Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.47/2025
У.бр.49/2025
У.бр.70/2025
Скопје, 09.07.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 25, член 38 алинеја 2 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 9 јули 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на член 18 став 1 точка б) од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ број 72/2016, 142/2016 и 233/2018).
Образложение
I
Лорија Ваневска – нотар од Куманово, Јасмина Радончиќ – нотар од Скопје и Весна Дончева – нотар од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа три одделни иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означена во диспозитивот на ова решение. Судот, по повод поднесените иницијативи, согласно со член 25 од Актот на Уставниот суд спроведе единствена постапка.
Подносителите на иницијативите наведуваат дека во Законот за нотаријатот постои ограничувачка норма содржана во оспорениот член 18 став 1 точка б), според која, на именуваните нотари по навршување 64 години возраст, им престанува законската можност да ја вршат функцијата, без право на продолжување до 67 години, како што тоа е дозволено за други категории на именувани лица.
Подносителите истакнуваат дека со носењето на член 104-а од Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 38/2025), законодавецот им овозможил на именуваните лица, по сопствена волја и со писмена изјава, да го продолжат работниот однос до 67 години. Според нив, оваа одредба се однесува и на нотарите, бидејќи и тие се лица кои се именувани од надлежен орган – министерот за правда, кои вршат јавни овластувања.
Сепак, подносителите сметаат дека одредбата од член 18 став 1 точка б) од Законот за нотаријатот е во спротивност со ова ново законско решение, бидејќи на нотарите им се ускратува правото на избор за продолжување на функцијата. Тоа, според нив, претставува нееднаков третман и ги става нотарите во дискриминирачка положба во однос на другите носители на јавни овластувања.
Во прилог на своите наводи, подносителите се повикуваат и на ставот на Уставниот суд изнесен во Решението У.бр.29/2018 од 03.10.2018 година, каде е утврдено дека нотарите се носители на јавни овластувања и не засноваат класичен работен однос според Законот за работните односи, туку истите се именувани од надлежен орган.
Оттука, подносителите сметаат дека со задржувањето на ваквата ограничувачка норма во Законот за нотаријатот, се врши повреда на уставно загарантираните принципи на еднаквост, правичност и право на работа, како и дека не се почитува начелото на еднаков третман на сите лица кои вршат јавни функции, со што се создава неуставна и незаконска состојба.
II
На седницата Судот утврди дека согласно со член 18 став 1 точка б) од Законот за нотаријатот, службата на нотарот престанува ако почне да користи инвалидска пензија, или наврши 64 години возраст.
III
Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со предметните иницијативи се оспорува член 18 став 1 точка б) од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ број 72/2016, 142/2016 и 233/2018).
Од содржината на оваа одредба, произлегува дека службата на нотарот престанува ако почне да користи инвалидска пензија, или наврши 64 години возраст.
Сега оспорената одредба претходно била предмет на оцена од страна на Уставниот суд во предметот У.бр.29/2018 од 03.10.2018 година, од аспект на согласноста со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 32 од Уставот на Република Северна Македонија, при што, Судот не повел постапка и утврдил дека оспорената законска одредба е во согласност со Уставот.
Од уставно-судската анализа во предметот У.бр.29/2018 од 03.10.2018 година, Уставниот суд утврдил дека „нотарите не се наоѓаат во идентична, ниту пак во слична положба со вработените врз кои се применува Законот за работните односи, така што и нивното изземање од опфатот на овој закон во однос на можноста за продолжување на работниот однос по навршувањето на определена возраст не претставува дискриминација. Поради тоа, Судот утврди дека не постојат основи за доведување под сомнение на одредбата од член 104 став 2 во делот „доколку со закон поинаку не е утврдено“ од Законот за работните односи и член 18 став 1 точка б) во делот „или наврши 64 години возраст“ од Законот за нотаријатот, со членовите 9 и 32 од Уставот на Република Македонија.
Во однос на наводите во предметните иницијативи дека оспорената одредба е спротивна и со член 104-а став 1 од Законот за работните односи, каде е уредено дека по исклучок од член 104 од овој закон, лице кое остварува права од работен однос врз основа на одлука за избор или именување од надлежен орган, во согласност со законот што ги утврдува неговите права и обврски кои произлегуваат од вршењето на функцијата, има право да побара да продолжи со вршење на функцијата и по исполнување на условите за старосна пензија, а најмногу до 67 години возраст, со писмена изјава до органот кој го избрал или именува, јасно е утврдено дека согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите или нивни одредби со Уставот, но не и за меѓусебната согласност на закон со закон, како прописи од ист ранг во хиерархијата на правните прописи.
Врз основа на претходно изнесеното, Судот утврди дека оспорената одредба од Законот за нотаријатот била предмет на уставно-судска оцена, при што Уставниот суд не утврдил дека е спротивна на Уставот. Имајќи предвид дека правната и фактичката состојба е непроменета и дека аспектите на оспорување изнесени во овие иницијативи не се од влијание за заземање на поинаков став од она што Уставниот суд го утврдил во Решението У.бр.29/2018 од 03.10.2018 година, со кое не поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот за нотаријатот, како и фактот дека не постојат основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите од член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативите.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски