У.бр.208/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.208/2024
Скопје, 12.03.2025 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 2 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 12 март 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 99 став 5 во деловите „правосилни“ и „од денот на правосилноста“ од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија” број 58/2006, 62/2006, 35/2008, 61/2008, 118/2008, 16/2009, 150/2010, 39/2012, 83/2018, 198/2018 и  „Службен весник на Република Северна Македонија” број 96/2019).

Образложение

I

Александра Илиева-Милчова, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 99 став 5 во делот „правосилни“од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија” број  58/2006, 62/2006, 35/2008, 61/2008, 118/2008, 16/2009, 150/2010, 39/2012, 83/2018, 198/2018 и  „Службен весник на Република Северна Македонија” број 96/2019).

Истиот подносител и претходно се има обратено до Уставниот суд со иницијатива за истата одредба, по која Уставниот суд има донесено Решение У.бр.16/2023. И овој пат барањето на подносителот кон Уставниот суд е истото, при што ден пред одржување на седницата достави и дополнување на иницијативата со кое наведува дека исто така, го оспорува делот „од денот на правосилноста“ од истата одредба.

Имено, според подносителот на иницијативата, оспорената одредба не е во согласност со член 16 и член 102 од Уставот на Република  Северна Македонија, според кои одлуките кои се носат од страна на судовите и нивната објава се јавни, а следствено на тоа, јавноста има право да биде запознаена со истите.

Подносителот во иницијативата наведува дека согласно со член 125 став 3 од Законот за кривичната постапка судовите се должни донесените одлуки во рок од два дена од изготвувањето да ги објавуваат на веб-страницата на судот, на начин утврден со закон.

Исто така, се  наведува дека согласно член 126 ставови 1 и 2 од истиот закон, сите судски пресуди се јавни и достапни во електронски или печатени примероци, освен во случаите кога јавноста е исклучена согласно со Уставот на Република Северна Македонија, овој закон и меѓународните договори ратификувани согласно со Уставот на Република Македонија. Другите судски одлуки се достапни на увид и препис на секое заинтересирано лице, освен во случаи кога јавноста е исклучена, согласно со ставот (1) на овој член.

Според подносителот, јавноста во судските постапки е уставно загарантирано начело, согласно со член 102 од Уставот на Република Северна Македонија. Во член 16 од Уставот се гарантира слободата на јавното информирање.

Според член 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права пресудата се изрекува јавно, а според член 10, секој човек има право на слобода на изразувањето и ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации.

Подносителот наведува дека сите одлуки кои ги донесуваат судовите и нивната објава се јавни, што значи дека јавноста има право да биде запознаена со нив. Недозволиво е со оспорената придавка само правосилните одлуки да бидат објавени, а неправосилните одлуки да бидат тајни и да не ѝ биде дозволено на јавноста да биде запознаена со нив. Притоа поимот јавност ги опфаќа лицата од стручната фела, заинтересираните кои се во сродство со странката, како и секој домашен или странски фактор кој треба и може да биде запознаен со начинот на носење на судските одлуки во Македонија. Начелото на јавност и обврската да се објавуваат одлуките и на веб-страницата на судот значи и увид на граѓаните во начинот на носење на одлуките што е загарантирано со Уставот и не може да биде ограничено само на некои спорови, затоа што Уставот ја гарантира јавноста на сите одлуки.

Подносителот смета дека со нетранспарентноста и необјавувањето на судските одлуки не се постигнува доверба на граѓаните во судскиот систем, а довербата во судството е клучна и мора да ја има при донесување на одлуките во управнатал граѓанската и кривичната материја.

Според подносителот, со транпарентноста и објавувањето на одлуките се постигнува во секој сегмент правилно информирање на јавноста за работењето на судските органи што е есенцијално затоа што е потребно секоја одлука да има правно издржано образложение. Согласно со законот, судските одлуки се носат во име на граѓаните кои секако во секој момент треба да се информирани зад каква одлука стои судот, какво е правното образложение, дали се сложуваат со истата или не, и јавно да можат да го искажат своето мислење, како и во секое демократско општество.

Поради наведеното, предлага Уставниот суд да ги укине оспорените делови од одредбата од Законот и да ги запре од извршување поединечните акти донесени врз основа на истата.

Подносителот на иницијативата достави и дополнување на истата со кое побара Уставниот суд по овој предмет да одлучува во полн состав.

II

На седницата Судот утврди дека според член 99 став 5 од Законот за судовите се уредува „Донесените правосилни одлуки судовите задолжително ги објавуваат на веб-страницата на судот во рок од седум дена од денот на правосилноста, на начин утврден со закон“.

III

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Судот, во постапката по предметот У.бр.16/2023 со Решението од 31 мај 2023 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 99 став 5 во делот „правосилни“ од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија” број  58/2006, 62/2006, 35/2008, 61/2008, 118/2008, 16/2009, 150/2010, 39/2012, 83/2018, 198/2018 и  „Службен весник на Република Северна Македонија” број 96/2019).

Во конкретниот случај, Судот оценил дека се работи за јасна и прецизна норма, која се однесува на донесените правосилни одлуки кои судовите задолжително ги објавуваат на веб-страницата на судот во рок од седум дена од денот на правосилноста, преку која се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации, како и тоа дека расправата пред судовите и изрекувањето на пресудите се јавни, согласно со член 16 и член 102 од Уставот на Република Северна Македонија.

Тргнувајќи од наведеното, во постапката по предметот У.бр.16/2023, ставот на Судот е дека оспорената одредба од член 99 став 5 во делот „правосилни“ од Законот за судовите е во согласност со Уставот на Република Северна Македонија и истата не го ограничува правото на слободен пристап до информации, ниту ја спречува јавноста да добие информации за судските постапки или одлуки. Напротив, преку наведената одредба се афирмира транспарентноста на судскиот систем, од каде пристапот во правосилните судски одлуки за сите заинтересирани лица е слободен.

Со оглед на фактот дека Судот за истата работа веќе одлучувал, а во иницијативата не се содржани основи кои можат да доведат до поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите за отфлање на  иницијативата, согласно со член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски