Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.1/2025
Скопје, 30.04.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 2 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 30 април 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 10 став 4 во делот „со исклучок на тоа дека на Стратешкиот партнер ќе му биде дозволено да започне со истражување и експлоатација на минерални суровини за целите на Проектот штом барањето за доделување на концесија за истражување и експлоатација е поднесено од страна на Инвеститорот” од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 163/2021 и 111/2023).
Образложение
I
Жарко Стеваноски, адвокат од Прилеп, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во диспозитивот на ова решение.
Во иницијативата подносителот наведува дека законодавецот во член 10 став 4 од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 163/2021 и 111/2023), предвидел исклучок според кој на стратешкиот партнер Бехтел и Енка или со нив поврзаните лица, спротивно на сите применливи регулативи за минерални суровини и сите други прописи, да му биде дозволено да започне со истражување и експлоатација на минерални суровини уште со чинот на поднесување барање за доделување концесија од страна на инвеститорот. Наведува и дека по повод претходно поднесена иницијатива од негова страна, Уставниот суд донел Решение У.бр.182/2024 од 30.10.2024 година, со кое не повел постапка за оценување на уставноста на член 10 став 4 во делот „со исклучок на тоа дека на Стратешкиот партнер ќе му биде дозволено да започне со истражување и експлоатација на минерални суровини за целите на Проектот штом барањето за доделување на концесија за истражување и експлоатација е поднесено од страна на Инвеститорот” од предметниот закон.
Во сега поднесената иницијатива подносителот низ три точки наведува што содржело образложението на Решението У.бр.182/2024 од 30.10.2024 година. Воедно, под точка 4. подносителот во иницијативата ја изнесува и следната содржина: „Според Судот неосновано е тврдењето дека со оспорените одредби се повредува уставно-загарантираното право на граѓанинот да бара судска заштита на своите права, бидејќи градбите од стратешки интерес сами по себе не може да претставуваат основ за ограничување на правото на граѓаните да побараат судска заштита за одложување на експропријацијата или одземање на владението како едно од овластувањата кои произлегувале од правото на сопственост”, што е нејасно, бидејќи ваква содржина воопшто не е дел од образложението во Решението У.бр.182/2024 од 30.10.2024 година, и нејасни се причините за наведувањето на истата од страна на подносителот.
Со иницијативата, подносителот посебно се задржува на делот од Решението во кое Судот укажува дека прашањето за конкретно настанати последици и штети по здравјето на луѓето, растителниот и животинскиот свет поради активности на локалитетот „Ореовец”, е во надлежност на други органи пред кои граѓаните можат да ги заштитат своите правни интереси, кое укажување, според подносителот, упатува на заклучок дека за Судот оспорената одредба не е неуставна, поради постоење на механизмот на судска заштита на правата при реализација на проектот. Врз основа на ваквото сфаќање на овој дел од Решението, подносителот смета дека Уставниот суд повторно треба да се впушти во разгледување на истото прашање за кое претходно веќе се произнел, бидејќи од моментот на донесувањето на Решението У.бр.182/2024 од 30.10.2024 година, до моментот на поднесувањето на оваа иницијатива, настанати се изменети околности и настанати се основи за поинакво одлучување, бидејќи затаила судската заштита којашто ја очекувале граѓаните во врска со активностите на локалитетот с.Ореовец.
Во продолжението на иницијативата подносителот изнесува хронологија на настани поврзани со судска постапка којашто жителите на с. Ореовец ја воделе пред Основниот суд Прилеп и пред Апелациониот суд Битола, но дека не успеале да издејствуваат позитивна одлука по поднесениот предлог за изрекување на привремена мерка. Имено, Основниот суд Прилеп одлучувајќи по предлогот за издавање на привремена мерка за обезбедување на парично побарување на доверителите (жителите на с.Ореовец) против должниците (Јавното претпријатие за државни патишта Скопје, Бехтел Енка УК2 Лимитед Обединето кралство – Подружница во Северна Македонија и Бехтел Енка УК Лимитед Обединето кралство – Подружница во Северна Македонија), донел Решение ВПП2-75/24 од 28.10.2024 година, според кое предлогот на доверителите со кој побарале заради обезбедување на парично побарување да биде изречена привремена мерка на начин што ќе им се забрани на должниците да преземаат какви било градежни активности со минирање, расчистување на теренот, ископ на минерална суровина – градежно технички материјал и транспорт на градежно техничкиот материјал во месноста помеѓу с.Плетвар и с.Ореовец и да го користат локалниот пат за с.Ореовец којшто се приклучува на регионалниот пат Градско-Прилеп, се одбива како неоснован, и дека ова решение е потврдено со Решението на Апелациониот суд Битола ГЖ-1431/24 од 18.12.2024 година.
Подносителот наведува дека жителите на с.Ореовец не успеале да ги заштитат своите правни интереси бидејќи спорната одредба од член 10 став 4 од предметниот закон, за судот била задолжителна и судот не можел да одлучува надвор од неа. Оттука, а во контекст на донесеното Решение У.бр.182/2024 од 30.10.2024 година за неповедување постапка за оценување на уставноста на предметниот член од Законот, пред подносителот основано се поставило прашањето каде и зошто затаи судската заштита на која упатил Уставниот суд со својата одлука, односно дека судската заштита за конкретниот случај, е неприменлива, а опасноста и штетите предизвикани од реализацијата на проектот врз здравјето на луѓето, животната средина, правото на чист воздух и животинскиот и растителниот свет, се настанати, и стратешкиот партнер и инвеститорот ништо не ги спречува да продолжат со таквите повреди на основните човекови права и темелните вредности, предвидени со Уставот. Во иницијативата подносителот се повикува на меѓународни конвенции поврзани со животната средина, и изнесува примери од водени постапки пред Судот во Стразбур по ова прашање, наведувајќи дека и жителите на с. Ореовец ќе ги остварат своите права пред овој суд, но останува прашањето дали ние како држава ќе можеме да ги санираме последиците од таквото непочитување на меѓународните конвенции на чие почитување се обврзала државата, односно како ова парче национално природно богатство коешто се наоѓа во с. Ореовец ќе го вратиме во првобитната состојба.
Од погоре наведените причини подносителот со оваа иницијатива повторно предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на предметниот член од Законот и истиот да го укине. Воедно, поради опасноста од настапување на ненадоместлива штета врз уставно загарантираните права на граѓаните, правата на граѓаните на живот, здрава животна средина и заштита на животинскиот и растителниот свет, подносителот му предлага на Судот да донесе решение со кое ќе го запре извршувањето на оспорениот член од Законот до конечното одлучување по поднесената иницијатива. Предлага Судот да одржи и подготвителна седница со негово лично присуство заради давање на одредени дополнителни информации, документација и податоци коишто не се опфатени со иницијативата.
Кон иницијативата подносителот приложува документација во врска со судската постапка пред Основниот суд Прилеп.
II
На седницата Судот утврди дека според член 10 став 4 од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 163/2021 и 111/2023) „Додека се користат експроприраните јами и каменоломи за целите на Проектот, Инвеститорот и Стратешкиот партнер ќе ги почитуваат сите применливи регулативи за минерални суровини, со исклучок на тоа дека на Стратешкиот партнер ќе му биде дозволено да започне со истражување и експлоатација на минерални суровини за целите на Проектот штом барањето за доделување на концесија за истражување и експлоатација е поднесено од страна на Инвеститорот”.
Предмет на оспорување со иницијативата е делот „со исклучок на тоа дека на Стратешкиот партнер ќе му биде дозволено да започне со истражување и експлоатација на минерални суровини за целите на Проектот штом барањето за доделување на концесија за истражување и експлоатација е поднесено од страна на Инвеститорот” содржан во член 10 став 4 од Законот.
III
Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Постапувајќи по повод претходно поднесената иницијатива од истиот подносител, Уставниот суд го донесе Решението У.бр.182/2024 од 30.10.2024 година, со кое не поведе постапка за оценување на уставноста на член 10 став 4 во делот „со исклучок на тоа дека на Стратешкиот партнер ќе му биде дозволено да започне со истражување и експлоатација на минерални суровини за целите на Проектот штом барањето за доделување на концесија за истражување и експлоатација е поднесено од страна на Инвеститорот” од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 163/2021 и 111/2023).
Со сега поднесената иницијатива, подносителот бара Уставниот суд повторно да се впушти во разгледување на истото прашање за кое претходно веќе се произнел, бидејќи од моментот на донесувањето на Решението У.бр.182/2024 од 30.10.2024 година, до моментот на поднесувањето на оваа иницијатива, настанати се изменети околности и настанати се основи за поинакво одлучување, односно дека затаила судската заштита којашто граѓаните ја очекувале во врска со активностите на локалитетот с.Ореовец. Притоа, подносителот се повикува на делот од Решението У.бр.182/2024 од 30.10.2024 година во кое Судот укажува дека прашањето за конкретно настанати последици и штети по здравјето на луѓето, растителниот и животинскиот свет поради активности на локалитетот „Ореовец”, е во надлежност на други органи пред кои граѓаните можат да ги заштитат своите правни интереси.
Ваквото укажување на Судот во погоре наведеното решение, за подносителот е со значење дека Судот не смета дека предметниот член од Законот е неуставен поради постоење на механизмот на судска заштита на правата при реализација на проектот, па со оглед дека засегнатите жители на с.Ореовец, не ја добиле бараната судска заштита, подносителот смета дека настанати се основи за поинакво одлучување. Поточно, според него, жителите на с.Ореовец не успеале да ги заштитат своите правни интереси бидејќи спорната одредба од член 10 став 4 од предметниот закон, за судот била задолжителна и судот не можел да одлучува надвор од неа, па во контекст на донесеното Решение У.бр.182/2024 од 30.10.2024 година за неповедување постапка за оценување на уставноста на предметниот член од Законот, пред подносителот основано се поставува прашањето каде и зошто затаи судската заштита на која упатил Уставниот суд со својата одлука, односно дека судската заштита за конкретниот случај, е неприменлива, со што, според подносителот, ваквиот факт, е основ за поинакво одлучување на Судот.
Во однос на ваквите наводи, Судот појаснува дека делот од Решението У.бр.182/2024 од 30.10.2024 година, во кое стои дека прашањето за конкретно настанати последици и штети, е во надлежност на други органи пред кои граѓаните можат да ги заштитат своите правни интереси, Судот го дава како укажување дека надвор од неговите надлежности е да постапува по наводи за причинети штети или ризици од идни штети поради активностите на локалитетот с.Ореовец, а кои наводи, помеѓу другите, беа истакнати како причини за несогласноста на предметниот член од Законот со одредбите на Уставот на кои се повикуваше подносителот во претходно поднесената иницијатива. Со други зборови, од аспект на ваквите наводи не може да се разгледува законската норма и да се оценува нејзината согласност со Уставот, туку дали содржината на предметно оспорениот член од Законот, е во согласност со одредбите на Уставот, за што Судот веќе се произнесе со Решението У.бр.182/2024 од 30.10.2024 година.
Оттука, Судот ги имаше предвид наводите и причините поради кои подносителот повторно бара разгледување на предметниот член од Законот, меѓутоа исходот од водени судски постапки, не претставува нов или друг основ за поинакво одлучување, ниту претставува уставноправен аргумент за оценување на согласноста на закон или негова норма со Уставот, со што се исполнети условите од член 38 алинеја 2 од Актот на Судот за отфрлање на поднесената иницијатива поради одлучена работа.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски