У.бр.222/2024


Уставен суд
на Република Северна Македонија
У. бр.222/2024
Скопје, 30.04.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ – Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ -Анастасовска, Елизабета Дуковска, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 1 и член 73 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 30 април 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 202 став 11 и член 205 став 1 во делот „за припадноста на заедница“  од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010,100/2012,142/2016 и 198/2018).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 197 став 1 точка 2 во делот „или лицата од членот 215 став (1) на овој закон“, член 198 став 2 во делот „од членот 185 на овој закон“, член 206 став 6 во делот „согласно со членовите 489 до 496“, член 222 во делот „ членот 392 став 2 од“, член 242 став 2 во делот „а ако е потребно, ќе се постапи согласно со одредбите на членот 239 став 4 од овој закон“   и  член 317 став 2 во делот„ ќе се примени членот 391 став 3 од овој закон“ и  во втората реченица „то“ од зборот Решението, од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010,100/2012, 142/2016 и 198/2018).

Образложение

I

Леонид Трпеноски, од Адвокатско друштво Трпеноски Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на оспорените одредби и делови од одредбите од Законот за кривичната постапка, бидејќи смета дека  со истите се повредува член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 11, членовите 25, 26, 30, 48 и 51  од Уставот и  членовите 1 и 8 од Европската конвенција за човековите права.

Подносителот на иницијативата одделно го цитира оспорените одредби, или дел од одредбите од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018) и  дава осврт на истите со изнесување на наводи за неуставност за секоја одредба поединечно.

По однос на оспорениот член 197 став 1 точка 2 во делот „или лицата од членот 215 став (1) на овој закон“ од Законот, како причини за оспорување, подносителот наведува дека оспорената одредба укажува кои предмети не може да се одземат ниту со судска наредба издадена во смисла на член 194 од ЗКП. На овој начин законодавецот, како и во членовите 213 и 214 од Законот, покажал дека во кривичната постапка и други интереси се значајни, можеби и позначајни отколку утврдувањето на вистината и казнувањето на сторителите на кривичните дела. Имено, со нив наспроти интересот за кривично гонење се штитат некои други интереси какви што се интересот да се зачува државната или воената тајна дури и по цена фактичката состојба да не се открие целосно, да се заштити привилегираниот однос помеѓу обвинетиот и неговиот бранител, односно добрите брачни или семејни односи и сл. Значи, со привилегиите наспроти интересот за кривично гонење се штитат некои други интереси како добрите семејни, брачни, професионални односи и сл. Државата може да предвиди привилегии во своето законодавство кои за ЕСЧП се валидни и не се противречни на ЕКЧП. Оттука, самата одредба не е проблематична од уставен аспект. Проблем претставува упатувачката норма. Законодавецот очигледно мислел на лицата ослободени од сведочење наведени во член  214 став 1 точка 1, но упатил на примена на член 215 став 1. Оттука одредбата во оспорениот дел противречи на правната предвидливост и сигурност и е во спротивност со владеењето на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Понатаму, во иницијативата,  по однос на член 198 став 2 во делот „од членот 185 на овој закон“ од истиот закон, се наведува дека  одредбата упатува на член 185 од ЗКП кој се однесува на претресувањето на лица, а не на пребарувањето на компјутерските податоци коешто е уредено во член 184 од Законот. Оттука, одредбата во оспорениот дел противречи на правната предвидливост и сигурност и е во спротивност со владеењето на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок, предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, поради што смета дека оспорената одредба ќе остане функционална и применлива и без оспорениот дел.

Во  продолжението, подносителот на иницијативата наведува дека  член 202 став 11 од истиот закон овозможува привремено одземање имот или предмети заради обезбедување. Целта која се сака да се постигне преку оваа одредба е разбирлива и оправдана. Како што пишуваат коментаторите на нашиот ЗКП, оваа мерка се определува на барање на јавниот обвинител ако е потребно да се спречи користење, отуѓување или располагање со имот или предмети (пари, подвижни и недвижни предмети, имотна корист прибавена со кривичното дело) кои треба да се одземат согласно КЗ или може да бидат предмет на конфискација.

Според подносителот, ако се има предвид нашиот Устав ќе се забележи дека со него на граѓаните и правните лица им се гарантираат одредени права, кои сепак може да бидат ограничени во некои оправдани ситуации. Тие ситуации треба да бидат пропишани со закон и по правило за ограничувањето на граѓанските слободи и права во пракса да одлучува судот, како што се правото на слобода предвидено во член 12 од Уставот, презумцијата на невиност или правото секој да биде сметан невин до правосилна осуда предвидена во член 13, слободата и тајноста на писмата и на сите други облици на општење предвидени во член 17, како и правото на неповредливост на домот предвидено во член 26 од Уставот. Тоа е така бидејќи владеењето на правото подразбира дека секое мешање на извршната власт во правата на поединецот треба да биде предмет на ефикасен судски надзор, а токму судијата е најдобриот чувар на правичноста на постапката.

Понатаму, подносителот смета дека оспорената одредба спротивно на таквите заложби на нашиот Устав, го ограничува уставно заштитеното право на сопственост со поднесено барање од странка во постапката, а не со одлука на суд. Би било сосема во ред кога сите дејствија врз имотот и предметите што се предмет на обезбедување, а кои се преземени по донесување на судската одлука за обезбедување да бидат ништовни. Тоа е така зашто суд има овластување по Устав и закон во законска процедура да ограничи или да одземе нечие право.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба дозволува правни последици и од неосновано барање, односно дури и кога со судска одлука би било утврдено дека барањето за обезбедување било неосновано, самиот факт што било поднесено барање доведува до ништовност на правното дејствие, односно до ограничување на уставно заштитеното право на сопственост. Ваквото решение не одговара ниту на предвиденото во Законот за обезбедување на побарувањата. Законот никаде не предвидува дека поднесено барање за привремени мерки може да доведе до ограничување на правото на сопственост, туку само судска одлука со која се определуваат такви мерки. А, бидејќи се работи за мерки од итен карактер, законодавецот предвидел жалбата против таквата одлука да нема суспензивен карактер.

Имајќи го предвид претходното, подносителот смета дека оспорената одредба од член 202 став 11 од ЗКП е во колизија со член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот на РСМ и со член 1 став 1 од Протоколот 1 кон ЕКЧП.

По однос на оспорениот  член 205 став 1 во делот „за припадноста на заедница” подносителот смета дека при испитувањето на обвинетиот прво нешто што се бара од него е информација дали го разбира јазикот на кој се води постапката и неговите лични податоци. Според подносителот, спорно е што како идентификационен податок се бара информација за припадноста на некоја од заедниците, иако тоа воопшто не е значајно за водење на кривичната постапка.

Овој податок влегува во групата посебни категории на лични податоци онака како што ги дефинира член 4 став 1 точка 13 од Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 42/2020 и 294/2021). Според член 13 став 1 од овој закон забранета е обработка на посебните категории на лични податоци, освен по исклучок. Еден од исклучоците предвиден во член 13 став 2 точка 6 дозволува нивна обработка секогаш кога судовите дејствуваат во рамки на нивните надлежности.

Според подносителот, тоа само по себе не значи дека обработката е уставно оправдана во смисла на членовите 18, 25 и 48 од Уставот, посебно што припадноста или неприпадноста кон некоја од заедниците е ирелевантен податок за кривичната постапка.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека приватноста на личните податоци се гарантира со член 8 став 1 од ЕКЧП. Етничкиот идентитет на поединецот е важен елемент на приватниот живот. Обработката на личните податоци, односно самото чување на податоци поврзани со приватниот живот претставува мешање во правото на почитување на приватниот и семејниот живот. Сепак, правото на приватност не е апсолутно право. Според член 8 став 2 тоа е подложно на ограничувања и мора да да се урамнотежи со други легитимни приватни или јавни интереси. ЕСЧП во случаите кои ги анализира низ призма на член 8 од ЕКЧП, според познатата пракса утврдува: 1) дали имало мешање во правото на почитување на приватниот и семејниот живот, 2) ако имало дали тоа мешање било предвидено со закон при што внимава и на квалитетот на одредбите кои треба да се јасни и прецизни за да може да се предвидат последиците, 3) дали мешањето било заради легитимна цел и 4) дали било неопходно во едно демократско општество, во смисла дали било пропорционално со легитимно зацртаната цел.

Имено, подносителот на иницијативата наведува дека ако се земе предвид член 205 став 1 од ЗКП може да се каже дека има мешање, дека тоа мешање е предвидено со закон, но дека мешањето не е заради легитимна цел и не е неопходно во едно демократско општество. Впрочем ако е забрането во начело на оштетениот и на сведокот да им се поставуваат прашања кои се однесуваат на нивното национално и етничко потекло и други особено лични и семејни околности, а дозволено само по исклучок кога одговорите на таквите прашања се непосредно и очигледно поврзани со потребните разјаснувања на битните обележја на кривичното дело кое е предмет на постапката од член 217 од ЗКП, тогаш зошто би било оправдано од обвинетите во сите ситуации неселективно да се бараат вакви податоци, а не само кога тоа е битно за разјаснување на конкретното дело што е предмет на постапката.

Во контекст на сето претходно наведено во оваа точка, одредбата во оспорениот дел е спротивна на член 8 став 1 точки 1 и 11, членовите 18, 25 и 48 од Уставот и на член 8 од ЕКЧП.

По однос на оспорениот член 206 став 6 во делот „согласно со членовите 489 до 496“, во иницијативата се наведува дека член 206 дефинира што треба да содржи поуката за правата на обвинетиот и дека  одредбата е целосна, прецизна и сеопфатна.

Меѓутоа, според подносителот, оспорениот дел чија цел е да го информира обвинетиот за правото на спогодување за вината со јавниот обвинител се повикува во најголем дел на одредбите што се однесуваат на постапката за медијација во која не учествува јавниот обвинител, зашто медијацијата е предвидена само за дела кои се гонат по приватна тужба.

Одредбите за спогодувањето со јавниот обвинител се од член 483 до 490 од ЗКП, па  оттука, одредбата упатува на погрешни членови од Законот. Тоа се коси со барањата за правна предвидливост и сигурност на Законот, односно неговото опстојување е во спротивност со владеењето на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок, предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

По однос на оспорениот член 222 во делот „членот 392 став (2) од“,според подносителот, одредбата посочува од кои причини може да се бара од сведокот пред главната расправа да положи заклетва.

Според подносителот,оспорениот дел од одредбата упатува на член 392 став 2 кој се однесува на материјалните докази, наместо на член 386 став 2 во кој е содржан текстот на заклетвата. Одредбата би била функционална и применлива дури и да се укине оспорениот дел кој упатува на погрешен член од Законот. Меѓутоа ваква каква што е, се коси со барањата за правна предвидливост и сигурност на Законот, односно на владеењето на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок, предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

По однос на оспорениот член 242 став 2 во делот „а ако е потребно, ќе се постапи согласно со одредбите на членот 239 став 4 од овој закон“, според подносителот одредбата уредува како треба да постапи органот што ја води постапката кога вештачењето се доверува на високообразовна, научна или стручна установа, на трговско друштво регистрирано за вршење вештачење или на орган на државна управа. Во оспорениот дел упатува на член 239 став 4 иако овој член има 3, а не 4 става.

Според подносителот, ова се коси со барањата за правна предвидливост и сигурност на Законот, односно неговото опстојување противречи на владеењето на правото, предвидено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и дека одредбата би била функционална и применлива дури и да се укине оспорениот дел.

Во врска со член 317 став 2 во делот „ќе се примени членот 391 став (3) од овој закон“ и во втората реченица „то“ од зборот Решението од истиот закон, подносителот наведува дека одредбата уредува како треба да постапи судијата на претходна постапка доколку осомничениот не се појави на доказното рочиште, а своето отсуство не го оправда или е во бегство. Според подносителот, оспорениот дел упатува на погрешен член кој е неприменлив во таква ситуација Имено, член 391 став 3 пропишува како може да се постапи ако обвинетиот кој дал исказ во претходна постапка, на главната расправа не даде исказ или даде поинаков исказ за одделни факти или околности. Тогаш јавниот обвинител може да бара да се прочита или репродуцира исказот на обвинетиот даден претходно во постапката. Меѓутоа, ова нема никаква поврзаност со начинот на одржување на доказното рочиште кога обвинетиот во бегство.

Предвиденото во член 317 став 2 од ЗКП се коси со барањата за правна предвидливост и сигурност на Законот, односно опстојувањето на одредбата од ставот 2 или барем оспорениот дел од него противречи на владеењето на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок, предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Оспорените ставови од одредбата се оспоруваат како спротивни на член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 11, член 26 и член 30 од Уставот, како и на членовите 1 и 8 од Протоколот 1 кон ЕКЧП.

Поради сето наведено, подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да се впушти во уставно-правна анализа и да поведе постапка за оценување на уставноста на  оспорените одредби и делови од одредби од Законот.

II

На седницата Судот утврди дека во член 197 став 1 точка 2  од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010,100/2012,142/2016 и 198/2018) е предвидено дека со судска наредба не можат да се одземат писмени обраќања на обвинетиот спрема бранителот или лицата од членот 215 став (1) на овој закон, освен ако обвинетиот доброволно не ги предаде.

Со член 198 став 2 од истиот закон, се предвидува дека судијата на претходната постапка по предлог на јавниот обвинител може со решение да одреди заштита и чување на компјутерските податоци од членот 185 на овој закон додека тоа е потребно, а најдолго шест месеци. По истекот на овој период податоците ќе се вратат, освен ако не се вклучени во извршување на кривично дело Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем од членот 251, Компјутерска измама од членот 251-б и Компјутерски фалсификат од членот 379-а сите од Кривичниот законик, ако не се вклучени во извршување на друго кривично дело со помош на компјутер и ако не служат како доказ за кривично дело.

Согласно со член 202 став 11 од истиот закон, сите дејствија врз имотот и предметите што се предмет на обезбедување, а кои се преземени по поднесувањето на барањето од ставот (1) на овој член, се ништовни.

Според член 205 став 1 од истиот закон, кога се испитува обвинетиот прв пат ќе се праша дали го разбира јазикот на кој се води постапката, за името и презимето, за прекарот ако го има, за името и презимето на родителите, за моминското презиме на мајката, местото на раѓање, местото на живеење, денот, месецот и годината на раѓање, единствениот матичен број, за припадноста на заедница, државјанството, занимањето, семејните прилики, образованието, имотната состојба, дали, кога и зошто е осудуван, дали и кога ја издржал изречената казна, дали против него се води постапка за некое друго кривично дело, а ако е малолетен кој му е законски застапник.

Во член 206 став 6 од Законот е предвидено дека пред започнувањето на првото испитување, обвинетиот ќе се информира и за правото на спогодување за вината со јавниот обвинител согласно со членовите од 489 до 496 од овој закон.

Со член 222 од Законот се предвидува дека од сведокот може да се бара да положи заклетва. Пред главната расправа сведокот може да положи заклетва само ако постои страв дека поради болест или од други причини не ќе може да дојде на главната расправа. Причината поради која е положена заклетва ќе се наведе во записникот. Заклетвата се полага на начинот определен во членот 392 став (2) од овој закон.

Согласно со член 242 став 2 од Законот, на субјектите од ставот (1) на овој член ќе им се стави на располагање материјалот потребен за вештачењето, а ако е потребно, ќе се постапи согласно со одредбите на членот 239 став (4) од овој закон.

Според член 317 став 2 од Законот, доколку осомничениот е во бегство ќе се примени членот 391 став (3) од овој закон. Решението за одржување на доказно рочиште во отсуство донесува судијата на претходната постапка.

III

Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Во конкретниот случај, се оспорува Законот за кривичната постапка, односно, уставноста на одредени одредби и делови од одредби од Законот.

Имајќи ги предвид оспорените одредби и  целината на Законот за кривичната постапка, произлегува дека станува збор за системски процесен закон, кој содржи правна уреденост меѓу другото и на слободите и правата на човекот и граѓанинот во кривичната постапка што е во рамки на определбите утврдени во Уставот на Република Северна Македонија за владеењето на правото, сигурноста и тајноста на личните податоци, почитување и заштита на приватноста на личен и семеен живот и неповредливоста на домот и правото на сопственост, правото на слобода на изразување и гарaнција за заштита на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на припадниците на заедниците,  вредности уредени во членoвите 8,18, 25, 26 30 од Уставот и Амандманот VIII на Уставот, како и во рамки на меѓународноправните стандарди определени во  Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи за правото на слобода, правото на почитување на приватниот и семејниот живот, утвредено во член 8 од Конвенцијата и член 1 од Протоколот 1 кон Конвенцијата, а на кои упатува подносителот на иницијативата.

Поради подобар увид во конкретната проблематика, Судот пристапи кон поединечна анализа на секоја одделно оспорена одредба со соодветно правно мислење.

Со оспорената одредба од  член 197 став 1 точка 2 од Законот се предвидува дека со судска наредба не можат да се одземат писмени обраќања на обвинетиот спрема бранителот или лицата од член 215 став (1) на овој закон, освен ако обвинетиот доброволно не ги предаде.

Оспорениот член е систематизиран во глава XVII „Мерки за пронаоѓање и обезбедување на лица и предмети“, под наслов „Привремено обезбедување и одземање на предмети или имот“.

Како причини за оспорување, подносителот наведува погрешно упатување во одредбата на Законот за кривичната постапката. Подносителот смета дека самата одредба не е проблематична од уставен аспект. Законодавецот очигледно мислел на лицата ослободени од сведочење, наведени во член 214 став 1  точка 1, но упатил на примена на член 215 став 1.

Оттука, одредбата во оспорениот дел противречи на правната предвидливост и сигурност и е во спротивност со владеењето на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок.

Од анализата на содржината на член 197 став 1 точка 2, а посебно на содржината од оспорениот дел, произлезе дека при усогласувањето на законските одредби со направените измени и дополнувања на Законот за кривичната постапка извршени во 2016 и 2018 година, во член 197 став 1 точка 2 од Законот законодавецот направил превид, односно не направил соодветна измена во делот на одредбата каде стои „или лицата од членот 215 став (1) на овој закон“.

Судот оцени дека очигледен и јасен е пропустот. Ваквата техничка неусогласеност на одредбите од Законот, не е од влијание во однос на правната сигурност на граѓаните и истата не предизвикува забуна во однос на правилната примена на одредбите.

Владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, во својата основа го има елементот правна сигурност што подразбира дека во правниот поредок треба да егзистираат само јасни и прецизни норми. Од анализата на оспорените членови произлегува дека станува збор за очигледен пропуст од технички карактер кој не може да доведе до заблуда при примена на одредбите како што е наведено во иницијативата, поради што и не имплицира повреда на уставниот принцип на владеење на правото.

Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 на Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата со оглед дека наводите се сведуваат на барање за постапување кое е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд. Законодавецот е орган чија надлежност е да ги креира прописите,  да ги менува и дополнува, а воедно и да врши технички исправки и корекции на прописите кои ги донесува.

Оспорениот член 198 став 2 во делот „од членот 185 на овој закон“ од Законот, е систематизиран во глава XVII „Мерки за пронаоѓање и обезбедување на лица и предмети“ под наслов „Привремено обезбедување и одземање на предмети или имот“.

Во оваа одредба, законодавецот пропишал дека судијата на претходна постапка по предлог на јавниот обвинител може со решение да одреди заштита и чување на компјутерските податоци најдолго до шест месеци, после кој период истите ќе бидат вратени освен ако не се вклучени во извршување на таксативно наведени кривични дела, ако не се вклучени во извршување на друго кривично дело со помош на компјутер и ако не служат како доказ за кривично дело. Одредбата се оспорува во делот „од членот 185 на овој закон“.

Одземањето на компјутерските податоци е директно поврзано со пребарувањето на истите, бидејќи за да се одземат тие претходно мора да бидат пронајдени, а не секогаш имателот на компутерскиот систем ќе има добра волја истите доброволно да ги предаде. Пребарувањето на компјутерски систем и компјутерски податоци е пропишано во член 184 од Законот.

Од анализата на одредбата, произлезе дека станува збор за техничка грешка во делот кој се оспорува со иницијативата. Законодавецот наместо да упати на член 184 од Законот кој го пропишува пребарувањето на компјутерскиот систем и компјутерските податоци, упатува на член 185 од Законот, за кој е очигледно дека не соодветствува на содржината од член 198 став 2 во кој се упатува на член 185 од Законот, која одредба се однесува на претрес на лице.

Со оглед на тоа дека станува збор за очигледен пропуст од технички карактер кој не може да доведе до заблуда при примена на одредбите како што е наведено во иницијативата, поради што и не имплицира повреда на уставниот принцип на владеење на правото, Судот оцени дека се исполнети условите предвидени во член 38 алинеја 1 од Актот на Судот, за отфрлање на иницијативата во овој дел, од причина што  надлежност на законодавецот е да ги креира прописите, истите да ги менува и дополнува, а воедно преку своите механизми и да врши технички исправки и корекции на прописите коишто ги донесува.

Оспорениот член 202 став 11 од Законот, е систематизиран во глава XVII „Мерки за пронаоѓање и обезбедување на лица и предмети“, под наслов „Привремено обезбедување и одземање на предмети или имот“.

Оспорениот член 202 став 11 Законот, предвидува дека се ништовни сите преземени мерки врз имотот и предметите што се предмет на обезбедување, а коишто претходно се обезбедени од страна на судот  по поднесено барање за привремена мерка одземање на имот или предмети од страна на јавниот обвинител.

Во оспорената одредба, законодавецот оневозможува во периодот од поднесување на барањето на јавниот обвинител и донесувањето и спроведувањето на мерката за обезбедување, од страна на судот, да биде извршено какво било располање со имотот или предметите со кои би се спречила целта која треба да се постигне со определување на овие мерки, доколку врз имотот или предметите – предмет на обезбедување, се преземат некои други дејствија истите ќе бидат ништовни.

Мерките за привремено обезбедување на имот и предмети се определуваат во случаи доколку е неопходно да се спречи користењето, отуѓувањето или располагањето на друг начин со одреден имот или предмети, што потекнуваат од извршување на кривично дело, а заради обезбедување на истите, кои може да траат во текот на целата кривична постапка, до нејзиното завршување пред првостепениот суд.

Имајќи предвид дека овие мерки за обезбедување, се определуваат во исклучителни ситуации односно, кога обвинителството располага со доволно докази на кои се заснова сомневањето дека имотот, односно предметите, потекнуваат од кривичното дело и причини за веројатноста дека до крајот на кривичната постапка ќе биде особено отежнато или оневозможено одземањето на имотот или предметите, со опис на имотот или предметите што потекнуваат од извршување на кривично дело, не значи ограничување на правото на сопственост како што е наведено во иницијативата, дотолку повеќе што со овие мерки судот само го обезбедува имотот или предметите до донесување на конечна одлука кога се утврдува судбината на истите.

Ваквата уреденост на оспорената одредба е во согласност со член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот на Република Северна Македонија.

Понатаму, со иницијативата се оспорува и член 205 став 1 во делот „за припадноста на заедница,“ од Законот, систематизиран во глава XVIII „ Доказни средства“, под точка 1 „Исказ на обвинетиот“, со наслов „Земање лични податоци од обвинетиот“.

Оспорената одредба ја пропишува постапката за земање на лични податоци од обвинетиот. По прашањето за разбирање на јазикот на кој се води постапката, се земаат личните податоци како име и презиме и прекар на обвинетиот, име и презиме на родителите, моминско презиме на мајката на обвинетиот, датум и место на раѓање на обвинетиот, адреса и место на живеење, единствен матичен број на обвинетиот, припадност на заедница, државјанство, занимање, образование, семејни прилики и имотна состојба на обвинетиот, дали истиот е осудуван, дали ја издржал и кога изречената казна доколку бил осудуван, дали против него се води постапка за друго кривично дело, а доколку е малолетен за истиот судот го нотира законскиот застапник. Сите овие наведени податоци редоследно се внесуваат во записникот за испитување на обвинетиот по неговото кажување. Обвинетиот не е должен да ги даде наведените податоци.

Со иницијативата се оспорува само делот „за припадноста на заедницата“ како спорен дел кој задира во приватноста на личните податоци на обвинетиот.

Со оглед на тоа дека во постапката пред судот, при првото испитување на обвинетиот, се содржани сите лични податоци на обвинетото лице, нејасно е зошто само делот што подносителот го оспорува, го смета за личен податок со чие откривање би се загрозил приватниот и семејниот живот.

Имено, преку изјаснувањето на обвинетиот за јазикот на кој сака да се води постапката согласно член 9 од ЗКП, која одредба ја нагласува привилегираната положба на лицата кои се учесници во постапката да зборуваат службен јазик различен од македонскиот, а повредата на одредбите на Законот за употреба на јазикот во постапката претставува суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка, индиректно обвинетиот ја искажува својата припадност, што како податок е содржан заедно со сите други лични податоци кои го утврдуваат идентитетот, положбата, статутот и поведението на обвинетото лице.

Од содржината на оспорениот дел од одредбата, произлегува дека делот „за припадноста на заедницата“, покрај сите други останати лични податоци, не е податок  со чие откривање се  задира во приватноста на личните податоци на обвинетиот, а дотолку повеќе што, обвинетото лице, не е должно и да ги даде сите наведени податоци, што значи и не мора да ја открие својата припадност, ова дотолку повеќе што согласно член 69 став 2 од ЗКП, обвинетото лице мора да се поучи за правото на молчење,  што значи, изјаснувањето или неизјаснувањето за припадноста на заедницата е ирелевантно како податок, за водење на кривичната постапка.

Со оглед на сето претходно изнесено, Судот оцени дека оспорениот дел од одредбата пропишана во член 205 став 1 од Законот, е во согласност со член 8 став 1 точки 1 и 11 и членовите 18, 25 и 48 од Уставот на Република Северна Македонија.

Со иницијативата се оспорува и член 206 став 6 во делот „согласно со членовите 489 до 496“. Овој оспорен член е систематизиран во глава XVIII „Доказни средства“, под точка 1 „Исказ на обвинетиот“, со наслов „Земање лични податоци од обвинетиот“.

Во оспорениот дел на член 206 став 6 од ЗКП, законодавецот пропишал дека обвинетото лице треба да се информира за правото на спогодување за вина со јавниот обвинител пред започнувањето на првото испитување. Во оспорениот дел од членот, законодавецот упатува на дел од одредбите кои се однесуваат на постапката за спогодување и постапката за медијација. При креирање на нормата, очигледно е дека станува збор за номотехничка грешка, од причина што во постапката за медијација јавниот обвинител не учествува, односно, одредбите кои се однесуваат на постапката за спогодување за вината помеѓу обвинетиот и јавниот обвинител се содржани во членовите  од 483 до 490 од ЗКП.

Со оглед на тоа дека постапката за медијација е предвидена само во случај кога делото се гони по приватна тужба, па сосема е јасно дека јавниот обвинител не учествува во истата, од каде произлегува дека оспорените делови од одредбата не се од влијание по правната сигурност, од причина што станува збор за очигледна номотехничка грешка.

Во конкретниот случај, со иницијативата всушност се бара Уставниот суд, преку уставниот механизам – поведување постапка, да изврши номотехничка корекција во Законот за кривичната постапка,  меѓутоа, ваквото барање е надвор од уставните надлежности од член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, според кои Уставниот суд, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Во надлежност на законодавецот е да ги креира прописите, истите да ги менува и дополнува, а воедно преку своите механизми и да врши технички исправки и корекции на прописите коишто ги донесува.

Од овие причини, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Судот, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Оспорениот член 222 во делот „членот 392 став (2) од” од Законот, е систематизиран во глава XVIII „Доказни средства“, под точка 2 „Сведоци“, со наслов „Заклетва на сведокот“.

Во оспорената одредба законодавецот дал можност на сведокот во постапката на испитувањето пред јавен обвинител, во текот на претходната постапка, истиот да бара да положи заклетва, во случаи кога постои веројатност дека нема да може да се испита на главната расправа. Во записникот за испитување на овој сведок, јавниот обвинител задолжително ќе ја внесе причината поради која се барало од сведокот да положи заклетва.

Во оспорениот дел од одредбата, законодавецот упатува  на член 392 став 2 во смисла на начинот на полагање на заклетвата. Од анализата на одредбата на која се упатува произлегува дека законодавецот  го пропишал начинот на кој сведокот ја полага заклетвата, што имплицира дека оваа одредба се однесува на „записници за доказен материјал“. Начинот на полагање на заклетва е регулиран во член 386 став 2 од Законот. По однос на делот што се оспорува, Судот оцени дека станува збор за очигледна техничка грешка, што е во надлежност на законодавецот кој ги креира прописите, истите да ги менува и дополнува, а воедно преку своите механизми и да врши технички исправки и корекции на прописите коишто ги донесува.

Со иницијативата всушност се бара Уставниот суд, преку уставниот механизам – поведување постапка, да изврши техничка корекција во Законот за кривичната постапка,  меѓутоа, ваквото барање е надвор од уставните надлежности од член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, според кои Уставниот суд, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Од овие причини, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Судот, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Оспорениот член 242 став 2 во делот „а ако е потребно, ќе се постапи согласно со одредбите на членот 239 став (4) од овој закон” од Законот, исто така, е систематизиран во глава XVIII „Доказни средства“, под точка 3 „Вештачење“, со наслов „Вештачење во стручна установа или државен орган“.

Во оваа оспорена одредба е уредено вештачењето во стручна установа или државен орган. Кога со наредба на јавниот обвинител или судот вештачењето е доверено на високообразовна, научна или стручна установа или трговско друштво регистрирано за вршење на вештачење или друг државен орган, На овие институции им се доставува материјал од списите на предметот кој им е потребен за изготвување вешт наод и мислење. По потреба на вештите лица ќе им се дадат дополнителни објаснувања од страна на органот кој го определил вештачењето или ќе се постапи според законската одредба од член 239 став 4 од Законот.

Од анализата и на оваа оспорена одредба, произлезе дека станува збор за очигледна номотехничка грешка. Имено, законодавецот при креирање на нормата, упатувајќи на примена на член 239 наместо став 3 упатува на став 4 од истиот член, од кои причини јасно е дека станува збор за номотехничка грешка.

Во конкретниот случај, со иницијативата се бара Уставниот суд, преку уставниот механизам – поведување постапка, да изврши номотехничка корекција во Законот за кривичната постапка,  па со оглед на тоа дека ваквото барање е надвор од уставните надлежности од член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата и во овој дел.

Оспорениот член 317 став 2 во делот „ќе се примени членот 391 став (3) од овој закон. “ и во втората реченица „то“ од зборот Решението од Законот, исто така, е систематизиран во глава XXI „ Истражна постапка“, под точка 3 „Доказно рочиште“, со наслов „Присилно доведување на осомничениот“.

Во оваа оспорена одредба, законодавецот предвидел кога  осомничено лице е во бегство, судијата на претходна постапка ќе одлучи со решение доказното рочиште да се одржи во негово отсуство, согласно член 365 став 3 од ЗКП.

Меѓутоа, и при креирање на оваа одредба како и во претходните две оспорени одредби, законодавецот направил очигледна техничка грешка повикувајќи се на член 365 став 3 од Законот, а од содржината на одредбата произлегува дека законодавецот мислел на одредбата уредена во член 391 од истиот закон.

Од анализата на оспорената одредба произлезе дека станува збор за техничка грешка која е проблематизирана и со иницијативата, меѓутоа, надлежноста како и во претходните две оспорени одредби, е на законодавецот кој ги креира прописите, ги менува и дополнува, а воедно преку своите механизми врши и технички исправки и корекции на прописите коишто ги донесува.

Со оглед на тоа дека ваквото барање е надвор од уставните надлежности од член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Судот за отфрлање на иницијативата и во овој дел.

Законот за кривичната постапка е системски процесен закон и еден од најважните правни акти во едно демократско општество, усогласен со правилата од Европската конвенција за заштита на човековите права и со решенијата кои преовладуваат во европските земји.

Овој закон, содржи правна уреденост, меѓу другото, и на слободите и правата на човекот и граѓанинот во кривичната постапка што е во рамки на определбите утврдени во Уставот на Република Северна Македонија за владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, презумцијата на невиност, неповредливоста на домот, правото на жалба, правото на сопственост, независноста и самостојноста на адвокатурата како јавна служба, начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите како и согласноста на законите со Уставот и согласноста на сите прописи со Уставот и со законите.

Тоа се вредности уредени во член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 11, членовите 25, 26, 30, 48 и 51 од Уставот, како и во рамки на меѓународните правни стандарди определени во Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи на правото на почитување на приватниот и семејниот живот, согласно со член 8 од Конвенцијата и член 1 од Протоколот 1 кон Конвенцијата, а на кои уставни и конвенциски определби упатува подносителот на иницијативата.

Законодавецот оваа материја ја уредил соодветно на начин што на надлежните органи пропорционално им се доделени овластувања кои уставно им припаѓаат, а законската мерка ја пропишал сразмерно на практично потребното дејствие во врска со остварувањето на индивидуалните човекови слободи и права во кривичната постапка.

Имајќи ја предвид изнесената досегашна уставно-судска пракса во врска со Законот за кривичната постапка, произлегува дека Судот досега се произнесувал за поединечни правила содржани во одделни членови од Законот, но и за одредби кои задираат во целиот систем на кривичната постапка, како и за согласноста на одредби од Законот со одделни одредби од Уставот, за усогласеноста на одредбите од Законот со правилата содржани во Европската конвенција, кои правила согласно член 118 од Уставот, се дел од внатрешниот правен поредок на Република Северна Македонија и имаат статус на темелни вредности пропишани во член 8 став 1 алинеи 1 и 11 од Уставот.

Од утврдената фактичка состојба и правна анализа на оспорените одредби од Законот за кривичната постапка во корелација со други одредби со кои се тесно поврзани оспорените одредби, Судот оцени дека член 202 став 11 и член 205 став 1 во делот „за припадноста на заедница“  од Законот за кривичната постапка, не се во спротивност со ниту една уставна норма посочени во иницијативата, а за член 197 став 1 точка 2 во делот „или лицата од членот 215 став (1) на овој закон“, член 198 став 2 во делот „од членот 185 на овој закон“, член 206 став 6 во делот „согласно со членовите 489 до 496“, член 222 во делот „ членот 392 став 2 од“, член 242 став 2 во делот „а ако е потребно, ќе се постапи согласно со одредбите на членот 239 став 4 од овој закон“  и  член 317 став 2 во делот„ ќе се примени членот 391 став 3 од овој закон“ и  во втората реченица „то“ од зборот Решението, од Законот за кривичната постапка се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Судот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски