Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.202/2024
Скопје, 09.04.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 3 и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 9 април 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 точка 6. Други заразни и паразитски болести кај животните, потточка 6.2 Лајшманиоза во делот „Бездомните кучиња кои се позитивни на лајшманиоза се евтаназираат вeднаш со одобрено ветеринарно-медицински препарат за таа намена“ од Годишната наредба за здравствена заштита на животните во 2025 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 54/2025) .
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 точка 6. Други заразни и паразитски болести кај животните, потточка 6.3 Лајшманиоза во делот „Бездомните кучиња кои се позитивни на лајшманиоза треба да се еутаназираат вeднаш“ од Годишната наредба за здравствена заштита на животните во 2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 59/2024 и 128/2024).
Образложение
I
Милка Докузова, овластено лице на Граѓанската асоцијација за унапредување на инклузивноста во градовите и градските простори ХУМАНИ ГРАДОВИ Скопје, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 точка 6. Други заразни и паразитски болести кај животните, потточка 6.3 Лајшманиоза во делот „Бездомните кучиња кои се позитивни на лајшманиоза треба да се еутаназираат вeднаш“ од Годишната наредба за здравствена заштита на животните во 2024 година, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 59/2024 и 128/2024.
Подносителот на иницијативата смета дека со примена на оспорената одредба се повредуваат темелните вредности на Уставот, владеење на правото, хуманизмот, социјалната правда и солидарност, уредувањето и хуманизмот на просторот и заштита и унапредување на животната средина и на природата и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, утврдени во член 8 став 1 алинеи 3, 8 ,10 и 11 од Уставот .
Според подносителот, согласно член 43 од Уставот, Републиката треба да обезбеди услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина, а сите прописи треба да бидат во согласност со Уставот и законите и секој е должен да ги почитува.
Имено, според подносителот, човекот има морална обврска да ги почитува сите живи суштества и да има на ум дека домашните миленици имаат посебен однос кон човекот како и важноста на милениците во нивниот придонес кон квалитетот на живеењето на семејствата и нивната вредност за општеството во целина.
Во поткрепа на аргументите во иницијативата, се укажува на неколку меѓународни акти: Европската конвенција за заштита на животните кои се чуваат како домашни миленици (Стразбур, 13.11.1987 година), Договорот од Махстрит (од 1991 година), со посебната Декларација за заштита на животните, како и принципите на Светската организација за благосостојба на животните.
Согласно со Европската конвенција за заштита на животните кои се чуваат како домашни миленичиња (Стразбур 13.11.1987) во член 11 став 1 е предвидено дека само ветеринар или друго стручно лице може да одлучи да евтанизира домашен миленик, освен за ситуации кога се работи за итна потреба, а во поглавјето 3 во член 12 како дополнителни мерки и контрола на популацијата на бездомните животни најнапред се очекува да се преземат сите законски и административни мерки на начин што нема да предизвика болка, страдање и стрес во ситуации кога тоа може да биде избегнато. Исклучок за заловувањето држењето или евтаназијата на бездомни животни бил предвиден во член 13 од Конвенцијата и тоа во ситуации кога се работи за неизбежна ситуација, соодветно дефинирана во рамки на националната програма за контрола на болести.
Според подносителот, контролата на популацијата на бездомните кучиња е регулирана во член 28 став 3 од Законот за заштита и благосостојба на животните („Службен весник на Република Македонија„ бр.149/2014, 149/2015, 53/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.65/2023) каде е уредено дека во прифатилиштата треба да се обезбеди спроведување на соодветни мерки и персонал со цел за ефикасна заштита на животните, редовно хранење и напојување и доколку е неопходно лекување на животните. Исклучок е предвиден во став 6 од истиот член според кој во случај на појава на заразна болест која може да се пренесе со кучињата, односно доколку постои опасност од појава на ваква болест, може да се направат исклучоци од одредбите од ставот (3) на овој член и да се спроведе убивање на бездомните кучиња со средства за хумана евтаназија. Имено, исклучокот „заразна болест која може да се пренесе со кучињата“ се мисли на болест која може да се пренесе на луѓето. Во таа насока во иницијативата дава и информации за состојбата со заболени лица од лајшманиоза во нашата држава и смета дека не постои ризик фактор за појава на оваа инфекција врз луѓето.
Евтаназијата во овој случај на заболување, според подносителот, може да се користи само во индивидуално определени случаи, потврдени со соодветни испитувања и соодветни методи и по видување на надлежен доктор на ветеринарната медицина, како што и е предвидено во постоечките прописи, во ситуации кога навистина тоа било неопходно. Имено и Европската конвенција за заштита на животните од 13 ноември 1987 година донесена од Советот на Европа, уредува дека евтаназијата би требало да се користи како начин за решавање на проблемот со бездомните кучиња, во исклучителна ситуација, соодветно дефинирана во рамките на националната програма за контрола на болести (член 13) и дека таквата одлука за евтаназија треба да биде донесена од страна на докторот по ветеринарна медицина (член 11).
Во конкретниот случај, согласно член 57 став 1 алинеја 1 од Законот за ветеринарно здравство („Службен весник на Република Македонија” бр. 113/2007, 24/2011, 136/2011, 123/2012, 154/2015 и 53/2016) директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство ја донел Годишната наредба за здравствена заштита на животните во 2024 година. Но, според подносителот, Годишната наредба нема своја законска основа, па не може да се воспостават права и обврски кои не се засновани со закон, а со тоа не може да предвидат обврска на економските оператори.
Според подносителот, право и обврска на општините е да одлучуваат каква метода за контрола на популација на бездомни кучиња ќе применат како најцелисходна за решавање на овој сериозен комунален проблем.
Од наведените причини, подносителот смета дека оспорениот дел од Годишната наредба за здравствена заштита на животните во 2024 година „Бездомните кучиња кои се позитивни на лајшманиоза треба да се еутаназираат вeднаш“ нема уставна и законска основа, со барање Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста и истиот да се поништи.
Од страна на подносителот на иницијативата до Уставниот суд доставено е известување дека Агенцијата за храна и ветеринарство има донесено Годишна наредба за здравствена заштита на животните во 2025 година, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 54/2025.
Ваква одредба е предвидена и во Годишна наредба за здравствена заштита на животните во 2025 година во член 1 точка 6. Други заразни и паразитски болести кај животните, потточка 6.2 Лајшманиоза и истата гласи „Бездомните кучиња кои се позитивни на лајшманиоза се евтаназираат вeднаш со одобрено ветеринарно-медицински препарат за таа намена“. Подносителот бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата и истата да се поништи.
II
На седницата Судот утврди дека Агенцијата за храна и ветеринарство донела Годишна наредба за здравствена заштита на животните во 2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 59/2024 и 128/2024) и во член 1 точка 6. Други заразни и паразитски болести кај животните, потточка 6.3 Лајшманиоза е предвидена одредба „Бездомните кучиња кои се позитивни на лајшманиоза треба да се еутаназираат вeднаш“.
Воедно, Судот утврди дека Агенцијата за храна и ветеринарство донела Годишна наредба за здравствена заштита на животните во 2025 година ( „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 54/2025) и во член 1 точка 6. Други заразни и паразитски болести кај животните, потточка 6.2 Лајшманиоза е предвидена одредба „Бездомните кучиња кои се позитивни на лајшманиоза се евтаназираат вeднаш со одобрено ветеринарно-медицински препарат за таа намена“ .
III
Според член 8 алинеи 3, 8, 10 и 11 од Уставот на Република Северна Македонија, социјалната правда и солидарност, уредувањето и хуманизмот на просторот и заштита и унапредување на животната средина и на природата и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се темелни вредности на Уставот .
Според член 43 од Уставот, секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.
Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите.
Според член 115 став 2 од Уставот, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.
Разгледувајќи ја предметната иницијатива од аспект на изнесените наводи за неуставноста и незаконитост, Судот го утврди следното:
Во Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија “бр.96/2019 и 121/2024) законодавецот како општи подзаконски акти на органите на државната управа ги утврдува: правилник, наредба, упатство, план и програма. Во член 55 став 2 од Законот е уредено дека „Директорот на самостојниот орган на државната управа, односно управната организација донесува правилници, решенија, наредби, упатства, планови, програми и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон а во член 56 став 2 од Законот е уредено дека „Со наредба се наредува или забранува постапување во определена ситуација која има општо значење за извршување на законите и други прописи.“
Со Законот за комуналните дејности („Службен весник на Република Македонија” број 95/2012, 163/2013, 42/2014, 44/2015, 147/2015, 31/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 302/2020, 255/2024, 3/2025 и 17/25), се уредуваат основните услови и начинот на вршење на комуналните дејности, финансирањето на комуналните дејности, финансирањето на изградбата и одржувањето на објектите на комуналната инфраструктура и други прашања од значење за комуналните дејности.
Со член 5 точка 15 од Законот за комунални дејности, како комунална дејност во смисла на овој закон, помеѓу другото, се смета и уловување на животни скитници. Воедно, според член 14 став 3 алинеја 9 од Законот, во комунални услуги за задоволување на заедничка потрошувачка спаѓа и ерадикција на животни скитници.
Надлежностите на општините се утврдени во Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002).
Член 20 од Законот се однесува на т.н. општа надлежност на општината според која општините, во рамки на законот, во согласност со начелото на супсидијарност, имаат право на своето подрачје да ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт.
Согласно со член 21 од Законот, општините самостојно, во рамки на законот, ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење, утврдени со овој или друг закон и се одговорни за нивното вршење.
Листата на надлежности на општините е утврдена во член 22 од Законот, и во оваа листа меѓу другите надлежности во точка 4. предвидено е вршење на комуналните дејности а во точка 13 предвидено е дека општината врши и други работи определени со закон.
Од одредбите од Законот за локална самоуправа и Законот за комуналните дејности произлегува дека општините се исклучиво надлежни за вршење на комуналните дејности како работи од локално значење, меѓу кои спаѓа и дејноста на заловување на животни скитници. Оваа комунална дејност понатаму е прецизирана во Законот за заштита и благосостојба на животните во кои се предвидени конкретни обврски за општината во врска со бездомните кучиња што опфаќаат собирање, односно заловување на бездомни кучиња, нивно сместување во прифатилишта во кои им се обезбедува сместување, храна и заштита. Во Законот се предвидени и конкретни мерки за контрола на популацијата на бездомни кучиња како што се кастрирање, заловување, здравствен третман и социјализација согласно со прописите на ветеринарното здравство, како и други пропишани методи за контрола на популацијата на бездомните кучиња. Сите овие дејствија и мерки во Законот се утврдени како обврски на општината, општините во Градот Скопје, односно Градот Скопје, кои исто така треба да изготват и усвојат повеќегодишен план и програма.
Со Законот за благосостојба на животните („Службен весник на Република Македонија„ бр.149/2014, 149/2015, 53/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.65/2023) се уредуваат минималните барања за заштита и благосостојба на животните во однос на нивното одгледување, чување, грижа и сместување, заштита на животните при фармско држење, заштита и благосостојба на животните за време на превоз, колењето или убивањето на животни кои се одгледуваат за производство на храна, волна, кожа, крзно и други производи како и заради депопулација и слични операции, условите кои треба да ги исполнат кланиците во однос на заштита и благосостојба на животните при колење и убивање, заштита и благосостојба на домашните миленици и бездомни животни, животни во зоолошки градини и животните кои се користат во експериментални или едукативни цели.
Во член 7 од Законот е уредено дека надлежен орган за спроведување на управните и стручните работи утврдени со овој закон е Агенцијата за храна и ветеринарство (во понатамошниот текст: Агенцијата).
Согласно со член 28 став 1, општината, општините во Градот Скопје, односно Градот Скопје, се надлежни да вршат собирање на бездомните кучиња, односно нерегистрирани кучиња и регистрирани кучиња доколку ги затекнат на јавни површини без присуство на сопственикот и привремено да ги сместат во соодветни објекти – прифатилишта. Согласно став 3 од истиот член, прифатилиштата треба да обезбедат спроведување на соодветни мерки и персонал со цел за ефикасна заштита на животните, редовно хранење и напојување и доколку е неопходно лекување на животните. Во став 6 од истиот член е уредено дека во случај на појава на заразна болест која може да се пренесе со кучињата, односно доколку постои опасност од појава на ваква болест, може да се направат исклучоци од одредбите од ставот (3) на овој член и да се спроведе убивање на бездомните кучиња со средства за хумана евтаназија. Ставот 9 уредува дека директорот на Агенцијата ги пропишува постапките за заловување, интервенции и третман на бездомните кучиња, другите методи за контрола на популацијата на бездомните кучиња, начинот на спроведување на тестот за социјализација, начинот и содржината на податоците за водење на евиденција и начинот на вршење на надзор.
Со Законот за ветеринарно здравство („Службен весник на Република Македонија” бр. 113/2007, 24/2011, 136/2011, 123/2012, 154/2015 и 53/2016) се уредуваат организацијата и одговорноста во вршењето на ветеринарната дејност, начелата и постапките за имплементација на активностите поврзани со заштита на животните и луѓето од болести кои се пренесуваат преку животни, производи, нуспроизводи од животинско потекло и предмети, активности против заразните болести кај животните, вклучувајќи зоонози, работата на Ветеринарната комора и други прашања од значење за ветеринарната дејност. Со овој закон се уредуваат и контролата и сузбивањето на болестите кај животните, општите услови за ставање во промет на животни и производи, увоз, транзит на животни, производи и предмети, финансирањето на здравствената заштита на животните и ветеринарното јавно здравство и други прашања во врска со вршењето на ветеринарното здравство.
Во член 7 од Законот е уредено дека Агенцијата за храна и ветеринарство се грижи за спроведување на политиката во вршењето на ветеринарната дејност од областа на ветеринарното здравство и ветеринарното јавно здравство. Имено, согласно 57 став 1 алинеја 1 од Законот за ветеринарно здравство секоја година, директорот на Агенцијата донесува годишна наредба за здравствена заштита на животните со која се наредува спроведување на мерки за заштита на животните од одделни заразни болести, како и периодот за извршување на тие мерки во наредната година.
Од изнесеното произлегува дека директорот на Агенцијата согласно со член 57 став 1 алинеја 1 од Законот за ветеринарно здравство е овластен да донесе прописи – годишна наредба за здравствена заштита на животните со која се наредува спроведување на мерки за заштита на животните од одделни заразни болести, како и периодот за извршување на тие мерки во наредната година. Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека директорот има законско овластувања за носење на годишна наредба со што неосновани се наводите на подносителот на иницијативата дека нема законско овластување за донесување на истата.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство врз основа на член 57 став 1 алинеја 1 од Законот за ветеринарно здравство на 08.03.2024 година донел Годишна наредба за здравствена заштита на животните во 2024 година, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 59/2024 и 128/2024, а мерките за здравствена заштита на животните од заразни и паразитски болести ќе се спроведат во 2024 година (член 1 од Годишната наредба). На 10.03.2025 година, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство донел Годишна наредба за здравствена заштита на животните во 2025 година, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 54/2025, а мерките за здравствена заштита на животните од заразни и паразитски болести ќе се спроведат во 2025 година (член 1 од Годишната наредба).
Во конкретниот случај, според Судот, не станува збор за мерка со која се врши контрола на популацијата со цел намалување на бројот на бездомните кучиња, туку за контрола на појава на заразни болести кои се пренесуваат помеѓу кучињата, а може да се пренесат и на луѓето.
Според ставот 3 од член 43 од Уставот, Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина. Подигнувајќи го уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата на ниво на темелна вредност на уставниот поредок на Републиката, уставотворецот ги имал предвид проблемите предизвикани од заразни болести што доведуваат до појавата криза на животната средина како на човекот така и на кучињата, што од своја страна значи нарушување на рамнотежата меѓу човекот и природата. Токму затоа суштината на заштитата на животната средина не е само во нејзината заштита со закон и други прописи, туку и во создавање на таков општествен систем во кој интересите на граѓанинот и општеството ќе се развиваат хармонично. Во оваа смисла државата е должна во уредувањето на животната средина да создаде услови за здрава животна средина со секогаш присутно чувство на одговорност при воспоставувањето на рамнотежата.
Уставот утврдува и должност на секој (сите граѓани, претпријатија, установите и други организации, единиците на локалната самоуправа) да ја унапредува и штити животната средина, како и зачувувањето на природата и животната средина.
Според тоа сите субјекти се должни да ги спречуваат и отстрануваат штетните последици од болести со кои со кои се доведуваат во опасност животот и здравјето на луѓето и нарушување на природата и животната средина. Во таа насока се создадваат нормативни претпоставки за заштита и унапредување на животната средина и на природата.
Имено, Законот за заштита и благосостојба на животните, меѓу другото, уредува заштита и благосостојба на домашните миленици и бездомни животни.
Со цел одржување, унапредување и заштита на здравјето на луѓето, а воедно и заштита на здравјето на животните, согласно со член 8 од Законот за заштита и благосостојба на животните, директорот на Агенцијата може да донесе мерки за здравствена заштита на луѓето и животните и да пропише дополнителни услови.
Според член 28 став 1 од Законот, општината, општините во Градот Скопје, односно Градот Скопје, се надлежни да вршат собирање на бездомните кучиња, односно нерегистрирани кучиња и регистрирани кучиња доколку ги затекнат на јавни површини без присуство на сопственикот и привремено да ги сместат во соодветни објекти – прифатилишта. Во овие објекти треба да се обезбеди елементарна заштита на животните од непогодни временски услови и да се обезбеди нивно ефикасно затворање. (2) Заловувањето на бездомните кучиња се врши од страна на квалификувани лица на начин кој нема да предизвика непотребна болка или страдање. (3) Прифатилиштата треба да обезбедат спроведување на соодветни мерки и персонал со цел за ефикасна заштита на животните, редовно хранење и напојување и доколку е неопходно лекување на животните. За контрола на популацијата на бездомните кучиња, општината, општините во Градот Скопје, односно Градот Скопје треба заловените бездомни кучиња привремено да ги смести во прифатилиште каде кучињата треба да се кастрираат, односно ојаловуваат, здравствено се третираат, на нив да се изврши превентивна здравствена заштита и тест за социјализација согласно со прописите од областа на ветеринарното здравство по што истите треба да се вдомат или вратат во реонот од каде што биле заловени. Бездомните кучиња треба да бидат трајно обележани со микрочип, а во случај на бездомни кучиња вратени во реонот на заловување и со други видливи средства за идентификација, на начин кој нема да предизвика непотребна болка или страдање. По исклучок, општината, општините во Градот Скопје, односно Градот Скопје може да применат и други пропишани методи за контрола на популацијата на бездомните кучиња. Општината, општините во Градот Скопје односно Градот Скопје треба да изготват и усвојат повеќегодишен план и програма врз основа на кој ќе се врши контролата на популација на бездомните кучиња и истите да ги достават на одобрување до Агенцијата. Интервенциите од став 3 на овој член може да ги врши само доктор по ветеринарна медицина. Трошоците за заловување и третман на регистрираните и нерегистрираните кучиња се на товар на сопствениците на кучиња, а во случај на бездомни кучиња на товар на општината, општините во градот Скопје, односно градот Скопје. Согласно став 6 од истиот член во случај на појава на заразна болест која може да се пренесе со кучињата, односно доколку постои опасност од појава на ваква болест, може да се направат исклучоци од одредбите од ставот (3) на овој член и да се спроведе убивање на бездомните кучиња со средства за хумана евтаназија.
Законот за заштита и благосостојба на животните, меѓу другото, уредува заштита и благосостојба на домашните миленици и бездомни животни.
Со цел одржување, унапредување и заштита на здравјето на луѓето, а воедно и заштита на здравјето на животните, согласно со член 8 од Законот за заштита и благосостојба на животните, директорот на Агенцијата може да донесе мерки за здравствена заштита на луѓето и животните и да пропише дополнителни услови.
Согласно со точка 6 потточка 6.2 од Годишната наредба за заштита на животните во 2025 година во текот на 2025 година сите кучиња кои се заловени и привремено сместени во прифатилишта во согласност со член 28 од Законот за заштита и благосостојба на животните треба да се испитаат на болеста лајшманиоза. Тестирањето на лајшманиоза се врши со акредитирана метода од страна на одобрена/овластена лабораторија за дијагностичко испитување на заразни и паразитски болести кај животните. Во случај на серонегативен резулатат со акредитиран метод, а доколку кучето покажува клинички знаци на болеста лајшманиоза, тогаш треба повторно да се тестира со молекуларен метод, а доколку кучето има свој сопственик прифатилиштето треба да го информира сопственикот за ризиците и последиците од чување куче заболено од лајшманиоза. Бездомните кучиња кои се позитивни на лајшманиоза се евтаназираат веднаш со одобрен ветеринарно-медицински препарат за таа намена, а сопственикот на кучето треба да потпише изјава за чување куче кое е заболено од лајшманиоза. Доколку не постои можност за лечење, позитивните регистрирани кучиња се евтаназираат со одобрен ветеринарно– медицински препарат за таа намена.
Во конкретниот случај станува збор за „лајшманиоза кај кучињата“ која е тешка заразна болест. Тестирањето на лајшманиоза се врши со акредитирани методи од страна на одобрена/овластена лабараторија за дијагностичко испитување на заразни и паразитски болести кај животните.
Трошоците за превентивните мерки (вакцинација, дехелминтизација, кастрација и стерилизација, идентификација и регистрација, испитување на лајшманиоза, евтаназија и нештетно отстранување) на бездомните кучиња се на товар на општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје. Трошоците за дијагностичките испитувања, лекување, евтаназија и нештетно отстранување се на товар на сопствениците на регистрирани кучиња.
Во конкретниот случај станува збор за заразна болест која се пренесува помеѓу кучињата, а може да се пренесе и на луѓето. Согласно член 28 став 6 од Законот за заштита и благосостојба на животните во случај на појава на заразна болест која може да се пренесе со кучињата, односно доколку постои опасност од појава на ваква болест, може да се направат исклучоци од одредбите од ставот (3) на овој член и да се спроведе убивање на бездомните кучиња со средства за хумана евтаназија.
Со Законот за ветеринарно здравство („Службен весник на Република Македонија” бр.113/2007, 24/2011, 136/2011, 123/2012, 154/2015 и 53/2016), се уредуваат организацијата и одговорноста во вршењето на ветеринарната дејност, начелата и постапките за имплементација на активностите поврзани со заштита на животните и луѓето од болести кои се пренесуваат преку животни, производи, нуспроизводи од животинско потекло и предмети, активности против заразните болести кај животните, вклучувајќи зоонози, работата на Ветеринарната комора и други прашања од значење за ветеринарната дејност, меѓу другото, и контролата и сузбивањето на болестите кај животните.
Целта на донесување на овој закон, меѓу другото е обезбедување заштита на луѓето и животните од болести кај животните и зоонози, како и мерките кои треба да бидат преземени против овие болести.
Согласно член 4 од Законот, здравствената заштита на животните, ветеринарното јавно здравство и благосостојбата и заштитата на животните се ветеринарни дејности од јавен интерес, а согласно член 5 став 1 оваа дејност, ја спроведува Државна ветеринарна служба во соработка со други органи и институции како и надлежниот орган, директорот на Агенцијата и Националната референтна лабораторија кога работи за потребите на Агенцијата врз основа на договор.
Според член 7 од Законот, Агенцијата се грижи за спроведување на политиката во вршењето на ветеринарната дејност од областа на ветеринарното здравство и ветеринарното јавно здравство.
Во глава III „Контрола и сузбивање на болестите кај животните“ член 49 „Болести кои задолжително се пријавуваат“ уредува дека директорот на Агенцијата донесува листа на болести кај животните кои задолжително се пријавуваат и пропишува општи мерки за борба против нив. Во став 2 е уредено дека во зависност од влијанието на јавното здравство болестите се поделени во три групи. Во точка б од истиот став е уредено дека болести од листата на Светската организација за здравствена заштита на животните-ОИЕ кои се сметаат дека се од особено значење и приоритет за Републиката, се предмет на посебни програми за надзор и/или контрола, предвидени со годишната наредба за здравствена заштита на животните или повеќегодишните програми кои се спроведуваат на целата територија на државата или на дел од неа. Притоа во зависност од категоријата на болеста и мерките за контрола и заштита се различни.
Согласно со член 57 став 1 од Законот, директорот на Агенцијата донесува: годишна наредба за здравствена заштита на животните со која се наредува спроведување на мерки за заштита на животните од одделни заразни болести, како и периодот за извршување на тие мерки во наредната година и годишна наредба за ветеринарно јавно здравство за извршување на ветеринарните мерки и контроли за заштита на јавното здравство од контаминенти или резидуи кои се пренесуваат од животни или производи од животинско потекло и го определува периодот за извршување на тие мерки за наредната година. Согласно со став 4 од истиот член, директорот на Агенцијата го координира и врши надзорот врз спроведувањето на годишната наредба за здравствена заштита на животните. Со средства од Буџетот на државата се финансираат активностите утврдени со годишната наредба за здравствена заштита на животните.
Од сето изнесено, според Судот, неосновани се наводите на подносителот на иницијативата за неуставност и незаконитост на член 1 точка 6. Други заразни и паразитски болести кај животните, потточка 6.3 Лајшманиоза во делот „Бездомните кучиња кои се позитивни на лајшманиоза треба да се еутаназираат вeднаш“ од Годишната наредба за здравствена заштита на животните во 2025 година, а непреземањето мерки од страна на државата за одржување, унапредување и заштита на здравјето на луѓето, а воедно и заштита на здравјето на животните претставува повреда на остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина, поради што Судот одлучи како во став 1 од диспозитивот на Решението.
Имајќи предвид дека Годишната наредба за здравствена заштита на животните во 2024 година, донесена од Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство е од темпорален карактер, односно има временски ограничена важност, постојат процесни пречки за одлучување во овој дел по иницијативата, поради што Судот одлучи како во став 2 од диспозитивот на Ршението.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски