Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.8/2025
Скопје, 28.05.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 28 мај 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 39 став 3 во делот „членот 38 став 3 од“ од Законот за градежните производи („Службен весник на Република Македонија“ бр.104/2015, 192/2015, 53/2016 и 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.150/2021 и 16/2025).
Образложение
I
Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 39 став 3 во делот „членот 38 став 3 од“ од Законот за градежните производи („Службен весник на Република Македонија“ бр.104/2015, 192/2015, 53/2016 и 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.150/2021 и 16/2025).
Подносителот во иницијативата го цитира член 39 став 3 во кој е содржан оспорениот дел „членот 38 став 3“ од Законот за градежните производи („Службен весник на Република Македонија“ бр.120/2018), по што наведува дека согласно член 21 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежните производи („Службен весник на Република Македонија“ бр.120/2018) членот 38 став 3 е избришан, поради што се упатува на примена на одредба која не е повеќе дел од правниот промет, сметано од 6 јули 2018 години.
Според подносителот на иницијативата, кога една одредба упатува на примена на друга одредба, одредбата кон чија примена се упатува потребно е да е дел од правниот промет, за да се формира правно логична функционална целина како не би дошло до забуна во примена на истата, што не е во согласност со начелото на владеење на правото пропишано со Уставот.
Согласно со наведеното, подносителот предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на член 39 став 3 во делот „членот 38 став 3 од“ од Законот за градежните производи и истиот да го укине како спротивен на Уставот.
II
На седницата Судот утврди дека во член 39 став 3 од Законот за градежните производи („Службен весник на Република Македонија“ бр.104/2015, 192/2015, 53/2016 и 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.150/2021 и 16/2025) е определено дека кога известувањето за именување од ставот 1 на овој член не се заснова на сертификат за акредитација согласно со членот 38 став 3 од овој закон, Министерството на Европската комисија и ги доставува сите докази кои ја потврдуваат стручноста на именуваното тело и договорите за работа на именуваното тело со кое се гарантира дека ги исполнува условите од членот 35 од овој закон, како и дека редовно ќе ја следи активноста.
III
Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е определено како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Од наводите во иницијативата се оспорува уставноста на член 39 став 3 во делот „членот 38 став 3 од“ од Законот за градежните производи, со образложение дека член 39 став 3 упатува на примена на член 38 став 3 од истиот закон, кој согласно член 21 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежните производи претходно е избришан и не е повеќе дел од правниот промет, сметано од 6 јули 2018 година.
Во конкретниот случај, произлегува дека настанал технички пропуст и истиот е сторен во моментот кога со член 21 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежните производи, член 38 став 3 се брише. Во вака настанатата ситуација, а врз основа на уставно утврдените надлежности, законодавецот бил должен да интервенира во член 39 став 3 во делот „членот 38 став 3 од“ од Законот за градежните производи, со цел за меѓусебно усогласување на одредбите од Законот.
Од увидот на содржината на оспорената одредба, јасно произлегува дека е сторен технички пропуст од номотехнички карактер, кој со системско толкување на целината на законската одредба е лесно воочлив, поради што не може да се доведе во прашање уставноста на оспорената одредба со принципот на владеење на правото.
Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 од Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата поради ненадлежност, со оглед на тоа дека наводите се сведуваат на барање за постапување на Уставниот суд за што е надлежен законодавецот, кој ги креира прописите, ги менува и дополнува, а воедно и врши технички исправки и корекции на прописите кои ги донесува.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски