Дневен ред за 20. седница закажана за 24 септември 2025 година

На 24. Септември 2025 година (среда) во 9:30 часот, Уставниот суд ќе ја одржи 20. седница со Дневен ред за кој се предвидени 11 иницијативи за оценување на уставност  и законитост и едно барање за заштита на слободите и правата. 

1. Реферат У.бр.185/2024

Оспорен акт: Член 46 ставови 1 и 11 во делот „Управата за ветеринарство“ од   Законот за ветеринарно-медицински препарати („Службен весник на   Република Македонија“ бр.42/2010, 136/2011, 149/2015, 53/2016 и    241/2018). 

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека оспорените делови пропишуваат надлежности и овластувања на непостоечки орган, Управа за ветеринарство, што значи сеуште произведуваат правно дејство и како спорни може да ги доведат во заблуда субјектите кои се засегнати со конкретната проблематика. 

2. Реферат У.бр.269/2024

Оспорен акт: Член 3 став 1 алинеја 4 од Законот за наставниците и стручните   соработници во основните и средните училишта („Службен весник  на  Република Северна Македонија“ бр.161/2019). 

Подносител на иницијативата: Манчо Манчев

Содржина на оспорената одредба: 

Наставник во основно и средно училиште може да биде лице кое покрај останатите услови го познава македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот и писмото на кој ќе ја изведува наставата. 

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека критериумите за кандидат за наставник не се прецизирани до крај, односно не е предвиден начинот на којшто ќе се изврши проверка на познавањето на македонскиот јазик и кирилското писмо и јазикот и писмото на коe ќе се изведува наставата, но и не е посочен материјалот потребен за подготовка на исполнување на тој услов. 

3.Реферат У.бр.34/2025

Оспорен акт: Член 599 став 1 точка 6 од Законот за трговските друштва („Службен  весник на Република Македонија“ бр.28/2004, 84/2005, 71/2006, 25/2007, 87/2008, 17/2009, 23/2009, 42/2010, 48/2010, 8/2011, 21/2011,    24/2011, 166/2012, 70/2013, 119/2013, 120/2013, 187/2013, 38/2014,   41/2014, 138/2014, 88/2015, 192/2015, 217/2015, 6/2016, 30/2016,       61/2016, 64/2018, 120/2018, 195/2018 и 239/2018 и („Службен весник    на Република Северна Македонија“ бр. 79/2020, 123/2020, 290/2020,    215/2021, 99/2022 и 272/2024) и член 44 став 2, член 45 став 1, член       46 и член 47 од Законот за прекршоците („Службен весник на    Република Северна Македонија“ бр.96/2019 и 252/2023).

Подносител на иницијативата: Влатко Атанасоски

Oд наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека оспорените одредби се во спротивност со основните економски слободи и права кои се уредени со Уставот. Според него, спорно е што се наметнува забрана за дејност поради неподнесување на годишна сметка, без да се земат предвид потенцијалните оправдувања или тековниот статус на компанијата и на тој начин, според него се прави непропорционално ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото. Дополнително, се наведува дека санкциите се непропорционални и ја нарушуваат слободата на претприемништвото. 

4.Реферат УЗ.бр.3/2025

Оспорен акт: Член 55 став 2 од Правилата за тргување на Македонска берза на хартии од вредност АД Скопје    

Подносител на иницијативата: Мишо Василевски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека со воведување на вакво правило за тргување со акции на Македонската берза за хартии од вредност, спротивно на одредбите од Уставот, компаниите кои котираат на Македонската берза за хартии од вредност можат вештачки-непазарно да ја соборат цената на акциите до толку ниско ниво, што потоа со години акционерите не би можеле да ги постават своите акции за продажба и притоа слободно да ја определат цената по која сакаат да ги продадат акциите. Се наведува дека оваа практика на тргување со акции е воведена само за цената на обичните акции кои се тргуваат на официјалниот пазар и овие ценовни ограничувања не важат за ниту еден друг начин на тргување на Берзата. Во иницијативата се наведува дека оспорените делови се во спротивност со членот 30 од Уставот, односно на загарантираното право на сопственост. 

5.Реферат У.бр.143/2023

Оспорен акт: Уредба за изменување на Уредбата за висина на надомест за   приватација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно  земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2022) и Уредба за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и   постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.168/2022.

Подносител на иницијатвата:  ТД Интерпрогрес доо Скопје застапувано од адвокат Илија Чилиманов

Oд наводите во иницијативата: 

Се наведува дека со донесување на оспорената Уредба, Владата драстично ги менува условите во односи на цени, под кои може да се приватизира земјиштето, на начин што цената која треба да ја платат субјектите кои водат постапки за приватизација, повеќекратно се зголемува. Според подносителот спорно е тоа што новите цени-надоместоци кои треба да се платат за приватизација се применуваат и за постапки за приватизација кои се во тек, што значи имаат повратно дејство, што е спротивно на членот 52 став 4 од Уставот. 

6.Реферат У.бр.119/2024

Оспорен акт: Одлука за донесување изменување и дополнување на Детален урбанистички план Тасино Чешмиче 1, Општина Центар-Скопје бр.    07-4414/6 од 18 јули 2014 година („Службен гласник на Општина      Центар-Скопје бр. 9/2014).

Подносител: Ѓорѓи Радојков

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука за донесување на ДУП е во спротивност со Законот за локалната самоуправа бидејќи за нејзиното донесување не било обезбедено потребното мнозинство од 12 гласа „за“ како што предвидува Законот. Имено, од вкупно 23 члена на Советот, биле присутни 12 членови од кои 11 члена гласале „ЗА“, а еден гласал против. Воедно, подносителот смета дека измените и дополнувањата на конкретниот ДУП на Општина Центар не е усогласен и со ГУП на Град Скопје што е спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање.

7.Реферат УЗ.бр.4/2025

Оспорен акт: Одлука за одредување височина на нулта плоча за градби кај терени во пад во Општина Центар-Скопје („Службен гласник на Општина    Центар Скопје“ бр.1/2024).

Подносител на иницијативата: Ѓорѓи Радојков

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека со оспорената Одлука на терен се менуваат сите детални урбанистички планови во Општината, бидејќи со неа се менуваат услови во ДУП-ови со промена на максималната височина на градба, без прецизни параметри со можност за злоупотреби од големи размери, со промена на максимално дозволениот процент на изграденост, коефициентот на искористеност на градежното земјиште. Се наведува дека на Одлуката не претходела ниту стручна ревизија, расправа ниту јавна резентација или пак јавна анкета, предвидени со Законот за урбанистичко планирање. 

8.Реферат УЗ.бр.47/2025, УЗ бр.48/2025 и УЗ.бр.59/2025

Оспорен акт: Одлука за утврдување на бројот на членовите на советите на    општините во Република Северна Македонија, донесена од    Владата на Република Северна Македонија на седницата одржана  на 24.09.2024 година, бр.41-841/7 од 24.09.2024 година, објавена на 26.09.2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.199/2024).

Подносител на иницијативата: Скендер Реџепи

Од наводите во иницијативата УЗ.47/2025:

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената одлука создава правна несигурност, бидејќи според него, Владата без законско овластување ја донела Одлуката со која е утврден бројот на членовите на советите во општините. Во иницијативата е наведено дека Владата нема законско овластување за вакви одлуки и бројот на членовите којшто е определен со оспорената Одлука е различен од начинот предвиден во членот 34 од Законот за локална самоуправа. Се наведува дека Одлуката не содржи податоци врз основа на кои е определен бројот на членовите на советите, што истата ја прави нејасна и спротивна на член 9 алинеја 3 од Уставот. 

Од наводите во иницијативата УЗ.48/2025:

Подносителот на иницијативата тврди дека оспорената Одлука е во спротивност со член 8 алинеја 3 и член 51 од Уставот, како и со членови од Законот за локална самоуправа. Се наведува дека извршната власт не може да го одредува бројот на членови во советот на општините спротивно од официјалните податоци добиени од Пописот во 2021 година.

Подносител на иницијативата: Ќенан Алија

Од наводите во иницијативата УЗ.59/2025: 

Во иницијативата, меѓудругото е наведено дека со оспорената одлука се повредува член 34 од Законот за локалната самоуправа, бидејќи според тврдењата се дава овластување на Владата да го уреди бројот на членовите на советот на општината. Според подносителите, член 36 став 3 од Законот за Владата овозможува да се донесат одлуки за да се спроведат законите, но не и да се носат одлуки кои се базирани на правно спорни или укинати методологии. За ова како аргумент ја наведуваат одлуката на Уставниот суд У.бр.251/2025 со која Судот укина делови од Методологијата за спроведување на пописот во 2021 година. Се наведува дека фактот со кој што Уставниот суд ги укинал спорните делови од Методологијата е од фундаментално значење за правна оценка на сега оспорената Одлука на Владата, бидејќи таа е основана на укинатите методолошки основи, односно на податоците од категоријата „резидентно  население” според Пописот од 2021 година. 

Подносители на иницијативата: Блерим Беџети, координатор на пратеничката група „Европски фронт” и Сали Мурати, пратеник на пратеничката група „Европски фронт”

9.Реферат УЗ.бр.56/2025

Оспорен: Член 11 зборовите во делот „и притоа за поддршка на истата на    пропишан образец да бидат потпишани најмалку два избирачи“, член    12, член 20 став 1 алинеја 1 и член 22 став 9 од Упатството за    начинот и постапката за поднесување, прием и потврдување на    кандидатските листи за локални избори 2025 бр.08-1701/1 од 17.08.2025 година).

Подносител на иницијативата: Светски македонски конгрес

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорените одредби од Упатството се во спротивност со Изборниот законик, Уставот и одлуката на Уставниот суд со која се укинаа членовите 17 и 18 од Изборниот законик. Се тврди дека иако изборните рокови се во тек, со оспорените одредби се пропишуваат услови за бројот на потписи на избирачите кои имаат право да предлагаат кандидати за градоначалнци и кандидатски листи на советници во Град Скопје и во општините. 

10.Реферат У.бр.160/2024

Оспорени: Член 9 во делот „Толкување“ од Тарифата за награда и надоместок    на трошоците за работа на адвокатите („Службен весник на     Република Северна Македонија“ бр.13/2017, 189/2019, 262/2019,    75/2020 и 41/2023) и Автентично толкување на Тарифата за награда и       надоместок на трошоците за работа на адвокатите („Службен весник  на Република Македонија“ бр. 111/2015)

Подносител: Оливер Давидовски од Скопје

Од наводите во иницијативата: 

Според наводите во иницијативата со оспорениот подзаконски акт се пропишува дека Управниот одбор на Адвокатската комора има право да дава автентично толкување на Тарифата, врз основа на што е и изготвено Автентично толкување на Тарифата, објавено во Службен весник на РМ. Подносителот наведува дека Уставот јасно декларира дека автентично толкување на законите дава законодавецот, а во Законот за адвокатурата не е содржана изречна одредба дека Адвокатската комора преку свој орган може да дава автентично толкување. По ова е наведен заклучок дека Адвокатската комора ги пречекорила своите законски овластувања, спротивно на принципот на владеење на правото и начелото на уставност и законитост.

11.Реферат УЗ.бр.27/2025

Оспорен акт: Член 4 став 1 дел в. Неметалични минерални суровини точка 6 став 3   и став 6 од Тарифникот за утврдување на висината на    надоместоците за издавање на дозволи и концесии за вршење  детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на       минералните суровини („Службен весник на Република Северна   Македонија“ бр.268/2024).

Подносител на иницијативата: Aкционерско друштво за производство, преработка, трговија и монтажа на украсен камен МЕРМЕРЕН КОМБИНАТ АД ПРИЛЕП, застапувано преку адвокатско друштво Георги Димитров

Од наводите во инцијативата: 

Подносителот меѓу другото тврди дека Тарифникот ја повредува еднаквата правна положба на концесионерите кои експлоатираат архитектонско-украсен камен, на штета на оние кои експлоатираат мермер. Дополнително се наведува дека Тарифникот создава правна неизвесност бидејќи го издвојува мермерот со останатите типови на минерална суровина, вклучително и од групата на архитектонско-украсен камен како минерална суровина, за која експлоатацијата ја прави несигурна и непредвидлива во однос на другите типови на минерална суровина која се експлоатира. 

II.   БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА

1.   БЗСП.бр.8/2025

Предмет на барањето: Барање за слободи и права согласно член 110 алинеја 3 од Уставот (повреда на слободата на јавното изразување на мислата)

Подносителка на барањето: Наташа Стојановска преку полномошник Филип Медарски, адвокат

Оспорени: Пресуда 3 П4-240/22 од 15.06.2022 година на Основен граѓански суд Скопје и Пресудата ГЖ-3340/22 од 19.12.2024 на Апелационен суд Скопје

Од наводите во барањето: 

Подносителката наведува дека нејзиното тужбено барање во делот на повредата на слободата на изразување е одбиено како неосновано од страна на двата суда преку донесување на пресудите, кои се однесуваат на настан случен на 27 април 2017 година во Собранието. Подносителката како акредитирана новинарка била присутна тој ден во Собранието за да известува за Телевизија 24, не само што била спречена да известува од критичниот настан, наведува дека била и нападната, по што за остварување на своите права после настанот отворила судски постапки против државата, поради фактот дека не ја заштитила безбедноста на новинарите при извршувањето на нивните задачи, во смисла на членот 10 од Европската конвенција за човекови слободи и права. Судовите го одбиле нејзиното барање за надомест на штета поради слободата на изразување, како неосновано.