У.бр.271/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.271/2024
Скопје, 30.04.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 30.04.2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 15-в во делот „за јавна администрација” од Законот за управната  инспекција („Службен весник на Република Македонија” број 69/2004, 22/2007, 115/2007, 51/2011, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 156/2015, 193/2015, 53/2016 и 11/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 103/2021, 208/2024 и 272/2024).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на дел од одредбата од Законот, означен во диспозитивот на ова решение.

Подносителот на иницијативата смета дека оспорениот дел „за јавна администрација” содржан во член 15-в од Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Македонија” број 69/2004, 22/2007, 115/2007, 51/2011, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 156/2015, 193/2015, 53/2016 и 11/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 103/2021, 208/2024 и 272/2024), не е во согласност со начелото на владеење на правото бидејќи создава правна несигурност во однос на тоа кој е надлежен да го донесе актот за организација на работата и вршењето на инспекцискиот надзор.

Во иницијативата се наведува дека согласно со член 4 од Законот за дополнување на Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Македонија” број 115/2007) „Министерот за правда во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе го донесе актот од членот 15-в на овој закон, а не министерот за јавна администрација. Подносителот наведува и дека Законот за дополнување на Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Македонија” број 115/2007) како и член 4 од Законот, сè уште се во сила, па според него, не може да се смета за пропуст во номотехниката, во една норма да се пропишува надлежност за носење акт од страна на еден министер од орган на државната управа, а во друга одредба од истиот пропис, да се пропишува дека истиот тој акт го донесува друг министер од друг орган на државната управа. Од наведените причини предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел „за јавна администрација” од член 15-в од Законот, по што истиот да го укине.

II

На седницата Судот утврди дека според член 15-в од Законот за управната инспекција, начинот на организација на работата и вршењето на инспекцискиот надзор поблиску го пропишува министерот за јавна администрација, а со иницијативата се оспорува во делот „за јавна администрација”.

III

Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Подносителот на иницијативата смета дека член 15-в во делот „за јавна администрација” од Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Македонија” број 69/2004, 22/2007, 115/2007, 51/2011, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 156/2015, 193/2015, 53/2016 и 11/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 103/2021, 208/2024 и 272/2024) не е во согласност со начелото на владеење на правото бидејќи министерот за правда бил овластен да го донесе актот од член 15-в од Законот, што се согледувало и од член 4 од Законот за дополнување на Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Македонија” број 115/2007), а не министерот за јавна администрација.

Постапувајќи по иницијативата Судот утврди дека со член 2 од Законот за дополнување на Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Македонија” број 115/2007) во глава V се додаваат три нови члена, меѓу кои и член 15-в којшто гласи „Начинот за вршење на инспекциски надзор поблиску го пропишува министерот за правда”. Во истиот закон како засебна норма е уреден член 4 според кој  „Министерот за правда во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе го донесе актот од член 15-в на овој закон”.

Судот, утврди и дека со член 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Северна Македонија” број 103/2021) се врши измена на член 15-в, а по измената овој член гласи „Начинот на организација на работата и вршењето на инспекцискиот надзор поблиску го пропишува министерот за информатичко општество и администрација”. Во истиот закон како засебна норма е уреден член 14 којшто гласи „Подзаконските акти предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон”.

Воедно, Судот утврди дека според член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Северна Македонија” број 208/2024) „Во член 15-в зборовите: „министерот за информатичко општество и администрација” се заменуваат со зборовите: „министерот за јавна администрација”.

Подносителот на иницијативата очигледно ги немал предвид сите измени и дополнувања на Законот за управната инспекција, конкретно оние од 2021 година со кои член 15-в од Законот, е изменет, при што министерот за правда, не е повеќе овластен за донесување на подзаконскиот акт, туку министерот за информатичко општество и администрација, кој согласно со член 14 од истиот закон, треба да го донесе подзаконскиот акт во рокот предвиден со тој член. Воедно,  подносителот ги немал предвид и измените и дополнувањата на Законот од 2024 година, со кои зборовите „министерот за информатичко општество и администрација” се заменуваат со зборовите „министерот за јавна администрација”, така што оспорувањето на член 15-в во делот „за јавна администрација” од Законот, всушност е беспредметно, од кои причини Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 3 од Актот на Судот за отфрлање на иницијативата.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски