Честитка по повод Денот на Републиката, 2 август Илинден, од претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски

Почитувани граѓани,

Денес, 122 години од Илинденското востание и 81 година од Првото заседание на АСНОМ, со воодушевеност си припомнуваме за епохалните победи и незаборавените жртви на нашите илинденци, на создателите на нашата Република.

Илинден е вечна инспирација за современа и праведна држава, симбол на визионерство и непокор, но и потсетник за должноста којашто ја имаме кон нашите предци и иднината којашто им ја должиме на нашите деца. Чекориме во слободна држава, во земја која ги слави и возвишува идеалите на патриотизмот преку слободно и достоинствено живеење.

Чин на највисок патриотизам денес претставува вистинската посветеност на владеењето на правото и градењето на правната држава. Тоа е нашето современо илинденско наследство.

Да продолжиме со истиот жар и стремеж за правда, секој од нас да ја исполни обврската кон илинденците и никогаш да не згасне борбата за просперитетна, прогресивна, но пред сè правна држава!

Нека ни е честит Денот на Републиката!

Честит Илинден!