Дневен ред за 23. седница на Уставниот суд закажана за 12 ноември 2025 година во 9:30 часот

Уставниот суд на 12 ноември 2025 година во 9:30 часот ќе ја одржи 23. седница со Дневен ред на кој е предвидено да се дискутира за седум иницијативи за оценување на уставност и законитост и две барања за заштита на слободи и права.

I. ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ

1. Реферат У.бр.55/2023

Оспорен: Член 28 став 1 точка 2 подточка 2.1 од Законот за акцизите („Службен весник на Република Македонија“ бр.32/2001, 50/2001, 45/2002, 98/2002, …171/2017 и 120/2018) и член 92 став 3 точка 2 во делот „литар“ од Законот за акцизите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 108/2019, 143/2019, …57/2022 и 209/2023)

Подносител на иницијативатаСтојаноски Дејан и Србиноски Филип

Oд наводите во иницијативата

Подносителите наведуваат дека во правниот промет постојат две одредби кои регулираат иста работа, односно дека има две правни правила за увоз на иста стока и тоа одредба која се користи и е номинирана во Законот за акцизи и правно правило кое се користи и е номинирано во царинската тарифа усоогласена со номенклатурата на хармонизираниот систем на Светската царинска организација и комбинираната номенклатура на Европската заедница кои се применуваат непосредно. 

2. Реферат У.бр.155/2023

Оспорен: член 31 став 1 во делот „кој не може да биде пократок од 25 години“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.171/2022)

Подносител на иницијативата: Зоран Димовски

Од наводите во иницијативата:

Се наведува дека со оспорената одредба се повредува начелото на владеењето на правото, односно предлагачот на законот ја користи својата положба во системот на поделба на власта и предложил до Собранието  практично да се намалат правата кои претходно биле загарантирани со самиот Закон за служба на АРМ. Подносителот смета дека е нејасно која е целта на ваквата одредба, бидејќи Законот за пензионирање го признава стажот од цивилството, т.е. од други организации додека за остварување на поповолни услови не го признава, со што практично воените лица кои имале стаж од други организации и неколку месеци и немале стаж од 25 години во Армијата на денот на прнзионирањето не можат да заминат во пензија, се до остварување на минимален стаж од 25 години во служба на Армијата. Се смета дека дискриминирани се и во понеповолна положба се оние кои не го исполнуваат тој услов.

3. Реферат У.бр.169/2023

Оспорен: член 18 став 2 од Законот за вештачење

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека содржината на оспорениот акт не упатува на критериуми за определување на висината на надоместокот за добивање на овластувањето на вршење на дејноста  и нема параметри со кои поблиску би се определила висината на трошоците во постапката. 

4. Реферат У.бр.18/2025

Оспорен: член 175 став 6 од Законот за високото образование

Подносител на иницијативата: Александар Илиевски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека оспорената одредба предизвикува нееднаквост меѓу граѓаните, бидејќи се ограничува правото на избор во исто звање, на иста установа само уште еднаш на лицата избрани во звања асистенти, се нарушуваат правата на еднаквост и достапност на работно место. Се наведува дека се ограничува звањето асистент во споредба со други звања, бидејќи за другите звања нема такво ограничување, а некои се назначени дека нема ограничување за број на реизбор.

5. Реферат У.бр.68/2025

Оспорен: член 2 став 1 точка 4 алинеи 1, 2, 3, 4 и 5 од Законот за изменување на Законот за судска служба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.235/2022)

Подносител на иницијативата: Горан Тасевски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека со одредбата е направена дискриминација на припадниците на судската полиција. Според наводите, законодавецот, кога го донел Законот, ја оштетил оваа категорија на начин што, во делот на плата за звање, поради усогласување со минималната плата, направил покачување на платата на сите вработени во судската служба, освен на припадниците на судската полиција.

6. Реферат У.бр.86/2022

Оспорен акт: Одлука за прогласување на дел од Малешево за заштитено подрачје во категорија V-заштитен предел

Подносител на иницијативата: Здружение на граѓани „Засегнати сопственици на недвижен имот“ од Берово

Од наводите во иницијативата:

Подносителот смета дека со Одлуката се повредуваат член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот на Република Северна Македонија и одредби од Законот за сопственост и други стварни права и Законот за заштита на природата. Како причини за оспорување, подносителот наведува дека Одлуката е донесена на иницијатива на општините Берово и Пехчево при што постапките за прогласување на заштитениот предел биле спроведени на избрзан, нетранспарентен и незаконит начин, без учество на сопствениците на недвижен имот и воено пред донесувањето на истата не е одржан референдум за да се изјаснат граѓаните по однос на ова прашање со што е повредена Архуската конвенција. Се наведува и дека во Студијата која е изготвена за прогласување на заштитениот предел отсуствуваат информации за сопственичките права врз земјиштето во сите три зони кои се опфатени и пред одлучувањето за давање согласност на Студијата, на советниците при општинските совети на Берово и Пехчево им била дадена неточна информација дека учеството на приватните имоти е во значителна мала бројка, што не одговара на фактичката состојба. Покрај повредите во текот на постапката за прогласување заштитен предел, според подносителот, повредени се и законските одредби за опстојување на прогласениот заштитен предел, како и други законски одредби во врска со донесувањето на оспорената одлука. Подносителот смета дека се повредуваат и сопственичките права на сопствениците на имотот опфатен со оспорената одлука.

7. Реферат УЗ.бр.26/2025

Оспорен акт: член 2 во делот „преземени обврски од 2024 година согласно склучени договори“ од Програмата за користење на капитални дотации за финансирање на инвестициони проекти на општините и општините во градот Скопје.

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Oд наводите во иницијативата:

Подносителот смета дека донесувањето на оспорената програма нема законски основ за нејзино донесување што не е во согласност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок.

II. БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА

1. БЗСП бр.11/2025

Предмет: Барање за заштита на правото на правна заштита против поединечни правни акти во прв степен – право на жалба

Подносител на барањето: Александар Илиевски

Акти оспорени со барањето:

– Одлука за прекин на звањето асистент со број 02-2916/1 од 09.05.2025;
– Допис од Факултетот број 02-2994/2 од 19.05.2025;
– Отказно решение од 02.06.2025;
– Приговор од 22.05.2025;
– Акт од 04.6.2025 со кој се негира правото на приговор.

Од наводите во барањето:

Подносителот на барањето наведува дека е спречен во остварување на правото на жалба, односно на приговор како правно средство против првостепен акт, откако претходно не бил известен за негативен исход од неговото барање за продолжување на статус „асистент” на факултет. Во барањето се тврди дека е направена повреда на правото на жалба, односно правна заштита против поединечни правни акти во прв степен.

2. БЗСП бр.12/2025

Предмет: Барање за заштита од дискриминација по основ на социјална припадност согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот

Подносител на барањето: Aлександар Насковски

Акт оспорени со барањето: Одговор на барање бр.09-897/2 од 13.03.2023 година

Од наводите во барањето:

Подносителот наведува дека како професионален војник побарал трансформирање на работниот однос од определено на неопределено време со оглед на фактот дека повеќе од 5 години работел непрекинато кај ист работодавец. Наведува дека е вработен во АРМ на определено време со продолжување на 8 договори во период од 23 години и 2 месеца. Тврди дека одговорот не му е даден во форма на решение од овластено лице, дека не содржи правна поука и законска можност за жалба. Во барањето се тврди дека за разлика од останатите вработени, професионалните војници се единствените работници кои работат по повеќе од 20 години на определено време, при што наведува дека на тој начин се врши системска дискриминација.