Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.245/2024
Скопје, 09.04.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 9 април 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за недавање согласност на Годишниот план за вработување во општинската администрација на Општина Битола за 2025 година, донесена од Советот на Општина Битола, на седницата одржана на ден 20.09.2024 година, број 09-99/21 од 20.09.2024 година и Одлуката за потврдување на донесената Одлука за недонесување на Годишниот план за вработување во општинската администрација на Општина Битола за 2025 година, донесена од Советот на Општина Битола, на седницата одржана на ден 10.10.2024 година, број 09-119/3 од 10.10.2024 година, објавена на 15.10.2024 година во „Службен гласник на Општина Битола” број 14/2024.
Образложение
I
Градоначалникот на Општина Битола, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите, означени во диспозитивот на ова решение.
Во иницијативата наведува дека согласно со одредбите од член 62 став 1 од Законот за локалната самоуправа, оспорените одлуки се пропис, и дека согласно со член 51 став 3 од истиот закон, е пропишана должност на градоначалникот да поведе иницијатива за оцена на уставноста и законитоста, со што смета дека поднесената иницијатива пред Уставниот суд е дозволена, а во продолжението на иницијативата ги изнесува причините за неуставноста и незаконитоста на оспорените одлуки повикувајќи се на одредби од Законот за вработување во јавниот сектор, Законот за локалната самоуправа, како и на Уставот на Република Северна Македонија.
Имено, според одредбите од член 20-а и член 20-б од Законот за вработените во јавниот сектор, вработувањата во институциите на јавниот сектор се вршат врз основа на годишни планови за вработување, за што функционерот кој раководи со институцијата, во случајов градоначалникот, е должен, најдоцна до 1 септември во тековната година, да изготви предлог-план, којшто заедно со предлог на буџетското барање го доставува на согласност до органот надлежен за буџетот на институцијата, во случајов советот на општината. Воедно, органите надлежни за буџетот на институцијата се должни да дадат согласност, односно да дадат забелешки во однос на предлог-планот, најдоцна во рок од еден месец од приемот на предлог-планот, а функционерот кој раководи со институцијата е должен да постапи по забелешките дадени од органот надлежен за буџетот, односно да го усогласи предлог-планот. Подносителот постапил согласно со Законот и навремено на 30.08.2024 година, до Советот на Општина Битола го доставил предлог-планот. Меѓутоа, Советот на Општината, наместо да донесе одлука за давање согласност или одлука за изгласани забелешки, ја донел првооспорената Одлука за недавање согласност на Годишниот план за вработување во општинската администрација на Општина Битола за 2025 година, со што истата е незаконита, бидејќи според Законот за вработените во јавниот сектор, таков вид на одлука не може да биде донесена. Наведува дека по предложениот годишен план за вработување, Советот не изгласал конкретни забелешки по кои функционерот би бил должен да постапи и да го усогласи планот.
Од изнесените причини, а согласно овластувањата од член 51 став 1 од Законот за локалната самоуправа, подносителот на 01.10.2024 година, донел Решение за запирање на објавувањето на погоре наведената одлука, меѓутоа Советот на одржана седница на 10.10.2024 година, ја донел второоспорената Одлука за потврдување на донесената Одлука за недонесување на Годишниот план за вработување во општинската администрација на Општина Битола за 2025 година, којашто, исто така е незаконита, од една страна, затоа што се потврдува одлука којашто е спротивна на закон, а од друга страна, затоа што освен изгласување забелешки по кои функционерот е должен да постапи, со Законот не е пропишана можност да се донесе одлука за недонесување на предлог-план за вработување, ниту пак е предвидено повторно донесување на одлука или друг акт со кој се одобрува годишниот план за вработување по истакнати забелешки.
Дополнително, второоспорената одлука е нејасна и неразбирлива бидејќи со истата се потврдува Одлука за недонесување на Годишниот план за вработување во општинската администрација на Општина Битола за 2025 година, број 09-99/21 од 20.09.2024 година, но Одлуката број 09-99/21 од 20.09.2024 година, не е Одлука за недонесување на Годишниот план, туку Одлука за недавање согласност на Годишниот план, па и од овој аспект второоспорената одлука е незаконита бидејќи со неа се потврдува одлука којашто не е ниту донесена, што е спротивно на член 51 ставови 2 и 3 од Законот за локалната самоуправа.
Според подносителот, оспорените одлуки, покрај тоа што се незаконити, со нив се повредува и член 23 од Уставот, затоа што нема да можат да се реализираат потребните вработувања во јавната администрација на Општина Битола за 2025 година, а на тој начин се оневозможува граѓаните да го остварат своето право на работа во општинската администрација под истите услови како и во другите јавни претпријатија, институции и други правни лица каде е утврдена потреба од вработување.
Подносителот предлага Уставниот суд да поведе постапка за оцена на уставноста и законитоста на оспорените одлуки, и истите да се поништат.
II
На седницата Судот утврди дека Советот на Општина Битола на седницата одржана на 20.09.2024 година, донел Одлука за недавање согласност на Годишниот план за вработување во општинската администрација на Општина Битола за 2025 година, број 09-99/21 од 20.09.2024 година, а на седницата одржана на ден 10.10.2024 година, и Одлука за потврдување на донесената Одлука за недонесување на Годишниот план за вработување во општинската администрација на Општина Битола за 2025 година, број 09-119/3 од 10.10.2024 година, објавена во „Службен гласник на Општина Битола” број 14/2024.
III
Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на Одлуката за недавање согласност на Годишниот план за вработување во општинската администрација на Општина Битола за 2025 година, донесена од Советот на Општина Битола, на седницата одржана на ден 20.09.2024 година, број 09-99/21 од 20.09.2024 година.
Во член 1 од погоре наведената одлука се наведува дека не се дава согласност на Годишниот план за вработување во општинската администрација на Општина Битола за 2025 година, а во член 2, дека Одлуката влегува во сила со објавувањето во „Службен гласник на Општина Битола”. Одлуката не е објавена во службеното гласило на Општината поради нејзино запирање од страна на градоначалникот на Општината.
Со иницијативата се оспорува и Одлуката за потврдување на донесената Одлука за недонесување на Годишниот план за вработување во општинската администрација на Општина Битола за 2025 година, донесена од Советот на Општина Битола, на седницата одржана на ден 10.10.2024 година, број 09-119/3 од 10.10.2024 година, објавена на 15.10.2024 година во „Службен гласник на Општина Битола” број 14/2024.
Во член 1 од погоре наведената одлука се наведува дека се потврдува донесената Одлука за недонесување на Годишниот план за вработување во општинската администрација на Општина Битола за 2025 година, со број 09-99/21 од 20.09.2024 година, а во член 2, дека Одлуката влегува во сила со објавувањето во „Службен гласник на Општина Битола”.
Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, во надлежност на Уставниот суд, е да одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Меѓутоа, не сите прописи можат да бидат предмет на оцена пред Уставниот суд, туку само оние коишто ги содржат правните елементи коишто го определуваат прописот подобен за уставно-судска оцена, а тоа се прописите чие суштинско обележје е нивната општост, изразена преку содржани општи норми на однесување на неопределен број субјекти во правото, и нивната примена да се однесува на сите правни случаи што ќе се појават во иднина во рамки на соодветните општествени односи.
Од содржината на оспорените одлуки, меѓутоа не произлегува дека станува збор за прописи со такви обележја, односно истите не содржат општи норми на однесување и не уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин. Станува збор за акт со кој не се дава согласност на годишен план за вработување и за акт со кој се потврдува недонесување на годишен план за вработување за конкретна јавна институција. Оспорените одлуки немаат сопствен предмет на нормативно уредување на општествени односи, а како такви не се подобни за уставно-судска оцена.
Од изнесените причини, Судот утврди дека барањето со иницијативата излегува надвор од уставно утврдените надлежности на Уставниот суд, што е причина за отфрлање на иницијативата согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски