У.бр.253/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.253/2024
Скопје, 09.04.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 1 и член 73 аллинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 9 април 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 72 став 1 во делот „само судијата, односно претседателот на судот за кого е поведена постапката за утврдување на одговорност“ од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 102/2019).

Образложение

I

Александра Илиева-Милчова, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 72 став 1 во делот „само судијата, односно претседателот на судот за кого е поведена постапката за утврдување на одговорност“ од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 102/2019).

Спроред подносителот, оспорената одредба е во спротивност со загарантираната судска заштита против органите на управата од член 50 став 2 од Уставот на Македонија.

Имено, подносителот смета дека согласно со одредбата во оспорениот дел, жалба до Врховниот суд на Македонија против актот на судскиот совет е дозволена само за едната страна на барањето, со што се создава дискриминација во примена на Законот за подносителот на жалбата.

Според подносителот, со правото на жалба до Врховниот суд на Македонија се обезбедува судска заштита против одлуката на судскиот совет како орган на судството, само за едната страна, без дополнително образложение зошто тоа не е дозволено за подносителот.

Во иницијативата се наведува дека постапката за утврдување одговорност како постапка предвидена во Законот, е постапка во која се утврдува дали постои основ за водење на постапката, поради што од клучно значење е таа постапка да не се сведе на еднострана постапка во која се исклучува подносителот, што создава простор за дискриминација при користење на правните средства, кои треба да бидат подеднакво достапни на сите страни учесници во постапката.

Согласно со член 2 од Законот за судскиот совет се формира судскиот совет како орган на судството кој е самостоен и независен. Советот ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, преку остварување на своите функции согласно со Уставот и законите.

Подносителот на иницијативата појаснува дека со истиот закон е регулирана постапката за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд, утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Со цел да се реализира начелото на самостојност и независност на судскиот совет потребно е при користење на правните лекови да се овозможи достапност на двете страни. Во спротивно, постапката се сведува на формална процедура помеѓу органот на државата и судскиот функционер.

Поради горенаведеното, подносителот смета дека со анализа на Уставот, посебно на член 15 и член 50 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија и оспорената одредба во оспорениот дел се доаѓа до заклучок дека правниот лек и судската заштита е дозволена само за едната страна, со што учеството на подносителот е сведено на про-форма и е несуштинско заради што е и оваа иницијатива. Во услови кога е предвидена законска постапка за утврдување на одговорност таа треба да биде во целост достапна и да не се сведе на паушална постапка, од кои причини предлага оспорениот дел од одредбата од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија да се укине.

II

На седницата Судот утврди дека според член 72 став 1 од Законот за судскиот совет право на жалба до Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд на Република Северна Македонија против одлуката на Советот, има само судијата, односно претседателот на судот за кого е поведена постапката за утврдување на одговорност, во рок од осум дена од денот на приемот на одлуката.

III

Уставниот суд, согласно со член 110 алинеја 1  од Уставот на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/2019), ја уредува постапката за изборот на Судскиот совет на Република Северна Македонија, начинот на остварување на неговите функции, изборот, престанокот и разрешувањето на судија и судија поротник, постапката за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд, утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција, следењето и оценувањето на работата на судиите, начинот на работа и одлучување и други прашања поврзани со работата на Судскиот совет на Република Северна Македонија.

Судскиот совет на Република Северна Македонија согласно член 2 став 1 од Законот, е самостоен и независен орган на судството. А со ставот 2 на истиот член, се утврдува дека Советот ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, преку остварување на своите функции согласно со Уставот и законите.

Согласно со член 72 став 1 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, право на жалба до Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд на Република Северна Македонија против одлуката на Советот, има само судијата, односно претседателот на судот за кого е поведена постапката за утврдување на одговорност, во рок од осум дена од денот на приемот на одлуката.

Тргнувајќи од анализата на уставните и законските одредби, Судскиот совет на Република Северна Македонија е орган на судството, којшто е самостоен и независен и истиот ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт. Притоа Уставот определил каква е положбата на Судскиот совет, па оттука му е доверено овластувањето да одлучува за разрешувањето на судија или на претседател на суд. Судскиот совет исклучиво самиот одлучува за разрешување на судија или претседател на суд, а согласно овие одредби надлежноста на Советот за жалба е да ја разгледува законитоста на постапката која се води пред Судскиот совет.

Како причини за неуставност на оваа одредба од Законот, со иницијативата се наведува недоволна доуреденост на оспорената законска одредба, со укажување како би требало законодавецот правилно да ја уреди законската одредба што се оспорува со иницијативата, односно истата треба да го гарантира правниот лек и судската заштита не само на судијата, односно претседателот на судот за кого е поведена постапката за утврдување на одговорност, туку и на органот на државата односно членот на судскиот совет кој ја повел постапката за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција.

Според наведените уставни одредби, оспорената одредба од Законот, како и од фактот дека со иницијативата не се оспорува член 72 став 1 од Законот, поради неговата содржина, туку се оспорува поради содржина што ја нема, за што Уставниот суд не е надлежен, во конкретниот случај станува збор за барање оценка на уставност на прашања кои не се содржани во оспорената одредба. Оценувањето на прашања кои не се содржани во одредбата, односно оценување дали одредбата треба да содржи нешто што според подносителот требало да содржи излегува надвор од надлежностите на Судот.

Според Судот, овие причини за оспорување на одредба од закон како несогласна со Уставот, не се основа за покренување на уставниот механизам за оценување на согласноста на одредба од закон со одредби на Уставот, бидејќи Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, а не за тоа како одредена законска норма би можела да биде применета од страна на надлежните субјекти во конкретни правни ситуации.

Со оглед на горенаведеното, произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да постапува по иницијативата, па Судот оцени дека се исполнети правните претпоставки за отфрлање на иницијативата согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски