Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски оствари работна средба со делегација на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), предводена од претседателот Абдулах Ерен.
На средбата, претседателот Костадиновски, упати благодарност за континуираната поддршка што ТИКА ја обезбедува за Судот, при што посебно ја истакна донацијата од техничка опрема во функција на дигитализација на Уставниот суд, реализирана во септември оваа година. Тој нагласи дека воспоставувањето на можноста за снимање на седниците на Судот претставува значаен исчекор во насока на зголемување на јавноста во работата на институцијата, поголема отчетност и јакнење на довербата на граѓаните.
Во тој контекст, беше истакнато дека вложувањата во современа опрема и дигитални решенија директно придонесуваат за унапредување на секојдневното функционирање на Судот и неговата отвореност кон јавноста.
Претседателот на ТИКА, Ерен, ја потврди подготвеноста на Агенцијата да продолжи со поддршка на активности и во текот на 2026 година, со приоритет на унапредување на институционалните капацитети, размена на искуства и модернизација на работните процеси.
За време на средбата беа разменети мислења и за досегашните заеднички иницијативи, како и за можностите за натамошно продлабочување на соработката меѓу институциите на двете држави, врз основа на заемна доверба и долгогодишно партнерство.
Заедничка констатација е дека соработката на ниво на уставни судови, поддржана од ТИКА, е важно да продолжи, со цел натамошно унапредување на институционалните капацитети и размена на добри практики.





