Врз основа на член 34 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), по гласањето против Решение У.бр.46/2025 со кое Уставниот суд на седницата одржана на 10 септември 2025 година ја запре постапката за оценување на уставноста на член 160 став 6 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2019, 76/2020, 178/2021, 58/2024 и 124/2025), писмено го образложувам моето
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
на м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, судија
Уставниот суд на Република Северна Македонија ја запре постапката за оценување на уставноста на член 160 став 6 од Законот за високото образование, по иницијатива поднесена на 9 април 2025 година од асистент д-р. сци. Кристина Димитријевиќ од Медицинскиот факултет во Скопје, во која е наведено дека оспорениот член е спротивен на повеќе одредби од Уставот. Во текот на постапката, подносителката на 15 мај 2025 година ја повлече иницијативата, поради што Судот, согласно член 39 алинеја 2 од својот Актот на Уставниот суд и немајќи основ да постапува по сопствена иницијатива, одлучи постапката да ја запре.
Иако Уставниот суд ја запре постапката поради повлекување на иницијативата, сметам дека прашањето поставено со иницијативата заслужуваше уставно разгледување поради неговото суштинско значење за владеењето на правото, еднаквоста и заштитата на уставно загарантираните права на работа и образование.
1. Забраната од член 160 став 6 од Законот за високо образование – неуставна по својата суштина
Законската забрана на иста единица на универзитетот да не можат да бидат избрани во звања лица кои се роднини по крв во права линија до кој и да е степен е мерка која по својата природа воведува дискриминација и создава колизија со темелните вредности на уставниот поредок утврдени во член 8 од Уставот. Таа ја поткопува правната сигурност и ја негира индивидуалната заслуга како основ за напредување во академската заедница.
Не може роднинската врска, како биолошки факт, да биде основ за правна дисквалификација.
Оваа одредба го санкционира семејството наместо да ја зајакнува институционалната транспарентност. Успехот и угледот на родителите не смеат да бидат правна пречка за професионалниот развој на нивните деца.
2. Примерот на Медицинскиот факултет – илустрација на апсурдот на законската забрана
Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ претставува една од најкомплексните единици на универзитетот, со 12 институти, 36 катедри и 40 наставни бази во јавни здравствени установи, во кои над 650 лица се избрани во наставно-научни, научни или соработнички звања.
Факултетот ја реализира својата дејност преку 40 наставни бази – јавни здравствени установи со кои има склучено спогодби за соработка. Лицата кои се избрани во наставно-научни, научни или соработнички звања и се ангажирани во овие бази имаат двоен работен однос: на Факултетот со ангажман од пет часа неделно, а во јавната здравствена установа со 35 часа неделно. На тој начин, нивната работа обезбедува функционална целина меѓу здравствената, образовната и научноистражувачката дејност, во согласност со член 88 од Законот за здравствената заштита. На Медицинскиот факултет во моментот има вкупно 650 лице избрано во наставно-научно, научно или соработничко звање на различни катедри, кои се во работен однос со факултетот. Голем број од овие лица, кои се членови на катедрите на факултетот во Скопје, имаат роднини по крв во права линија до кој било степен, вработени во некоја од наставните бази на факултетот, што е резултат на големиот број јавни здравствени установи каде факултетот ја спроведува својата дејност.
Во ваков институционален систем, со голема бројност на кадар и повеќеслојна организациска структура, забраната утврдена во член 160 став 6 практично создава колективна хипотека врз цела генерација млади доктори и асистенти. Ако едно лице е во роднинска врска со било кое од овие 651 лица, тоа автоматски е исклучено од можноста за избор во звање – дури и ако неговата работа е на друга катедра, друг институт или во друга наставна база.
Таквата ситуација е не само нефер, туку и функционално штетна за медицинската и научната дејност. Универзитетските клиники зависат од континуитетот на генерации и научно-наставен развој. Ограничувањето по роднинска линија го загрозува и самиот опстанок на универзитетските клиники, бидејќи Законот за здравствената заштита (член 85 став 3) бара минимум број наставници-доктори за функционирање на клиничките единици.
Со еден потег, законодавецот создава ризик од парализа на системот.
3. Судир со уставните принципи и законите
Забраната е спротивна на:
• член 9 од Уставот – начелото на еднаквост;
• член 32 – правото на работа и слободен избор на вработување;
• член 44 – достапноста на образованието под еднакви услови;
• член 54 – ограничувањата на правата можат да се воведат само во случаи утврдени со Уставот.
Таа е и во директна колизија со членовите 6 и 7 од Законот за работните односи, кои забрануваат и директна и индиректна дискриминација врз основа на „статус на семејството“ и „други лични околности“.
Формално неутрална, оваа одредба всушност произведува индиректна дискриминација, бидејќи навидум неутрален критериум (роднинска врска) ги става поединците во понеповолна положба без оглед на нивните професионални квалификации.
4. Заклучна поента – правото не смее да казнува биологија
Закон што го санкционира роднинството ја поништува суштината на уставниот хуманизам. Наместо да создава механизми против непотизам преку транспарентни конкурси и јавни критериуми, законодавецот избрал најгруб пат – забрана на биолошка основа.
Така, одбрана од можен непотизам прераснува во нова, институционализирана дискриминација.
Уставниот суд, и покрај повлекувањето на иницијативата, требаше да ја искористи својата уставна улога на чувар на принципот на владеење на правото и да се произнесе по ова прашање по сопствена иницијатива.
Зашто молкот на Уставниот суд во вакви случаи не е неутралност – туку пропуштена можност да се заштити Уставот.
Оттука, член 160 став 6 не придонесува за заштита на интегритетот на високото образование, туку го поткопува. Поради тоа, непостапувањето на Судот создава впечаток дека правдата останува нем сведок – заглавена во тишината на повлечените иницијативи.
м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева
Судија на Уставниот суд на
Република Северна Македонија