У.бр.276/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр. 276/2024
Скопје,02.07.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав од судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска,  д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 2 јули 2025 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Андреј Димовски од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на социјална припадност.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Андреј Димовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата  од член 110 алинеја 3 од Уставот, кои се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност, а за кои подносителот смета дека му се повредени со Решението бр.09-10/55 од 29.12.2023 година и Решението бр.09-7/6 од 05.11.2024 година, двете донесени од Судскиот совет на Република Северна Македонија.

Барателот е судија по професија, кој судиската функција ја врши во Основниот граѓански суд во Скопје и бил еден од кандидатите пријавени на оглас за избор на судија во Апелациониот суд во Скопје.

Во периодот од 01.01.2019 година, до 01.01.2020 година, подносителот со решенијата на Судскиот совет бр.02-438/10 од 24.12.2018 и бр.02-381/1 од 28.02.2019 година, бил упатен на обука во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

На ден 19.12.2023 година, Судскиот совет објавува оглас за избор на судија во Апелациониот суд во Скопје, на кој подносителот на барањето бил еден од пријавените кандидати.

Со Решението бр.09-10/55 од 29.12.2023 година, Судскиот совет извршил редовно оценување на работата на подносителот на барањето – судија Андреј Димовски за периодот од 01.01.2019 година до 31.12.2022 година и го оценил со позитивна оцена.

Незадоволен од ваквата оцена, подносителот вложил приговор на цитираното Решение за редовно оценување, на кој приговор Судскиот совет донел Решение бр.09-7/2 од 10.06.2024 година, со кое приговорот го одбил како неоснован и го потврдил оспореното решение.

Против Решението бр.09-7/2 од 10.06.2024 година на Судскиот совет, подносителот Андреј Димовски, изјавил жалба до Советот за жалби при Врховниот суд на Република Северна Македонија, кој донел Решение УССЖИ-5/24 од 05.09.2024 година, со кое жалбата ја уважува, обжаленото решение го укинува и предметот го враќа на повторно постапување, односно ново редовно оценување на работењето на судијата Андреј Димовски за период од 01.01.2019 година до 31.12.2022 година.

Во образложението на Решението, Врховниот суд утврдил дека Судскиот совет не образложил како била пресметана остварената норма, ниту пак била извршена пресметка на бодовите за квалитативните и квантитативните критериуми, како и тоа дека не биле наведени доволно образложени причини поради кои жалителот не бил оценуван за период од 01.01.2019 година до 31.12.2019 година.

На ден 05.11.2024 година, Судскиот совет донел ново Решение бр.09- 7/6 со кое приговорот на Андреј Димовски го одбил како неоснован, а Решението на Судскиот совет бр.09-7/2 од 10.06.2024 година останало на сила. Подносителот наведува дека ова Решение бр.09-7/6 на Судскиот совет е незаконито од причина што во изреката на истото стои дека Решението бр.09-7/2 од 10.06.2024 година останува на сила, а Врховниот суд на Република Северна Македонија тоа решение веќе го укинал со Решението УССЖИ-5/24 од 05.09.2024 година.

Според наводите во барањето, Судскиот совет си земал за право да „оснажнува“ решение кое претходно било укинато од страна на највисокиот суд во државата, со што сторил правен преседан во изреката на Решението бр.09-7/6 од 05.11.2024 година, непочитувајќи ја конечната одлука на Врховниот суд, со што се ставил над судот и законите. Барателот смета дека начинот на кој Судскиот совет го применил бодувањето, директно се одразил на положбата на подносителот на огласот за избор на судија во Апелациониот суд Скопје од причина што со решението за оценувањето не бил ценет екстензивниот работен престој од една година во Европскиот суд за човекови права во Стразбур каде активно учествувал во работата со полно работно време од 40 часа неделно.

Не бил ценет образецот за оценување од Европскиот суд за човекови права во Стразбур на Андреј Димовски со кој се потврдуваат наводите дека подносителот остварил позитивни резултати во работењето во  овој суд евалуирани преку мерливи параметри од страна на професионалци со врвна академска и стручна подготвеност и реноме од најдобрите светски авторитети од областа на правото.

Понатаму, во барањето за заштита на слободи и права се наведува дека Судскиот совет со Одлуката бр.09-2290/1 од 17.11.2023 година, за избор на судија во Апелациониот суд Скопје за граѓанска област, избрал судија, а во образложението на Одлуката било наведено дека кандидатот имал искуство и во работата на Европскиот суд за човекови права и меѓународна активност што би придонело и за квалитетно работење во повисок суд, но и за придонес со своето познавање на оваа област да се врати довербата во судството. Подносителот смета дека кандидатот кој веќе бил избран за судија во повисокиот суд, што било видно од Одлуката на Судскиот совет бр.09-2290/1 бил оценет вонредно и на истиот му било вреднувано неговото искуство и во работата на Европскиот суд за човекови права, поради што за подносителот е нејасно зошто неговото искуство во истиот Европски суд за човекови права и екстензивниот работен престој од 01.01.2019 година до 01.01.2020 година не било ценето, напротив, истото било ценето на негова штета.

Различниот третман на подносителот Димовски, со третманот на посочениот судија, според него нема објективно и разумно оправдување, односно, не води кон остварување на некаква легитимна цел и не постои пропорционалност помеѓу употребените средства од страна на Судскиот совет и целите што таквиот различен третман требало да се постигнат.

Подносителот смета дека со ваквото постапување, било повредено правото на достапност на работно место под еднакви услови и можноста за унапредување на подносителот во повисок суд. Во продолжението на барањето за заштита на слободи и права пред Уставниот суд, барателот се повикува на постоење на дискриминација по основ на социјална припадност.

Тој смета дека со работата во меѓународен суд требало да добие позитивен третман и бенефит на начин што требало да му бидат доделени максимален број бодови со оглед на фактот дека работел на сложени предмети од меѓународен карактер каде постапките и изготвувањето на одлуките биле на странски јазик, наместо да биде дискриминиран тој требало да биде оценет за 2019 година со максимални можни бодови, односно 100 бода.

Подносителот не бил воопшто оценет за овој негов ангажман, наспроти сите други судии кои добиле бодови за нивните ангажмани во истата календарска година.

Судскиот совет во образложението на оспореното решение само констатирал дека Методологијата за оценување на судија врз основ на исполнетост на квалитативни критериуми за судиско работење не содржела параметри врз основа на кои ќе се пресметуваат бодови, поради што немало законски основ за доделување бодови за работењето на подносителот во 2019 година.

Според подносителот, ваквото образложение на Судскиот совет воведува негативен преседан, поради кој во иднина ниту еден судија кој има намера да продолжи со својата кариера во повисок суд, не би сакал да оствари работен ангажман во меѓународен суд, од причина што таквиот негов ангажман нема да биде вреднуван, со што би трпел соодветни реперкусии по однос на таквиот ангажман, во случајот да не може да напредува во службата.

Во случај кога самиот Судски совет ја изготвил Методологијата, според подносителот, арбитрарен бил нивниот став да не го оценат неговиот ангажман за 2019 година. Сè додека правната регулатива била таква, не смеело и не требало да се применува аналогија in malam partem. Напротив, доколку таква аналогија се применела, во толкувањето, истата требало да биде in bonam partem, односно, во полза на подносителот.

Подносителот смета дека Судскиот совет можел, во отсуство на релевантен пропис да го примени и правилото argumentum a simili valet in lege, односно, кога ниту еден закон не е директно применлив, се применуват аргументи преку аналогија со закон кој се однесува на сличен предмет или прашање.

Подносителот наведува дека, во случајот, Судскиот совет можел да пресмета бодови како за сложени предмети во областа во која судијата работи, преоценувањето да се извршело за годината која претходела на работниот престој на подносителот во Судот во Стразбур, при што подносителот не би се ставил во понеповолна положба во споредба со останатите кандидати.

Со ваквата неправилна примена на постоечките критериуми, целосно биле занемарени и придобивките за домашниот правосуден систем кои би се добиле преку квалификациите со кои се стекнал подносителот, односно со неспоредлива експертиза и стручно знаење во областа – заштита на човековите права и слободи.

Пред поднесувањето на барањето пред Уставниот суд на Република Северна Македонија, барателот, повикувајќи се на идентични околности со барањето, побарал судска заштита и од Управниот суд со тужба и посебен предлог.

Управниот суд со Решението У-5 бр.771/2023 и У-5 бр.772/2023 од 18.07.2023 година, тужбата и предлогот за донесување на времена мерка на тужителот Андреј Димовски ги отфрлил.

Во продолжението на барањето за заштита на слободи и права пред Уставниот суд, барателот се повикува и ги цитира членовите 8, 9, 32, 50,  член 51 став 2 и член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи, член 8 став 2 од Законот за судовите, како и одредбите од член 75 до член 94 од Законот за судски совет на Република Северна Македонија, изложувајќи ги причините поради кои пред Уставниот суд го истакнува барањето за заштита на слободи и права од член 110 алинеја 3 од Уставот.

Поконкретно, барателот од Уставниот суд бара да биде заштитен од дискриминацијата и нееднаквото третирање пред Уставот и законите на Република Северна Македонија, сторени со одлуките на Судскиот совет, поради кои не може да оствари право гарантирано со Уставот на Република Северна Македонија и заштитено со Европската конвенција за заштита на човековите права.

Од погоре изнесените причини, барателот предлага Уставниот суд согласно со неговите надлежности од член 110 алинеја 3 од Уставот да донесе одлука со која ќе го утврди неговото дискриминирање по основ на социјална припадност што ја опфаќа општествената положба во однос на професионалниот статус, Судот да закаже јавна седница, како и да ги поништи посочените акти во барањето со кои е сторена повредата.

Во дополнувањето на барањето, подносителот достави Пресуда УРП бр.107/2024 и УРП бр.108/2024 од 12.12.2024 година, на Управниот суд, по поднесена тужба од Андреј Димовски против Решението бр.09-7/6 од 05.11.2024 година на тужениот орган Судски совет на Република Северна Македонија.

Со оваа пресуда, Управниот суд ја уважил тужбата на тужителот Андреј Димовски, оспореното решение на Судскиот совет бр.09-7/6 од 05.11.2024 година го поништил и го задолжил Судскиот совет да донесе поединечен управен акт во рок од 15 дена по правосилноста на Пресудата.

Во прилог кон барањето до Уставниот суд, барателот ги приложи следните документи:

– Решението на Судскиот совет на Република Македонија број 02-438/10 од 24.12.2018 година и Решението бр.02-381/1 од 28.02.2019 година, со кои се упатува Андреј Димовски на извршување на привремена работа во Европскиот суд за човекови права во Стразбур;
– Образец од Совет на Европа за оценување на Агент Андреј Димовски;
– Оглас број 09-2470/2, 09-2471/2, 2472/2, 2473/2 и 2474/2 „Службен весник на Република Северна Македонија― бр.270/2023) од 19 декември 2023 година;
– Решението на Судскиот совет на Република Северна Македонија бр.09-7/2 од 10.06.2024 година;
– Одлуката на Судски совет на Република Северна Македонија бр.09- 2290/1 од 15.11.2023 година, за избор на судија на Апелационен суд Скопје за граѓанска област;
– Решението У5 бр.771/2023 и У5 бр.772/2023 од 18.07.2023 година на Управниот суд;
– Решението на Судскиот совет на Република Северна Македонија бр.09- 10/55 од 29.12.2023 година, за редовно оценување на судија Андреј Димовски – Решение на Судскиот совет на Република Северна Македонија бр.09- 7/2 од 10.06.2024 година, со кое приговорот на Андреј Димовски се одбива како неоснован;
– Жалбата од Андреј Димовски до Советот за жалби при Врховниот суд од 09.07.2024 година;
– Решението УССЖИ-5/24 на Врховниот суд на Република Северна Македонија, со кое се укинува решение на Судскиот совет бр.09-7/2 од 10.06.2024 година;
– Решението број 09-7/6 од 05.11.2024 година, на Судскиот совет на Република Северна Македонија -Пресуда УРП бр.107/2024 и УРП бр.108/2024 од 12.12.2024 година на Управниот суд;
– Пресудата УРП бр.107/2024 и УРП бр.108/2024 од 12.12.2024 година, на Управниот суд;
-Записник на Судскиот совет бр.0979/1 од 14.01.2025 година;
-Предлог ранг-листа на кандидати на Судскиот совет бр.09-79/2 од 14.01.2025 година;
– Жалбата од 22.01.2025 година до Комисија за рангирање на кандидати при Судскиот совет.

II

Врз основа на податоците и известувањата прибрани во текот на претходната постапка, на седницата Судот утврди дека:

Барателот Андреј Димовски од Скопје, е вршител на судиска функција во Основниот граѓански суд Скопје.

Барателот, од страна на Судскиот совет, со Решението бр. 02-438/10 од 24.12.2018 година и Решението бр.02-381/1 од 28.02.2019 година, по спроведена постапка по објавен јавен повик, е упатен на извршување на привремена работа во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, на континуирано доусовршување и обука, за период од една година, сметано од 02.01.2019 година.

Во периодот од една година, барателот активно учествувал во работата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур со полно работно време од 40 часа неделно, за што достави образец за оценување на агент Андреј Димовски, со кој се потврдуваат наводите дека подносителот остварил позитивни резултати во работењето во Европскиот суд за човекови права, евалуирани преку мерливи параметри.

Судскиот совет на Република Северна Македонија, донел Решение бр.09-305/8 од 11.05.2023 година, со кое Андреј Димовски го оценил со позитивна оцена.

Незадоволен од Решението, барателот повел управен спор пред Управниот суд со тужба и предлог за донесување времена мерка, со оглед на тоа дека во тек бил оглас бр.09-1120/2 од 06.07.2021 година, за избор на судија за Апелациониот суд Скопје.

Управниот суд, со Решението У-5 бр.771/23 и бр.772/23 од 18.07.2023 година, ги отфрлил тужбата и предлогот за донесување времена мерка на тужителот Андреј Димовски, со образложение дека оспореното решение не претставува конечен управен акт, истото не може да биде предмет на управен спор бидејќи правната заштита согласно со Законот за судски совет, била обезбедена вон управен спор.

На ден 19 декември 2023 година, во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.270/2023, Судскиот совет објавил нов оглас бр. 09-2470/2, 09-2471/2, 2472/2, 2473/2 и 2474/2 од 12 декември 2023 година, помеѓу другото и за избор на судии во Апелациониот суд Скопје.

По објавување на огласот, Судскиот совет донел Решение бр.09-10/55 од 29.12.2023 година, со кое судијата Андреј Димовски редовно го оценил со позитивна оцена за период од 01.01.2019 година до 31.12.2022 година.

Од образложението на Решението, произлегува дека Судскиот совет при оценувањето на судијата Андреј Димовски не го зел предвид периодот за 2019 година, кога бил упатен на обука во Европскиот суд за човекови права, од причина што Методологијата за оценување на работата на судија, не содржела параметри за исполнетост на квалитативни и квантитативни критериуми за судиско работење, поради што не нашле основ за доделување бодови за неговото работење во 2019 година.

Оттука, врз основа на добиен збир од 170 бода за 2020, 2021 и 2022 година, по основ на резултатите од квалитативните и квантитативните критериуми за оценување и ефективно работно време на судијата Андреј Димовски, Советот го оценил со позитивна оцена.

Незадоволен од ваквото решение Андреј Димовски, вложил образложен приговор во законски предвидениот рок до Судскиот совет, во кој приговарал на повреда во постапката која претходела на изготвување на решението во кое не биле земени предвид податоци за период 2019 година, кој период воопшто не бил предмет на бодување, и дека решението не било образложено, истото се засновало на необјективни, нецелосни и неверодостојни податоци спротивни на фактичката состојба и како такво оспореното решение било спротивно на Законот за Судскиот совет.

Судскиот совет, постапувајќи по приговорот донел Решение бр.09-7/2 од 10.06.2024 година со кое приговорот го одбил како неоснован, а Решението бр.09-10/55 од 29.12.2023 година го потврдил.

Во образложението на Решението е наведено дека судијата Андреј Димовски во 2019 година, во Европскиот суд за човекови права постапувал по меѓународни апликации и постигнал солидни резултати, но со оглед дека овие параметри не биле предвидени во Методологијата за оценување на работата на судијата врз основа на исполнетост на квалитативните критериуми за судиско работење, немало основа да му бидат доделени бодови за неговата работа во 2019 година.

По приемот на ова решение, барателот, во законски предвидениот рок, изјавил жалба до Советот за жалби при Врховниот суд на Република Северна Македонија, поради суштествени повреди на одредбите од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија.

Советот на Врховниот суд, постапувајќи по жалбата изјавена против Решението на Судскиот совет бр.09-7/2 од 10.06.2024 година, со Решение УССЖИ-5/24 од 05.09.2024 година, жалбата ја уважил, оспореното решение го укинал и предметот го вратил на повторно постапување.

Во образложението на ова решение, се наведува дека Советот на Врховниот суд нашол дека образложеното Решение по однос на причините од кои судијата бил редовно оценет на начин како што било наведено во истото било нејасно и неразбирливо во отсуство на образложение како била извршена пресметката во однос на остварената норма за годините кои биле предмет на оценување.

Понатаму, во образложението е наведено и тоа дека Судскиот совет требало да ги има предвид наводите во приговорот и да даде доволно образложени причини за начинот на извршената пресметка односно да појасни согласно кои критериуми и примена на кои акти било извршено оценувањето на кандидатот кој бил редовно оценет за четири години од кои за 2019 година не бил воопшто оценет, а во образложението на Судскиот совет било наведено дека бил позитивно оценет.

Судскиот совет на Република Северна Македонија, постапувајќи по решението на Врховниот суд на Република Северна Македонија, на ден 16.10.2024 година, донел ново Решение бр.09-7/6 заведено на ден 05.11.2024 година со кое приговорот на Андреј Димовски го одбил како неоснован, а Решението на Судскиот совет на Република Северна Македонија бр.09-7/2 од 10.06.2024 година го оставил на сила.

Судскиот совет, повторно ја донел истата одлука без посебно образложени причини, со кратко образложение дека согласно Методологијата за оценување на работата на судијата врз основа на исполнетост на квалитативни критериуми за судиско работење, не постоел основ за доделување на бодови за 2019 година, од кои причини приговорот на подносителот го одбил како неоснован и го оставил на сила Решението на Судскиот совет на Република Северна Македонија бр.09-7/2 од 10.06.2024 година, кое Врховниот суд во своето Решение УССЖИ-5/24 од 05.09.2024 година, веќе го укинал.

Во прилог на барањето, подносителот достави и Одлука на Судскиот совет за избор на судија на Апелационен суд Скопје бр.09-2290/1 од 17.11.2023 година, со која друг судија е избран за судија во Апелационен суд Скопје за граѓанска област.

Во образложението на Одлуката е содржана и конечната ранг-листа на кандидати за избор на судии на Апелационен суд Скопје за граѓанска област, во која сега подносителот, е рангиран под реден број 9.

Подносителот наведува дека помеѓу карактеристиките за избраниот кандидат, Судскиот совет го имал предвид и искуството во работата на Европскиот суд за човекови права и меѓународната активност, за кое смета дека би придонело за квалитетно работење во повисок суд.

Со оглед на тоа дека ова искуство Судскиот совет не го зел предвид за кандидатот Андреј Димовски од причина што воопшто не го вреднувал во бодувањето за 2019 година при формирање на службената оцена, барателот се чувствува дискриминирано.

Советот, изборот го направил врз основа на критериуми предвидени во член 48 став 2 од Законот за Судскиот совет, односно пријавените кандидати ги рангирал според потребната специјализација за пополнувањето на судиско место, при што се додаваат поени за предвидените аспекти од критериумите и се сочинува ранг-листа на кандидати, според вкупниот број бодови.

Одлуката за избор на судија ја носи Советот кој расправа и одлучува на седница на која присуствуваат најмалку осум члена на Советот со право на глас.

За судија е избран кандидатот кој добил најмалку осум гласа од вкупниот број членови на Советот со право на глас, согласно со член 49 став 2 од Законот за Судскиот совет.

Видно од Одлуката за избор на судија на Апелациониот суд Скопје, донесена од Судскиот совет на ден 15.11.2023 година, Судот утврди дека противкандидатот кој го посочува барателот, бил рангиран на конечната ранг листа под реден број 4.

Со оглед дека претходните кандидати не го добиле потребното мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот со право на глас, противкандидатот кој го посочува барателот бил избран за судија во повисокиот суд, што значи квалификацијата на која посочува подносителот дека бил ценет и вреднуван неговиот ангажман и искуство во судот во Европскиот суд за човекови права, не бил критериум кој бил бодуван од страна на Советот, туку само позитивен коментар во поткрепа на карактеристиките на избраниот кандидат.

Барателот наведува дека не можел да оствари право на достапност на работно место под еднакви услови и можност за унапредување во повисок суд, бидејќи според органот којшто постапувал, не постоеле параметри во Методологијата за оценување на судија врз основа на исполнетост на квалитативни критериуми за судиско работење, врз основа на кои ќе се пресметуваат бодови за 2019 година, период кога подносителот престојувал и работел во Европскиот суд за човекови права, што било причина, подносителот да влече помал број стартни бодови со кои аплицирал на објавениот оглас за судија во Апелациониот суд.

Во дополнувањето на барањето, подносителот достави Пресуда УРП бр.107/2024 и УРП бр.108/2024 од 12.12.2024 година, на Управниот суд, по поднесена тужба од Андреј Димовски против Решението бр.09-7/6 од 05.11.2024 година на тужениот орган Судски совет на Република Северна Македонија.

Со оваа Пресуда, Управниот суд ја уважил тужбата на тужителот Андреј Димовски, оспореното решение на Судскиот совет бр.09-7/6 од 05.11.2024 година го поништил и го задолжил Судскиот совет да донесе поединечен управен акт во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата.

Останатите документи на кои се повикува барателот се:
– Образец од Совет на Европа за оценување агент Андреј Димовски, во кој се наведува „Г-дин Димовски го искористи времето поминато во Секретаријатот за да ги зголеми своите знаења од Конвенцијата и да се запознае со соодветните процедури што ги применува Судот, првично во врска со single-judge случаите. Додека работеше на предмети, тој совлада важни суштински теми под различни членови од Конвецијата, за кои беше неопходно истражување и примена на општите принципи утврдени во праксата на Судот. Тоа исто така бара учење и примена на соодветни методи на работа. Тој беше во можност да се запознае со аналитички вештини и вештини на изготување на одлуки потребни за правник во Секретаријатот. Се надевам дека ова искуство ќе биде од корист не само за неговата идна правна кариера, туку ќе помогне и за пошироко ширење на вредностите и принципите на системот на Конвенцијата во националниот правен систем до колку е можно. Неговиот придонес во работата на Судот е ценет.“
– Одлука на Судски совет на Република Северна Македонија бр.09-2290/1 од 15.11.2023 година, за избор на судија на Апелационен суд Скопје за граѓанска област, во која од страна на Судскиот совет за избраниот кандидат за судија, покрај другите квалификации е наведено неговото искуство во работата на Европскиот суд за човекови права и меѓународна активност ,на кое се повикува барателот и го посочува како идентичен случај како неговиот.
– Пресуда УРП бр.107/2024 и УРП бр.108/2024 од 12.12.2024 година на Управниот суд.

Барателот, по правосилно завршување на постапката пред надлежните органи, постапката за заштита на слободи и права ја продолжува пред Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Согласно со член 53 од Деловникот на Судот, барањето за заштита на слободи и права беше доставено на одговор до Судскиот совет како доносител на поединечните акти, и истиот е доставен. Во одговорот се наведува дека Судскиот совет при извршеното оценување на подносителот за период од 01.01.2019 година до 31.12.2022 година, постапил исклучиво согласно со одредбите од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија и Методологијата за оценување на работата на судијата.

Со оглед на тоа дека подносителот не бил задоволен од добиената оцена, покренал соодветна постапка за заштита на своите права и по истата било постапено од надлежните органи кои донеле соодветни решенија.

Советот наведува дека барањето на подносителот пред Уставниот суд било преурането со оглед пред Судскиот совет во тек била постапка за негово оценување по одлука на Управниот суд кој го поништил решението на Судскиот совет.

Понатаму, во одговорот се наведува дека Судскиот совет ниту имал намера, ниту направил дискриминација кога го спроведувал Законот и одредбите во врска со оценувањето на судија, со примена на методите на следење и оценување на судијата имајќи ги предвид квалитативните и квантитативните критериуми при оценувањето, како и Методологијата за оценување на работата на судијата врз основа на исполнетост на квалитативните критериуми за судиското работење.

Ова дотолку повеќе што судијата, во Европскиот суд за човекови права во Стразбур не вршел судиска функција, односно не бил упатен во Европскиот суд како судија, па доколку Судскиот совет евентуално би го оценил со некаква оцена, на тој начин би ги дискриминирал останатите судии при оценувањето како судии кои вршеле судиска функција.

Уставниот суд заради правилно и целосно утврдување на правната и фактичката состојба по предметот и донесување одлука до Судскиот совет достави барање да бидат доставени дополнителни информации за други судии кои биле упатени на времено континурано доусовршување и обука во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) на начин што ќе ги  наведат со нивното лично име и период во кој престојувале во ЕСЧП, и тоа како во периодот пред, така и периодот на престој на лицето Андреј Димовски во ЕСЧП. Беше побарано да бидат доставени и копии од решенијата со кои биле упатени во ЕСЧП. Исто така, беше побарана информација за тоа дали овие судии и на кој начин биле оценети за периодот кога биле на престој во ЕСЧП. Од Судскиот совет беше побарано да го известат Судот и дали судијата споменат во барањето од страна на подносителот Андреј Димовски, бил упатен од Судскиот совет во ЕСЧП на времено континуирано доусовршување и обука и дали бил оценет за периодот на престој во ЕСЧП и на кој начин. Исто така, беше побарано доставување копии од решението со кое бил упатен во ЕСЧП, доколку такво постоело.

Во одговор на ова барање на Уставниот суд, Судскиот совет достави Известување бр.03-86/4 од 03.04.2025 година, во кое појасни дека Судскиот совет само еднаш одлучувал за избор на судија за упатување на времено континуирано доусовршување и обука во Европскиот суд за човекови права, кога по спроведена постапка од тројца судии кандидати, Судскиот совет го избира судијата Андреј Димовски. Во известувањето се наведува и тоа дека освен за судијата Андреј Димовски, Судскиот совет не одлучувал за други вакви случаи.

III

Согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но, не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Повикувајќи се на член 110 алинеја 3 од Уставот и член 51 од Деловникот на Судот, подносителот пред Уставниот суд, истакна барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност, во кое наведува дека дискриминацијата по наведените основи му е извршена со незаконито донесени поединечни акти и тоа Решението бр.09-10/55 од 29.12.2023 година и Решението бр.09-7/6 од 05.11.2024 година, донесени од Судскиот совет на Република Северна Македонија. Решението бр.09-7/6 од 05.11.2024 година, барателот го оспорил пред Управниот суд.

Согласно со член 53 од Деловникот на Судот, барањето беше доставено на одговор до Судскиот совет како доносител на поединечните акти, во кој беше наведено дека Советот, при оценувањето на судија го спроведувал Законот и одредбите во врска со оценувањето на судија, со примена на методите на следење и оценување на судијата имајќи ги предвид квалитативните и квантитативните критериуми при оценувањето, како и Методологијата за оценување на работата на судијата врз основа на исполнетост на квалитативните критериуми за судиското работење.

Во одговорот е појаснето дека подносителот, во Европскиот суд за човекови права во Стразбур не вршел судиска функција, односно не бил упатен во Судот како судија, па доколку Судскиот совет евентуално би го оценил со некаква оцена, на тој начин би ги дискриминирал останатите судии при оценувањето како судии кои вршеле судиска функција.

Испитувајќи го барањето за заштита на слободи и права од аспект на исполнетоста на условите од член 110 алинеја 3 од Уставот и член 51 од Деловникот, а тоа се: бараната заштита да се однесува на слободите и правата опфатени со член 110 алинеја 3 од Уставот, повредата да е сторена со поединечен акт или дејство, поединечните акти да бидат конечни или правосилни, да биде запазен рокот во кој може да се бара уставно-судска заштита, Судот утврди дека истите се исполнети за мериторно постапување по барањето, со оглед дека подносителот достави конечен акт.

Според член 52 од Деловникот на Судот, во барањето потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Во барањето подносителот ги наведе причините за бараната заштита и актите со кои смета дека му е сторена наводната повреда, а во однос на фактите и доказите врз кои го заснова барањето за заштита од дискриминација, подносителот се повикува на две решенија на Судскиот совет за оценување на судија Андреј Димовски.

Разгледувајќи го барањето со приложената документација, причините поради кои се бара заштитата, фактите и доказите на кои подносителот го заснова барањето за заштита од дискриминација по основ на социјална припадност, како и произнесувањето по барањето, Судот го утврди следното:

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Оваа уставна одредба го прокламира принципот на еднаквост според кој сите луѓе се рамноправни, односно изедначени во уживањето и остварувањето на сите права и слободи гарантирани со Уставот, независно од нивното лично својство, потекло, припадност или кој и да било друг статус.

Начелото на еднаквост и рамноправност на кое се засновува уживањето на сите слободи и права, во практиката најчесто се изразува како начело на недискриминација, односно забрана на дискриминација.

До повреда на принципот на забрана на дискриминација може да дојде кога лицето поради некое негово лично својство, припадност или статус, не може да оствари некое право или слобода, споредбено со други лица во иста или слична правна положба.

Законодавецот со донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 258/2020), нормативно го разработил принципот на еднаквост, како и спречувањето и заштитата од дискриминација во остварување на човековите права и слободи.

Имајќи предвид дека „дискриминација“ според дефиницијата содржана во член 6 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, значи секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што имаат за цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други, при што се опфатени сите форми на дискриминација вклучително и оневозможување на соодветно приспособување и оневозможување на пристапност и достапност на инфраструктурата, добрата и услугите,  произлегува дека концептот на дискриминацијата како недозволено разликување вклучува исполнување на неколку претпоставки, како што се наведување на дискриминаторскиот основ (еден или повеќе), правото загарантирано со Уставот коешто лицето не може да го оствари на еднаква основа споредбено со друго лице/лица (компараторот), односно докази дека бил изложен на нееднаков (понеповолен) третман или недоволен третман во споредба со друго лице во иста или слична ситуација (релевантна споредлива ситуација), како и начинот на сторување на повредата (поединечни акти или дејствија на органите на јавната власт).

Разгледувајќи го барањето од аспект на исполнетоста на погоре наведените претпоставки, Судот утврди дека подносителот како начин на сторување на повредата посочува поединечни конечни акти, односно дека тој бил дискриминиран со решенија на Судскиот совет, на начин што неговата службена оцена е формирана за период од три години, односно не му се доделени бодови за период од една година кога бил упатен на континуирано доусовршување и обука во Европскиот суд во Стразбур, за разлика од останатите колеги судии кои немале ангажман во Европскиот суд за човекови права и биле оценети за период од четири години.

Подносителот посочува и Одлука донесена од Судскиот совет со која друго лице – судија е избран за судија во повисокиот суд, како и ги наведува дискриминаторските основи, односно дека со донесувањето на оспорените решенија тој бил дискриминиран и ставен во нерамноправна положба затоа што со погрешно пресметани бодови тој имал пониски почетни збирни бодови за разлика од останатите колеги судии кои конкурирале на оглас за избор на судија во Апелациониот суд Скопје, а од друга страна, во претходна Одлука за избор на судија во Апелациониот суд Скопје помеѓу карактеристиките за избраниот кандидат за судија било наведено и вреднувано неговото искуство во Европскиот суд за човекови права, со што подносителот бил доведен во нерамноправна положба, без за тоа да постои објективно и разумно оправдување.

Во барањето подносителот не наведува релевантна споредлива ситуација за наводната дискриминација по основ на неговата социјална припадност. Тој во барањето ги посочува останатите колеги судии меѓутоа, Судот смета дека, оваа споредлива ситуација, не може да се прифати како релевантна бидејќи не станува збор за иста или слична фактичка и правна ситуација како онаа на подносителот и не е подложна на споредба со положбата на подносителот. Останатите колеги судии кои ги посочува подносителот, биле оценети за период од четири години со оглед дека во тој период судиската функција ја извршувале исклучиво во домашните судови, врз основа на што Судскиот совет, согласно Методологијата на оценување оценките ги формирал врз основа на електронските податоци од информацискиот систем за автоматско управување со судски предмети (АКМИС).

Ова дотолку повеќе што, видно од одговорот од Судскиот совет, подносителот не вршел судиска функција во Европскиот суд за човекови права, односно, не бил упатен од страна на Судскиот совет како судија. Имено, по објавен јавен повик од страна на Судскиот совет за пријавување на судии од судовите во Република Северна Македонија, за привремена работа во Европскиот суд за човекови права во период од една година, а заради стекнување стаж на национални судии/правници во Европскиот суд за човекови права, Судскиот совет го избрал и времено го упатил судијата Андреј Димовски на континуирано доусовршување и обука во Европскиот суд за човекови права.

Недискриминацијата, односно забраната на дискриминација е заштитен принцип утврден во Уставот и меѓународните акти за правата на човекот којшто треба да се почитува кога се одлучува за остварување на човеково право или слобода, па како неизоставен елемент на законскиот поим на дискриминацијата, е и правото коешто лицето не може да го оствари поради разликите во третманот по некои од заштитените основи.

Член 14 од Европската конвенција за човекови права е „акцесорна норма“ – таа забранува дискриминација во врска со уживање на други права гарантирани со самата конвенција. Односно, дискриминацијата е санкционирана само доколку се врши при уживање на право од Конвенцијата. Затоа, во дел од литературата и практиката на ЕСПЧ се вели дека член 14 не дава општа забрана за дискриминација, туку ограничена.

Од содржината на овој член од Конвенцијата, како и погоре цитираниот член 9 од Уставот, вклучително и член 6 од Законот за спречување и заштита од дискриминација со кој се дефинира дискриминацијата како недозволено разликување, произлегува дека начелото на забрана на дискриминација е од акцесорна (несамостојна) природа и се однесува пред сè на ситуации кои инволвираат права коишто не можат да се остварат.

Оттука, лицето кое тврди дека е дискриминирано, не е доволно само да го наведе дискриминаторскиот основ и начинот на сторување на дискриминацијата (со поединечен акт или дејствие), туку треба да наведе и кое право, не може да го оствари, на еднаква основа како и други лица, во иста или слична правна положба. Во контекст на ова прашање, подносителот во барањето наведува дека со негово дискриминирање по основ на социјална припадност му е повредено правото на забрана на дискриминација, заради што и истакнува барање за заштита на правото на забрана на дискриминација по наведениот основ.

Во врска со вака поставеното барање, треба да се има предвид дека кај случаите на дискриминација во смисла на недозволено разликување, станува збор за повреда на принципот на забрана на недискриминација или недискриминација во остварување на право гарантирано со Уставот, а кое не може да се оствари поради припадноста на лицето на некоја од заштитените основи. Меѓутоа, припадноста на лицето на некоја од заштитените основи, само по себе не значи и не доведува до дискриминација како недозволено разликување. Разликувањето ќе се смета за недозволено кога некое лично својство, карактеристика, припадност или статус (дискриминаторски основ), е пречка некое лице на иста основа како и друго лице во иста/идентична ситуација или во многу слична ситуација, да оствари слобода или право.

Изнесениот факт дека подносителот на барањето е различно третиран (дискриминиран) бидејќи е оценет само за 3 години кога бил судија во домашните судови, но не и за 2019 година кога бил упатен на обука во Европскиот суд за човекови права, односно дека е различно третиран поради негова социјална припадност, не го прави целосен концептот на дискриминацијата како недозволено разликување. Припадноста на подносителот по наведениот основ, сама по себе не е доказ за дискриминација ако не се доведе во врска со слобода или право, кое не може да го оствари како последица од различниот третман по наведениот основ, без објективно и разумно оправдување спрема лице кое е во релевантно слична ситуација.

Во смисла на погоре наведеното, подносителот не наведува кое право не може да го оствари на еднаква основа споредбено со друго лице/лица во иста или слична положба. Во суштина, подносителот бара да биде заштитен од дискриминација затоа што смета дека е незаконито оценет за период од три наместо четири години, а вакво право ниту постои, ниту се гарантира, но со Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти согласно со член 50 став 2 од Уставот, кое право подносителот и го остварил со поднесување тужба пред Управниот суд кој постапувајќи по тужбеното барање од Андреј Димовски против Решението бр.09-7/6 од 05.11.2024 година на тужениот орган Судски совет, донел Пресуда УРП бр.107/2024 и УРП бр.108/2024 од 12.12.2024 година.

Со оваа пресуда, Управниот суд ја уважил тужбата на тужителот Андреј Димовски, оспореното решение на Судскиот совет бр.09-7/6 од 05.11.2024 година го поништил и го задолжил Судскиот совет да донесе поединечен управен акт во рок од 15 дена по правосилноста на Пресудата.

При разгледување на барањето, ги имавме предвид и наводите дека Судскиот совет во образложението на Одлуката за избор на друг судија за судија во Апелациониот суд Скопје, навел дека тој судија има искуство во Европскиот суд за човекови права кое ќе придонесе за квалитетно работење во повисокиот суд, но оваа карактеристика не е критериум кој бил бодуван од страна на Советот, туку само позитивен коментар во поткрепа на карактеристиките на избраниот кандидат, па во отсуство на презентирано право коешто подносителот на барањето не може да го оствари во релевантно споредлива ситуација, Судот смета дека, ваквите наводи сами по себе не се доволни за да се извлече заклучок за нееднаков третман во споредба со некој друг.

Во конкретниот случај, не може да се утврди постоење на дискриминација врз подносителот на барањето, имајќи предвид дека има отсуство на компаратор – односно лице кое се наоѓа/ло во слична или релевантно споредлива ситуација, а е третирано поинаку. Дискриминацијата може да се потврди само ако постои компаратор, односно лице во слична ситуација што било третирано поинаку. Недостигот на компаратор во овој конкретен случај ги прави наводите во барањето тешки за докажување дека е сторена дискриминација.

Имено, согласно Известувањето бр. 03-86/4 од 03.04.2025 година, доставено од Судскиот совет, произлегува дека Советот досега само еднаш одлучувал по прашањето на избор на судија за времено упатување на континуирано доусовршување и обука во Европскиот суд за човекови права. Во таа постапка, спроведена со учество на тројца судии кандидати, избран бил судијата Андреј Димовски.

Во Известувањето е јасно наведено дека надвор од овој единствен случај, Судскиот совет не постапувал по други слични ситуации, односно не одлучувал за упатување на други судии во Европскиот суд за човекови права под исти или слични околности, ниту пак бил оценуван друг судија кој бил на континуирано доусовршување и обука во Европскиот суд за човекови права.

Со оглед на тоа, отсуствува релевантна споредлива ситуација, што претставува суштински елемент во оценката за евентуално нееднакво постапување. Во согласност со стандардите на уставно-судската и судската практика за дискриминација, како и практиката на Европскиот суд за човекови права, постоењето на компаратор е нужно за да се оцени дали постапувањето на органот е резултат на различен третман без објективно и разумно оправдување.

Оттука, отсуството на друг случај или кандидат кој бил оценуван под исти околности значи дека не може да се утврди повреда на правото на еднаков третман и општата забрана за дискриминација.

Во отсуство на компаратор со слични аргументи за да се оправда разликата во постапувањето, Судот не најде дека на подносителот на барањето му е повредено правото да не биде дискриминиран при уживање на правата за општа забрана за дискриминација, имајќи предвид дека органот на кој се посочува како дискриминатор, само во еден случај одлучувал за избор на судија за упатување на времено континуирано доусовршување и обука во Европскиот суд за човекови права, кога по спроведена постапка од тројца предложени кандидати, Судскиот совет се одлучил на избор за судијата Андреј Димовски. Освен за судијата Андреј Димовски, Судскиот совет не одлучувал за други вакви случаи.

Подносителот на иницијативата наведува дека бил ставен во понеповолна положба при вреднувањето на неговата работа во рамки на постапка за напредување, со тоа што во проценката биле опфатени само три години од неговиот ангажман како судија во домашните судови, додека 2019 година, кога бил упатен на работа во Европскиот суд за човекови права, не била вклучена во вреднувањето. Смета дека ваквиот пристап претставува форма на дискриминација заснована на неговата социјална положба и ангажманот во меѓународна институција, што довело до ограничување на неговото право на еднаков пристап до услови за напредување.

Судот ја испита основаноста на овие наводи, поаѓајќи од воспоставените критериуми за постоење на дискриминација, како што се утврдени во уставно-судската практика и во судската практика на Европскиот суд за човекови права (види: Thlimmenos v. Greece, 2000; Carson and Others v. the United Kingdom, 2010; Bączkowski v. Poland, 2007; Eweida and Others v. the United Kingdom, 2013). Според тие стандарди, дискриминацијата претпоставува различен третман на лице во релевантно споредлива положба со друго лице, без објективно и разумно оправдување, кој резултира со ограничување на уживањето на одредено уставно или законско право. Подносителот укажува дека е исклучен од целосно оценување поради времениот ангажман во меѓународна институција, при што Судот ја анализираше состојбата низ призмата на еднаков пристап до услови за напредување. Според практиката на Европскиот суд за човекови права, особено во предметите ; Bączkowski v. Poland, 2007 и Eweida and Others v. the United Kingdom, 2013, исклучувањето на лице од одредена постапка, доколку не е засновано на објективни критериуми и доколку важи само за него, може да претставува повреда на правото на еднаков третман. Меѓутоа, во отсуство на други слични случаи, односно на постоење компаратор – лице кое било во слична ситуација, но третирано поинаку – тешко е да се утврди постоење дискриминација. Доколку исклучувањето на една година поради меѓународен ангажман е само за одредено лице, и не е засновано на објективни критериуми, тоа може да создаде повреда. Но, во случај кога Судскиот совет нема воспоставена пракса и ова е единствен пример, не може да се утврди постоење дискриминација, особено ако не постојат други судии со слична ситуација кои биле третирани поинаку.

Судот цени дека не е презентиран компаративен случај со споредливо лице кое, исто така, било времено ангажирано во меѓународна институција, а чие учество било третирано поинаку во контекст на оценување заради напредување. Како што Судот има утврдено и во сопствената пракса (види: У.бр.123/2013; У.бр.71/2016), отсуството на релевантен компаратор значи дека не е исполнет еден од суштинските елементи за уставноправна заштита од дискриминација.

Во конкретниот случај, Судскиот совет, како орган кој е посочен во барањето, досега има одлучувано само во еден случај на упатување судија на времено стручно усовршување во Европскиот суд за човекови права – конкретно за судијата Андреј Димовски. Надвор од овој случај, не е утврдено постоење на воспоставена практика или институционализиран пристап што би покажал различно постапување со слични ситуации. Оттука, не може да се говори за структурна дискриминација или селективност во примената на критериуми.

Наводот дека оценувањето за три години, без 2019 година, претставува дискриминација, може да се разгледува како можен проблем само доколку се покаже дека друг судија, со ист или сличен меѓународен ангажман, бил оценет поинаку. Во отсуство на таков пример, неоценувањето на 2019 година само по себе не може да се квалификува како дискриминација, бидејќи не е доведено во врска со лице кое е во споредлива положба, третирано поинаку. Судот оцени дека во овој предмет, нема основ за утврдување повреда на член 9 од Уставот и член 110 алинеја 3 од Уставот, но истовремено укажува дека во вакви случаи надлежните органи имаат обврска да постапуваат во духот на принципите на еднаква можност, транспарентност и објективност. Во таа насока, препорачливо е воспоставување  јасни, предвидливи и правично применливи критериуми за вреднување на стручната работа на судиите ангажирани во меѓународни институции, со цел да се спречи нивната стручна надградба да претставува пречка наместо предност во постапките за професионален напредок.

Оттука, и покрај тоа што во конкретниот предмет не е утврден соодветен компаратор кој би овозможил директно утврдување на нееднаков третман во смисла на дискриминација, Судот цени дека Судскиот совет, како самостојно и независно уставно тело надлежно за гарантирање на независноста и стручното функционирање на судската власт, има позитивна обврска да обезбеди функционален и праведeн механизам преку кој ангажманот во Европскиот суд за човекови права на кој било судија нема да се третира како хендикеп во однос на неговото професионално унапредување. Таквата обврска произлегува од уставното начело на владеење на правото и должноста институциите да обезбедат еднакви можности за напредување на судиите, вклучително и за оние кои стекнуваат стручна надградба преку меѓународно искуство.

Нормативното уредување на ова прашање сè уште отсуствува и постои обврска во иднина тоа да се регулира на начин што ќе гарантира еднакви услови за напредување и нема да доведува кандидати со меѓународно искуство во понеповолна положба.

Во таа насока, учеството во стручни обуки и меѓународни судски институции, особено во Европскиот суд за човекови права, треба да се смета за стручна и институционално додадена вредност. Таквото искуство, во контекст на ограничен број судии со меѓународен ангажман, претставува значителен квалитативен придонес за домашниот судски систем и не смее да се третира како фактор што го попречува професионалниот развој на судиите.

Тргнувајќи од сето погоре изнесено, Судот одлучи дека се неосновани наводите за сторена дискриминација врз подносителот Андреј Димовски од Скопје, со донесените решенија од страна на Судскиот совет на Република Северна Македонија.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Одлуката, согласно со член 78 од Деловникот на Судот, ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски