Почитувани,
Комисијата за избор на кандидати на Република Северна Македонија за судија во Европскиот суд за човекови права(ЕСЧП) денеска го одржа третиот состанок. Се дискутираше за следните точки од Дневен ред:
1. Информација во однос на претставки за потенцијален судир на интереси упатени до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК);
2. Информација во однос на два приговора пристигнати до Комисијата;
3. Интервјуа на селектираните кандидати;
4. Разно
Претседателот на Комисијата, д-р Дарко Костадиновски ги извести членовите за двете претставки упатени до ДКСК за потенцијален судир на интереси помеѓу претседателот на Комисијата и еден од кандидатите од селектираната листа за интервјуа, за којашто дознал од медиумите, како и за двете претставки упатени до Комисијата.
По образложување на аргументите и фактите во смисла дека во конкретниот случај не може да стане збор ниту за пристрасност ниту за потенцијален судир на интереси, предлогот за изземање на претседателот Костадиновски не беше прифатен од членовите на Комисијата.
Комисијата едногласно одлучи да се спроведат закажаните интервјуа во текот на денешниот ден, а резултатите од истите ќе се достават до Експертскиот панел на Советот на Европа, откако ДКСК ќе одлучи по приговорите.
На интервјуата, со цел зголемување на транспарентноста и непристрасноста во постапката беа поканети и присуствуваа Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење”и Бојана Божиновска-Силјановска од Македонско здружение на млади превници.
Комисијата ги разгледа и пристигнатите приговори на кои ќе биде одговорено соодветно.
Комисијата ќе продолжи со интервјуата во текот на денот според предвидената динамика.


