
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.204/2023
Скопје, 20.05.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 20 мај 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 24 ставови (1), (2) и (3) и член 77 од Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2005, 81/2005, 79/2006, 101/2006, 109/2006, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 161/2009, 1/2010, 48/2010, 124/2010, 51/2011, 123/2012, 93/2013, 187/2013, 42/2014, 44/2015, 129/2015, 192/2015, 39/2016, 28/2018, 65/2018, 99/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.176/2021, 216/2021, 89/2022, 99/2022, 171/2022 и 3/2025); Уредбата за определување на проектите и за критериумите врз основа на кои се утврдува потребата за спроведување на постапката за оцена на влијанијата врз животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.74/05, 109/09, 164/12 и 202/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 175/22); Уредбата за дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат, а за чие одобрување е надлежен органот за вршење на стручни работи од областа на животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/09 и 36/12 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.233/22) и Уредбата за дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат, а за чие одобрување е надлежен градоначалникот на општината, градоначалникот на градот Скопје и градоначалникот на општините во градот Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр. 80/09 и 32/12).
Образложение
I
Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“ од Скопје, застапуван од Ана Чоловиќ Лешоска, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на оспорените одредби од членовите 24 и 77 од Законот за животната средина и уредбите донесени од страна на Владата означени во диспозитивот на ова решение, бидејќи смета дека со истите се повредуваат член 8 став 1 алинеја 10, член 16 и член 43 став 1 од Уставот, како и Законот за ратификација на Архуската конвенција и Директивата 2011/92/EU.
Подносителот на иницијативата наведува дека оспорените членови 27 и 77 од Законот за животната средина и Уредбата за определување на проектите и за критериумите врз основа на кои се утврдува потребата за спроведување на постапката за оцена на влијанијата врз животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.74/05, 109/09, 164/12 и 202/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 175/22); Уредбата за дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат, а за чие одобрување е надлежен органот за вршење на стручни работи од областа на животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/09 и 36/12 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 233/22) и Уредбата за дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат, а за чие одобрување е надлежен градоначалникот на општината, градоначалникот на градот Скопје и градоначалникот на општините во градот Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр. 80/09 и 32/12), не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 10, член 16 и член 43 став 1 од Уставот.
Во иницијативата се наведува дека со прилозите кон Уредбата за дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат, а за чие одобрување е надлежен органот за вршење на стручни работи од областа на животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/09 и 36/12 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 233/22) и Уредбата за дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат, а за чие одобрување е надлежен градоначалникот на општината, градоначалникот на градот Скопје и градоначалникот на општините во градот Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр. 80/09 и 32/12) се проширени дејностите и активностите за кои се изработува елаборат за заштита на животната средина, иако по своја природа одговараат на проекти за кои се спроведува постапка за оцена на влијанието врз животната средина, со што им се припишува помало влијание врз животната средина. Имено, со наведените уредби за дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат за заштита на животната средина се овозможува спроведување на проекти кои би можеле да имаат влијание врз животната средина без да биде спроведена постапка за оцена на влијанието на проектот врз животната средина и без информирање и вклучување на јавноста во донесувањето на одлуките за животната средина. Оттука, предвидените решенија во наведените уредби за определување на органот за давање согласност врз основа на обемот на дејностите и активностите се спротивни на пристапот применет во член 77 од Законот за животната средина, каде што е предвидено дека врз основа на критериуми се определува дали ќе се спроведува постапка за оценка на влијанието врз животната средина и спротивни на член 17 од истиот закон, од причина што во наведените уредби не е предвидена обврската за информирање и можноста за вклучување на јавноста во донесувањето на одлуките.
Подносителот на иницијативата наведува дека за разлика од постапката за оцена на влијанието на проектот врз животната средина, оспорените уредби кои ги определуваат дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат за заштита на животната средина, а за чие одобрување е надлежно Министерството за животна средина и просторно планирање – Управата за животна средина и оние дејности и активности за кои задолжително се изработува елаборат за заштита на животната средина, а за чие одобрување се надлежни градоначалниците на општините, предвидуваат постапка која се води исклучиво помеѓу правното лице кое врши определена дејност и активност и Министерството за животна средина и просторно планирање, односно општините и не е предвидено дека наведените елаборати треба да бидат изработени од страна на овластени стручни лица, ниту пак е предвидена обврска за јавно и транспарентно водење на постапката и вклучување на засегнатите страни и јавноста во постапката. Како последица на оваа правна ситуација, се овозможува определени проекти, дејности и активности, без претходно стручно мислење, да се извршуваат на штета на животната средина.
Подносителот на иницијативата, исто така, наведува дека решенијата предвидени во оспорените две уредби со кои се утврдува обврска за изработка на елаборати за заштита на животната средина се однесуваат на дејности и активности коишто во суштина се проекти кои ја имаат истата природа како оние проекти за кои се води постапка за оцена на влијанието на проектот врз животната средина, на кој начин овозможуваат спроведување на проекти без соодветно планирање на мерките за намалување на влијанијата врз животната средина. Ваквите решенија, оневозможуваат учество на јавноста во постапката за донесување на одлуките кои се однесуваат на состојбата на животната средина и изјаснување на јавноста за донесување на тие одлуки.
Целта на иницијативата е преку укинување или поништување на оспорените законски одредби и уредби, да се иницира и подготви ново законско решение кое ќе наметне задолжителна оцена на влијанието врз животната средина и обезбедување на учество на јавноста во сите идни постапки и проекти, односно почитување на Конвенцијата за пристап до информации, учество на јавноста во одлучувањето и пристап до правдата за прашањата поврзани со животната средина. (Архуската конвенција) бидејќи истата е составен дел на правниот поредок на државата.
Во иницијативата се наведени неколку законски одредби од различни закони и Директивата 2011/92/ЕU на Европската Унија, кои се однесуваат на учеството на јавноста во донесувањето на одлуките и пристапот до информации со насока дека истите решенија треба да се предвидат и во оспорените акти.
Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата смета дека оспорените членови од Законот за животната средина и оспорените уредби се спротивни на член 8, 16 и 43 од Уставот, Законот за ратификација на Архуската конвенција и Директивата 2011/92/EU и бара истите да се укинат или поништат.
II
На седницата Судот утврди дека во член 24 од Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2005, 81/2005, 79/2006, 101/2006, 109/2006, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 161/2009, 1/2010, 48/2010, 124/2010, 51/2011, 123/2012, 93/2013, 187/2013, 42/2014, 44/2015, 129/2015, 192/2015, 39/2016, 28/2018, 65/2018, 99/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.176/2021, 216/2021, 89/2022, 99/2022, 171/2022 и 3/2025) има 13 става, а со став (1) се предвидува дека правни или физички лица кои вршат дејности или активности кои не спаѓаат во проектите за кои, согласно со овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон, се спроведува постапка за оцена на влијанието врз животната средина се должни да изготват елаборат за заштита на животната средина со цел да се оцени влијанието на дејностите или активностите врз животната средина, пред да започнат со спроведувањето на проектот и истиот да го достават до органот надлежен за одобрување на спроведувањето на проектот.
Со став (2) од истиот член е предвидено дека надлежниот орган за одобрување на спроведувањето на проектот од ставот (1) на овој член кој го одобрува вршењето на дејностите или активностите е должен елаборатот во рок од пет дена од денот на приемот да го достави до органот надлежен за одобрување на елаборатот согласно со видовите на дејноста или активноста утврдени со прописот донесен врз основа на ставовите (4) и (5) од овој член.
Според став (3) од истиот член, формата и содржината на елаборатот согласно со видовите на дејностите или активностите за кои се изработува елаборат, како и согласно со вршителите на дејноста и обемот на дејностите и активностите кои ги вршат правните и физичките лица, постапката за нивно одобрување, како и начинот на водење на Регистарот за одобрени елаборати ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина. Согласно со обемот, дејностите и активностите се определуваат како дејности и активности од поголем и помал обем, при што дејности или активности од помал обем се определуваат согласно со прописите за вршење на трговска, занаетчиска и земјоделска дејност.
Согласно со член 77 став (1) од истиот закон, Владата на Република Северна Македонија, на предлог на органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, ги определува проектите за кои задолжително се спроведува постапка за оцена на влијанието врз животната средина и ги определува критериумите врз основа на кои се утврдува потребата за спроведување постапка за оцена на влијанието врз животната средина, за други, генерално определени проекти, кои би можеле да имаат значително влијание врз животната средина, како и ги определува критериумите врз основа на кои се утврдува потреба од спроведување постапка за оцена на влијанието врз животната средина при настанување на промени на постојни објекти.
Во став (2) од истиот член е предвидено дека потребата од спроведување на постапка за оцена на влијанието врз животната средина се утврдува и со испитување на секој одделен случај, врз основа на карактерот, обемот и локацијата согласно со критериумите од ставот (1) на овој член, а имајќи ги предвид најновите научни и технички сознанија и решенијата во прописите со кои се определуваат најниските граници на емисии во животната средина.
Уредбата за определување на проектите и за критериумите врз основа на кои се утврдува потребата за спроведување на постапката за оцена на влијанијата врз животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.74/05, 109/09, 164/12 и 202/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 175/22) е донесена врз основа на член 35 и член 36 став 2 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 12/03 и 55/05) и член 77 од Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2005), од страна на Владата на Република Македонија на седницата одржана на 25.08.2005 година. Во член (1) е предвидено дека со оваа уредба се определуваат проектите за кои задолжително се спроведува постапка за оцена на влијанијата врз животната средина, пред да се издаде решение за спроведување на проектот; генерално определени проекти кои би можеле да имаат значително влијание врз животната средина заради што се утврдува потребата за спроведување постапка за оцена на влијанието врз животната средина, пред да се издаде решение за спроведување на проектот; критериумите врз основа на кои се утврдува потребата за спроведување постапка за оцена на влијанијата врз животната средина на нови генерално определени проекти од алинеја 2 од овој член; и критериумите врз основа на кои се утврдува потребата за спроведување постапка за оцена на влијанијата врз животната средина при промена на постојните објекти. Според член 2 став 1, проектите за кои задолжително се спроведува постапка за оцена на влијанијата врз животната средина се утврдени во прилог I од оваа уредба. Согласно со став 2 на овој член, постапката за оцена на влијанието врз животната средина задолжително се спроведува и за секоја промена или проширување на проектите наведени во прилог I од оваа уредба, а кои се однесуваат на праговите пропишани во прилогот. Според став 3 на истиот член, прилогот I е составен дел од оваа уредба.
Уредбата за дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат, а за чие одобрување е надлежен органот за вршење на стручни работи од областа на животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр. бр.80/09 и 36/12 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 233/22), е донесена врз основа на член 24 став 4 од Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/05, 81/05, 24/07 и 159/08) од страна на Владата на Република Македонија на седницата одржана на 23.06.2009 година. Во член 1 е предвидено дека со оваа уредба се утврдуваат дејностите и активностите за кои правните и физичките лица задолжително изработуваат елаборат за заштита на животната средина со цел да се оцени влијанието на дејностите или активностите врз животната средина, за чие одобрување е надлежно Министерството за животна средина и просторно планирање – Управата за животна средина. Според член 2 став 1, дејностите и активностите од член 1 од оваа уредба, а кои ги одобрува Министерството за животна средина и просторно планирање – Управата за животна средина се определени по индустриски сектори дадени во прилог кој е составен дел на оваа уредба. Согласно со став 2 на овој член, правните и физичките лица кои вршат дејности и активности кои се определени во прилогот на оваа уредба, а за кои не се утврдува потребата за спроведување на постапка за оцена на влијанието врз животната средина согласно со Уредбата за определување на проектите и критериумите врз основа на кои се утврдува потребата за спроведување на постапката за оцена на влијанието врз животната средина, изготвуваат елаборат за заштита на животната средина, кој го доставуваат на одобрување до Управата за животна средина.
Уредбата за дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат, а за чие одобрување е надлежен градоначалникот на општината, градоначалникот на градот Скопје и градоначалникот на општините во градот Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр. 80/09 и 32/12) е донесена врз основа на член 24 став 5 од Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/05, 81/05, 24/07 и 159/08) од страна на Владата на Република Македонија на седницата одржана на 23.06.2009 година. Во член 1 е предвидено дека со оваа уредба се утврдуваат дејностите и активностите за кои правните и физичките лица задолжително изработуваат елаборат за заштита на животната средина со цел да се оцени влијанието на дејностите или активностите врз животната средина, за чие одобрување е надлежен градоначалникот на општината, градоначалникот на градот Скопје и градоначалникот на општините во градот Скопје. Според член 2 став 4 правните и физичките лица кои вршат дејности и активности кои се определени во прилозите 1 и 2 на оваа уредба, за кои не се утврдува потребата за спроведување на постапка за оцена на влијанието врз животната средина согласно со Уредбата за определување на проектите и критериумите врз основа на кои се утврдува потребата за спроведување на постапката за оцена на влијанието врз животната средина, изготвуваат елаборат за заштита на животната средина, кој го доставуваат на одобрување до надлежниот орган од ставовите 1, 2 и 3 од овој член.
III
Во член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се предвидени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 16 став 3 од Уставот, се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации.
Согласно со член 43 став 1 од Уставот, секој човек има право на здрава животна средина. Според став 2 на овој член секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Во став 3 е предвидено дека Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.
Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Според член 118 од Уставот на Република Северна Македонија, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.
Во член 5 од Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2005, 81/2005, 79/2006, 101/2006, 109/2006, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 161/2009, 1/2010, 48/2010, 124/2010, 51/2011, 123/2012, 93/2013, 187/2013, 42/2014, 44/2015, 129/2015, 192/2015, 39/2016, 28/2018, 65/2018, 99/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 176/2021, 216/2021, 89/2022, 99/2022, 171/2022 и 3/2025), насловен „Дефиниции“, се дефинирани значењата на одделни изрази употребени во овој закон, меѓу кои под точката 32. е наведено дека „Оцена на влијанието врз животна средина“ подразбира процена на можните влијанија на одредени плански документи, проекти и планирани активности врз животната средина.
Во член 17 од Законот за животната средина, насловен „Начело на учество на јавноста и пристап до информации“ е предвидено дека органите на државната власт и органите на општината, на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје, се должни да ги обезбедат сите потребни мерки и да пропишат постапки со кои се обезбедува остварување на правото на пристап до информациите и учество на јавноста во донесувањето на одлуките кои се однесуваат на состојбата на животната средина, како и да обезбедат изјаснување на јавноста во постапката за донесување на тие одлуки.
Согласно со член 24 став 1 од Законот за животната средина, правните или физичките лица кои вршат дејности или активности кои не спаѓаат во проектите за кои, согласно со овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон, се спроведува постапка за оцена на влијанието врз животната средина се должни да изготват елаборат за заштита на животната средина со цел да се оцени влијанието на дејностите или активностите врз животната средина, пред да започнат со спроведувањето на проектот и истиот да го достават до органот надлежен за одобрување на спроведувањето на проектот. Според став 2 од истиот член, надлежниот орган за одобрување на спроведувањето на проектот од ставот (1) на овој член кој го одобрува вршењето на дејностите или активностите е должен елаборатот во рок од пет дена од денот на приемот да го достави до органот надлежен за одобрување на елаборатот согласно со видовите на дејноста или активноста утврдени со прописот донесен врз основа на ставовите (4) и (5) од овој член. Во став 3 на овој член, е предвидено дека формата и содржината на елаборатот согласно со видовите на дејностите или активностите за кои се изработува елаборат, како и согласно со вршителите на дејноста и обемот на дејностите и активностите кои ги вршат правните и физичките лица, постапката за нивно одобрување, како и начинот на водење на Регистарот за одобрени елаборати ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина. Согласно со обемот, дејностите и активностите се определуваат како дејности и активности од поголем и помал обем, при што дејности или активности од помал обем се определуваат согласно со прописите за вршење на трговска, занаетчиска и земјоделска дејност. Согласно со став 4 на истиот член, Владата на Република Северна Македонија, на предлог на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, ги определува дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат, а за чие одобрување е надлежен органот за вршење на стручни работи од областа на животната средина. Според став 5 на овој член, Владата на Република Северна Македонија, на предлог на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, ги определува дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат, а за чие одобрување е надлежен градоначалникот на општината, градоначалникот на Градот Скопје и градоначалникот на општината во Градот Скопје.
Според член 61 став 4 од Законот за животната средина, Владата на Република Северна Македонија на предлог на органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина ги пропишува условите, начинот и постапката за учество на јавноста во текот на изработката на прописи и други акти од областа на животната средина. Согласно со став 5 на овој член, органите на државната управа и органите на единиците на локалната самоуправа, заради учество на јавноста во донесувањето на одлуки, се должни да ја известат јавноста за сите предлози за изработување, донесување, изменување или ревидирање на планови и програми, по пат на јавни известувања, или на друг соодветен начин, како што се електронските и печатените медиуми, како и да овозможат на јавноста пристап до информации за предлозите, вклучувајќи и информации за правото на јавноста да учествува во постапката за одлучување по плановите и програмите и надлежниот орган до кого можат да се поднесуваат забелешки и прашања. Во став 8 на истиот член е предвидено дека Владата на Република Северна Македонија на предлог на органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина ги пропишува видовите на планови и програми кои се донесуваат согласно со одредбите од ставот (4) на овој член, начинот и постапката за учество на јавноста при изработувањето, донесувањето, изменувањето или ревидирањето на планови и програми, како и начинот и критериумите врз основа на кои се определува јавноста за учество, вклучувајќи ги и невладините организации.
Со член 77 став 1 од Законот за животната средина е предвидено дека Владата на Република Северна Македонија, на предлог на органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, ги определува проектите за кои задолжително се спроведува постапка за оцена на влијанието врз животната средина и ги определува критериумите врз основа на кои се утврдува потребата за спроведување постапка за оцена на влијанието врз животната средина, за други, генерално определени проекти, кои би можеле да имаат значително влијание врз животната средина, како и ги определува критериумите врз основа на кои се утврдува потреба од спроведување постапка за оцена на влијанието врз животната средина при настанување на промени на постојни објекти. Според став 2 на овој член, потребата од спроведување на постапка за оцена на влијанието врз животната средина се утврдува и со испитување на секој одделен случај, врз основа на карактерот, обемот и локацијата согласно со критериумите од ставот (1) на овој член, а имајќи ги предвид најновите научни и технички сознанија и решенијата во прописите со кои се определуваат најниските граници на емисии во животната средина.
Од горенаведените цитирани законски одредби произлегува дека Владата на Република Северна Македонија е овластен орган за донесување на подзаконски прописи/акти на предлог на органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина за определување на проектите за кои задолжително се спроведува постапка за оцена на влијанието врз животната средина, за определување на критериумите врз основа на кои се утврдува потребата за спроведување постапка за оцена на влијанието врз животната средина, за други, генерално определени проекти, кои би можеле да имаат значително влијание врз животната средина, како и за определување на критериумите врз основа на кои се утврдува потреба од спроведување постапка за оцена на влијанието врз животната средина при настанување на промени на постојни објекти. Врз основа на законското овластување содржано во член 77 од Законот за животната средина, на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 25.08.2005 година ја донела уредбата за определување на проектите и за критериумите врз основа на кои се утврдува потребата за спроведување на постапка за оцена на влијанието врз животната средина. Во прилог 1 од Уредбата се наведени проектите за кои задолжително се спроведува постапка за оцена на влијание врз животната средина, а во прилог 2 од истата уредба, наведени се генерално определени проекти за кои се утврдува потреба за спроведување постапка за оцена на влијанието врз животната средина. Во членовите 5, 6, 7 и 8 од уредбата се утврдени критериумите за утврдување на потребата за спроведување на постапката за оцена на влијанието врз животната средина за генерално определени проекти од прилог 2 од истата.
Од горенаведените цитирани законски одредби произлегува дека Владата на Република Северна Македонија е овластена да донесе подзаконски пропис/акт врз основа на предлог од Министерството за животна средина и просторно планирање. На овој начин се утврдуваат проектите за кои е задолжителна проценка на влијанието врз животната средина, како и критериумите за нивна оценка. Со прилог 1 од Уредбата донесена на 25.08.2005 година, се утврдени проектите за кои проценката е задолжителна, додека во прилог 2 се содржани генерално определени проекти, за кои се утврдува потребата од спроведување на ваква постапка. Членовите од 5 до 8 од Уредбата ги дефинираат критериумите за овие проценки.
Од значење е да се потенцира дека законодавецот ѝ дал на Владата како носител на извршната власт овластување да ги уредува предметните прашања, а не на орган на државна управа, што во хиерархијата на органи е на пониско место. Како што е наведено во член 96 од Уставот на Република Северна Македонија, органите на државната управа за својата работа се одговорни на Владата. Односот меѓу Владата и органите на државната управа се заснова на надлежностите утврдени со Уставот и законите. Владата е највисок извршен орган што ја креира и спроведува политиката на државата, додека органите на државната управа (министерства, агенции, управи и други) имаат задача да ги спроведуваат законите и владините одлуки во конкретни области. Во случајот со животната средина, Министерството за животна средина и просторно планирање предлага мерки и прописи, додека Владата ги усвојува тие подзаконски прописи/акти и носи уредби што се задолжителни за примена. Овој однос е хиерархиски, но базиран на уставни и законски овластувања што ја гарантираат функционалноста на системот. Во правниот систем на Република Северна Македонија, уредбите и правилниците се подзаконски акти кои ги донесуваат извршните органи на власта со цел да ги спроведат законите и да ги регулираат специфичните области на општественото живеење. Уредбата е подзаконски акт со општ карактер што го донесува Владата на Република Северна Македонија. Таа служи за поопширно уредување на одредени прашања предвидени со закон и има за цел да обезбеди детална примена на законските одредби. Правилникот е подзаконски акт што го донесуваат министерствата или други надлежни органи на државната управа. Неговата функција е да ги регулира конкретните прашања во рамки на нивната надлежност, обезбедувајќи детални процедури и насоки за спроведување на законите. И уредбите и правилниците се подзаконски акти, но се разликуваат според нивниот донесувач и обемот на регулирање. И двата акти мора да бидат во согласност со законите и не смеат да ги надминуваат или менуваат законските одредби. Со оваа хиерархија се обезбедува координирано и ефикасно функционирање на правниот систем, каде што законите поставуваат општи рамки, а уредбите и правилниците обезбедуваат детални насоки за нивна примена.
Исто така, законодавецот во Законот за животната средина сам ги утврдил областите во кои се спроведува стратегиска оцена, односно се спроведува постапка за оцена на влијанието на стратегиите, плановите и програмите врз животната средина и врз здравјето на луѓето. Имено, со член 65 став 2 од Законот за животната средина е пропишано дека стратегиска оцена се спроведува на плански документи кои се подготвуваат во областа на земјоделството, шумарството, рибарството, енергетиката, индустријата, рударството, транспортот, регионалниот развој, телекомуникациите, управувањето со отпадот, управувањето со водите, туризмот, просторното и урбанистичкото планирање и користењето на земјиштето и со кои се создава основа за изведување на проекти за кои се врши оцена на влијанието врз животната средина или на сите плански документи со кои се уредува управувањето со заштитените подрачја прогласени согласно со закон или пак можат да влијаат врз тие подрачја.
Оттука, Судот оцени дека оспорениот член 77 од Законот за животната средина, има јасна и концизна содржина, и неговата уставност не може да се доведе во прашање во однос на член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот со оглед на тоа дека анализата на член 77 од Законот за животна средина како оспорена законска одредба, во однос на наведените уставни одредби насочува кон фактот дека законодавецот со цел операционализација на законската одредба и определување на конкретен начин и критериумите врз основа на кои се утврдува потреба за спроведување на постапката за оцена на влијанието врз животната средина предвидел надлежност за Владата на Република Северна Македонија, како носител на извршната власт, за донесување на подзаконски акт, врз основа на предлог на органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, со кој ќе ги дефинира проектите за кои задолжително се спроведува постапка за оцена на влијанието врз животната средина, за дефинирање на критериумите врз основа на кои се утврдува потребата за спроведување постапка за оцена на влијанието врз животната средина, за други, генерално определени проекти, кои би можеле да имаат значително влијание врз животната средина, како и за дефинирање на критериумите врз основа на кои се утврдува потреба од спроведување постапка за оцена на влијанието врз животната средина при настанување на промени на постојни објекти.
Ова од причина што, законодавецот со цел уредување и хуманизација на просторот и заштита и унапредување на животната средина и природата, го донел Законот за животната средина во кој со намера да се операционализираат законските одредби, предвидел одредени прашања поврзани со спроведувањето на постапката за оцена на влијанието врз животната средина да се регулираат со подзаконски акт, како што е во конкретниот случај, со донесувањето на горенаведената и истовремено една од оспорените уредби со која се операционализира оспорениот член 77 од наведениот закон. Имено, Владата согласно член 36 став 2 од Законот за Владата, сo уредба го уредува извршувањето на законите, утврдува начела за внатрешна организација на министерствата и другите органи на државната управа и уредува други односи во согласност со Уставот и со законите.
Покрај ова, законодавецот со член 80 од Законот за животната средина, пропишал законска обврска за инвеститорот да достави до Министерството за животна средина и просторно планирање известување за намерата за изведување на проектот со што започнува постапката за оцена на влијанието врз животната средина . Во тој случај, доколку станува збор за проект од прилог 1 на оспорената уредба, тогаш постапката за оцена на влијанието врз животната средина е задолжителна, но ако се работи за проект од прилог 2 на истата уредба, тогаш Министерството за животна средина и просторно планирање, согласно со член 77 став 2 од Законот за животната средина, ја утврдува потребата од оцена на влијание на проектот врз животната средина со испитување на секој одделен случај, врз основа на карактерот, обемот и локацијата согласно со критериумите утврдени во точките 4, 5, 6, 7 и 8 од уредбата. Од друга страна, ако се работи за проект, односно активност или дејност за кој нема потреба за спроведување на постапка за оцена на влијанието врз животната средина, односно откако ќе се утврди дека наведените проекти нема да имаат значително влијание врз животната средина, за истите се подготвува eлаборат за заштита на животната средина, согласно со член 24 од Законот за животната средина.
Во однос на елаборатите за заштита на животната средина, законодавецот со цел да се изврши оценка на влијанието на дејностите или активностите врз животната средина пред да започнат со спроведувањето на проектот, со член 24 од Законот за животната средина, насловен „Елаборат за заштита на животната средина“, предвидел законска обврска за правни или физички лица кои вршат дејности или активности кои не спаѓаат во проектите за кои, согласно со овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон, задолжително се спроведува постапка за оцена на влијанието врз животната средина да изготват елаборат за заштита на животната средина и истиот да го достават до органот надлежен за одобрување на спроведувањето на проектот.
Законодавецот со цел да ја операционализира оваа законска одредба и обврска за изготвување на елаборат за заштита на животната средина, со член 24 став 4 од Законот за животната средина дал законско овластување за донесување на подзаконски пропис на Владата на Република Северна Македонија која на предлог на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, е должна со свој подзаконски пропис да ги определи дејностите и активностите за кои задолжително се изработува ваков елаборат, а за чие одобрување е надлежен органот за вршење на стручни работи од областа на животната средина. Со став 5 од истиот член законодавецот дал овластување на Владата на Република Северна Македонија, на предлог на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, да ги определи дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат за заштита на животната средина, а за чие одобрување е надлежен градоначалникот на општината, градоначалникот на Градот Скопје и градоначалникот на општината во Градот Скопје.
Како резултат на ваквото законско овластување, Владата на Република Северна Македонија на седницата одржана на 23.06.2009 година ја донела Уредбата за дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат, а за чие одобрување е надлежен органот за вршење на стручни работи од областа на животната средина и Уредбата за дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат, а за чие одобрување е надлежен градоначалникот на општината, градоначалникот на градот Скопје и градоначалникот на општината во градот Скопје. Со донесување на цитираните уредби, Владата ја операционализирала наведената законска одредба преку дефинирање на дејностите и активностите за кои правните и физичките лица се задолжени да изработуваат елаборати за заштита на животната средина со цел да се оцени влијанието на дејностите или активностите врз животната средина за чии одобрување се задолжени надлежните органи.
Покрај овластувањето за оспорените уредби донесени врз основа на член 24 ставови (4) и (5) од Законот, законодавецот со цел да ја дорегулира и допрецизира постапката за изработување на елаборатите, и на ваков начин да придонесе кон зголемување на правната сигурност како составен дел на владеењето на правото, во член 24 став 3 од Законот за животната средина предвидел донесување на уште еден подзаконски пропис со кој ќе бидат пропишани формата и содржината на елаборатот согласно со видовите на дејностите или активностите за кои се изработува елаборат, како и согласно со вршителите на дејноста и обемот на дејностите и активностите кои ги вршат правните и физичките лица, постапката за нивно одобрување, како и начинот на водење на Регистарот за одобрени елаборати. Во овој случај овластувањето е дадено на министерот за животна средина и просторно планирање кој го донел Правилникот за формата и содржината на елаборатот за заштита на животната средина согласно со видовите на дејностите или активностите за кои се изработува елаборат, како и согласно со вршителите на дејноста и обемот на дејностите и активностите кои ги вршат правните и физичките лица, постапката за нивно одобрување, како и начинот на водење на регистарот за одобрени елаборати („Службен весник на Република Македонија“ број 44/2013 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 11/2014), во кој јасно е пропишано кои аспекти треба да се анализираат при подготовка на елаборати и врз основа на тоа се предлагаат мерките и активностите кои е потребно да се преземат со цел заштита на медиумите и областите на животната средина согласно со посебните прописи со кои се уредени областите и медиумите за животна средина.
Врз основа на горенаведеното, Судот оцени дека се неосновани наводите на подносителот на иницијативата дека член 24 од Законот за животна средина, врз основа на кој се донесени оспорените уредби во чии рамки се содржани прилозите за дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат, е спротивен на Уставот, од причина што законодавецот преку оспорениот член предвидува операционализација на темелната уставна вредност уредување и хуманизација на просторот и заштита и унапредување на животната средина и на природата, коe потоа со подзаконски акти донесени од страна на Владата на Република Северна Македонија е доразработено, односно операционализирано.
Судот оцени дека се неосновани наводите на подносителот на иницијативата дека со прилозите кон уредбите за дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат за заштита на животната средина се проширени дејностите и активностите за кои се изработува елаборат за заштита на животната средина, иако по своја природа одговараат на проекти за кои се спроведува постапка за оцена на влијанието врз животната средина, а им се пропишува помало влијание врз животната средина. Ова од причина што законодавецот, како носител на законодавната власт, има право и дискреција, преку донесување законски норми, да регулира одредено правно прашање на начин кој го смета за соодветен и во согласност со уставните принципи и општествените потреби. Ова овластување вклучува и можност, преку закон, да додели овластување на извршната власт, односно на надлежните органи на државната управа, за дополнително регулирање и прецизирање на одредени правни прашања преку донесување подзаконски акти.
На пример, обврската за задолжително спроведување на постапка за оцена на влијанието врз животната средина за определени проекти не значи дека законодавецот е ограничен во предвидувањето на различни правила или постапки за други видови дејности или активности. Законодавецот може, во согласност со јасно дефинирани критериуми, да утврди дека влијанието врз животната средина од одредени активности не е од таков размер што би налагало спроведување на идентична постапка, па затоа може да предвиди поедноставени или различни процедури.
Ова укажува на тоа дека законодавецот има уставно право, врз основа на неговите овластувања и проценка, да регулира одредена постапка на начин што ќе обезбеди баланс помеѓу заштитата на јавниот интерес, ефикасноста на административните постапки и заштитата на животната средина. Ваквиот пристап овозможува флексибилност во правното регулирање и адаптација на нормите според специфичностите на различни области и дејности.
Исто така, Судот оцени дека е неоснован наводот на подносителот на иницијативата дека за разлика од постапката за оцена на влијанието на проектот врз животната средина, во актите кои ги утврдуваат дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат за заштита на животната средина, а за чие одобрување е надлежно Министерството за животна средина и просторно планирање – Управа за животна средина, односно градоначалниците на општините, Градот Скопје и општините во Градот Скопје, се регулирани постапките кои се водат исклучиво помеѓу правното лице кое врши определена дејност и активност и Министерството за животна средина и просторно планирање односно општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје и не е предвидено дека наведените елаборати треба да бидат изработени од страна на овластени стручни лица, ниту пак е предвидена обврската за јавно и транспарентно водење на постапката и вклучување на засегнатите страни и јавноста во постапката и како последица на оваа правна ситуација, се овозможува определени проекти и активности, без претходно стручно мислење, да се извршуваат на штета на животната средина. Причината за неоснованоста е во фактот што постапката за изработка на елаборат за заштита на животната средина за разлика од постапката за оцена на влијанието на проектот врз животната средина, е поедноставна постапка и истата се однесува на голем број активности и дејности, за чие одобрување се надлежни Министерството за животна средина и просторно планирање односно општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, а кои активности и дејности се утврдени од страна на Владата на Република Северна Македонија со донесување на уредбите врз основа на член 24 ставови (4) и (5) од Законот за животната средина. Во овој контекст треба да се потенцира дека и за овие активности и дејности се изготвува елаборат за заштита на животната средина, кој задолжително мора да биде изготвен и одобрен за да може да започне спроведувањето на проектот. Оттука, без одобрен елаборат за заштита на животната средина не може да започне спроведувањето на проектот.
Оваа постапка е дополнителен национален механизам којшто е воведен во насока на заштита на животната средина од сите останати дејности и активности кои имаат влијание врз животната средина, а за кои законодавецот не предвидел обврска за задолжително водење постапка за оцена на влијанието на проектот врз животната средина. Покрај ова, формата и содржината на елаборатите се пропишани во Правилникот за формата и содржината на елаборатот за заштита на животната средина согласно со видовите за дејностите или активностите за кои се изработува елаборат, како и согласно вршителите на дејноста и обемот на дејностите и активностите кои ги вршат правните и физичките лица, постапката за нивно одобрување, како и начинот на водење на Регистарот на одобрени елаборати („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/13), во кој јасно е припишано кои аспекти треба да се анализираат при подготовка на елаборатот за заштита на животната средина и врз основа на анализата во елаборатот се предлагаат мерките и активностите кои е потребно да се преземат со цел заштита на медиумите и областите на животната средина согласно посебните прописи со кои се уредени областите и медиумите за животна средина. Решението за одобрување на елаборатот е услов за понатамошно продолжување на постапката пред надлежните органи и истото се донесува од страна на надлежен орган кој исто така ја спроведува постапката за оцена на влијанието на проектот врз животната средина.
Фактот дека во оспорените уредби за дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат за заштита на животна средина, не е предвидено дека елаборатите треба да се изготвуваат од страна на стручните лица односно експерт за оцена на влијанието на проекти врз животната средина како што се практикува во постапката за оцена на влијанието врз животната средина, по автоматизам не подразбира дека истите се спротивни на Устав и закон. Ова од причина што во член 24 став 1 од Законот за животната средина на многу јасен начин е наведено дека изготвувањето на елаборат за заштита на животната средина има за цел да се оцени влијанието на дејностите или активностите врз животната средина и се изготвува за проекти за кои не се спроведува постапка за оцена на влијанието врз животната средина. Но, Законот не ја исклучува или ограничува можноста елаборатите да се изработуваат од страна на експерти за оцена на влијанието врз животната средина и е оставена можност правните и физичките лица сами да изберат кого ќе го ангажираат за изработка на елаборатите. Имајќи ги предвид ставовите (6), (7), (8), (9), (10), (11), (12) и (13) од членот 24 од Законот за животната средина, правните и физичките лица изготвувањето на елаборатот ќе го доверат на лице кое ги познава пропишаните стандарди за квалитет на животната средина и пропишаните гранични вредности на емисии, бидејќи во спротивно органот надлежен за одобрување на спроведувањето на елаборатот ќе издава решение со кое не го одобрува елаборатот и ќе го одбие спроведувањето на проект, односно ќе одбие одобрување на вршење на дејностите или активностите. Гледано од уставно правна перспектива, право на законодавецот е да одлучува за законските решенија, односно која постапка на каков начин ќе се одвива и кои процесни дејствија треба да се преземаат.
Судот оцени дека се неосновани и наводите на подносителот на иницијативата дека е спротивно на член 17 од Законот за животната средина непредвидувањето на обврската за јавно и транспарентно водење на постапката и вклучување на засегнатите страни и јавноста во постапката за изготвување и одобрување на елаборати за заштита на животната средина во оспорените уредби за дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат за заштита на животна средина. Имено, член 17 од Законот за животната средина го утврдува начелото на учество на јавноста и пристап до информации. Ова начело е дефинирано како законска обврска за органите на државната власт и органите на општината, на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје, „да ги обезбедат сите потребни мерки и да пропишат постапки со кои се обезбедува остварување на правото на пристап до информациите и учество на јавноста во донесувањето на одлуките кои се однесуваат на состојбата на животната средина, како и да обезбедат изјаснување на јавноста во постапката за донесување на тие одлуки“. Ова подразбира дека надлежните органи треба да обезбедат транспарентност и да ги вклучат засегнатите страни и јавноста „во донесувањето на одлуките кои се однесуваат на состојбата на животната средина“.
При анализа на основаноста на овие наводи од иницијативата тргнавме од значењето на начелата врз кои се темели еден закон, вклучувајќи го и Законот за животната средина и конкретно начелото содржано во членот 17 од истиот закон. Начелата се основни принципи кои го дефинираат духот на законот и служат како рамка за регулирање на одредена област, а потоа се разработени преку конкретни законски членови. Овие законски членови ги дефинираат обврските, постапките и механизмите за примена на начелата. Имено, начелата се апстрактни принципи, кои потоа добиваат конкретизација во законските одредби со кои се пропишуваат конкретни правила, обврски, постапки и санкции. Законските членови ги детализираат општите принципи, односно законските начела во конкретни ситуации со што се овозможува примена на начелата.
Во конкретниот случај, начелото на учество на јавноста и пристап до информации, утврдено во член 17 од Законот за животната средина, е разработено во член 53 кој ги дефинира обврските на надлежните органи за обезбедување пристап до информации за животната средина, член 54 кој го регулира начинот и постапката за обезбедување на пристап до информации, како и членовите 61 и 62 кои се однесуваат на учеството на јавноста во процесот на донесување на одлуки поврзани со животната средина.
Согласно со уставното право на законодавецот да одлучува за законските решенија, истиот одлучил постапката за изготвување на елаборати за заштита на животната средина да се третира како дополнителен национален механизам за заштита на животната средина и истата да биде поедноставна и да не ги содржи сите фази споредено со постапката за задолжително изготвување на елаборат за оцена на влијанието на проектот врз животната средина кој опфаќа и планирани активности за информирање на јавноста и вклучување на засегнатите страни и јавноста во процесот на оценка и одобрување на проектот, поради тоа што се применува за проекти односно активности и дејности кои по својот карактер, обем или локација на којашто се изведуваат не можат да имаат значително влијание врз животната средина. На овој пристап на законодавецот треба да се гледа како на позитивен чекор со оглед на широкиот опфат на примена на постапката за оцена на влијанијата на определени проекти врз животната средина, во кој спаѓаат двата вида на проекти, односно проекти кои поради нивниот карактер, обем или локацијата на којашто се изведуваат можат да имаат значително влијание врз животната средина и другите проекти кои не можат да имаат значително влијание врз животната средина. Оттука, оцена на влијанието на дејностите и активностите врз животната средина во двата случаи ќе се спроведе, со тоа што ќе се разликуваат постапките на оцена. Во првиот случај се вклучени јавноста и државата преку своите надлежни органи, додека во вториот случај директно само државата со оглед на тоа дека согласно член 24 ставовите од 6 до 13 од Законот за животната средина се донесува решение за одобрување или неодобрување на елаборатот за заштита на животна средина. Притоа, одлуката за тоа каква постапка на оцена ќе се спроведе се донесува согласно член 77 став 2 од Законот за животната средина според кој потребата од спроведување на постапка за оцена на влијанието врз животната средина се утврдува и со испитување на секој одделен случај, врз основа на карактерот, обемот и локацијата имајќи ги предвид најновите научни и технички сознанија и решенијата во прописите со кои се определуваат најниските граници на емисии во животната средина.
Покрај ова, исто така, Судот оцени дека се неосновани наводите на подносителот на иницијативата дека обврската за учество на јавноста во постапката за одобрување на елаборатите произлегува од Конвенцијата за пристап до информации, учество на јавноста во одлучувањето и пристап до правдата за прашања поврзани со животната средина (Архуска конвенција) и правото на ЕУ. Имено, согласно со одговорот на Владата на Република Северна Македонија, постапката за одобрување на елаборатите е постапка од национален карактер, претставува дополнителен механизам за заштита на животната средина и како таква не произлегува од барањата на законодавството на ЕУ, ниту од меѓународните договори. Наспроти ова, како што е наведено во одговорот на Владата на Република Северна Македонија, Архуската конвенција и правото на ЕУ се имплементирани во националното законодавство преку вклучувањето на јавноста во постапката за оцена на влијанието на проектите врз животната средина, која се спроведува за проекти кои имаат значително влијание врз животната средина, со одржување на јавна расправа и објава на сите документи на веб-страницата и во дневен весник на територијата на државата, кои претставуваат задолжителни процесни дејствија, согласно со Законот за животната средина.
Судот оцени дека се неосновани и наводите на подносителот на иницијативата поврзани со транспарентноста и пристапот до информациите во постапката за оцена на влијанието на проектите врз животната средина и постапката за изработка и одобрување на елаборатите за заштита на животната средина. Имено, како што беше и претходно наведено во ова решение, начелото содржано во член 17 од Законот за животната средина е детализирано преку одредбите од глава VIII насловена „Пристап до информациите кои се однесуваат на животната средина“, содржани во членовите од 51 до 58 од Законот за животната средина. Глава VIII од Законот за животната средина го регулира правото на јавноста за пристап до информации поврзани со животната средина, обврските на органите на власт да ги обезбедат тие информации, како и процедурите за јавни консултации, осигурувајќи транспарентност и учество на граѓаните во одлучувањето. Сoгласно со овие одредби, секој има право на пристап до информации за животната средина без потреба од образложение, а надлежните органи се обврзани да ги обезбедат и објават на јавни места. Пристапот не смее да биде условен со такса, освен кога барањето е прекумерно. Органите редовно објавуваат извештаи за животната средина, а за проекти со влијание врз неа се спроведуваат јавни консултации. Ако пристапот е одбиен, органот мора да го образложи и да дозволи жалба. Оттука произлегува дека наведените членови содржат општи законски права за секое заинтересирано лице, како и општа законска обврска за секој надлежен орган, без во овие одредби таксативно да бидат наведени постапките во кои овие права и обврски се применуваат.
Од значење за уставно-правната анализа на наводите во иницијативата кои се повикуваат на неусогласеност со т.н. Архуска конвенција е да се наведе дека на 01.07.1999 година, Собранието на Република Македонија го усвои Законот за ратификација на Конвенцијата за пристап до информации, учество на јавноста во донесување одлуки и пристап до правдата за прашања поврзани со животната средина, а осум дена од денот на нејзиното објавување во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/99 од 06.07.1999 година, истата влезе во сила. Република Северна Македонија преку Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Архус центарот, воспоставен во октомври 2019 година, изготвува национални извештаи за имплементација на Архуската конвенција во Република Северна Македонија. Досега се изготвени шест национални извештаи во согласност со обврската преземена со ратификување на оваа конвенција, при што податоците содржани во овие извештаи беа земени предвид при правење на оваа уставно-правна анализа.
Според овие извештаи, законодавецот во рамки на своите уставни овластувања одлучил барањата на Архуската конвенција да се инкорпорираат во Законот за животна средина, Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и Законот за локална самоуправа, при што Законот за животна средина претставува генерален закон кој ги уредува сите аспекти на животната средина, додека секој аспект на животната средина потоа е разработен во специјални закони кои воспоставуваат системи за заштита специфични за конкретниот медиум (вода, воздух, почва итн). Врз основа на општиот и специјалните закони се донесени голем број подзаконски прописи од страна на Владата или надлежен орган на државна управа, кој пристап е оправдан со оглед на големиот број области во кои е засегната животната средина (земјоделството, шумарството, рибарството, енергетиката, индустријата, рударството, транспортот, регионалниот развој, телекомуникациите, управувањето со отпадот, управувањето со водите, туризмот, просторното и урбанистичкото планирање и користењето на земјиштето), како и потребата да се земаат предвид најновите научни и технички сознанија и решенијата во прописите со кои се определуваат најниските граници на емисии во животната средина.
Во врска со наводите на подносителот на иницијативата дека оспорените одредби од Законот за животната средина не се во согласност со Директивата 2011/92/ЕU на Европската Унија, Судот оцени дека согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот, Судот не е надлежен да оценува согласност на законски одредби со одредбите на директивите на Европската Унија.
Врз основа на наведеното Судот оцени дека оспорените членови од Законот за животна средина и уредби, се во согласност со член 8 став 1 алинеја 10, член 16 и 34 од Уставот.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Кoстадиновски