Делегација на Уставниот суд предводена од претседателот д-р Дарко Костадиновски, во периодот од 13-16 ноември ќе учествува на 3. Годишна Конференција на Балканскиот форум на уставни судови.
Согласно Агендата претседателот Костадиновски ќе има свое обраќање на темата „Стандардизација на човековите права и улогата на уставната правда”.
Во рамки на настанот предвидено е да се одржи и специјална сесија посветена на Статутот и улогата на Балканскиот форум на уставни судови, по што е предвидено да се одлучува за институционализирање на Форумот на повисоко ниво и трансформирање во Конференција на балкански уставни јурисдикции.
Настанот ќе се одржи во Анталија, Република Туркије со учество на претседатели и претставници од Уставните судови на Република Албанија, Бугарија, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Турција, членови на CBCJ, како и претседатели и претставници од Уставните судови на Босна и Херцеговина, Хрватска и Романија, членки- набљудувачи.
На Конгресот ќе присуствуваат и претставници од гостински судови од Африка, Азија и Европа, како и претставници на Европскиот суд за човекови права и други меѓународни судови и институции .
Потпирајќи се на „Меморандумот за разбирање за основање на Форумот на балканските уставни судови“, кој беше договорен на 27 октомври 2023 година, на Првиот годишен состанок на Форумот на балканските уставни судови (во понатамошниот текст „Форум“) во Софија, Бугарија, Конгресот ќе потсети на воспоставувањето формална, независна судска платформа за соодветните уставни јурисдикции меѓу земјите во балканскиот регион и усвојувањето на посебен Статут со кој се утврдува организациската структура на Форумот.
На маргините на Годишната Конференција претседателот д-р Костадиновски ќе оствари билатерална средба со претседателот на Уставниот суд на Република Туркије и други учесници на настанот.
Делегацијата од Уставниот суд е во состав од претседателот д-р Дарко Костадиновски, судиите проф. Д-р Осман Кадриу, м-р Фатмир Скендер и советникот за протоколарни работи м-р Симона Герасимова-Јовановска.