По завршувањето на последната седница за 2025 година, претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски и судијата проф. д-р Осман Кадриу, одржаа прес-конференција за повеќе предмети од висок јавен интерес.
Поенти на Костадиновски:
Уставниот суд денеска донесе одлука за поведување постапка за оценување на уставноста на измените на Законот за платите на судиите, со цел заштита на судската независност од извршната и законодавната власт. Платите на судиите не се техничко, туку статусно прашање, кое според меѓународните стандарди не смее да се намалува дури ни во услови на економска криза.
Оваа наша одлука не значи зголемување на платите на судиите, туку значи спречување на натамошно намалување на платите. Значи, не станува збор за зголемување, туку за заштита на уставно поставената власт и уставните прерогативи за независност и самостојност.
Општоприфатените норми на меѓународното право се применуваат на различен начин, дали се разработени во конвенции, дали во мислења и ставови на Советот на Европа или преку практиката на Европскиот суд за човекови права или преку мислењата на Венецијанската комисија, тие создаваат стандарди. Кога тие ќе создадат стандарди, ние како Суд сме должни да ги почитуваме. Во конкретниот случај, за намалување на платите на судиите, постојат меѓународно прифатени стандарди . Сумирано, овие стандарди аплицирани на конкретниот случај значат гаранција против намалувањето на платите на судиите, но ова е уште поважно: сите овие меѓународни стандарди упатуваат дека платата на судиите не е техничко прашање, туку е статусно прашање нераскинливо врзано со нивната независност и самостојност. Значи, ако се допре во платата, според меѓународните стандарди, тоа значи навлегување во независноста и самостојноста на судиите
Поенти на судијата Кадриу:
Застанавме на стојалиште дека се во спротивност со Уставот и уставните норми од следните причини:
Ако во една држава се повредува начелото на поделба на власта, во државата нема Устав.
Во законот за ЈО има одредба со која се вели дека платите на јавните обвинители не смеат да се намалуваат, меѓутоа и друга контрадикторна одредба постои која вели дека по исклучок, во случаите утврдени со закон може да се намалат платите. Законодавецот при донесување на Законот, се повикува на тие одредби како исклучоци, но не ги наведува кои се тие случаи што му даваат право да ги намали коефициентите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители. По се изгледа упатува на некоја финансиска, економска или друга криза и тогаш би се намалиле. Но, сега како и на кој начин е намалена?
И кога се носи закон за замрзнување на основицата, тоа може да трае додека трае конкретна криза поради која е донесен таков закон, а тоа значи во фиксно определено време.
Со овие одредби, со контрадикторна содржина, од една страна се гарантира дека не смеат да се намалуваат платите а од друга страна упатува на исклучок и таква недореченост и непрецизност доведе до арбитрерно одлучување на Законодавецот да се намалат платите и на јавните обвинители и на членовите на советот, а причина за тоа нема.
Се врши директен упад во финансиската независност на Јавното обивнителство. Со таа финансиска зависност сега, има влијание и врз функционалното извршување на функцијата јавен обвинител.
