У.бр.9/2025


Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.9/2025
Скопје, 25.06.2025 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите: м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 25 јуни 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 167 став 4 во делот „Законот за државните службеници“ од Законот за заштита на културното наследство („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2004, 115/2007, 18/2011, 148/2011, 23/2013, 164/2013, 38/2014, 44/2014, 199/2014, 104/2015, 154/2015, 192/2015, 36/2016, 11/2018, 20/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.3/2025).

Образложение

I

Игорче Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 167 став 4 во делот „Законот за државните службеници“ од Законот за заштита на културното наследство („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2004, 115/2007, 18/2011, 148/2011, 23/2013, 164/2013, 38/2014, 44/2014, 199/2014, 104/2015, 154/2015, 192/2015, 36/2016, 11/2018, 20/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.3/2025).

Според подносителот на иницијативата  оспорениот став 4 во делот „Законот за државните службеници“ од член 167 од Законот за заштита на културното наследство упатува на примена на закон кој не е повеќе дел од правниот режим во Република Северна Македонија, односно упатува на Законот за државните службеници кој престанал да важи со влегувањето во сила на Законот за административните службеници.

Понатаму, подносителот наведува дека кога една одредба упатува на примена на друга одредба, па дури и кога една одредба упатува на примена на одредбите од цел пропис,  неминовно е одредбата кон чија примена се упатува, па дури и законот како пропис кон чија примена се упатува да се дел од правниот поредок, како не би дошло до забуна во практикувањето на правото како од тие кои ја креирале одредбата, така и од оние наспрема кои треба да се примени одредбата или одредбите или прописот, а со цел исполнување на начелото на владеењето на правото и правната сигурност.

Поради горенаведеното, предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел и истиот да се укине, како спротивен на Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека подносителот на иницијативата оспорува претходнa содржинa на став 4 од член 167, којшто со Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на културното наследство („Службен весник на Република Македонија“ бр.164/2013) е избришан и повеќе не е во правниот поредок.

III

Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од наводите на иницијативата произлегува дека подносителот го оспорува член 167 став 4 во делот „Законот за државните службеници“ од Законот за заштита на културното наследство, наведувајќи дека оспорениот дел од одредбата не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и дека истиот упатува на примена на одредби од закон кој не е во правниот поредок.

Во конкретниот случај, подносителот не земајќи ги предвид подоцнежните измени и дополнувања на Законот, оспорува  претходнa содржинa на став 4 од член 167, којшто со Законот за изменување и дополнување на  Законот за заштита на културното наследство („Службен весник на Република Македонија“ бр.164/2013)  е избришан и не е повеќе во правниот поредок.

Имајќи предвид дека оспорениот член не е во правниот поредок, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, што е причина за отфрлање на истата, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

        
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски