Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.224/2024
Скопје, 12.03.2025 година
С к о п ј е
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеи 1 и 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 12 март 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 366 реченица втора, член 376 став 3 во делот „јавниот обвинител или“, член 393 став 2 реченица прва во делот „обвинетиот во текот на главната расправа во заседанието стори кривично дело или ако“, член 426 став 4 во делот „став (3)“, член 435 став 3 во деловите „овите“ од зборот „членовите“ и „и 175 ставови (1) и (5)“, член 439 став 3 во делот „на членот 435“, член 448 став 2 реченица втора и член 449 став 1 точка 1 во делот „односно толкувачот“ и став 2 реченица втора во делот „и 3“ од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018).
О б р а з л о ж е н и е
I
Д-р Леонид Трпеноски, адвокат од Скопје, поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите и деловите од одредбите од Законот за кривичната постапка означени во диспозитивот на ова решение.
Иницијативата содржи општ дел со констатации по однос на Законот за кривичната постапка и осврт на релевантните уставни одредби и Европската конвенција за заштита на правата на човекот и основните слободи.
Во посебниот дел, се дадени наводи за несогласноста на оспорените одредби и делови од одредби од Законот за кривичната постапка со одделни одредби од Уставот:
– Член 366 реченица втора, не е во согласност со член 9 од Уставот на Република Северна Македонија и член 14 од Европската конвенција. Истата предвидува бранителот да ги надомести трошоците во случај на одложување на главната расправа по негова вина. Од друга страна, таква обврска не е предвидена за јавниот обвинител, за што не постои никакво оправдување за законодавецот. Последица на ова е дека, ако по вина на јавниот обвинител се одложи главната расправа, тој не би бил санкциониран.
– Член 376 став 3 во делот „јавниот обвинител или“ не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи создава непотребна конфузија во правниот систем. Со терминот „овластен тужител“, исто така содржан во овој став како генерички поим, обвинителот веќе е опфатен и нема никаква уставна или законска потреба да се повторува преку оспорениот дел.
– Член 393 став 2 реченица прва во делот „обвинетиот во текот на главната расправа во заседанието стори кривично дело или ако“, не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 од Уставот и член 6 од Европската конвенција за заштита на правата на човекот и основните слободи. Суштината на оспорувањето е тоа што на овој начин е можна фузија на улогите на судија и оштетен истовремено или судија и сведок очевидец што е недозволиво.
– Член 426 став 4 во делот „став (3)“ е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи упатува на непостоечки трет став на членот 438 од Законот за кривичната постапка, што е спротивно на барањето за правна предвидливост и правна сигурност како составни елементи на владеењето на правото.
– Член 435 став 3 во деловите „овите“ од зборот „членовите“ и „и 175 ставови (1) и (5)“ е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. На овој начин, погрешно се упатува на член 175 став 1 и 5 од Законот како основ по кој може да се определи или укине притворот, бидејќи овој член нема пет става. Двата става кои ги содржи оваа одредба, предвидуваат обврска за известување на семејството на притвореното лице или ако е странски државјанин за известување на дипломатско – конзуларното претставништво на државата чиј државјанин е лицето. Погрешното упатување е спротивно на барањето за правна предвидливост и правна сигурност како елементи на владеењето на правото.
– Член 439 став 3 во делот „на членот 435“ е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Членот 439 дефинира во кои случаи може до судот што одлучува во трет степен, да се поднесе жалба против пресудата на второстепениот суд. Во такви случаи не може да се одржи расправа, туку се одлучува на седница на советот согласно одредбите што важат за постапката во втор степен. Ставот 3 предвидува аналогна примена на одредена одредба и врз сообвинетиот кој нема право да изјави жалба против второстепената пресуда при што упатува на член 435 кој се однесува на друго прашање. Упатувањето на погрешна одредба е спротивно на барањето за правна предвидливост и правна сигурност како елементи на владеењето на правото.
– Член 448 став 2 реченица втора е спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Согласно реченица прва од став 2 на овој член, кривичната постапка која е правосилно запрена до почетокот на главната расправа, може да се повтори кога јавниот обвинител се откажал од гонењето, под услов ако се докаже дека до откажувањето дошло поради сторување кривично дело. Притоа, во поглед на докажувањето на кривичното дело на јавниот обвинител, оспорената одредба упатува на непостоечки став 2 на член 450 од Законот за кривичната постапка, со оглед дека овој член има само еден став. Упатувањето на непостоечка одредба е спротивно на барањето за правна предвидливост и правна сигурност.
– Член 449 став 1 точка 1 во делот „односно толкувачот“ и став 2 во делот „и, 3“ е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Во ставот 1 точка 1 на овој член, два пати е употребен зборот „толкувачот“ што создава конфузија. Поради очигледна грешка во ставот 2 на овој член е наведена и точка 3, иако на почетокот на реченица прва од ставот 2 се предвидени само случаите од точките 1 и 2 од став 1 на овој член. Ова се случаи, во кои со правосилна пресуда мора да се докаже дека наведените лица се огласени за виновни за односните кривични дела, додека во случаите предвидени со точка 3 не може да се бара правосилна пресуда, ниту пак тоа е можно, па оттаму и погрешното упатување на точка 3, што е спротивно на правната предвидливост и правна сигурност.
II
Судот, утврди дека во член 366 којшто е насловен „Недоаѓање на бранителот на главна расправа“ реченица прва од Законот за кривичната постапка е предвидено дека ако на главната расправа не дојде бранителот кој е уредно повикан, а не го извести судот за причините на спреченост кога за таа причина сознал или ако бранителот без одобрение ја напушти главната расправа, а не постои можност веднаш да се земе друг бранител без штета за одбраната, главната расправа по предлог на обвинетиот ќе се одложи, а може да се одржи и без присуство на бранител, ако одбраната не е задолжителна. Согласно оспорената реченица втора на овој член, во случај на одлагање, советот со решение ќе одлучи бранителот да ги поднесе трошоците што настанале поради одложувањето ако тоа може да се припише на негова вина.
Според член 376 којшто е насловен „Влегување на судијата, односно на советот во судницата“ став 3 од истиот закон, во судницата во која се одржува главната расправа, странките седат наспроти претседателот на советот и тоа од неговата лева страна обвинетиот и неговиот бранител, а од неговата десна страна јавниот обвинител или овластениот тужител, оштетениот и неговиот полномошник.
Во член 393 којшто е насловен „Измена и проширување на обвинението“ став 3 реченица прва од Законот за кривичната постапка е уредено дека ако обвинетиот во текот на главната расправа во заседанието стори кривично дело или ако во текот на главната расправа се открие некое порано сторено кривично дело на обвинетиот, советот по правило, по обвинение на овластениот тужител, кое може да биде и усно изнесено, ќе ја прошири главната расправа и на тоа дело. Според реченица втора на овој став, против тоа обвинение не е дозволен приговор.
Член 426 којшто е насловен „Донесување пресуда од советот на второстепениот суд“) став 4 од истиот закон, уредува дека ако обвинетиот е во притвор, советот е должен да постапи според членот 438 став (3) од овој закон.
Согласно член 435 којшто е насловен „Преиначување на пресудата“ став 3 од Законот, ако поради преиначувањето на првостепената пресуда се стекнале услови да се определи, односно да се укине притвор врз основа на членовите 174 став (1) точка 5 и 175 ставови (1) и (5) од овој закон, второстепениот суд за тоа ќе донесе посебно решение против кое не е дозволена жалба.
Според член 439 којшто е насловен „Дозволеност на жалба“ став 3 од истиот закон, одредбите на членот 435 од овој закон ќе се применат и врз сообвинетиот кој немал право да изјави жалба против второстепената пресуда.
Во член 448 којшто е насловен „Продолжување на постапката“ став 2 реченица прва од Законот за кривичната постапка е предвидено дека кривичната постапка правосилно запрена до почетокот на главната расправа може да се повтори кога јавниот обвинител се откажал од гонењето, ако се докаже дека до откажувањето дошло поради сторување на кривично дело, додека согласно оспорената реченица втора на овој став, во поглед на докажувањето на кривичното дело на јавниот обвинител ќе се применуваат одредбите од членот 450 став 2 на овој закон.
Согласно со член 449 којшто е насловен „Повторување на постапката во корист на осудениот“ став 1 точка 1 од Законот за кривичната постапка, кривичната постапка завршена со правосилна пресуда може да се повтори во корист на осудениот, ако се докаже дека пресудата е заснована врз лажна исправа, визуелно-тонска снимка или врз лажен исказ на сведокот, вештакот, толкувачот или преведувачот, односно толкувачот.
И на крајот, според став 2 реченица прва од овој член, во случаите од ставот 1 точки 1 и 2 на овој член, со правосилна пресуда мора да се докаже дека наведените лица се огласени за виновни за односните кривични дела, додека според реченица втора, ако постапката против овие лица не може да се спроведе поради тоа што умреле или поради тоа што постојат околности што го исклучуваат кривичното гонење, фактите од ставот 1 точки 1, 2 и 3 на овој член можат да се утврдат и со други докази.
III
Член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, утврдува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Според алинејата 3 на истиот член, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
IV
Имајќи ги предвид цитираните одредби од Уставот и Актот на Судот, како и наводите во иницијативата, причините поради кои Судот го зазеде својот став во овој предмет по однос на оспорените одредби, односно делови од одредби, се следните:
а) Член 366 реченица втора од Законот за кривичната постапка
Според Судот, наводите во иницијативата во однос на овој дел, не може да бидат основ за уставно проблематизирање, бидејќи Уставниот суд одлучува за согласноста на постојната содржина на нормата со одредбите на Уставот, а не од аспект на содржина што ја нема во истата, односно која според подносителот би требало да ја има, што е всушност прашање од надлежност на Собранието на Република Северна Македонија кое ги креира законите.
Поради отсуство на уставни аргументи за оспорување, постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и истата се отфрла во овој дел, врз основа на член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
б) Член 376 став 3 во делот „јавниот обвинител или“ од Законот за кривичната постапка
Согласно со член 17 став 1 од Законот за кривичната постапка, кривичната постапка се поведува и се води само по барање од овластениот тужител.
Според вториот став на истиот член, за дела за кои се гони по службена должност или по предлог на оштетениот овластен тужител е јавниот обвинител, а за дела за кои се гони по приватна тужба овластен тужител е приватниот тужител.
Потоа, во член 21 точка 7 од истиот закон е дефинирано дека „тужител“ е јавниот обвинител и приватниот тужител.
Предмет на уредување на член 376 став 3 од Законот за кривичната постапка е начинот на кој седат странките во судницата во која се одржува главната расправа – сите странки седат наспроти претседателот на советот и тоа од неговата лева страна обвинетиот и неговиот бранител, а од неговата десна страна јавниот обвинител или овластениот тужител, оштетениот и неговиот полномошник.
Според Судот, неспорно е дека во случајот од страна на законодавецот е сторен очигледен пропуст, при што покрај генеричкиот поим – овластен тужител, во овој став непотребно е содржан и поимот „јавен обвинител“ како еден од овластените тужители согласно Законот.
Сепак, ова не претставува пречка точно и недвосмислено да се утврди содржината на нормата и притоа сторениот пропуст нема никакво влијание.
Впрочем, на тоа упатуваат и наводите во иницијативата, според кои ова удвојување било непотребно, а не дека нејзината содржина е нејасна.
Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд во член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и претходно изнесеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата во овој дел, со оглед дека се работи за прашање коешто е во надлежност на Собранието на Република Северна Македонија кое ги донесува, изменува и дополнува законите.
в) Член 393 став 2 реченица прва во делот „обвинетиот во текот на главната расправа во заседанието стори кривично дело или ако“ од Законот за кривичната постапка
Причината поради која овој дел се оспорува е дека со ваквото нормирање била можна фузија на улогите на судија и оштетен истовремено или судија и сведок очевидец.
По однос на овие наводи во иницијативата, став на Судот е дека нема надлежност да оценува закон или друг пропис, односно одредба или дел од одредба од закон или друг пропис од аспект на нивната фактичка примена или како би се применувале во пракса, за што иницијативата во овој дел отсуствува со конкретни причини и издржани аргументи за оспорување.
Поради тоа, иницијативата во овој дел се отфрла поради постоење процесни пречки за одлучување, согласно член 38 алинеја 3 од Актот на Судот.
г) Член 426 став 4 во делот „став (3)“ од Законот за кривичната постапка
Наводите во однос на овој оспорен дел се дека истиот упатува на непостоечки став 3 на членот 438 од Законот за кривичната постапка што е спротивно на барањето за правна предвидливост и правна сигурност како елементи на владеењето на правото.
Според став 1 на истиот член од овој закон, второстепениот суд ќе му ги врати сите списи на судот од прв степен со неговата одлука во доволен број заверени преписи заради предавање на странките и на другите заинтересирани лица.
Додека, согласно со став 2 повторно на истиот член, ако обвинетиот е во притвор, второстепениот суд е должен својата одлука со списите да ја достави до судот од прв степен најдоцна во рок од 45 дена, a во посложени случаи во рок од 60 дена од денот кога ги примил списите од јавниот обвинител.
Од друга страна, предмет на уредување на член 426 е донесувањето пресуда од второстепениот суд при што: утврден е процесниот момент кога советот на второстепениот суд ја донесува пресудата (по одржаната расправа) и се упатува на членовите 434 до 437 на овој закон според кои треба да се донесе пресудата (став 1); се предвидува обврска за советот на второстепениот суд за примена на роковите предвидени во член 407 од овој закон во однос на писмената изработка на пресудата (став 2); предвидена е обврска за советот да ја почитува забраната од член 428 од овој закон при изрекувањето на пресудата (став 3); и советот има обврска да постапи според член 438 став 3 од овој закон ако обвинетиот е во притвор (став 3).
Неспорно е дека член 438 од Законот за кривичната постапка содржи два става и дека оспорениот дел од член 426 од истиот закон упатува на непостоечки став на овој член.
Сепак, ако се има предвид содржината на упатувачката одредба и предметот на уредување на вториот став на член 438 од Законот за кривичната постапка, јасно е дека овој став го уредува постапувањето на советот на второстепениот суд при враќањето на списите до првостепениот суд во случаите кога обвинетиот е во притвор и дека упатувањето всушност се однесува на оваа одредба.
Според тоа, јасно е дека станува збор за очигледен номотехнички пропуст, но тоа не значи дека не постои законско уредување на постапувањето на советот на второстепениот суд во овој случај и тоа токму во истиот член на којшто законодавецот погрешно упатува на непостоечки став, што може да се утврди преку толкување.
Впрочем и самиот подносител го констатира ова во својата иницијатива и наведува дека всушност станува збор за упатување на вториот став на член 438 од Законот за кривичната постапка.
Од тие причини, предлага укинување на оспорениот дел без кој одредбата би „била функционална и применлива во пракса“.
Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд во член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и претходно изнесеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата во овој дел, со оглед дека се работи за прашање коешто е во надлежност на Собранието на Република Северна Македонија кое ги донесува, изменува и дополнува законите, а на што всушност се сведуваат наводите во иницијативата во овој дел.
д) Член 435 став 3 во деловите „овите“ од зборот „членовите“ и „и 175 ставови (1) и (5)“ од Законот за кривичната постапка
Наводите поради кои се оспоруваат овие делови е дека погрешно упатуваат на член 175 ставови 1 и 5 како основ за определување или укинување на притворот, со оглед дека овој член нема пет става и воопшто не го уредува ова прашање, а што не е во согласност со барањето за правна предвидливост и правна сигурност како елементи на владеењето на правото.
Неспорно е дека членот 175 од Законот за кривичната постапка има два става и уредува прашања кои не се однесуваат на притворот.
Имено, според првиот став на овој член, судот е должен во рок од 24 часа за притворувањето да го извести семејството на притвореното лице, освен ако лицето се противи на тоа. За притворувањето ќе се извести надлежниот орган за социјални работи, ако е потребно да се преземат мерки за згрижување на децата и на другите членови на семејството за кои се грижи притвореното лице.
Согласно со вториот став на истиот член, доколку притвореното лице е странски државјанин, судот е должен во рок од 24 часа да го извести за притворувањето дипломатско-конзуларното претставништво на државата чиј државјанин е лицето.
Од друга страна, член 435 став 3 од Законот за кривичната постапка, се однесува на ситуација кога поради преиначување на пресуда се стекнале услови за определување, односно укинување на притвор за што се донесува посебно решение против кое не е дозволена жалба.
Меѓутоа, овој став истовремено упатува и на член 174 од истиот закон кој го уредува прашањето за определување или укинување притвор по објавувањето пресуда.
При таква ситуација, кога во една иста одредба има упатување и на одредба која ги уредува релевантните прашања, фактот дека другата одредба на која се упатува, има друг предмет на уредување и не го содржи ставот на кој се упатува, значи дека станува збор за номотехнички пропуст кој нема суштинско влијание при утврдувањето на соодветната норма на која се однесува упатувањето.
Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд во член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и претходно изнесеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата во овој дел, со оглед дека се работи за прашање коешто е надлежност на Собранието на Република Северна Македонија кое ги донесува, изменува и дополнува законите, а на што всушност се сведуваат наводите во иницијативата во овој дел.
ѓ) Член 439 став 3 во делот „на членот 435“ од Законот за кривичната постапка
Причините поради кои се оспорува овој дел на член 439 став 3 од Законот за кривичната постапка е дека упатува на погрешна одредба која уредува друго прашање што не е во согласност со барањето за правна предвидливост и правна сигурност како елементи на владеењето на правото.
Членот 439 од Законот за кривичната постапка се однесува на дозволеноста на жалба против пресудата на второстепениот суд.
Во ставот 1 на овој член, утврдени се случаите кога е дозволена жалба против пресуда на второстепен суд до суд што одлучува во трет степен и тоа ако: 1) второстепениот суд изрекол казна доживотен затвор, или ако ја потврдил пресудата на првостепениот суд со која е изречена таква казна; 2) второстепениот суд донел пресуда врз основа на одржаната расправа; и 3) второстепениот суд ја преиначил пресудата на првостепениот суд со која обвинетиот е ослободен од обвинението и изрекол пресуда со која обвинетиот се огласува за виновен.
Со став 2 реченица прва на истиот член е предвидено дека за жалбата против второстепената пресуда решава судот од трет степен на седница на советот согласно со одредбите што важат за постапката во втор степен. Согласно реченица втора од истиот став, пред овој суд не може да се одржи расправа.
И на крајот, според став 3 од овој член во кој е содржан оспорениот дел, пропишано е дека одредбите на членот 435 од овој закон ќе се применат и врз сообвинетиот кој немал право да изјави жалба против второстепената пресуда.
Од друга страна, членот 435 од Законот за кривичната постапка на кој упатува оспорениот дел на ставот 3 од член 439 од истиот закон, уредува сосем друго прашање – преиначување на пресуда од страна на второстепен суд, односно не го уредува она на што упатува другата норма.
Ова секако се квалификува како номотехнички пропуст, но притоа според Судот, мора да се земат предвид и други елементи. Имено, неспорно е дека со ставот 3 на член 435 од Законот за кривичната постапка се упатува на примена на тн. привилегија на здружувањето (beneficium cohaesionis, лат.). Овој институт е уреден во два члена од Законот за кривичната постапка.
Првиот е член 430 кој што е насловен „Привилегија на здружувањето (Beneficium cohaesionis)“, во кој е предвидено дека ако второстепениот суд по повод на која и да е жалба утврди дека причините поради кои ја донел одлуката во корист на обвинетиот се од корист и за некој од сообвинетите кој не изјавил жалба или не ја изјавил во тој правец, ќе постапи по службена должност како да постои таква жалба.
Оваа одредба е систематизирана во главата XXVI „РЕДОВНИ ПРАВНИ ЛЕКОВИ“ на Законот за кривичната постапка, односно во истата глава во кој е систематизиран и член 439 во кој е содржан оспорениот дел од неговиот став 3.
Вториот е член 459 којшто е насловен „Привилегија на здружување (Beneficium cohaesionis) и забрана за менување на полошо“, според кој: при решавањето по барањето за заштита на законитоста судот ќе се ограничи само на испитување на повредите на законот на кои се повикува подносителот во своето барање (став 1); ако судот најде дека причините поради кои ја донел одлуката во корист на осудениот постојат и за некој од соосудените во однос на кои не е подигнато барање за заштита на законитоста, ќе постапи по службена должност како да постои такво барање (став 2); ако барањето за заштита на законитоста е подигнато во корист на осудениот, судот при донесувањето на одлуката е врзан со забраната пропишана во членот 428 од овој закон (став 3). Одредбата е систематизирана во главата XXVII „ВОНРЕДНИ ПРАВНИ ЛЕКОВИ“ на Законот за кривичната постапка.
Според Судот, тоа што има упатување на погрешна одредба, како и дека во истиот закон е уредено прашањето на кое упатува оспорениот дел, значи дека станува збор за очигледен номотехнички пропуст кој нема суштинско влијание при утврдувањето на соодветната норма на која се однесува упатувањето.
Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд во член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и претходно изнесеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата во овој дел, со оглед дека се работи за прашање коешто е во надлежност на Собранието на Република Северна Македонија кое ги донесува, изменува и дополнува законите, а на што всушност се сведуваат наводите во иницијативата во овој дел.
е) Член 448 став 2 реченица втора од Законот за кривичната постапка
Според наводите во иницијативата, оспорената одредба упатува на непостоечки став 2 од членот 450 од Законот за кривичната постапка што не е во согласност со барањето за правна предвидливост и правна сигурност.
Членот 448 став 2 реченица прва од истиот закон, предвидува кривичната постапка која била правосилно запрена до почетокот на главната расправа да може да се повтори кога јавниот обвинител се откажал од гонењето, ако се докаже дека до откажувањето дошло поради сторување на кривично дело.
Во втората реченица на овој став е содржана упатувачка одредба според која во поглед на докажувањето на кривичното дело на јавниот обвинител ќе се применуваат одредбите од член 450 став 2 на овој закон.
Притоа, член 450 од овој закон нема втор став, туку само еден, кој се однесува на друго прашање – повторување на постапката на штета на осудениот.
Меѓутоа, прашањето на кое упатува оспорената реченица од член 448 став 2 е уредено со друга одредба од овој закон и тоа во член 449 став 2 од Законот за кривичната постапка.
Според член 449 став 1 од Законот за кривичната постапка, кривичната постапка завршена со правосилна пресуда може да се повтори во корист на осудениот, ако: 1) се докаже дека пресудата е заснована врз лажна исправа, визуелно-тонска снимка или врз лажен исказ на сведокот, вештакот, толкувачот или преведувачот, односно толкувачот; 2) се докаже дека до пресудата дошло поради кривично дело на судијата, на судијата – поротник или на лице кое ги вршело истражните дејствија; 3) се изнесат нови факти или се поднесат нови докази што самите за себе или во врска со поранешните докази се подобни да причинат ослободување на лицето кое било осудено или негова осуда според поблаг кривичен закон; 4) на некое лице за исто дело повеќе пати му е судено или ако повеќе лица се осудени поради исто дело што можело да го стори само едно лице или некои од нив; 5) во случај на осуда за продолжено кривично дело или за друго кривично дело што според законот опфаќа повеќе истовидни или повеќе разновидни дејствија се изнесат нови факти или се поднесат нови докази што укажуваат дека осудениот не го сторил дејствието што е опфатено со делото од осудата, а постоењето на овие факти би било од суштествено влијание врз одмерување на казната и 6) со правосилна одлука на Европскиот суд за човековите права се утврди повреда на човековите права и основни слободи во текот на постапката.
Согласно став 2 од овој член, во случаите од ставот 1 точки 1 и 2 на овој член со правосилна пресуда мора да се докаже дека наведените лица се огласени за виновни за односните кривични дела. Ако постапката против овие лица не може да се спроведе поради тоа што умреле или поради тоа што постојат околности што го исклучуваат кривичното гонење, фактите од ставот 1 точки 1, 2 и 3 на овој член можат да се утврдат и со други докази.
Според Судот, тоа што има упатување на погрешна одредба и дека во истиот закон е уредено прашањето на кое упатува оспорениот дел, значи дека станува збор за очигледен номотехнички пропуст, кој нема суштинско влијание при утврдувањето на соодветната норма на која се однесува упатувањето.
Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд во член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и претходно изнесеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата во овој дел, со оглед дека се работи за прашање коешто е во надлежност на Собранието на Република Северна Македонија кое ги донесува, изменува и дополнува законите, а на што всушност се сведуваат наводите во иницијативата во овој дел.
ж) Член 449 став 1 точка 1 во делот „односно толкувачот“ и став 2 реченица втора во делот „и, 3“ од Законот за кривичната постапка
Наводите во однос на овој оспорен дел се дека во член 449 став 1 точка 1 од Законот за кривичната постапка, два пати е употребен поимот „толкувач“, додека во став 2 реченица втора, по грешка е содржано повикување на точката 3, со оглед дека на почетокот на реченица прва од овој став, биле наведени само точките 1 и 2 што е спротивно на правната сигурност и предвидливост.
Согласно со член 449 став 1 точка 1 од Законот за кривичната постапка, кривичната постапка завршена со правосилна пресуда може да се повтори во корист на осудениот, ако се докаже дека пресудата е заснована врз лажна исправа, визуелно-тонска снимка или врз лажен исказ на сведокот, вештакот, толкувачот или преведувачот, односно толкувачот (оспорен дел).
Според точката 2 на овој став, постапката може да се повтори во корист на обвинетиот ако се докаже дека до пресудата дошло поради кривично дело на судијата, на судијата – поротник или на лице кое ги вршело истражните дејствија.
И на крајот, точката 3 на истиот став, предвидува дека постапката може да се повтори ако се изнесат нови факти или се поднесат нови докази што самите за себе или во врска со поранешните докази се подобни да причинат ослободување на лицето кое било осудено или негова осуда според поблаг кривичен закон.
Според член 449 став 2 реченица прва од Законот, во случаите од ставот 1 точки 1 и 2 на овој член со правосилна пресуда мора да се докаже дека наведените лица се огласени за виновни за односните кривични дела.
Во втората реченица на истиот став е предвидено дека ако постапката против овие лица не може да се спроведе поради тоа што умреле или поради тоа што постојат околности што го исклучуваат кривичното гонење, фактите од ставот 1 точки 1, 2 и 3 (оспорен дел) на овој член можат да се утврдат и со други докази.
Според Судот, неспорно е дека во случајот од страна на законодавецот е сторен очигледен пропуст, на начин што во една одредба два пати употребил ист поим, додека во другата предвидел точка од одредба која не е опфатена со првата реченица на ставот.
Сепак, ваквиот пропуст не претставува пречка точно и недвосмислено да се утврди содржината на нормите, како во однос на член 449 став 1 точка 1, така и по однос на реченица втора од став 2 од истиот член од Законот за кривичната постапка.
Имено и покрај тоа што во првата одредба, два пати е употребен ист поим (толкувачот), јасно е дека може да има повторување на кривичната постапка, меѓу другото, ако се докаже дека пресудата е заснована на лажен исказ на толкувачот, при што повторно употребениот ист поим на крајот од ставот, не создава никаква забуна при нејзиното толкување.
Со ставот 2 од овој член, во кој е содржана реченицата со оспорениот дел, се предвидува докажувањето на исполнувањето на условот од точки 1 и 2 од ставот 1 од член 449 од Законот, да биде со правосилна пресуда (реченица прва), додека во втората реченица се уредува ситуацијата – кога кривичната постапката не може да се спроведе против лицата наведени во овие точки (сведокот, вештакот, толкувачот или преведувачот, судијата, судијата – поротник или лицето кое ги вршело истражните дејствија) поради тоа што умреле или поради тоа што постојат околности што го исклучуваат кривичното гонење, па поради тоа, докажувањето не е можно со правосилна пресуда.
Притоа, упатувањето на точка 1 од став 1 од член 449 од Законот за кривичната постапка во реченица втора од став 2 на овој член, значи дека тоа се следните факти: давањето лажен исказ од страна на сведокот, вештакот, толкувачот или преведувачот, додека со упатувањето на точка 2 од истиот член во истата реченица значи дека тоа се однесува на сторено кривично дело од судијата, судијата – поротник или лице кое ги вршело истражните дејствија.
И на крајот, третото упатување се однесува на точката 3 од став 1 на член 449, која како основ за повторување на постапката го предвидува изнесувањето нови факти или со поднесувањето нови докази што самите за себе или во врска со поранешните докази се подобни да причинат ослободување на лицето кое било осудено или негова осуда според поблаг кривичен закон.
Притоа, ако се земат предвид сите овие одредби, јасно е дека предмет на уредување на ставот 2 од член 449 од Кривичниот законик се прашања поврзани со лицата наведени во точките 1 и 2 од член 449 од Законот за кривичната постапка, додека точката 3 од истиот став се однесува на сосема друго прашање што е очигледен номотехнички пропуст кој нема никакво влијание при утврдување на содржината на нормата.
Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд во член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и претходно изнесеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата во овој дел, со оглед дека се работи за прашање коешто е во надлежност на законодавецот, кој ги донесува, изменува и дополнува законите, а на што се сведуваат наводите во иницијативата.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски