Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.172/2024
Скопје, 11.06.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 2 и член 112 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 11 јуни 2025 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА Правилникот за формата и содржината на Јавниот оглас, начин на поднесување на пријавата за вработување на давателите на услуги – здравствени работници и соработници, како и начинот на спроведување на постапката за селекција на кандидатите за работното место за кое е објавен јавниот оглас, рангирање, тестирање и спроведување на интервју бр.02-1186/2 од 13.10.2023 година, донесен од Управниот одбор на ЈЗУ Клиничка болница „д-р Трифун Пановски“ – Битола.
2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
О б р а з л о ж е н и е
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива на Игор Раденков од Битола, на седницата одржана на 19 февруари 2025 година, го донесе Решението У.бр.172/2024, со кое се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за формата и содржината на Јавниот оглас, начин на поднесување на пријавата за вработување на давателите на услуги – здравствени работници и соработници, како и начинот на спроведување на постапката за селекција на кандидатите за работното место за кое е објавен јавниот оглас, рангирање, тестирање и спроведување на интервју бр.02-1186/2 од 13.10.2023 година, донесен од Управниот одбор на ЈЗУ Клиничка болница „д-р Трифун Пановски“ – Битола, бидејќи основано се постави прашањето за согласноста на овој акт со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија и член 55, член 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002, 13/2006, 82/2008, 167/2010, 36/2011, 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019, 110/2019, 154/2019 и 121/2024), како и член 100 ставови 1 и 5 и член 155-ж став 4 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2012, 145/2012, 10/2013, 38/2013, 65/2013, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014, 101/2014, 132/2014, 188/2014, 10/2015, 61/2015, 154/2015, 192/2015, 17/2016, 37/2016, 93/2017 и 20/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.101/2019, 153/2019, 180/2019, 275/2019, 76/2020, 77/2021, 122/2021, 178/2021, 150/2022, 236/2022, 199/2023, 236/2023, 263/2023, 30/2024, 74/2024 и 170/2024).
II
На седницата Судот утврди дека Управниот одбор на ЈЗУ Клиничка болница „д-р Трифун Пановски“ – Битола врз основа на членовите 6, 20-г и 20-д од Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2014, 199/2014, 27/2016, 35/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.143/2019 и 14/2020) и членовите 159, 160 и 161 од Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012, 145/2012, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014, 132/2014, 188/2014, 10/2015, 61/2015, 154/2015, 192/2015, 17/2016, 37/2016, 20/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/2019, 153/2019, 180/2019, 275/2019, 77/2021, 122/2021, 178/2021, 150/2022, 236/2022 и 199/2023), како и врз основа на член 18 од Статутот на ЈЗУ Клиничка болница – Битола, на седницата одржана на ден 13.10.2023 година, донел Правилник за формата и содржината на Јавниот оглас, начин на поднесување на пријавата за вработување на давателите на услуги-здравствени работници и соработници, како и начинот на спроведување на постапката за селекција на кандидатите за работното место за кое е објавен јавниот оглас, рангирање, тестирање и спроведување на интервју бр.02-1186/1.
III
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Со член 55 од Законот за организација и работа на органите на државната управа се предвидува дека министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон. Директорот на самостојниот орган на државната управа, односно управната организација донесува правилници, решенија, наредби, упатства, планови, програми и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.
Воедно, со член 56 став 1 од истиот закон се предвидува дека со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување.
Во член 100 став 1 од Законот за здравствената заштита е предвидено дека со јавната здравствена установа управува управен одбор, додека пак со став 5 од истиот член е предвидено дека управниот одбор го донесува статутот на установата, донесува одлука за промена на дејноста и за другите статусни измени (поделба, издвојување, спојување и припојување), го усвојува извештајот за работа, ја донесува програмата за работа и финансискиот план, ја утврдува завршната сметка, донесува општи акти и го следи нивното извршување и врши и други работи утврдени со закон, актот за основање и статутот на јавната здравствена установа.
Според 155-ж став 4 од Законот за здравствената заштита, постапката за вработување на здравствените работници и здравствените соработници во јавните здравствени установи се врши согласно со овој закон.
Судот оцени дека членовите 6, 20-г и 20-д од Законот за вработените во јавниот сектор, членовите 159, 160 и 161 од Законот за здравствена заштита на кои се повикал Управниот одбор на ЈЗУ Клиничка болница „д-р Трифун Пановски“ – Битола при донесувањето на Правилникот не предвидуваат донесување подзаконски прописи, каков што е предметниот правилник.
Имено, правилниците како прописи по својата правна природа се подзаконски акти што се носат во функција на операционализација на законските норми, за што мора да постои законско овластување за доносителот на ваквите акти, како што е пропишано со член 55 од Законот за организација и работа на органите на државната управа. Исто така, управниот одбор на јавните здравствени установи како орган кој управува со јавната здравствена установа има надлежности кои се дефинирани во член 100 став 1 од Законот за здравствената заштита, но истите не опфаќаат регулирање на прашања кои се предмет на уредување на оспорениот правилник.
Врз основа на изнесеното и утврдената фактичка состојба, Судот оцени дека Управниот одбор на ЈЗУ Клиничка болница „д-р Трифун Пановски“ – Битола со донесувањето на Правилникот ги пречекорил своите овластувања, повредувајќи го начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, според кој во правниот поредок не може да егзистираат прописи за кои не постои основ со закон за нивното донесување, како и член 55 од Законот за организација и работа на органите на државната управа и член 100 став 5 од Законот за здравствената заштита.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
V
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски