У.бр.262/2024


Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.262/2024
Скопје, 28.05.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 28 мај 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 47 став 2 во делот „спогодба“ од Општиот колективен договор за јавниот сектор („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 154/2023).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на член 47 став 2 во делот „спогодба“ од Општиот колективен договор за јавниот сектор („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 154/2023), во која наведува дека оспорениот дел од одредбата создава правна несигурност и дека истиот е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Подносителот на иницијативата наведува дека доколку според член 13 став 3 од Општиот колективен договор, коефициентот на сложеност на работното место се утврдува со закон или колективен договор, а во врска со цитираната одредба од Уставот, во тој случај основано може да се постави прашањето на уставноста и законитоста на уредувањето со спогодба да се утврдуваат коефициентите на сложеност на работното место. Воедно, со спогодбата, а со оглед дека во самиот Општ колективен договор за вработените во јавниот сектор, попрецизно не се определуваат параметрите за сложеност на работното место, се остава можност арбитрарно да се договорат со спогодбата, што може да доведе до правна несигурност и не е во согласност со член 8 алинеја 3 од Уставот.

Поради сето напред наведено, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот дел од член 47 став 2 од Општиот колективен договор за јавниот сектор, и да донесе одлука со која ќе се укине оспорениот дел од одредбата, како и врз основа на член 37 од Актот на Судот, да донесе решение со кое ќе се запре извршувањето на акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот дел сè до донесување на конечна одлука.

II

На седницата Судот утврди дека во член 47 став 2 од Општиот колективен договор за јавниот сектор („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 154/2023) е предвидено дека страните на овој колективен договор се обврзуваат да склучат спогодба со која ќе ги утврдат коефициентите на сложеност на работното место (на две децимали), најдоцна до декември 2024 година.

III

Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е определено како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од наводите во иницијативата произлегува дека подносителот на иницијативата ја оспорува уставноста и законитоста на член 47 став 2 во делот „спогодба“ од Општиот колективен договор за јавниот сектор („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 154/2023) како спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Од анализата на оспорениот член 47 став 2 од Општиот колективен договор за јавниот сектор произлегува дека обврската за склучување на спогодба за утврдување на коефициентите на сложеност на работните места е со рок најдоцна до декември 2024 година. Ова значи дека страните на колективниот договор имаат ограничено време за да ги завршат преговорите и да ја усогласат содржината на спогодбата.

Со став 3 од истиот член е предвидено дека доколку страните на овој колективен договор во рокот утврден во ставот (2) на овој член, не склучат спогодба, коефициентот на сложеност на работното место се пресметува на начин што основната бруто-плата на вработениот исплатена за месец септември 2023 година се става во однос со просечно исплатената бруто-плата по вработен за 2023 година, согласно објавените податоци на Државниот завод за статистика, зголемен за 5%.

Во конкретниот случај, станува збор за одредба која имала времен карактер бидејќи се однесува за периодот до декември 2024 година, по кој датум била исцрпена во примената и истата повеќе не била предмет на изменување или пак дополнување, така што истата нема да произведува правно дејство.

При ваква состојба, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата бидејќи оспорената одредба од Општиот колективен договор за јавниот сектор, има времен карактер, со важност до декември 2024 година.

Имајќи ја предвид утврдената правна и фактичка состојба произлегува дека барањето за донесување решение со кое ќе се запре извршувањето на акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот дел, сè до донесување конечна одлука е беспредметно, односно не се исполнети условите согласно со член 37 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски