БЗСП.бр.5/2025


Уставен суд на
Република Северна Македонија
БЗСП.бр.5/2025
Скопје, 15.10.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 15 октомври 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА барањето на Лејла Кадриу од Тетово, за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност.

Образложение

I

Лејла Кадриу од Тетово, преку адвокатот Петро Јанура од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата за кои смета дека ѝ се повредени со Решението А.бр.03-439/16 од 01.02.2022 година на Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителска функција, Решението СОЖ бр.3/22 од 29.03.2022 година на Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, Пресудата У-5 бр.779/2022 од 07.03.2024 година на Управниот суд и Пресудата УЖ-3 бр.985/2024 од 20.01.2025 година на Вишиот управен суд.

Во барањето подносителот го појаснува текот, водењето на дисциплинската постапка, изречените дисциплински мерки, постапките пред Управниот суд на Република Северна Македонија и Вишиот управен суд на Република Северна Македонија.

Имено, со Решението А.бр.03-439/16 од 01.02.2022 година, Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителска функција утврдена е одговорност на јавниот обвинител во Основното јавно обвинителство во Тетово Лејла Кадриу поради сторени три тешки дисциплински повреди со предлог за изрекување на дисциплинска мерка разрешување на јавен обвинител и Предлог-одлука за оддалечување од вршење на јавнообвинителска функција. Против Решението до Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија од страна на подносителот поднесена е жалба, но истата со Решението СОЖ.3/22 од 29.03.2022 година е одбиена како неоснована.

Против Решението поднесена е тужба до Управниот суд на Република Северна Македонија со наводи дека дисциплинската постапка против тужителот е поведена ненавремено, односно по истекот на роковите за застареност. Приговорите за застареност не биле прифатени од страна на Управниот суд и донесена е Пресудата У-5 бр.779/2022, а истата е потврдена и од Вишиот управен суд со што е донесена Пресудата ÓÆ-3 áð.985/2024 од 20.01.2025 година.

Во барањето подносителот истакнува дека има сознанија за други дисциплински постапки против виши јавни обвинители за кои не биле поднесени дисциплински постапки од страна на Комисијата за утврдување на дисциплински одговорности на јавни обвинители на Република Северна Македонија поради застареност сметајќи ги роковите на ист начин. Подносителот приговарал за застареност, а со тоа различно биле применети одредбите од Законот спрема подносителот на барањето како основен јавен обвинител наспроти вишите јавни обвинители со што е сторена дискриминацијата во однос на другите лица вршители на иста професија, но со повисока хиарархиска поставеност. Дискриминацијата била сторена со неправилна оцена на доказ и неправилна примена на одредба од закон, а сето тоа, поради неговиот статус. За овие сознанија и тврдења подносителот на барањето нема материјални докази и бара Уставниот суд да се обрати до Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител и до Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија и да ги прибави одлуките по однос на дисциплинските постапки против вишите јавни обвинители.

Понатаму, во барањето се посочуваат и пресуди (Fabris v. France бр.16574/08, ЕКЧП 2013, како и Molla Sali v. Greece бр. 20452/14, §§ 133-37, 19 December 2018) од кои може да се согледа дека Европскиот суд за човекови права овозможува заштита од различен третман, без објективно и разумно оправдување, на лица во слични ситуации. За целите на член 14 од Конвенцијата, разликата во третманот е дискриминаторска ако „нема објективно и разумно оправдување”, односно ако не следи „легитимна цел” или ако не постои „разумна пропорционалност” помеѓу користените средства и целта којашто се бара да се реализира (Fabris v. France бр.16574/08, ЕКЧП 2013, како и Molla Sali v. Greece бр. 20452/14, §§ 133-37, 19 December 2018).

Подносителот смета дека од целокупната постапка произлегува дека е дискриминиран по основ на неговата социјална припадност-општествена положба во поглед на професионалниот статус. Невоедначената практика во однос на дисциплинските постапки против јавни обвинители коишто различно се применети претставува повреда на член 6 од Европската конвенција за човекови права.

Врз основа на наведеното, подносителот му предлага на Уставниот суд, согласно со неговите надлежности од член 110 алинеја 3 од Уставот, да донесе одлука со која ќе утврди дискриминирање по основ на социјална припадност што ја опфаќа општествената положба во поглед на професионалниот статус, како и нееднаков третман пред Уставот и законите, во однос на друго лице во споредлива ситуација, спротивно на член 9 од Уставот, како и да ги поништи посочените акти во барањето со кои е сторена повредата.

II

На седницата Судот утврди дека Јавното обвинителство до Комисијата за утврдување на дисциплинска повреда и нестручно и несовесно работење на функција јавен обвинител поднел Предлог за поведување постапка за утврдување на одговорност на јавен обвинител за сторена дисциплинска повреда (13.11.2020 година) против Лејла Кадриу, јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Тетово за сторена тешка дисциплинска повреда од член 91 став 1 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство, како и за две потешки дисциплински повреди по член 91 став 1 алинеи 1 и 11 од Законот за јавното обвинителство.

Од страна на Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителска функција на 04.10.2021 година донесено е Решението за поведување на дисциплинска постапка против Лејла Кадриу бр.03-439/6. На 23.11.2021 година и на 15.12.2021 година одржани се седници на Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител на кои присуствувала и јавниот обвинител Лејла Кадриу. На 01.02.2022 година од страна на Комисијата донесено е Решение А.бр.03-439/16 со кое јавниот обвинител во Основното јавно обвинителство во Тетово Лејла Кадриу, одговорна е за сторени три тешки дисциплински повреди од член 91 став 1 алинеи 6 и 11 од Законот за јавното обвинителство и до Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија поднесува предлог да ѝ биде изречена дисциплинска мерка разрешување со предлог за донесување одлука за оддалечување од вршење на јавнообвинителска функција додека трае дисциплинската постапка.

На 10.02.2022 година јавниот обвинител донел Решение А.бр.03-99/1 со кое Лејла Кадриу, јавен обвинител во Основното јавно обвинителство во Тетово се оддалечува од функцијата јавен обвинител за време додека трае дисциплинската постапка поведена против неа.

Против Решението А.бр. 03-439/16 на Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителска функција поднесена е жалба од страна на Лејла Кадриу до Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија со наводи дека решението е незаконито, таквите повреди не се сторени, со барање Советот на јавни обвинители да ја уважи жалбата и Решението да го укине во целост како незаконито, а предлогот за разрешување и предлогот за одалечување од вршење на јавнообвинителска функција да бидат одбиени како неосновани.

Воедно и против Решението А.бр.03-99/1 на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија поднесена е жалба од страна на Лејла Кадриу до Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија со наводи дека Решението е незаконито и истото нема образложени причини кои се бараат согласно член 81 став 3 од Законот за јавното обвинителство. Имено, во Решението за оддалечување од функција, Јавниот обвинител немал образложение туку само било наведено дека Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител го предложила овој предлог кој според подносителот бил незаконски. Според поносителот, постапката воопшто не требало да ја води Комисијата, туку Јавниот обвинител бидејќи истиот одлучувал по предлогот на Комисијата и предлага жалбата да се уважи, Решението да се укине или истото да се стави вон сила.

Со Решението СОЖ бр.2/22 од 28.02.2022 година, Советот на јавните обвинители, ја одбива како неоснована жалбата на јавниот обвинител Лејла Кадриу, поднесена против Решението А.бр.03-99/1 од 10.02.2022 година и истото донесено од јавниот обвинител го потврдува.

Советот на Јавни обвинители на ден 29.03.2022 година со Решението СОЖ.бр.3/22 жалбата на јавниот обвинител во Основното јавно обвинителство Тетово Лејла Кадриу против Решението А.бр.03-439/16 од 01.02.2022 година ја одбива како неоснована. Предлогот на Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност се прифаќа за утврдените три тешки дисциплински повреди од член 91 алинеи 1, 6 и 11 од Законот за јавното обвинителство и се изрекува дисциплинска мерка-разрешување од функција. Советот врз основа на фактичката состојба и примената на одредбите од Законот за јавно обвинителство го прифатил предлогот на Комисијата и ја изрекол предложената мерка на Лејла Кадриу, јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Тетово и донел Решение СОР бр.6/22 од 29.03.2022 година со кое на јавниот обвинител во Основното јавно обвинителство Тетово Лејла Кадриу и престанува функцијата јавен обвинител, поради разрешување од функцијата јавен обвинител во дисциплинска постапка заклучно со 29.03.2022 година.

На 11.05.2022 година заведен е управен спор против Решението СОЖ.бр.3/22 од 29.03.2022 година и Решението СОР бр.6/22 од 29.03.2022 година, двете донесени од страна на Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија поради непостапување според правилата на постапката, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба во постапката која му претходела на погрешна примена на материјалното право со барање тужбеното барање да се уважи, а оспорените решенија да се поништат или преиначат. Со поднесување на тужбата, тужителот за прв пат се повикал и на институтот застареност со навод дека дисциплинската постапка против тужителот е поведена ненавремено односно предлогот за поведување на постапката за утврдување на одговорност на јавниот обвинител за сторена дисциплинска повреда е поднесен по истекот на 3 месеци од денот на добиените сознанија што е спротивно на член 2 став 1 и член 3 став 2 од Правилникот за начинот на спроведување на постапка за утврдување на одговорност на јавен обвинител за сторена дисциплинка повреда. Според подносителот, застареноста била настапена и согласно со член 93 став 1 од Законот за јавното обвинителство односно дека Решението за поведување на дисциплинската постапка требало да биде поднесено во рок од 6 месеци по доставување на предлогот за поведување, а во овој случај истото е ненавремено.

Во одговорот на тужбата, Советот на јавните обвинители истакнува дека наводите во тужбата се неосновани. Воедно, тужителката за прв пат се повикува на застареноста иако застареноста, Комисијата ја ценела како и тоа дека нема повреда на Европската конвенција за човекови права во делот кој се однесува на тоа дека одредени членови на дисциплинската комисија учествувале и во одлучувањето и по жалбата и донесување на Одлуката од страна на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, видно од самите записници од седниците коишто се во прилог на овој предмет.

Управниот суд, со Пресудата У-бр.779/2022 од 07.03.2024 година тужбеното барање изјавено против Решението СОЖ бр.3/22 од 29.03.2022 година на Советот на јавните обвинители го одбива како неосновано. Судот не нашол дека тужениот орган со оспореното решение го повредил Законот на штета на тужителот, туку дека тужениот орган донел правилно и законито решение. Воедно, Судот ги ценел и наводите на тужителот дека дисциплинската постапка била поведена ненавремено, но ги одбил како неосновани од причина што согласно со член 93 став 1 од Законот за јавното обвинителство, постапката за утврдување одговорност на јавните обвинители за сторена дисциплинска повреда се поведува во рок од 6 месеци од денот на осознавање на сторената повреда, но не подоцна од три години од денот на сторување на повредата.

Тужителот незадоволен од Пресудата поднел жалба до Вишиот управен суд.

Вишиот управен суд утврдил дека Пресудата на Управниот суд е правилна и законита и се произнел дека Управниот суд врз основа на утврдените факти, правилно го одбил како неосновано тужбеното барање на тужителот, правилно сметал дека оспореното решение на тужениот орган е законито и дека е донесено врз основа на правилно и целосно утврдена фактичка состојба со правилна примена на материјалното право. Вишиот управен суд ги ценел и наводите во жалбата на тужителот меѓутоа оценил дека жалбата е неоснована и не е од влијание за поинакво одлучување и ги образложил причините поради кои ја одбил жалбата како неоснована, а Пресудата на Управниот суд во целост ја потврдил.

II

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верско уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со оваа уставна одредба се прокламира принципот на еднаквост според кој сите луѓе се рамноправни, односно изедначени во уживањето и остварувањето на сите права и слободи, гарантирани со Уставот, независно од нивното лично својство, потекло, припадност или кој и да било друг статус.

Начелото на еднаквост и рамноправност на кој се заснова уживањето на сите слободи и права, во практиката најчесто се изразува како начело на недискриминација, односно забрана на дискриминација.

Согласно со член 110 алинеја 3 Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Начелото на забрана на дискриминација согласно со Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, значи одлучувањето на органите на јавната власт по барања за остварување на слобода или право, мора да се врши без никакви разлики и дискриминација по однос на пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло по раѓање или кој и да е друг статус.

Според член 14 (забрана на дискриминација) од Европската конвенција за заштита на човековите права, „Уживањето на правата и слободите пропишани со Конвенцијата ќе биде обезбедено без дискриминација по ниту еден основ, како пол, раса, боја, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, поврзаност со национално малцинство, сопственост, раѓање или друг статус.“

Согласно со член 53 од Актот на Уставниот суд, секое физичко или правно лице што смета дека со поединечен акт или дејствие на државен орган, орган на единица на локалната самоуправа или друг субјект што врши јавни овластувања му е повредена слобода или право утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд, откако ќе бидат исцрпени сите редовни и вонредни правни средства за заштита од поединечниот акт, во рок од 60 дена од приемот на актот по кој се исцрпени правните средства, односно 60 дена од денот на дознавањето за преземање на дејствието, но не подоцна од една година од денот на преземањето. Во барањето, меѓу другото, потребно е да се означат слободите и правата утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот кои подносителот смета дека му се повредени и наводи во што се состои повредата. Со барањето се поднесува оспорениот поединечен акт, доказите дека се исцрпени правните средства, како и други докази од значење за одлучувањето.

Пред Уставниот суд Лејла Кадриу од Тетово, преку адвокатот Петро Јанура, поднесе барање за заштита на слободите и правата поради сторена повреда на правото за забрана на дискриминација по основ на социјална припадност – општествена положба.

Имајќи ги предвид цитираните одредби, во претходна постапка, се пристапи кон испитување на барањето во однос на исполнетоста на процесните претпоставки, утврдени со член 53 од Актот на Судот.

Како поединечни акти со кои му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, подносителот ги приложува: Решението А.бр.03-439/16 од 01.02.2022 година на Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителска функција, Решението СОЖ бр.3/22 од 29.03.2022 година на Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, Пресудата У-5 бр.779/2022 од 07.03.2024 година на Управниот суд и Пресудата УЖ-3 бр.985/2024 од 20.01.2025 година на Вишиот управен суд.

Имајќи ја предвид фактичката состојба по поднесеното барање за заштита на слободи и права, во смисла на член 53 од Актот на Уставниот суд, произлегува дека се исцрпени сите редовни и вонредни правни средства за заштита од поединечниот акт.

Во претходната постапка се пристапи кон разгледување на барањето за заштита на слободи и права со приложената и прибавена документација, со цел да се утврди дали се исполнети сите процесни претпоставки за мериторно впуштање по барањето.

Според наводите во барањето од целокупната постапка започнувајќи од предлогот за поведување постапка за утврдување одговорност на јавниот обвинител за сторена дисциплинска повреда пред јавното обвинителство, па сè до донесување пресуда од страна на Вишиот управен суд со која е потврдена пресудата на Управниот суд, произлегува дека подносителот е дискриминиран по основ на неговата социјална припадност-општествена положба. Акцентот во барањето на подносителот е ставен на незадоволството од водењето на целата постапка од започнување па сè до пресудите донесени од судовите, а дискриминаторскиот однос произлегува од причините поради кои се донесени решенијата и пресуди и образложението за решавачките факти кои ги зеле предвид при одлучувањето (материјалните докази и правилна примена на материјалното право), со што решенијата и пресудите на судовите се неправилни и незаконити, односно дека дисциплинската постапка е ненавремена од каде произлегува дискриминаторскиот однос кон подносителот. Имено, подносителот како основен јавен обвинител смета дека е ставен во дискриминирана положба наспрема вишите јавни обвинители врз основа на сознанија. Имено, според него, дисциплински постапки против виши јавни обвинители не биле поведени од страна на Комисијата за утврдување на дисциплински одговорности на јавни обвинители на Република Северна Македонија, односно во тие случаи Комисијата поинаку ги применила одредбите од Законот за застареност во сторување на дисциплинска повреда наспрема подносителот на барањето како основен јавен обвинител, со што е сторена дискриминацијата во однос на другите лица вршители на иста професија, но со повисока хиарархиска поставеност. Воедно, дискриминацијата била сторена со неправилна оцена на доказ и неправилна примена на одредба од закон, а сето тоа, поради неговиот статус.

Со донесувањето на решенијата и пресудите подносителот смета дека е дискриминиран по основ на неговата социјална припадност од страна на Комисијата, Советот, Управниот суд и Вишиот управен суд, а која заштита е во рамки на надлежностите на Уставниот суд, согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот.

За остварување на заштитата на слободите и правата пред Уставниот суд не е доволно само декларативно и начелно да се означат повредени слободи и права, туку треба да се наведат и аргументите, фактите и доказите врз чија основа се заснова барањето за заштита и за конкретната дискриминација на лицето во постапувањето на судовите, за да може Уставниот суд да се впушти во мериторно одлучување.

Суштински елемент кај случаите на дискриминација е тоа што лицето кое тврди дека му е повредено правото на еднакво постапување мора да изнесе факти и докази што го поткрепуваат тврдењето, односно да покаже дека било дискриминирано по една или повеќе дискриминаторски основи. Тоа подразбира презентирање на релевантни факти и докази кои упатуваат на нееднаков или понеповолен третман во споредба со друго лице во иста ситуација, за да се активира механизмот за заштита од дискриминација.

Во однос на забраната на дискриминација, од практиката на Европскиот суд за човекови права произлегува дека за да стане збор за дискриминација, мора да постои различен третман на лица во аналогни или релевантно слични ситуации. Меѓутоа, само разликите во третманот кои се темелат на лични карактеристики (или „статус“) по кој лицата или групите на лица се разликуваат една од друга, можат да ја покренат таа одредба. Разликата во третманот на лицата во аналогни или релевантно слични ситуации ќе се смета за дискриминаторска само доколку нема објективно или разумно оправдување, односно доколку нема „легитимна цел“ или доколку нема „разумна врска на пропорционалност помеѓу средствата што се применети и целта што требало да се постигне (случај Molla Sali v. Greece [GC]).

Од доказите приложени кон барањето, подносителот не наведува релевантна споредлива ситуација за наводната дискриминација по основ на неговата социјална припадност односно општествена положба. Подносителот во барањето посочува на неповедени постапки за утврдување одговорност на јавен обвинител за сторена дисциплинска повреда на останати јавни обвинители од Вишото јавно обвинителство меѓутоа, оваа споредлива ситуација, не може да се прифати како релевантна бидејќи не станува збор за иста или слична фактичка и правна ситуација како онаа на подносителот и не е подложна на споредба со положбата на подносителот.

Припадноста на подносителот по наведениот основ, сама по себе не е доказ за дискриминација ако не се доведе во врска со слобода или право, кое не може да го оствари како последица од различниот третман по наведениот основ, без објективно и разумно оправдување спрема лице кое е во релевантно слична ситуација.

Во смисла на погоре наведеното, подносителот не наведува кое право не може да го оствари на еднаква основа споредбено со друго лице/лица во иста или слична положба.

Во суштина, подносителот бара да биде заштитен од дискриминација затоа што смета дека со решенијата и пресудите е дискриминиран по основ на социјална припадност односно општествена положба и тврди дека е различно третиран во постапките за утврдување на јавен обвинител за сторена дисциплинска повреда наспрема останати јавни обвинители од Вишото јавно обвинителство во поглед на сметање на роковите за застареност.

Имено, подносителот смета дека не требало да биде покрената дисциплинска постапка, исто како што не била покрената и за другите јавни обвинители. Но, бидејќи дисциплинската постапка против подносителот била покрената, истиот смета дека постои различен третман односно дискриминација по основ на припадност на понизок статус – основен јавен обвинител.

Тврдењето од подносителот дека органите на јавната власт различно постапиле кога против неа повеле постапка за дисциплинска одговорност којашто резултирала со нејзино разрешување, а не повеле постапка против други јавни обвинители со повисок статус во службата, не се аргументи со кои се докажува раличниот третман во остварувањето на правото загарантирано со Уставот и член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права.

Право на неповедување дисциплинска постапка како право не постои, туку постои право на судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции кои вршат јавни овластувања што е всушност уставна гаранција согласно со член 50 став 2 од Уставот. Во случајот, подносителот го остварил ова право, меѓутоа не е задоволен од исходот, и бара Уставниот суд да одлучува како инстанционо повисок суд за права и интереси во конкретен предмет. Изнесените аспекти не се аргументи за поинаков и нееднаков третман на странките во конкретната постапка и не можат да имплицираат впуштање на овој суд во испитување на евентуална повреда на слобода и права.

Имајќи ја предвид фактичката и правната состојба по предметот, како и причините на кои се повикува подносителот на барањето, во конкретниот случај не се исполнети процесните претпоставки од член 53 од Актот на Уставниот суд, за впуштање во мериторно одлучување по барањето за заштита на слободи и права по наведениот основ.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски