
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.29/2025
Скопје, 22.10.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 22 октомври 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 113 во делот „од први јули 2019 година” од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/2019, 27/2020, 56/2021 и 154/2025).
Образложение
I
Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите на подносителот, оспорениот дел „од први јули 2019 година” од член 113 од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи не е во согласност со Законот за акцизите, поради што се доведува во прашање начелото на владеење на правото, односно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, и се воспоставува ретроактивна примена на одредби од Законот кој сè уште не почнал да се применува, а според член 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија, забранета е ретроактивна примена на законите освен во случај кога тие се поповолни за граѓаните.
Подносителот наведува дека Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.98/2019 од 21.05.2019 година, а неговата примена отпочнала на 29.05.2019 година.
Законот за акцизите („Службен весник на Република Македонија” бр. 32/2001, 50/2001, 45/2002, 98/2002, 24/2003, 96/2004, 38/2005, 88/2008, 105/2009, 34/2010, 24/2011, 55/2011, 135/2011, 82/2013, 43/2014, 167/2014, 188/2014, 129/2015, 154/2015, 192/2015, 23/2016, 171/2017 и 120/2018) не содржи одредби за „несогорлив тутун” и „електронска цигара” како што упатува член 113 од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи.
Меѓутоа, според подносителот, Законот за акцизите објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 108/2019 од 28.05.2019 година којшто влегол на сила на ден 05.06.2019 година, а почнал да се применува од 15.07.2019 година, содржи одредби за „несогорлив тутун” и „електронска цигара”.
Со оглед на тоа што со член 113 од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи се пропишува дека определувањето на надоместокот за „несогорлив тутун” и „електронска цигара” ќе се врши согласно со Законот за акцизите од 1 јули 2019 година, тоа може да доведе до заблуда од причини што Законот за акцизите (што важел во моментот на донесување и стапување во сила на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи) не содржи одредби за „несогорлив тутун” и „електронска цигара”.
Од друга страна, пак, подносителот наведува дека доколку делот „со законот за акцизите од 1 јули 2019 година” од член 113 од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи се однесува на Законот за акцизите од 28.05.2019 година а којшто започнал да се применува од 15.07.2019 година, во тој случај се воспоставува ретроактивна примена на одредби од закон кој сè уште не започнал да се применува, а согласно со Уставот забранета е ретроактивна примена на законите освен ако тоа е поповолно за граѓаните.
Согласно со горенаведеното, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на член 113 во делот „од 1 јули 2019 година” од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи и истиот да го укине како спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија.
II
На седницата Судот утврди дека член 113 од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/2019, 27/2020, 56/2021 и 154/2025) определува дека одредбите од членот 5 од овој закон кои се однесуваат на поимите дефинирани во точките 19 и 20 од членот 3 од овој закон за несогорлив тутун и електронска цигара ќе бидат употребени за определување на надоместок, согласно со Законот за акцизите од 1 јули 2019 година.
III
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок.
Со член 52 став 4 од Уставот е определено дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Со член 3 од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи се определени одделните изрази и нивното значење употребени во овој закон, меѓу кои:
„19. Несогорлив тутун е вид на производ од тутун кој се користи со помош на уред во кој тутунот се загрева, не согорува, а се инхалираат продуктите кои испаруваат при загревањето;
20. Електронска цигара е производ кој може да се користи за консумирање на пареа која содржи никотин преку усник (чибук) или каков било друг составен дел на тој производ, вклучувајќи влошка, резервоар и апарат без влошка и резервоар. Електронските цигари можат да бидат потрошни (за една употреба) или цигари кои повторно се полнат преку резервоарот за повторно полнење или кои можат повторно да се полнат со помош на влошки за еднократна употреба. Електронските цигари се разликуваат од производите од тутун со тоа што не содржат тутун“.
Член 5 од истиот закон определува дека поимите дефинирани согласно со членот 3 од овој закон ќе бидат употребени за определување на надоместок кој ќе се применува кај различните групи на производи во согласност со Законот за акцизите.
IV
Од наводите дадени во иницијативата произлегува дека подносителот го оспорува член 113 од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи во делот „од први јули 2019 година” од аспект на колизија на овој дел од овој закон со Законот за акцизите, како и со наводи во однос на примената на Законот за акцизите наспроти оспорениот дел од член 113 од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи.
Уставниот суд, согласно со утврдените надлежности од Уставот, одлучува за уставноста на законската норма од аспект на нејзината согласност со Уставот, а не од аспект на согласноста на законската норма со друга законска норма, ниту пак во однос на тоа како оспорената законска норма се применува од страна на надлежните органи во пракса.
Во оваа насока Судот цени дека наводите во иницијативата немаат квалитет на уставно-правни аргументи, врз основа на кои може да се проблематизира уставноста на оспорениот дел, од причина што истите се однесуваат на неусогласеност помеѓу две норми од ист ранг, а не на несогласност на пониска со повисока норма. Поради тоа, Судот утврди дека постои процесна пречка за одлучување по иницијативата во овој дел, што е причина за отфрлање на истата, согласно член 38 алинеја 1 од Актот на Судот.
При анализата на наводите од иницијативата во врска со оспорениот член 113 од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи од аспект на ретроактивната примена на овие норми и како спротивни на владеење на правото, Судот оцени дека подносителот нецелосно ја презентира фактичката состојба.
Имено, повикувајќи се на Законот за акцизи („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 108/2019) подносителот наведува дека Законот стапил на сила на 28.05.2019 година, неговата примена отпочнала на 15.07.2019 година.
Меѓутоа, подносителот овој закон го гледа изолирано и не ги зел предвид наредните две измени и дополнувања на Законот за акцизите со кои е одложена примената на овој закон. Со Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 143/2019), примената на овој закон е одложена за 1 ноември 2019 година, додека со Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 225/2019), на овој закон, примената повторно е одложена почнувајќи од 1 јануари 2020 година.
Дополнително, во насока на појаснување на фактичката состојба, наспроти наводите на подносителот Судот оцени дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 225/2019), во член 5 став 1 е пропишано дека започнатите постапки за поднесени барања за планирање и подигање на акцизните марки до отпочнување на примената на овој закон, ќе се завршат согласно со Законот за акцизите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 32/2001, 50/2001, 45/2002, 98/2002, 24/2003, 96/2004, 38/2005, 88/2008, 105/2009, 34/2010, 24/2011, 55/2011, 135/2011, 82/2013, 43/2014, 167/2014, 188/2014, 129/2015, 154/2015, 192/2015, 23/2016, 171/2017 и 120/2018).
Во член 7 од истиот Закон за изменување и дополнување на Законот за акцизите, исто така, е определено дека економските оператори кои во големопродажни или во малопродажни објекти, заклучно со 31 декември 2019 година, имаат затечена залиха на непродадени количини на течност за полнење на електронски цигари, согласно извршен попис, може да бидат во слободен промет необележани со акцизни марки до 31 март 2020 година.
Имајќи ги предвид горенаведените законски одредби од Законот за акцизите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 32/2001, 50/2001, 45/2002, 98/2002, 24/2003, 96/2004, 38/2005, 88/2008, 105/2009, 34/2010, 24/2011, 55/2011, 135/2011, 82/2013, 43/2014, 167/2014, 188/2014, 129/2015, 154/2015, 192/2015, 23/2016, 171/2017 и 120/2018) произлегува дека истиот бил во примена заклучно со 31.12.2019 година, а примената на „новиот” Закон за акцизи („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 108/2019) е од 1 јануари 2020 година.
Поради тоа, Судот оцени дека оспорениот дел од член 113 од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија од аспект на наводите во иницијативата.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски