У.бр.98/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.98/2023
Скопје, 11.06.2025 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав  д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 11.06.2025 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 1 во делот „и јавнообвинителските службеници“, член 4, член 5, член 6 став 1 во делот „и јавнообвинителските службеници од член 4 на овој Правилник“, член 6 став 3 и член 7 став 2 од Правилникот за додаток на плата, негова висина и начинот на утврдување во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција А бр.26/16-1 од 13.02.2017 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесените иницијативи од Алмедин Куртановиќ и други јавнообвинителски службеници од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, застапувани од полномошникот, Адвокатско друштво Давидовиќ & Јанковиќ од Скопје, го донесе Решението У.бр.98/2023 од 12 март 2025 година, со кое поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Правилникот  за додаток на плата, негова висина и начинот на утврдување во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција А бр.26/16-1 од 13.02.2017 година, на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и Законот за јавнообвинителската служба.

II

На седницата Судот утврди дека врз основа на член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на јавните обвинители („Службен весник на Република Македонија“ бр.231/15) и член 1 и член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавнообвинителска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.231/15), јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (во понатамошниот текст за називот ќе се користи кратенката ОЈОГОКК), на ден 13.02.2017 година, донел Правилник за додатоци на плата, нивната висина и начинот на утврдување во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Правилникот содржи вкупно 8 члена. Според членот 1, со овој правилник се утврдуваат додатоците на плата, нивната висина и начинот на нивното утврдување за јавните обвинители и јавнообвинителските службеници во ОЈОГОКК. Во член 2 од Правилникот се утврдува висината на  додаток на плата за јавниот обвинител. Со член 3 се утврдуваат правата и надлежностите на јавниот обвинител. Според член 4, јавнообвинителските службеници  имаат право за додаток на плата за: посебни услови за работа во висина до 10%, за постоење на висок ризик во висина до 10 % и за доверливост во висина до 15 %. Во член 5 се наведени правата и должностите на јавнообвинителските службеници. Во член 6 од Правилникот се наведува дека висината на додатоци на плата на јавниот обвинител и на јавнообвинителските службеници се утврдува со посебна Одлука на ОЈОГОКК во зависност од обезбедените финансиски средства во Буџетот на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во тековната година и Одлуката се носи за секој поединечен месец во текот на годината. Врз основа на Одлуката за секој поединечен јавнообвинителски службеник согласно закон се носи посебно решение. Со член 7, меѓу другото, е уредено дека основица за пресметка на додатоците од член 4 од овој правилник се зема платата на јавнообвинителскиот службеник утврдена со член 69 од Законот за јавнообвинителска служба, а исплатата на додатоците утврдени со Одлуката од член 6 од Правилникот, ќе се врши еднаш месечно и тоа во тековниот за претходниот месец при исплатата на плата. Во членот 8 е определено дека овој правилник влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе започне да се применува од 01.02.2017 година и со влегувањето во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот А бр.26/16 од 01.03.2016 година.

Врз основа на член 6 од Правилникот  за додаток на плата, неговата висина и начинот на утврдување во ОЈОГОКК А бр.26/16-1 од 13.02.2017 година, Основниот јавен обвинител на ОЈОГОКК на ден 05.05.2023 година, донел Одлука за месец април 2023 година. Со  оваа одлука,  за месец април 2023 година не се утврдува висина на додатоците на плата (додаток за посебни услови за работа, додаток за постоење на висок ризик и додаток за доверливост), за јавните обвинители и јавнообвинителските службеници во ова обвинителство и за овој месец истите не се пресметани и исплатени согласно добиеното Известување за плата за месец април 2023 година, на Министерството за финансии, заведено под бр. А.бр.158/23 од 05.05.2023 година, во кое е наведено дека доставеното барање за исплата на платата со додатоци го надминува планираното месечно право за исплата на месечно ниво, па Министерството за финансии  – Сектор за буџет нема да одобри исплата на додаток на плата.

Одлуката за месец април 2023 година А бр.46/2023-6 од 05.05.2023 година, на ОЈОГОКК стапува на сила од денот на нејзиното донесување, а со тоа престанува да важи Одлуката А бр.46/2023-3 од 27.04.2023 година.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според став 2 од овој член,  граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно со член 32 став 3 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка, а според став 5 од истиот член остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Правата, должностите и одговорностите, како и системот на плати и надоместоци на плати на јавнообвинителските службеници, е уреден со Законот за јавнообвинителска служба („Службен весник на Република Македонија” број 62/15, 231/15, 11/16, 21/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 235/22).

Јавнообвинителската служба ја сочинуваат јавнообвинителските службеници вработени во јавните обвинителства и лицата вработени во јавните обвинителства кои вршат технички и помошни работи. Јавнообвинителската служба ја сочинуваат и стручните лица вработени во јавните обвинителства за вршење на стручни работи поврзани со следење, откривање и истражување на криминалитетот.

Јавнообвинителските службеници правата од работен однос ги остваруваат согласно со Законот за јавнообвинителската служба, колективните договори и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос.

Во зависност од службените задачи што ги извршуваат, јавнообвинителските службеници се класифицираат во следните групи и звања: категорија А-секретар; категорија Б-раководни јавнообвинителски службеници; категорија В-стручни јавнообвинителски службеници и категорија Г-помошни стручни јавнообвинителски службеници.

Според член 67 од Законот, вработените во јавнообвинителската служба имаат право на плата и надоместоци на плата, којашто одговара на работното место на кое работникот е распореден според услови и критериуми утврдени со Законот за јавнообвинителската служба или колективен договор. Платите и надоместоците од плата на вработените во јавнообвинителската служба се обезбедуваат од Буџетот на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Платата на јавнообвинителскиот службеник се состои од основна компонента и исклучителна компонента.

Согласно со член 69 од истиот закон, основната компонента ја сочинуваат: минимална плата, дел од плата за степен на образование, утврден со актот за систематизација на работните места, за работното место на кое е распореден, дел на плата за звање и дел на плата за стаж.

Според член 71 од Законот за јавнообвинителска служба, исклучителната компонента ја сочинуваат: додаток на плата за посебни услови за работа, додаток на плата за постоење на висок ризик, додаток на плата за доверливост и додаток на плата за ноќна работа, работа во смени и прекувремена работа.

Во Законот под називот „Додатоци на плата“, е содржан член 72, според кој:

1) Јавнообвинителскиот службеник има право на додатоци од член 71 кумулативно во висина од 35% од износот на основната плата.
2) Јавниот обвинител со решение утврдува кај кој од јавнообвинителските службеници постојат посебни услови за работа, висок ризик или доверливост, како и процентот на додатокот/додатоците но најмногу до кумулативно утврдениот процент од ставот (1) на овој член.
3) Јавниот обвинител на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со решение утврдува кај кој од јавнообвинителските службеници од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постојат посебни услови за работа, висок ризик или доверливост, како и процентот на надоместокот/надоместоците но најмногу до кумулативно утврдениот процент од ставот (1) на овој член.

Во член 6-б став 5 од Законот за платите на јавните обвинители се наведува дека додатоците од ставот 1 на овој член, нивната висина и начинот на утврдување во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се уредуваат со акт на јавниот обвинител кој раководи со тоа јавно обвинителство.

Имено, оспорениот правилник е подзаконски пропис донесен врз основа на законско овластување, а оспорената одлука има карактер на интерен акт со кој се уредуваат поединечно за секој месец додатоците на плата, нивната висина и начинот на нивното утврдување за јавните обвинители и јавнообвинителските службеници во ОЈОГОКК.

Согласно со уставната определба од член 32 став 3 од Уставот,  секој вработен има право на соодветна заработувачка и според став 5 од истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор.

Оспорениот правилник бил донесен врз основа на член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на јавните обвинители („Службен весник на Република Македонија“ број 231/15) и членовите 1 и 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавнообвинителска служба („Службен весник на Република Македонија“ број 231/15) и покрај определбата утврдена во наведените членови, Судот оцени дека не постои правен основ за донесување на овој правилник.

Фактот дека не постои правен основ за донесување на делот за јавнообвинителските службеници од оспорениот правилник, од страна на јавниот обвинител на ОЈОГОКК, може да се утврди од член 72 став 3 од Законот за јавнообвинителска служба во кој јасно се наведува дека јавниот обвинител на ОЈОГОКК со решение утврдува кај кој од јавнообвинителските службеници од ОЈОГОКК постојат посебни услови за работа, висок ризик или доверливост, како и процентот на надоместокот/надоместоците, но најмногу до кумулативно во висина до 35% од износот на основната плата.

Од ова произлегува дека врз основа на одредбите од Законот за јавнообвинителската служба, јавниот обвинител на ОЈОГОКК, може да донесе само решение за додатоци од плата за јавнообвинителските службеници наведени во член 71 од Законот, а не правилник за додатоци за плата, нивната висина и начинот на утврдување во тоа обвинителство и за јавнообвинителската служба на тоа обвинителство. Oспорената Одлука за месец април 2023 година, е донесена врз основа на член 6 од Правилникот за додатоци на плата, нивната висина и начинот за утврдување во ОЈОГОКК А бр. 26/16-1 од 13.02.2016 година. Основниот јавен обвинител на ОЈОГОКК на ден 05.05.2023 година, донел Одлука за месец април 2023 година со која не била утврдена висината на додатоците на плата за јавните обвинители и јавнообвинителските службеници во наведеното обвинителство и за месец април истите не биле пресметани ниту  исплатени, согласно со добиеното Известување за плата за месец април 2023 година, од страна на Министерството за финансии. Како причина за ова било наведено дека доставеното барање за исплата на плата со додатоци го надминува планираното месечно право за исплата на месечно ниво, поради што Министерството за финансии – Сектор за буџет не ја одобрил исплатата на додатоци на плата за јавнообвинителските службеници за конкретниот месец.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека со ваквото постапување Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција како работодавач, без законско овластување дополнително го регулирал прашањето за исклучителната компонента од плата – додатоци на плата и нивната висина на јавнообвинителските службеници, што е уредено со закон. Во овој случај донесувањето Правилник како подзаконски акт има правен основ за платите и додатоците на плати на јавните обвинители, согласно со Законот за плати на јавните обвинители, но не и за јавнообвинителските службеници за кои во Законот за јавнообвинителската служба е утврдено дека висината и исплатата на додатоците на плата се утврдуваат со решение, а не врз основа на правилници, одлуки и други подзаконски акти на работодавачот.

Согласно со член 72 став 2 од Законот за јавнообвинителска служба, јавниот обвинител со решение треба да утврди кај кој од јавнообвинителските службеници постојат посебни услови за работа, висок ризик и доверливост, што значи не на секој јавнообвинителски службеник му следуваат надоместоци предвидени со Законот и во иста висина. Со Законот се утврдени условите кога, на кого и во колкав износ на јавнообвинителскиот службеник му следуваат додатоци на плата.

Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека јавниот обвинител носи решение за додатоци на плата за јавнообвинителските службеници врз основа на закон. Правилникот е подзаконски пропис донесен врз основа на законско овластување и има законски основ во член 6-б став 5 од Законот за платите на јавните обвинители, според кој додатоците на плата на јавниот обвинител, нивната висина и начинот на утврдување за Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се уредуваат со акт на јавниот обвинител кој раководи со тоа јавно обвинителство. Неспорно е дека јавниот обвинител носи Правилник за додаток на плата на јавните обвинители, но не и за додаток на плата за јавнообвинителската служба, како што е наведено во член 1 во делот „и јавнообвинителските службеници“, член 4, член 5, член 6 став 1 во делот „и јавнообвинителските службеници од член 4 на овој Правилник“, став 3 и член 7 став 2 од Правилникот за додаток на плата, негова висина и начинот на утврдување во ОЈОГОКК А бр.26/16-1 од 13.02.2017 година.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со оглед на тоа што оспорената Одлука за месец април 2023 година А бр. 46/2023-6 од 05.05.2023 година, не е пропис во смисла на означената уставна одредба, туку акт со кој се уредува прашањето за пресметување на додатоци на плата, за јавните обвинители и јавнообвинителските службеници за месец април 2023 година, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува за нејзината уставност и законитост.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека со оспорените одредби од наведениот правилник се повредува темелната вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија -владеењето на правото од член 8 став 1 алинеи 3 и 8, член 51 од Уставот и член 72 став 3 од Законот за јавнообвинителска служба („Службен весник на Република Македонија” број 62/15, 231/15, 11/16, 21/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 235/22).

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република  Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски