
Уставен суд на
Република Северна Македонија
БЗСП.бр.12/2025
Скопје, 12.11.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 59 алинеја 1 и член 73 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 12 ноември 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ЗАПИРА ПОСТАПКАТА по поднесеното барање од Александар Насковски од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.
Образложение
I
Александар Насковски од Скопје, на 11.07.2025 година, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност, и за заштита на право од работен однос, односно остварување на право како вработен, согласно со член 46 став 3 од Законот за работните односи.
II
На седницата Судот констатира дека подносителот на барањето Александар Насковски од Скопје, со поднесок од 12.08.2025 година, го известува Уставниот суд дека го повлекува поднесеното барање за заштита на слободите и правата од 11.07.2025 година.
Во поднесокот подносителот наведува дека барањето за заштита на слободи и права го поднел до Уставниот суд поради поминат долг временски период на донесување на мислење од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација пред која доставил претставка за утврдување дискриминација врз професионалните војници, меѓутоа на 16.07.2025 година, од страна на Комисијата им било доставено Мислењето број 08-117/4 за утврдена индиректна дискриминација од страна на Министерството за одбрана на Република Северна Македонија кон професионалните војници во служба на Армијата на Република Северна Македонија врз основа на личен и општествен статус во областа на работата и работните односи.
Воедно, подносителот го известува Уставниот суд дека со Мислењето, покрај утврдената индиректна дискриминација, Комисијата дала насоки и препораки за отстранување на повредата, со што е задоволена страната на подносителот на претставката од одговорот на надлежната институција – Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, од кои причини бара Уставниот суд да не постапува и да не отвора постапка врз основа на истото.
III
Според член 59 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја запре постапката по поднесено барање ако подносителот го повлече барањето.
Имајќи предвид дека подносителот на барањето го повлече барањето за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, Судот утврди дека се исполнети условите од член 59 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд за запирање на постапката.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски