У.бр.5/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.5/2024
Скопје, 20.05.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 и член 82 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 20 мај 2025 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 54-а став 1 точки 1, 2 и 4 од Правилата за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 233/2020).

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, со Решението У.бр.5/2024 од 5 февруари 2025 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 од диспозитивот на оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нејзината согласност со член 30 став 2 точка 9 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019, 236/2022, 134/2024 и 147/2024) и со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека со член 54-а став 1 од Правилата за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија, е предвидена постапка, која барателот – сопственик на посебниот дел од објектот кој бара да се исклучи од системот за централно греење треба да ја спроведе, па со точката 1 од истиот е задолжен да обезбеди писмена согласност за исклучување од мнозинството од вкупниот број сопственици на посебни делови од објектот. По добивањето на ваквата согласност, со точката 2 на барателот му се наложува да изготви проект за греење со кој ќе биде предвидено алтернативниот систем на греење којшто ќе го користи по исклучувањето да обезбедува подобри енергетски перфоманси, односно да биде поефикасен и еколошки поприфатлив и да го намалува користењето на примарна енергија во споредба со системот за централно греење на којшто е приклучен. Со точката 4, барателот се задолжува да му достави на снабдувачот проект за греење со барање за негово одобрување и реализирање.

III

Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со член 51 од Уставот, се уредува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Правилата  за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 233/20), во кои е содржан оспорениот член 54-а став 1 точки 1, 2 и 4, се донесени од страна на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија. Истите се донесени врз основа на член 24 став 1 точка 1 алинеја 15 и член 30 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/19, 236/22, 134/24 и 147/24).

Со член 24 од Законот за енергетика кој е со наслов „Надлежност на Регулаторна комисија за енергетика“, се пропишани актите што ги донесува Регулаторната комисија за енергетика заради остварување на својата надлежност и во ставот 1 точка 1 алинеја 15 е предвидено дека донесува правила за снабдување со топлинска енергија. Согласно со член 30 став 1 од истиот закон, кој е со наслов „Правила за снабдување“, е определено дека Регулаторната комисија за енергетика донесува посебни правила за снабдување со електрична енергија, топлинска енергија и природен гас. Со ставот 2 се определува дека со ваквите правила за снабдување поблиску се уредуваат општите услови и начинот на снабдување,  како и меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачот и потрошувачот на соодветен вид енергија и операторот на соодветниот систем и помеѓу другото, точката 9 од ставот 2 уредува дека поблиску се уредуваат условите и постапката за исклучување на потрошувачите од системите за пренос или дистрибуција, во случај кога потрошувачите не ги исполнуваат обврските утврдени со закон, друг пропис и/или договор.

Tргнувајќи од анализата на наведените уставни одредби и одредбите од Законот за енергетика, како и од содржината на оспорените одредби од Правилата за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија, наспрема наводите во иницијативата, Судот утврди дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Правилата со одредбите од Законот за енергетика и со одредбите од Уставот кои ги посочува подносителот на иницијативата.

Ова од причина што владеењето на правото е уставно загарантирана темелна вредност која ги опфаќа, меѓу другото, принципот на правна сигурност и легитимни очекувања. Тоа значи дека законите важат за сите граѓани подеднакво и секое отстапување од нивната примена претставува повреда и на начелото на правната сигурност.

Имено, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, со донесените Правила за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија, утврдила обврски за сопствениците на посебните делови од објектите што бараат да се исклучат од системот за централно греење да спроведат постапка за исклучување. Постапката за исклучување која треба да ја спроведе барателот – сопственик на посебниот дел од објектот, вклучува обезбедување на писмена согласност за исклучување од системот за топлинска енергија од мнозинството од вкупниот број сопственици на посебни делови од објектот, потоа обврска на барателот да изготви проект за греење со кој ќе се предвиди алтернативен систем за греење и да го достави проектот за греење до снабдувачот, кој пак треба да одлучи за негово одобрување и реализирање.

Во член 30 став 1 од Законот за енергетика, е определено дека Регулаторната комисија за енергетика донесува посебни правила за снабдување со електрична енергија, топлинска енергија и природен гас. Со ставот 2 од истиот член, законодавецот јасно определил дека со ваквите правила за снабдување поблиску се уредуваат општите услови и начинот на снабдување,   меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачот и потрошувачот и помеѓу другото со точката 9 пропишал дека поблиску се уредуваат условите и постапката за исклучување на потрошувачите од системите за пренос или дистрибуција, во случај кога потрошувачите не ги исполнуваат обврските утврдени со закон, друг пропис и/или договор.

Од анализата на наведените законски одредби, произлегува дека законодавецот со ваквата законска формулација, утврдил дека Регулаторната комисија за енергетика може со подзаконски акт (правилата за снабдување), да пропише услови и постапка за исклучување на потрошувачи од системот за пренос и дистрибуција, но само во случај кога потрошувачот престанал да  ги исполнува обврските утврдени со закон, друг пропис и/или договор, а не и во случај кога потрошувачот сам и доброволно, со барање ќе се обрати до снабдувачот и ќе побара исклучување од системот. Неспорен е фактот дека Регулаторната комисија за енергетика може да донесува посебни правила за снабдување во кои ќе пропишува услови и постапка за исклучување од системите за пренос и дистрибуција. Но, согласно член 30 став 2 точка 9 од Законот за енергетика, ваквите услови и постапката за исклучување, единствено и исклучиво се однесуваат само за корисниците кои престанале да ги исполнуваат обврските утврдени со закон, друг пропис и/или договор. Вака предвиденото исклучување на корисниците, би требало да претставува еден вид санкција на тие корисници кои престанале да ги исполнуваат обврските, а не да се однесува и за исклучување корисници кои ги исполнуваат своите обврски и кои доброволно сакаат да се исклучат од системот.

Утврдените обврски од страна на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, за сопствениците на посебни делови од објектите што бараат да се исклучат од системот за централно греење, исто така, не се во корелација односно согласност и со судската пракса на Европскиот суд за човекови права. Имено, Европскиот суд за човекови права во Пресудата Стрезовски и други против Република Северна Македонија (Апликации бр.14460/16 и 7 други), наведува дека „И мешањето во мирното уживање на сопственоста и воздржувањето од дејствија мора да ја постигнат правичната рамнотежа помеѓу барањата на општиот интерес на заедницата и потребата од заштита на индивидуалните основни права“. Потребата за постигнување на оваа рамнотежа се рефлектира во структурата на член 1 од Протоколот бр. 1 како целина. Поради ова, во сите случаи за наводна повреда на овој член, Судот е должен да утврди дали поради некое дејствие или пропуштање на дејствие од страна на државата, на засегнатите лица им бил наметнат несразмерен и прекумерен товар (види Broniowski v. Poland [GC], бр. 31443/96, § 150, ECHR 2004 V; Zolotas v. Greece (no. 2), бр. 66610/09, § 40, ECHR 2013 (извадоци); и Dickmann and Gion v. Romania, бр. 10346/03 и 10893/04, § 90, 24 октомври 2017)“. Во оваа насока, Регулаторната комисија, при утврдувањето на наведените обврски не го зела предвид фактот дека со истите се наметнува несразмерен и прекумерен товар врз корисниците на услугите, спротивно на меѓународните стандарди за човекови права и слободи.

Согласно сето погоре наведено, од анализата на оспорените одредби и наведените законски одредби, Судот оцени  дека оспорените одредби од член 54-а став 1 точки 1, 2 и 4 од Правилата за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија, се незаконити, а со тоа и спротивни на темелната вредност на уставниот поредок – начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, согласно кое во правниот поредок треба да егзистираат јасни и прецизни норми и истите да бидат правно усогласени со Уставот и со законите.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република  Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски