Делегација на Уставниот суд на Република Турција предводена од претседателот Кадиз Озкаја присуствуваше на работна средба со претседателот д-р Дарко Костадиновски и судиите на Уставниот на Република Северна Македонија.
Во рамки на средбата се одржа работна сесија со следните теми:
-Предлог-Статутот којшто ќе биде предмет на разгледување и усвојување за време на Третиот годишен состанок на Форумот на уставните судови од Балканот кој ќе се одржи од 13-16 ноември 2025 година;
-Споделување на праксата и искуствата на двата уставни судови на темите уставно-судска контрола преку механизмот на уставна жалба.
Претседателот Костадиновски потенцираше дека и двете теми се од исклучителна важност за судовите, особено поради фактот што делат иста визија за унапредување на владеењето на правото и заштитата на човековите права, но и на Балканскиот форум на уставни судови во кој Уставниот суд на Република Северна Македонија во 2023 година беше еден од основачите, заедно со бугарскиот Уставен суд.
„Меморандумот склучен помеѓу двата уставни суда во 2007 година во Анкара добива смисла и динамика со овие билатерални средби и продолжувањето на добрата соработка. Во пресрет на одржувањето на Балканскиот форум на уставни судови во Анкара во ноември сакам да најавам дека со мојот колега Озкаја разговаравме на тема како да го направиме Балканскиот форум да стане значаен фактор на нашата соработка, дали постои можност да се унапреди во Сојуз. Знаете, балканските земји соработуваат во политиката, во економијата, во разни сфери, а можеби звучи контраверзно ама и криминалот е прекуграничен и соработуваат и во криминалот. Ние делиме заедничко минато, имаме иста визија и затоа мислам дека е значајно да се соработува во уставната правда, изјави претседателот Костадиновски.
Претседателот на Уставниот суд на Република Турција посочи дека ги дели ставовите со колегата Костадиновски и сподели значајни прашања кои треба да се разговараат за унапредувањето на Балканскиот форум на уставни судови.
„Ние сме судии на човекови права и сме олицетворение на мисијата на правдата, нашето знаење, искуство, ги поставуваат контурите на правдата. Треба да сме внимателни, да сме посветени на развојот на заштитата на човековите права. Треба да ги истражуваме најдобрите практики од секаде низ светот и да ги применуваме кај нас. Ја отелотворивме идејата на Балканскиот форум и треба да размислуваме како да го трансформираме во правен ентитет, да се размисли за логистиката и ресурсите и можеби и да оди во насока на Сојуз,кажа Озкаја.”
Во рамки на посетата на турската делегација е предвиден работен ручек со претседателот на Собранието на Република Северна Македонија.












Покрај официјалната агенда, делегацијата учествува и во социјална програма, која вклучува посета на Меморијалниот центар „Коџаџик“ ,спомен-куќата на Али Риза, татко на Мустафа Кемал Ататурк, како и на културно-историски локалитети: Старата скопска чаршија, Шарената џамија во Тетово, џамијата Али Паша во Охрид и античкиот град Хераклеа Линкестис во Битола.











