Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.220/2024
Скопје, 02.07.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 2 јули 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 35 став 2 во делот „од членот 33 став (1) на овој закон“, член 58 став 2, член 59 став 2, член 66 став 2, член 88 став 6, член 93 став 1 во делот „,најдоцна до завршувањето на истражната постапка“, член 111 став 2 во делот „став (1)“ од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ број 150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018).
Образложение
I
Леонид Трпеноски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 35 став 2 во делот „од членот 33 став (1) на овој закон“, член 58 став 2, член 59 став 2, член 66 став 2, член 88 став 6, член 93 став 1 во делот „,најдоцна до завршувањето на истражната постапка“, член 111 став 2 во делот „став (1)“ од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ број 150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018).
Во иницијативата се наведува дека оспорените одредби се спротивни на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 и член 53 од Уставот на Република Северна Македонија и Европската конвенција за заштита на човековите права.
Подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да ja оцени уставноста на оспорените одредби од Законот за кривичната постапка како еден од најважните правни прописи во едно демократско општество и развојот на казненото процесно право, кое се остварува преку усогласеноста на законите со Уставот и меѓународните норми особено со одредбите од Европската конвенција за човековите права до степен до кој судската пракса на Европсиот суд за човекови права може да се имплементира врз конкретни кривични постапки на кои се применува овој закон како еден од најважните правни прописи во едно демократско општество засновано на владеењето на правото и заштита на човековите права. Подносителот дава компаративна споредба на концептите од стариот Закон за кривичната постапка, односно мешовита постапка со изразени инквизициони елементи со Законот за кривичната постапка кој сега е на сила и има поблиски елементи на акузаторен модел на кривичната постапка.
Потоа, во иницијативата се изнесуваат причините за оспорување на секоја оспорена одредба од Законот одделно.
Подносителот наведува дека член 35 став 2 од Законот за кривичната постапка онака како што е формулиран содржи една нелогичност бидејќи дозволува да се бара изземање на судијата од релативни причини само до почетокот на главната расправа, макар што постои можност причините за сомнеж во објективноста на членовите на судечкиот совет да се појават во текот на главната расправа и тоа токму од начинот на кој таа се води, разликите во допуштање на одредени прашања и одлучување по приговори на странките, прифаќање или одбивање на доказните предлози и сл.
Во иницијативата се наведува дека дадената можност да се бара изземање од релативни причини до почетокот на главната расправа е рестриктивно и нејасно решение и е во колизија со член 36 став 8 од Законот.
Според подносителот оспорената одредба го ограничува квалитетното и професионално обезбедување правна помош, обврска која произлегува од член 53 од Уставот.
Подносителот во однос на член 58 став 2 од Законот за кривичната постапка, наведува дека постоењето на истиот станало беспредметно, бидејќи со Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета ( „Службен весник на Република Македонија“ бр. 143/2012), навредата стана граѓански деликт. Според член 4 од овој закон, во постапката на утврдување на одговорноста за навреда се применуваат одредбите на Законот за парничната постапка. Истото законско решение е предвидено и со член 4 од новиот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 251/2022).
Во однос на член 59 став 2 подносителот наведува дека одредбата е нејасна, од причина што во истата е пропишано дека лице со наполнети 18 години не се смета за малолетник, иако во Македонија не може да има „малолетник кој наполнил 18 години”, што значи лице со наполнети 18 години станува полнолетно лице.
Според подносителот, оспорената одредба ваква каква што е, претставува беспредметна и непотребна одредба, и на тој начин нејзиното постоење и штети на правната сигурност поврзана со владеењето на правото како една од темелните вредности на нашиот уставен поредок предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Истите наводи подносителот во иницијативата ги наведува и за член 66 став 2 од Законот.
Во однос на член 88 став 6, подносителот ги наведува истите наводи кои се однесуваат на претхотно наведениот член 58 став 2, односно дека постоењето на наведената одредба е бесмислена имајќи предвид дека навредата како кривично дело е веќе декриминализирана и претставува предмет на регулирање на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.
Во однос на оспорениот член 93 став 1 во делот „најдоцна до завршувањето на истражната постапка”, подносителот наведува дека со Законот за кривична постапка во член 12 е пропишано дека е забрането од обвинетиот или од друго лице кое учествува во постапката да се изнудува признание или некаква друга изјава. Покрај тоа изречно се предвидува дека доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука.
Според подносителот, тие не може да се користат во ниедна фаза од кривичната постапка, а забрането е на нив да се заснова каква и да било судска одлука и во таа насока уставно неоправдано е што во одредбата отсуствува субјективен рок во кој судијата на претходна постапка би морал да одлучи по предлогот за издвојување на доказите.
Забраната судот да ја заснова пресудата на некакви докази значи дека тој не смее нив да ги користи при донесување на одлуката. Тие не се дел од доказниот супстрат што е основа за донесување на одлуката.
Подносителот наведува дека со пропишување само краен рок за издвојување незаконити докази од списите, кој е објективно долг (до завршување на истрагата, односно по приемот на обвинителниот акт за потврдување, а пред неговата оценка), се овозможува истражниот судија да го искористи материјалот кој содржи незаконски докази за донесување натамошни решенија во претходната постапка како што се решенија за мерки за обезбедување присуство, одземање на имотна корист и слично. Според подносителот одредбата треба да гласи на начин што со истата ќе се предвиди дека доказите треба да се издвојат најбрзо што може, а не до завршување на истражната постапка.
Оттука, според подносителот, делот од оспорената одредба е во судир со член. 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 од Уставот на Република Северна Македонија и член 6 став 1 од Европската конвенција за човекови права.
Во однос на член 111 став 2 во делот „став (1)” подносителот ја цитира истата, односно наведува дека оспорената одредба гласи:
(2) Кога барањето од ставот (1) на овој член го поднесува жртвата на кривичното дело, во барањето ќе наведе дали остварила надоместок или поднела барање согласно со членот 53 став (1) од овој закон.
Во таа насока подносителот наведува дека одредбата во ставот 1 дефинира кој може да поднесе имотноправно барање во кривична постапка. Во ставот 2, додава обврска за жртвата на кривичното дело, во барањето да наведе дали остварила надоместок на материјална и нематеријална штета од државен фонд под услови и на начин пропишан со посебен закон.
Подносителот појаснува дека таквото право за жртвата на кривичното дело е предвидено во член 53 став 3 од Законот за кривичната постапка, а не во член 53 став 1 на кој упатува член 111 став 2 и од таа причина истата е во спротивност со владеењето на правото, како една од темелните вредности на уставниот поредок предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Имајќи го предвид горенаведеното, подносителот бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби.
II
На седницата Судот утврди дека согласно член 35 став 2 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ број 150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018), странките можат да поднесат барање за изземање до почетокот на главната расправа, а ако за причината за изземањето од членот 33 став (1) на овој закон дознале подоцна, барањето го поднесуваат веднаш по дознавањето.
Со член 58 став 2 од истиот закон е пропишано дека ако е поднесена приватна тужба поради кривичното дело навреда, обвинетиот до завршувањето на главната расправа и по истекот на рокот од ставот (1) на овој член може да поднесе тужба против тужителот кој истовремено му ја возвратил навредата (противтужба). Во ваков случај судот донесува една пресуда.
Член 59 став 2 пропишува дека малолетник кој наполнил 18 години може и самиот да поднесе предлог или приватна тужба.
Со член 66 став 2 е пропишано дека оштетениот кој наполнил 18 години е овластен самиот да дава изјави и да презема дејствија во постапката.
Член 88 став 6 предвидува дека казнувањето според ставот (1) на овој член не влијае врз гонењето и изрекувањето на казната за кривичното дело извршено со навредата.
Со член 93 став 2 е уредено дека кога во овој закон е определено дека врз некој доказ не може да се заснова судската одлука, судијата на претходната постапка, по службена должност или по предлог на странките, ќе донесе решение за издвојување на тој доказ од списите, најдоцна до завршувањето на истражната постапка. По подигањето на обвинителниот акт, решение за издвојување на доказ донесува советот за оцена на обвинителниот акт. Против ова решение е дозволена посебна жалба по која одлучува повисокиот суд.
Според член 111 став 2 од истиот закон, кога барањето од ставот (1) на овој член го поднесува жртвата на кривичното дело, во барањето ќе наведе дали остварила надоместок или поднела барање согласно со членот 53 став (1) од овој закон.
III
Една од основните надлежности на Уставниот суд е неговата контрола на усогласеноста на сите правни акти со Уставот пропишана во член 110 алинеја 1, која се однесува на начелото на уставност што подразбира постоење на правни правила кодифицирани и систематизирани во највисоко рангираниот правен акт во државата.
Согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Со алинеја 2 од истиот член Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Според алинејата 3 на истиот член, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Во конкретниот случај, се оспорува Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ број 150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018), односно, уставноста на одредени одредби од истиот.
Имајќи ја предвид структурата на целината на Законот за кривичната постапка наспрема уставната уреденост, произлегува дека станува збор за системски процесен закон, донесен со двотретинско мнозинство кој содржи правна уреденост меѓу другото и на слободите и правата на човекот и граѓанинот во кривичната постапка што е во рамки на определбите утврдени во Уставот на Република Северна Македонија за владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, почитување на општо прифатените норми на меѓународното право, презумцијата на невиност, правото на жалба, неповредливоста на домот и правото на сопственост, начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, како и самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба што обезбедува правна помош. Тоа се вредности уредени во член 8 став 1 алинеите 1, 3, 6 и 11, член 13 став 2, Амандманот XXI, членовите 26, 30, 51 и 53 од Уставот, како и во рамки на меѓународноправните стандарди определени во Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи за правото на слобода, правото на правична судска постапка, правото на почитување на приватниот и семејниот живот, правото на сопственост (членовите 6 и 8 од Конвенцијата и член 1 од Протоколот 1 кон Конвенцијата), а на кои уставни и конвенциски определби упатува подносителот на иницијативата.
Имајќи предвид дека во предметната иницијатива член 35 став 2 од Законот се оспорува од истите причини како и во иницијативата по која Судот одлучувал и донел Решение У.бр.59/2022 од 13 јули 2023 година во кое Судот оценил дека член 35 став 2 од Законот за кривичната постапка не е во спротивност со Уставот на Република Северна Македонија, а наводите во иницијативата не нудат основи за поинакво одлучување од каде Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во овој дел, согласно член 38 алинеја 2 од Актот на Судот.
Во однос на член 58 став 2, Судот оцени дека со оглед на измените на законот со кои навредата и клеветата станаа граѓански деликти, оваа одредба е беспредметна и претставува очигледен пропуст од технички карактер кој не може да доведе до заблуда при примена на одредбите како што е наведено во иницијативата, поради што и не имплицира повреда на уставниот принцип на владеење на правото.
Оспорениот член 59 став 2 ја содржи возраста на детето на која тоа може да поднесе предлог или приватна тужба. Судот оцени дека се работи за номотехнички пропуст и дека општо познато е дека одредбата се однесува на дете кое има наполнето 16 години и може и самото да го оствари правото на гонење кога е оштетено со стореното кривично дело и непосредно, лично, да поднесе предлог за гонење, односно приватна тужба. Јасно е дека кога ќе наполни 18 години, лицето станува полнолетно и ги има сите права во согласност со позитивното законодавство за полнолетните лица. Имено, ако законодавецот немал намера да му овозможи на детето со наполнети 16 години самостојно да презема определени дејствија во текот на кривичната постапка оваа одредба ќе немаше причина воопшто да постои, бидејќи полнолетните непречено може да ги остваруваат сите права во постапката. Во таа насока Судот оцени дека се работи за технички пропуст.
Горенаведеното се однесува и на оспорената одредба од член 66 став 2 каде е содржана возраста на детето како оштетен. Судот оцени дека се работи за технички пропуст и дека одредбата се однесува на детето кое има наполнето 16 години, а не 18 и може и самото да ги остварува своите права како оштетен со стореното кривично дело, што произлегува од самиот наслов на одредбата кој гласи „малолетник како оштетен“. Кога ќе наполни 18 години, лицето станува полнолетно и ги има сите права во согласност со позитивното законодавство за полнолетните лица.
Во однос на член 88 став 6, Судот оцени дека оваа одредба е остаток од времето пред „декриминализацијата“ на навредата и клеветата. Тие како деликти се преминати во граѓанско правна сфера со донесувањето на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета („Службен весник на Република Македонија“ бр.143/2012). Оттука, од денот на влегување во сила на овој закон оваа одредба е непотребна и претставува пропуст од техничка природа.
Во однос на наводите во иницијативата кои се однесуваат на член 93 став 1 со кој е пропишано дека кога во овој закон е определено дека врз некој доказ не може да се заснова судската одлука, судијата на претходната постапка, по службена должност или по предлог на странките, ќе донесе решение за издвојување на тој доказ од списите, најдоцна до завршувањето на истражната постапка, по подигањето на обвинителниот акт, решение за издвојување на доказ донесува советот за оцена на обвинителниот акт,против ова решение е дозволена посебна жалба по која одлучува повисокиот суд, според кои рокот кој е даден за издвојување на доказ од списите до завршувањето на истражната постапка, бил предолг, и со тоа бара судот да направи интервенција на начин што истиот би ја сменил одредбата како би гласела дека издвојување на доказ од списите треба да се стори што е можно побрзо, Судот оцени дека истите се неосновани и не може да бидат основ за уставно проблематизирање, бидејќи Уставниот суд одлучува за согласноста на постојната содржина на нормата со одредбите на Уставот, а не од аспект на содржина што ја нема во истата, односно која според подносителот би требало да ја има, што е всушност прашање од надлежност на Собранието на Република Северна Македонија кое ги креира законите.
Поради отсуство на уставни аргументи за оспорување, постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и истата се отфрла во овој дел, врз основа на член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Во однос на член 111 став 2 во делот „став (1)” подносителот го цитира истиот и во таа насока наведува дека одредбата во ставот 1 дефинира кој може да поднесе имотноправно барање во кривична постапка, додека во ставот 2 додава обврска за жртвата на кривичното дело, во барањето да наведе дали остварила надоместок на материјална и нематеријална штета од државен фонд под услови и на начин пропишан со посебен закон, и истиот појаснува дека таквото право за жртвата на кривичното дело е предвидено во член 53 став 3 од Законот за кривичната постапка, а не во член 53 став 1 на кој упатува членот 111 став 2 и од таа причина истиот е во спротивност со владеењето на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата во овој дел, со оглед на тоа дека се работи за прашање коешто е во надлежност на Собранието на Република Северна Македонија кое ги донесува, изменува и дополнува законите.
Од утврдената фактичка состојба и правна анализа на оспорените одредби од Законот за кривичната постапка, Судот дека се исполнети условите за отфрлање.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски