У.бр.199/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.199/2023
Скопје, 10.09.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска и д-р Ана Павловска-Данева, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 10 септември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 46 став 1 и член 62 став 1 од Законот за вештачење („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023).

Образложение

I

Оливер Давидовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби означени во диспозитивот на ова решение.

Според наводите во иницијативата, со глава VI од Законот за вештачење, се „вметнати” одредби со кои се уредува организацијата, функционирањето и надлежноста на Бирото за процена коешто врши стручни работи од областа на процената во согласност со одредбите од Законот за процена. Подносителот смета дека вештачењето и процената се одделни категории, независни една од друга, регулирани со два посебни закони, при што го цитира нивниот предмет на уредување.

За подносителот е нејасно како со оспорените одредби од Законот за вештачење „се создава” нов орган, а притоа законодавецот не интервенирал во Законот за процена ниту во системскиот Закон за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000, 44/2002, 82/2008, 51/2011, 96/2019 и 110/2019) кој согласно член 95 од Уставот на Република Северна Македонија се донесува и изменува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Во овој контекст, подносителот се повикува на одредби од овој закон за кои смета дека создаваат колизија со оспорените одредби од Законот за вештачење кој се донесува со обично мнозинство и кои ги дерогираат одредбите од системскиот Закон за организација и работа на органите на државната управа, особено ако се има предвид дека според член 17 ставови 2 и 3 од овој закон е основано Бирото за судски вештачења како орган во состав на Министерството за правда со својство на правно лице.

Врз основа на изнесеното, подносителот смета дека со оспорените одредби од Законот за вештачење се создава неконзистентност која ќе предизвика дополнителна забуна како и проблеми во практиката, што ќе ја загрози правната сигурност на граѓаните, нешто што е спротивно на владеењето на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 како и член 51 од Уставот.

Од наведените причини подносителот на иницијативата му предлага на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените законски одредби и истите да ги укине.

II

На седницата Судот утврди дека според член 46 став 1 од Законот за вештачење („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023), Бирото за процена е орган на државна управа во состав на Министерството за правда, со својство на правно лице.

Со член 62 став 1 од истиот закон е пропишано дека со денот на влегувањето во сила на овој закон, Бирото за судски вештачења продолжува да работи како Биро за процена, орган во состав на Министерството за правда.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок.

Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Член 95 од Уставот, со ставовите 1 и 3 уредува дека државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон, како и дека организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Со Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Pепублика Mакедонија“ бр. 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010, 36/2011, 51/2011 и 96/2019 и „Службен весник на Pепублика Cеверна Mакедонија“ бр.110/2019, 154/2019 и 121/2024) се уредуваат организацијата, надлежностите и работата на органите на државната управа. Според член 2, oрганите на државната управа, како дел од изршната власт, се основаат во областите и подрачјата кои се од значење за вршење на функциите на државата и за ефикасно остварување на правата и должностите на граѓаните и правните лица. Според член 5 став 1, органите на државната управа можат да се основаат како министерства, други органи на државната управа и управни организации, а со став 3 е пропишано дека другите органи на државната управа според видот на организацијата и степенот на самостојноста можат да се основаат како самостојни органи на државната управа или како органи во состав на министерствата. Став 5 уредува дека органите во состав на министерствата можат да се основаат за вршење на определени управни, стручни и други работи од надлежност на министерството. Според член 7, органите на државната управа, освен министерствата, можат да се основаат, укинуваат и нивната надлежност да се утврдува со закон, a според член 8 на одделни органи на државната управа, со законот со кој се основаат може да им се определи својство на правно лице.

Со Законот за вештачење се врши усогласување со Регулативата бр. 910/2014 на Европскиот парламент и на Советот за електронска идентификација и доверливи услуги за електронски трансакции на внатрешниот пазар и укинување на Директивата 1999/93/ЕЗ, CELEX бр.32014R0910. Според член 1, со Законот, се уредува вршењето на вештачењето, условите, начинот, субјектите што вршат вештачење, условите и постапката за полагање испит за вештак, издавање, престанок или одземање лиценца за вештачење, награда и надоместок на трошоците за извршеното вештачење, основањето, надлежноста, организацијата и работењето на Комората за вештаци и другите органи на управување, како и други прашања од значење за судските вештачења и супервештачења.

Во глава VI од Законот, насловена „Биро за процена“ се уредени прашањата кои се однесуваат на овој орган на државната управа во состав на Министерството за правда со својство на правно лице, што произлегува од член 46 став 1, кој е предмет на оспорување со иницијативата. Во глава IX „Преодни и завршни одредби“ од Законот, со член 62 став 1, кој исто така се оспорува со иницијативата, се уредува дека со денот на стапувањето на сила на овој закон, Бирото за судски вештачења продолжува да работи како Биро за процена, орган во состав на Министерството за правда.

Со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.121/2024 година) одредбите од овој закон се изменети и дополнети на начин што според член 17 став 2 алинеја 2 и став 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, во состав на Министерството за правда е Бирото за процена кое има својство на правно лице. Исто така, во преодните и завршни одредби, според член 30 став 1 од Законот, државните органи се должни во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон да ги усогласат посебните закони со кои се уредуваат основањето, работите, надлежностите на органите на државната управа и другите општи акти од своја надлежност.

Тргнувајќи oд изнесената анализа произлегува дека со уставните одредби е пропишано дека државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон, а нивната организација и работа се уредува со Закон за организација и работа на органите на државната управа, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Oд содржината на одредбите на Законот неспорно произлегува дека органите на државната управа (освен министерствата) можат да се основаат, укинуваат и нивната надлежност да се утврдува со закон, а на одделни органи на државната управа, со законот со кој се основаат може да им се определи и својство на правно лице. Од член 17 ставови 2 и 3 од Законот произлегува дека во состав на Министерството за правда е Бирото за процена кое има својство на правно лице. Од член 46 став 1 од Законот за вештачење произлегува дека Бирото за процена е орган на државна управа во состав на Министерството за правда, со својство на правно лице. Всушност, на Бирото за процена му се пропишани посебно утврдени надлежности, коишто законодавецот со закон му ги доделил како орган на државната управа со својство на правно лице.

Од уставните и законските одредби, произлегува дека органите на државната управа, а со тоа и нивните органи во состав, работите од својата надлежност ги вршат врз основа и во рамки на Уставот и законите. Уредувањето во оспорените одредби, според Судот, е во согласност со уставно утврдената положба на органите на државната управа, како дел од извршната власт, чија организација и работа се уредува со закон.

Прашањето, во кој закон и на кој начин треба да бидат регулирани одредени односи во правото, е прашање за кое одлучува законодавецот кој е надлежен да ги креира законите и да го утврдува предметот на нивното уредување. Потребата од донесување на вакво законско решение всушност е проценка на законодавецот. Согласно член 68 од Уставот, Собранието има генерално уставно овластување да донесува закони заради уредување на односите во сите области на општествениот живот, од каде нема уставна пречка Собранието да донесе закон во оние области за кои е оценето дека е потребно.

Имајќи го предвид уставното овластување на законодавецот, според Судот, нема основ за сомневање во уставноста на оспорените законски одредби од наведените причини во иницијативата. Според уставно-судската практика и ставовите на Уставниот суд, не постои конкретно правно правило при креирањето на нормите една цела област да биде уредена исклучиво во еден закон или пак правната проблематика да биде уредена во повеќе закони, а поврзаностa на нормите од повеќе закони особено доаѓа до израз во комплексни правни материи кои имаат допирни точки со други области.

Имајќи ја предвид уставно-судската анализа, според Судот, не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот за вештачење со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија. Во однос на примената на законите и нивната меѓусебна усогласеност, согласно со член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски