влез.
По излегувањето од Собранието, лице од толпата ја препознало Билјана Николовска Тодорова и извикувало навредливи зборови упатени кон неа, по што демонстрантите започнале да трчаат кон подносителите и да фрлаат со шипки и камења. Подносителите избезумени започнале да трчаат кон Домот на АРМ, каде што забележале полициски возила со околу триесетина полицајци со надеж дека истите ќе пружат помош. Но, од страна на полицајците им било кажано да бегаат од нив, бидејќи не можат да им помогнат. Потоа подносителите продолжиле да бегаат бидејќи сè уште биле бркани од непознати лица, а некаде кај АМСМ успеале да избегаат од толпата, по што оствариле контакт со редакцијата на ТВ „Телма” со барање да им се испрати небрендирано возило со цел да ги однесе во седиштето на телевизијата.
Подносителите на барањето, до Основниот граѓански суд Скопје поднеле тужбено барање со кое баралe да се задолжи тужениот Република Северна Македонија да исплати на име надомест на нематеријална штета поради претрпен страв поединечен износ од по 190.000,00 денари и на име надомест поради повреда на слободата на изразување поединечен износ од по 120.000,00 денари, со законска казнена камата во висина на референтната стапка на НБРСМ што за секое полугодие важела на последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугодие, зголемена за 8 процентни поени, сметано од денот на пресудувањето до конечна исплата.
Со Пресудата ХХI П4-401/20 од 15.07.2022 година, Основниот граѓански суд Скопје го одбил наведеното тужбено барање како неосновано.
Во образложението на Пресудата се наведува:
„По однос на делот на тужбеното барање за надомест на нематеријална штета поради повреда на слободата на изразувањето, имајќи го во предвид чл.10 од Европската конвенција за човекови права, каде е наведено дека државите се обврзани да создадат поповолна средина за учество на јавни дебати на сите засегнати лица, овозможувајќи им да ги изразат нивните мислења и идеи без страв, судот најде дека истото е неосновано од следните причини:
Во конкретниот случај членот 10 од Европската конвенција за човекови права и толкувањето на овој член се однесува на овозможување на секој поединец да го изрази своето мислење при секојдневното живеење, а не при услови кога се случуваат акти на насилство, како што бил настанот на 27.04.2017 година. Толкувањето на овој член во услови како конкретниот, со тоа што тужителите како новинарска екипа биле оневозможени да известуваат, претставува толкување на одредбата надвор од нејзината цел поради која е утврдена. Во една таква ситуација на настан како на 27.04.2017 година, државата има обврска да се грижи за здравјето, животот и имотот на сите физички и правни лица, па не може да стане збор дека државата не им овозможила на тужителите како новинарска екипа да ги изразат своите мислења и идеи без страв.
Имајќи го во предвид горенаведеното, како овој вид на штета не е опфатен со објективна одговорност на државата, тужителите повредата требало да ја докажува по принцип на субјективна одговорност, што значи нема повреда на правото на слобода на изразување, поради што го одби тужбеното барање како неосновано.“
Незадоволни од донесената пресуда, подносителите на барањето, преку адвокат Филип Медарски од Скопје, изјавиле жалба против истата.
Апелациониот суд Скопје, со Пресудата ГЖ-1463/23 од 19.12.2024 година, изјавената жалба ја одбива како неоснована и ја потврдува Пресудата на Основниот граѓански суд Скопје ХХI П4-401/20 од 15.07.2022 година.
Подносителите на барањето, Пресудата на Апелациониот суд Скопје ГЖ-1463/23 од 19.12.2024 година, ја имаат примено на ден 16.04.2025 година, преку нивниот полномошник, адвокатот Филип Медарски од Скопје.
Барањето за заштита на слободи и права пред Уставниот суд е поднесено на 12.06.2025 година, што е во согласност со член 53 став 3 од Актот на Уставниот суд, според кој барањето до Уставниот суд се поднесува во рок од 60 дена од приемот на актот по кој се исцрпени правните средства, односно 60 дена од денот на дознавањето за преземање на дејствието, но не подоцна од една година од денот на преземањето.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Со член 11 став 1 од Уставот, е определено дека физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.
Согласно со член 16 од Уставот, којшто се однесува на граѓанските и политичките слободи и права, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање. Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање. Цензурата е забранета.
Член 25 од Уставот на секој граѓанин му гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Со член 50 став 1 од Уставот е определено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.
Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата, според ставот 4 на овој член, не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.
Во член 110 алинеја 3 од Уставот, е определено дека Уставниот суд на Република Северна Македонија, меѓу другото, ги штити слободите и правата што се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата.
Според член 53 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секое физичко или правно лице што смета дека со поединечен акт или дејствие на државен орган, орган на единица на локалната самоуправа или друг субјект што врши јавни овластувања му е повредена слободата или правото утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да поднесе барање до Уставниот суд за нивна заштита.
Барањето може да се поднесе откако ќе бидат исцрпени сите редовни и вонредни правни средства за заштита од поединечниот акт во рок од 60 дена од приемот на актот по кој се исцрпени правните средства, односно 60 дена од денот на дознавањето за преземање на дејствието, но не подоцна од една година од денот на преземањето.
Барањето, според член 53 ставовите 4 и 5 од Актот на Судот, помеѓу другото, потребно е да содржи податоци за поединечниот акт кој подносителот смета дека му ги повредил слободите и правата, односно опис на дејствието со кое според подносителот му се повредени слободите и правата; означување на слободите и правата утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот кои подносителот смета дека му се повредени; наводи во што се состои повредата; потпис на подносителот, односно лицето на кое му е издадено специјално полномошно за поднесување барање до Уставниот суд како и оспорениот поединечен акт, доказите дека се исцрпени правните средства, како и други докази од значење за одлучувањето.
Во член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи на Советот на Европа е предвидено дека секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и пренесување на информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под определени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за националната безбедност, територијалниот интегритет и јавната сигурност, заштитата од немири или кривично дело, заштита на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.
Според член 2 точка 1 од Законот за медиуми („Службен весник на Република Македонија” бр. 184/2013 и 13/2014 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 63/2024, 74/2024, 218/2024 и 87/2025 ), медиуми се средства за јавно информирање, односно каков било вид на комуникација како весници, магазини, програми на радиото и телевизијата, онлајн медиуми – интернет портали, телетекст и други средства за дневно или периодично објавување на уреднички обликувани содржини во пишана форма, звук или слика, со цел да се информираат и задоволат културните, образовните и другите потреби на пошироката јавност. Медиуми не се билтени, каталози и други форми на публикации, независно од средството за објавување, наменети исклучиво за огласување, образовниот систем или за деловна коресподенција, за работата на трговските друштва, установите, здруженијата, политичките партии, државните и судските органи, јавните претпријатија, правни лица со јавни овластувања и верските организации. За медиуми не се сметаат и весниците и билтените на образовните институции, „Службен весник на Република Северна Македонија“, публикациите на единиците на локалната самоуправа, плакатите, летоците, проспектите и транспарентите. Според точка 5, новинар е лице кое врши активности на прибирање, анализа, обработка, обликување и/или класифицирање на информации кои се објавуваат во медиум и е вработен кај издавач на медиум или има склучен договор со истиот или е лице кое врши новинарска дејност како самостојно занимање (слободен новинар).
Со член 3 став 1 од истиот закон, се гарантира слободата на изразување и слободата на медиумите. Според став 2, слободата на медиумите особено опфаќа: слобода на изразување на мислења, независност на медиумите, слобода на прибирање, истражување, објавување, избор и пренесување на информации во насока на информирање на јавноста, плурализам и разновидност на медиумите, слобода на проток на информации и отвореност на медиумите за различни мислења, уверувања и за разновидни содржини, достапност до информациите од јавен карактер, почитување на човековата индивидуалност, приватност и достоинство, слобода за основање на правни лица за вршење на дејност за јавно информирање, печатење и дистрибуција на печатен медиум и другите медиуми од земјата и странство, производство и емитување на аудио/аудиовизуелни програми, самостојност на уредникот, новинарот, авторите или креаторите на содржини или програмските соработници и другите лица, а во согласност со правилата на професијата. Според став 3, слободата на медиумите може да биде ограничена само во согласност со Уставот на Република Северна Македонија.
IV
Од анализата на цитираните уставни одредби произлегува дека уставно-судската заштита не се однесува на сите слободи и права утврдени со Уставот, туку на дел од нив, односно само за оние кои се во надлежност на Уставниот суд според член 110 алинеја 3 од Уставот.
Уставот ја гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, на начин кој е генерален за сите поединци, но ова не значи дека не постои никакво ограничување при манифестирањето на оваа слобода. Границите на манифестирањето на оваа слобода за поединецот се наоѓаат во законски санкционираните дејствија, при што во уставно-правен спор се утврдува дали постои повреда на загарантираната слобода на јавното изразување на мислата преку санкционирање на нејзината манифестација само ако се утврди случај на повреда на други со Уставот и со закон заштитени слободи, права и интереси.
Слободата на изразувањето е заштитена и со меѓународните документи, во кои документи се содржани и одредени ограничувања.
Слободата на медиумите како составен дел на слободата на изразувањето, меѓу другото, ја опфаќа слободата на јавното информирање и слободата на примање и пренесување на информации, исто така претставуваат основи на демократското општество бидејќи слободната комуникација на информации и идеи за политичките и другите општествени прашања од јавен интерес се од суштинско значење за секое општество. Ова имплицира слобода на медиумите да добиваат информации врз основа на кои тие ќе можат да ја остваруваат својата улога, да коментираат и известуваат за сите значајни прашања од јавен интерес без ограничувања со цел да ја информираат јавноста.
Според препораките на Комитетот на министри на Советот на Европа (СоЕ), Препораката СМ/Rec(2016)4 за заштита на новинарството и безбедноста на новинарите и другите медиумски актери, Препораката No.R(96)4 за заштита на новинарите во ситуации на конфликт и тензија покрај уредниците, новинарите и репортерите како индивидуи под медиумски работници се подразбираат сите лица кои професионално учествуваат во создавањето, уредувањето, обработката, продукцијата или дистрибуцијата на медиумски содржини во печатени, електронски, онлајн или други медиуми. Под медиумски работници спаѓаат снимателите, фотографите, монтажерите, односно техничките лица кои поддржуваат медиумско емитување чија професионална работа е поврзана со информирање на јавноста и обработка на содржини од јавен интерес притоа водејќи се од професионалните стандарди, етичките кодекси и законската регулатива.
Врз основа на претходното, Судот утврди дека подносителите на барањето, како акредитирана новинарска екипа на ТРД ТВ „Телма”, биле присутни во дворот и во зградата на Собранието на Република Северна Македонија со задача да известуваат за текот на протестот на насобраните граѓани и за она што се случувало во зградата на Собранието на Република Северна Македонија, каде што се одржувала седница за избор на претседател на Собранието како прашање од јавен интерес, на начин што е вообичаен за известување на медиумите за работата на Собранието, во согласност со уставната, законската и деловничката регулатива.
Тргнувајќи од вака изнесената анализа, Судот оцени дека подносителите на барањето во својство на новинар, снимател и организатор односно новинарска екипа на начин што биле оневозможени да ги пренесуваат случувањата од настаните пред Собранието поради непреземањето на обврските на државата којашто била била должна да ги преземе.
Имајќи го предвид наведеното, според Судот основано е тврдењето дека државата, во наведените вонредни и насилни околности, го повредила правото на слободно изразување на мислата, гарантирано со член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и член 16 од Уставот на Република Северна Македонија.
Според член 57 став 2 од Актот на Уставниот суд, Судот оцени дека оваа одлука претставува основа за да можат подносителите на барањето своите права да ги реализираат пред надлежните судови.
V
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
VI
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски