У.бр.103/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.103/2024
Скопје, 10.09.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска и д-р Ана Павловска-Данева, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 алинеja 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 10 септември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛA иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 78 став 1 алинеја 3 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016, 25/2018 и 233/2018).

Образложение

I

Друштвото за трговија ИЛКОМ ПСС ДОО Скопје, преку законскиот застапник Симеон Петров, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите во иницијативата, подносителот бара поведување постапка за оценување на уставноста на член 78 став 1 алинеја 3 од Законот за нотаријатот, од причина што одредбата не е во согласност со член 8 алинеи 3 и 6 и со член 9 од Уставот на Република Северна Македонија.

Подносителот наведува дека оспорената одредба директно го повредува принципот на владеење на правото од причина што во правната поука од истата не предвидува дека приговорот задолжително треба да го состави адвокат, а тоа доведува до голема правна несигурност бидејќи граѓанинот може да згреши и приговорот да го даде без адвокатски печат, па без да му се разгледа оправданоста на наводите во приговорот може да го изгуби спорот.

Во иницијативата се наведува и дека оспорената одредба е во спротивност и со член 9 од Уставот кој предвидува дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата бојата на кожата, националноста и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, а со оспорената одредба граѓаните се ставаат во нееднаква и дискриминирана положба. Ова од причина што во приговорот не е предвидено дека приговорот задолжително треба да го состави адвокат што доведува до незаштитеност на сопственоста бидејќи без да биде разгледена основаноста на доверителовото побарување, должникот е должен да плати на доверителот доколку приговорот го даде без адвокатски печат.

Понатаму во иницијативата се цитирани членови од Законот за нотаријат, и како пример се посочува Решение од Основниот граѓански суд Скопје.

Подносителот предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 78 став 1 алинеја 3 од Законот и истиот да го поништи.

II

На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 78 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016, 25/2018 и 233/2018), се уредени формата и содржината на решението за нотарски платен налог.

Во оспорениот член 78 став 1 алинеја 3 од Законот е определена правна поука дека против решението со кое е издаден нотарскиот платен налог и против одлуката за трошоците, должникот има право да поднесе приговор во рок од осум дена од денот на приемот на решението преку нотарот кој го донел решението до надлежниот основен суд.

Имено, оспорениот член со Законот за изменување и дополнување на Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 233/2018 од 20.12.20218 година) е изменет и има нова содржина, којашто измена по својата содржина не е од значење од аспект на наводите во иницијативата.

Во член 28 од Законот за изменување и дополнување на Законот за нотаријатот, се наведува дека членот 78 се менува и гласи: „Решението со кое нотарот издава нотарски платен налог ја има следната содржина:
– податоци за нотарот кој го издава платниот налог,
– назначување дека е решение со кое се издава нотарски платен налог,
– назначување дека се усвојува предложениот нотарски платен налог и се задолжува должникот да му го плати на доверителот пристигнатото парично побарување според веродостојната исправа, видот и обемот на побарувањето како и трошоците на постапката во рок од осум дена од приемот на решението,
– правна поука за право на приговор во рок од осум дена од денот на приемот на решението со кое е издаден нотарскиот платен налог и
– датум на донесување на решението, потпис и печат на нотарот.“

Во член 54 се наведува дека oвој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 38 алинеја 1 од Актот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по неа.

Поаѓајќи од содржината на наводите во иницијативата Судот оцени дека со неа се оспорува одредба од Законот за нотаријат со предлог во оспорениот член 78 став 1 алинеја 3 од Законот да се внесе нова содржина, со која ќе се овозможи прецизирање на оспорената законска одредба која била нејасна во однос на практичната примена, од причина што во правната поука не е наведено дека приговорот задолжително треба да го состави адвокат што доведува до правна несигурност.

Судот утврди дека наводите во иницијативата се неосновани, од причина што оспорената одредба од Законот не се оспорува поради нејзината постојна содржина, туку поради содржина што ја нема, односно подносителот на иницијативата бара додавање нова содржина на начин како што тој смета дека е потребно, што е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд. Воедно, согласно член 110 од Уставот, Судот нема надлежност да се впушта во оцена на практичната примена на законите.

Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд во член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и наводите од иницијативата од друга страна, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд, со оглед дека наводите во иницијативата се сведуваат на барање на примена на законската норма.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски