У.бр.179/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.179/2024
Скопје, 30.04.2025 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ – Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 7 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 30 април 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 33 став 2 во делот „Додека Дисциплинскиот суд е орган на Собранието“, член 34 став 1, член 35 и член 63 од Статутот на Здружението ловечко друштво „Церн камен 2010“ Вевчани, донесен на 21.12.2014 година.

Образложение

I

Друштвото за консалтинг Лански, Ганзгер, Зеќири + партнер ДОО Скопје, претставувано од управителот, Арлинд Зеќири од Тетово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 33 став 2 во делот „Додека Дисциплинскиот суд е орган на Собранието“, член 34 став 1, член 35 и член 63 од Статутот на Здружението ловечко друштво „Церн камен 2010“ Вевчани, донесен на 21.12.2014 година.

Во иницијативата се наведува дека содржината на оспорените одредби е спротивна на член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, а исто така, спротивна и на член 4 став 1, член 19 став 2, член 21, член 22 став 1 и член 24 ставови 3 и 4 од Законот за здруженија и фондации.

Во поглед на делот „Додека Дисциплинскиот суд е орган на Собранието“ содржан во ставот 2 од член 33 од Статутот, се наведува дека е контрадикторен со ставот 1 од истиот член каде е определено дека органи на ловечкото друштво се собрание, управен одбор, надзорен одбор и дисциплински суд, од причина што не може да се утврди видот на органите на Здружението и нивната поделба. Воедно, се наведува дека ваквото уредување е спротивно и на член 22 став 1 од Законот за здруженија и фондации согласно кој „Собранието е највисок орган на здружението којшто го сочинуваат сите членови“. Се изведува заклучок дека дисциплинскиот суд не може истовремено да биде посебен орган на Здужението, а исто така и орган на друг орган, во случајот на Собранието коешто претставува највисок орган на Здружението во кое членуваат сите членови.

Што се однесува до составот на Собранието на Здружението, утврден со оспорениот член 34 став 1 од Статутот, во иницијативата се наведува дека истиот е спротивен на член 22 став 1 од Законот за здруженија и фондации според кој „Собранието е највисок орган на здружението којшто го сочинуваат сите членови“. Истакнувањето на членовите основачи да имаат право да бидат дел од Собранието ги става во понеповолна положба останатите членови на Здружението кои немаат статус ниту на основачи, ниту се членови на Управен одбор, ниту, пак се претседатели на подружници поради што немаат право да бидат дел од Собранието и да учествуваат во неговата работа. Оттука, подносителот изнесува заклучок дека ограничувањето на составот на Собранието е спротивно и на член 19 став 2 од Законот за здруженија и фондации според кој „основачите се членови на здружението со еднакви права и одговорности, како и другите членови на здружението“. Во истиот контекст, подносителот укажувајќи на одредбата од член 36 став 1 алинеја 6 од Статутот според која „Собранието како највисок орган на здружението го избира Управниот одбор на Собранието“, додава дека имајќи предвид дека членовите на Управниот одбор се членови и на Собранието, подразбира дека членовите се избираат самите себе што, пак, придонесува да не постои јасна поделба помеѓу внатрешната организација во Здружението. Ограничувањето на составот на Собранието, според него, е спротивно и на член 21 од Законот за здруженија и фондации, од причина што имајќи го предвид фактот дека сите останати членови не го сочинуваат составот на Собранието, ускратено им е правото да избираат непосредно или преку свои претставници членови кои ќе управуваат со Здружението или истите да можат да бидат избрани да управуваат со Здружението. Тој потенцира дека уставни и законски гарантираните права на членовите на Собранието не може да се дерогираат со статут кој нема одредби за нивните права како членови на здружение.

Во поглед на оспорениот член 35 од Статутот, подносителот смета дека овој член е во целосна спротивност со член 24 ставови 3 и 4 од Законот за здруженија и фондации каде прецизно е уреден начинот на свикување вонредна седница на Собранието на начин што се предвидува дека вонредната седница може да се одржи по писмено барање од една третина од членовите на Здружението, а истата се одржува најдоцна во рок од 30 дена од денот на поднесување на барањето за одржување.

Во однос на оспорениот член 63 од Статутот, во иницијативата се наведува дека оваа одредба не е во согласност со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот. Подносителот прави аналогија со оваа уставна норма од причина што со истата е уредено дека Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите, следствено и органот којшто го носи прописот, единствено тој може да врши толкување на истиот. Според него, уредувањето дека толкувањето на Статутот го прави управувачки орган којшто треба и да го спроведува, е целосно спротивно на начелата на законитост и уставност коишто подлежат на постулати на поделба на власта на одделни органи.

На крајот, подносителот заклучува дека оспорените одредби се спротивни на Законот за здруженија и фондации, а според тоа истите се спротивни и на Уставот како највисок правен акт. Во истиот контекст, подносителот наведува дека хиерархиската поставеност на Уставот и законот се дел од еден поширок сегмент на правниот поредок којшто директно задира во владеењето на правото. Согласно со наведеното, тој бара од Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста и да донесе мериторна одлука за поништување на предметниот статут.

II

На седницата Судот утврди дека со оспорениот член 33 став 2 од Статутот на Здружението ловечко друштво „Церн камен 2010“ Вевчани се предвидува дека Управниот и Надзорниот одбор се органи на ловечкото друштво коишто за својата работа се одговорни пред Собранието. Додека Дисциплинскиот суд е орган на Собранието.

Согласно со оспорениот член 34 став 1 од Статутот, Собранието е највисок орган на ловечкото друштво и го сочинуваат членовите основачи, членовите на УО и претседателите на подружници.

Во оспорениот член 35 од Статутот е уредено дека седниците на Собранието ги свикува Управниот одбор. Собранието одржува седница најмалку еднаш годишно. Вонредна седница на Собранието може да се одржи, по барање на Управниот одбор од делегатите во Собранието на ловечкото друштво. Доколку Управниот одбор не свика седница на Собранието најмалку еднаш годишно или пак по барање на субјектите по исполнување на условите од претходниот став (вонредна седница), во рок од еден месец од денот на барањето, седница свикува Надзорниот одбор. Со редовни и вонредни седници на Собранието раководи претседателот, а и со изборните седници раководи претседателот.

Според оспорениот член 63 од Статутот, толкувањето на одредбите на овој статут помеѓу седниците на Собранието го толкува Управниот одбор на ловечкото друштво.

III

Уставниот суд одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните, согласно со член 110 алинеја 7 од Уставот на Република Северна Македонија.

Согласно член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспорува Статутот на Здружението ловечко друштво „Церн камен 2010“ Вевчани, донесен на основачкото Собрание на 21.12.2014 година, но Судот утврди дека Собранието на Здружението на 28.02.2016 година, има донесено нов текст на Статутот, заведен со бр.05-9/1 од 29.02.2016 година, но оспорените одредби со иста содржина се нормирани и во овој текст на Статутот.

Со допис бр.05-20/2 од 17.12.2024 година, Здружението ловечко друштво „ЦЕРН КАМЕН 2010“ Вевчани до Уставниот суд достави Известување дека Собранието на друштвото на ден 27.10.2024 година донело Одлука бр.05-18/1 за промена на Статутот на друштвото и пречистен текст на Статутот, заведен под број 05-18/2 од 27.10.2024 година. Од увидот во Одлуката за промена на Статутот, се утврди дека согласно член 1, со Одлуката се врши промена во член 33, член 34, член 35 и член 63 од Статутот на ловечкото друштво (членовите што се оспорени со предметната иницијатива).

Оттука, Судот утврди дека по поднесувањето на иницијативата, доносителот на актот ивршил измени на Статутот со кои оспорениот дел „Додека Дисциплинскиот суд е орган на Собранието“ од член 33 став 2 е избришан, а содржината на оспорените одредби на членовите 33, 34, 35 и 63 се изменети и имаат нова содржина.

Со оглед на тоа што содржините на одредбите од Статутот што се оспорени со иницијативата се изменети и не се повеќе во правниот поредок, туку истите се со друга содржина, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, односно дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата врз основа на член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р  Дарко Костадиновски