У.бр.82/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.82/2023
Скопје, 17.09.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 17 септември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 2 став 2 алинеја 6 од Правилникот за постапката за доставување и регистрирање на колективните договори и нивните измени до надлежниот државен орган и начинот на водење на евиденцијата на доставените колективни договори и нивните измени („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.223/2022).

Образложение

I

Проф. д-р Ангел Ристов, претседател на Синдикатот на Сојузот на синдикати на вработените на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба од Правилникот, означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба од Правилникот за постапката за доставување и регистрирање на колективните договори и нивните измени до надлежниот државен орган и начинот на водење на евиденцијата на доставените колективни договори и нивните измени е во спротивност со член 8 став 2 алинеја 3, со членовите 32, 34 и 37 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со одредбите од Законот за работните односи со кои се уредуваат колективните договори.

Според подносителот, со оспорената одредба се ограничува правото на колективни преговори и се нарушува хиерархиската поставеност на правните акти во правниот систем бидејќи согласно важечкото право и основните принципи во нашиот правен систем не може со подзаконски акт да се ограничува правото на колективен договор кое е загарантирано со Устав и закон, дотолку повеќе што ваков услов не е предвиден во Законот за работните односи. Воедно, од член 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа произлегува дека со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување.

Така, со оспорената одредба се ограничува правото на примена на колективниот договор, што е во спротивност со Уставот. Во одредбите од Законот за работните односи, поконкретно во член 231 став 4 се уредува дека министерот надлежен за работите од областа на трудот е надлежен да ја пропише постапката, но не и да предвидува нови услови кои не се предвидени со Законот. Во конкретниот случај, надлежниот министер се ставил во улога на законодавец што е во спротивност со Уставот.

Врз основа на наведеното, му предлага на  Уставниот суд на Република Северна Македонија да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на оспорената одредба од Правилникот и истата да ја укине. Воедно, му предлага на Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на оспорената одредба.

II

На седницата Судот утврди дека со член 2 став 2 алинеја 6 од Правилникот за постапката за доставување и регистрирање на колективните договори и нивните измени до надлежниот државен орган и начинот на водење на евиденцијата на доставените колективни договори и нивните измени („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.223/2022) било пропишано дека кон барањето за регистрирање на колективен договор, се приложува согласност од Министерството за финансии за колективните договори од јавниот сектор, кога со договорот се предвидуваат фискални импликации за Буџетот на Република Северна Македонија.

III

Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспорува член 2 став 2 алинеја 6 од Правилникот за постапката за доставување и регистрирање на колективните договори и нивните измени до надлежниот државен орган и начинот на водење на евиденција на доставените колективни договори и нивните измени.

Oценувајќи ја предметната иницијатива и одредбaта од Правилникот која се оспорува, се утврди дека со Одлуката У.бр.69/2023 и У.бр.70/2023 од 9 октомври 2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.220/2024), Уставниот суд  го укина оспорениот член 2 став 2 алинеја 6 од Правилникот за постапката за доставување и регистрирање на колективните договори и нивните измени до надлежниот државен орган и начинот на водење на евиденцијата на доставените колективни договори и нивните измени.

Со оглед на фактот дека оспорената одредба не е повеќе дел од правниот поредок на Република Северна Македонија, Судот утврди дека постојат процесни пречки за постапување по иницијативата  што е причина за отфрлање на истата, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд.

Врз основа на сето наведено, според Судот, не се исполнети условите од член 37 став 1 од Актот на Судот за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски