Во текот на месец јуни 2025 година во Уставниот суд се оформени 14 предмети, од кои во 10 е оспорена уставноста на законски одредби и други прописи, во еден е оспорена уставноста и законитоста на подзаконски акти и тројца граѓани бараат заштита на слободите и правата.
ИНИЦИЈАТИВИ СО КОИ СЕ БАРА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТ
1. У.бр.76/2025
Оспорен акт: Член 86 од Законот за нотаријат
Подносител на иницијативата: Матеј Алексовски
Од наводите во ининијативата:
Подносителот наведува дека постои правен пропуст кој води кон правна несигурност, бидејќи со оспорената одредба нотарот нема обврска подетално да ги запознае со содржината и да ги предупреди страните за последиците на делото. Дополнително, во иницијативата е наведено дека одредбата е во спротивност со Законот за облигациони односи.
2. У.бр.77/2025
Оспорен акт: Член 84 став 3 алинеја 4 од Законот за вработени во Министерството за одбрана
Подносител на иницијативата:Николче Мушаревски
Од наводите во ининијативата:
Подносителот наведува дека постои правна нелогичност и неоправданост на одредбата бидејќи во истовреме на вработен во министерството за одбрана за иста работа може да му се изрече и мерка дисциплинска неуредност и дисциплински престап. Според неговите наводи „одбивање на стручно оспособување и усовршување на кое вработениот се упатува” претставува дисциплинска неуредност и не може да биде дефинирано како дисциплински престап, за што е потребно да се одвои и прецизира за да не настане забуна при примената.
3. У.бр.78/2025
Оспорен акт: Член 4 став 1 точка 5, член 10 став 1 алинеја 1 и 2, член 10 став 2 од Законот за социјална сигурност на стари лица
Подносител на иницијативата: Сузана Цветкова
Од наводите во ининијативата:
Се наведува дека Законодавачот ја ограничува социјалната сигурност на лице со наполнети 65 години, бидејќи според него истото лице не смее да оствари никакви приходи по било кој основ, па потоа за три месеци да оствари право на социјална пензија. Се тврди дека постои празнина од 3 месеци без пензија, понатаму, според него спорно е што корисниците се оставени повторно да прибираат и доставуваат податоци за материјалната и имотна состојба, без притоа органот да ги обезбеди по службен пат.
4. У.бр.79/2025
Оспорен акт: Деловите „на тендерската документација” и „пред објавување на огласот за јавна набавка” од Законот за јавните набавки
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во ининијативата:
Подносителот тврди дека оспорените делови не создаваат функционална целина на одредби кои би биле применливи во правниот поредок.
5. У.бр.80/2025
Оспорен акт: Член 39 став 6 од Законот за енергетска ефикасност
Подносител на иницијативата: Игорчно Точев
Од наводите во ининијативата:
Подносителот наведува дека одредбата е во спротивност со начелото на владеењето на правото, бидејќи предвидува дополнително парично наградување на службените лица за извршување на работи коишто спаѓаат во доменот на надлежноста на органот и се негови управни функции.
6. У.бр.81/2025
Оспорен акт: Член 4 и 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во ининијативата:
Подносителот тврди дека во Законот за задолжително, капитално финансирано пензиско осигурување не постои одредба со која се предвидува дека може да му престане мандатот на претседателот или член на Советот на експерти, туку предвидени се неколку околности како да биде разрешен пред истекот на мандатот. Според наводите, оспорените одредби создаваат правна несигурност во правниот поредок и се во спротивност со уставното начело на владеење на правото.
7. У.бр.82/2025
Оспорен акт: Член 145 од Законот за извршување
Подносител на иницијативата: Илко Петров
Од наводите во ининијативата:
Подносителот наведува дека со оваа одредба се овозможува злоупотреба на Законот. Се тврди дека со Законот се нарушува редоследот на намирување на долгот и според него потребно е воспоставување на ист редослед на намирување на долгот исто како и кај претходниот работодавач. На овој начин, според подносителот, од прва страна за намирување на долгот, при менување на работни места на должникот, постои опасност тој долг да стане последен во приоритетите за намирување па дури и никогаш да не биде наплатен.
8. У.бр.83/2025
Оспорен акт: Закон за технолошки индустриски развојни зони
Подносител на иницијативата: Стопанска комора на Северо-Западна Македонија
Од наводите во ининијативата:
Подносителот наведува дека оспорениот закон предизвикува хаос во уставно-правниот поредок на територијата на Република Северна Македонија и ја нарушува еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот. Се тврди дека со овој закон е нарушена еднаквата правна положба со домашните и странските правни и физички лица регистрирани за вршење на дејност на територијата на Македонија, надвор од технолошките индустриски развојни зони преку предвидување на државна помош.
9. У.бр.84/2025
Оспорен акт: Член 25 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење
Подносител на иницијативата: Aлександар Огненовски, адвокат
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорениот член се брише членот 62-а кој овозможувал право за поведување на посебна постапка, односно право на непосредните соседи да извршат увид во градежно-техничка документација врз основа на која органот во претходна постапка, веќе издал одобрение за градење на конкретен инвеститор. Дополнително, се тврди дека Законодавачот пропуштил овој закон да предвиди одредби со кои ќе биде регулирано како ќе завршат постапките поведени врз основа на членот 62-а, со што се предизвикува правна несигурност за лицата кои повеле управни постапки и спорови.
10. У.бр.85/2025
Оспорен акт: Член 132 ставови 3 и 4, член 138 став 9, член 142, член 169 од Законот за платежни услуги и платни системи
Подносителка на иницијативата: Емилија Мицковска
Од наводите во иницијативата:
Подносителката, меѓу другото наведува дека е противуставно тоа што Народна банка треба да даде согласност кој да биде член на органот за управување на друштвото во целост, а тоа лице да исполнува услови само по основ на една конкретна активност која е предвидена со Законот и е во надлежност на Народна банка, а друштвото притоа да врши бројни дејности и кативности по други, различни закони. Се наведува дека со давањето на претходна согласност за член на органот на управување, директно се блокира работењето на Друштвото.
ИНИЦИЈАТИВИ СО КОИ СЕ ОСПОРУВА УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ
1. УЗ.бр.37/2025
Оспорен акт: Oдлука на Уставниот суд („Службен весник на Република Северна Македонија бр.154/2023”)
Подносител на иницијативата: Вера Апостоловска
Од наводите во иницијативата:
Подносителката ја оспорува Одлуката на Уставниот суд поради учество во гласањето на судијата Елизабета Дуковска и наведува дека истата немала право на гласање поради фактот дека сега нејзиниот избор за уставен судија е поништен од Управниот суд.
БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИТЕ И ПРАВАТА НА ГРАЃАНИТЕ
1. БЗСП.8/2025
Предмет на барањето: Барање за слободи и права согласно член 110 алинеја 3 од Уставот (повреда на слободата на јавното изразување на мислата)
Подносителка на барањето: Наташа Стојановска преку полномошник Филип Медарски, адвокат
Оспорени: Пресуда 3 П4-240/22 од 15.06.2022 година на Основен граѓански суд Скопје и Пресудата ГЖ-3340/22 од 19.12.2024 на Апелационен суд Скопје
Од наводите во барањето:
Подносителката наведува дека нејзиното тужбено барање во делот на повредата на слободата на изразување е одбиено како неосновано од страна на двата суда преку донесување на пресудите, кои се однесуваат на настан во Собранието случен на 27 април 2017 година. Подносителката како акредитирана новинарка била присутна тој ден во Собранието за да известува за Телевизија 24, не само што била спречена да известува од критичниот настан, наведува дека била и нападната, по што за остварување на своите права после настанот отворила судски постапки против државата, поради фактот дека не ја заштитила безбедноста на новинарите при извршувањето на нивните задачи, во смисла на членот 10 од Европската конвенција за човекови слободи и права. Судовите го одбиле нејзиното барање за надомест на штета поради слободата на изразување, како неосновано.
2. БЗСП.9/2025
Предмет на барањето: Барање за слободи и права согласно член 110 алинеја 3 од Уставот (повреда на слободата на јавното изразување на мислата)
Подносители на барањето: Билјана Николовска Тодорова, Игор Јанковски, Томе Ангеловски преку адвокат Филип Медарски
Оспорени: Пресуда 21 П4-401/20 од 15.07.2022 и Пресудата ГЖ-1463/23 од 19.12.2024
Од наводите во барањето:
Подносителите наведуваат дека за време на настанот во Собранието кој се случил на 27 април 2017 година, не само што биле спречени во извршувањето на работните задачи, биле и нападнати од група граѓани додека известувале за вестите на Телевизија Телма, а државата преку полициските службеници не ја заштитиле нивната безбедност за да може да известуваат. Подносителите тврдат дека со часови биле фатени во обрач од толпата и втурнати внатре во Собранието, иако првично како новинарска екипа известувале од пред влезот, надвор. Поради фактичката состојба, поднеле тужби против државата, прво до Основниот граѓански суд Скопје, а по одбивањето се жалеле и до Апелација, но нивните наводи не биле прифатени. Меѓу другото во пресудите, според подносителите, е наведено дека не претрпеле телесна повреда како последица од настаните кривичниот ден, дека стравот не е опфатен со одредбата, како и дека повредата на слободата на изразувањето не е опфатена преку принципот на одговорност на државата, па им било посочено дека треба да ја докажуваат по принципот на субјективна одговорност на државата.
3. БЗСП.10/2025
Предмет на барањето: Барање за слободи и права согласно член 110 алинеја 3 од Уставот
Подносителка на барањето: Надежда Китановска
Оспорени: Решение на Основниот граѓански суд Скопје ПЛ1-П-571/19 од 05.02.2024 и Решение на Апелациониот суд Скопје ГЖ-1465/24 од 01.04.2025
Од наводите во барањето:
Подносителката наведува дека со донесените решенија од страна на двата суда и е повредено правото на забрана од дискриминација по основ на општествена положба. Таа тврди дека е дискриминирана и добила нееднаков третман бидејќи како наводен должник со право на приговор против нотарскиот платен налог и тој да биде разгледан од судот, а не отфрлен бидејќи не бил подготвен од адвокат.