Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.153/2024
Скопје, 09.04.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 9 април 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 69 став 1 и член 70-а став 3 од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ број 64/2009, 24/2011, 25/2013, 79/2013, 147/2013, 43/2014, 160/2014, 33/2015, 44/2015, 147/2015, 7/2016, 39/2016, 147/2017 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 274/2022, 255/2024 и 59/2025).
Образложение
I
Од страна на Државниот инспекторат за шумарство и ловство – Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија беше поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 69 став 1 и член 70-а став 3 од Законот за шумите.
Подносителот на иницијативата наведува дека сите закони и подзаконски акти треба да се во согласност со Уставот бидејќи Уставот е највисокиот правен акт во нашата држава,
Според наводите во иницијативата, во одредбите од член 70-а став 3 од Законот за шумите наведено е дека органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството преку Државниот инспекторат за шумарство и ловство, на правното лице од ставот (2) на овој член му врши проверка на поднесената документација од ставот (7) на овој член со фактичката состојба на лице место и ја констатира со записник кој го доставува до органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството, и истиот како таков е спротивен на неколку законски и уставни одредби.
Подносителот смета дека оспорената одредба е спротивна на член 16 од Законот за шумарска и ловна инспекција, одредбите од член 5, член 6, член 7, член 8, член 9, член 10, член 11, член 12, член 13, член 14 и член 15 од Законот за инспекциски надзор, одредбите од член 98 став 1 и став 2, одредбите од член 75 став 1 и став 2 од Законот за спречување на корупција и судирот на интереси, како и со член 8 став 1 и член 11 ставови 2 и 3 од Уставот.
Во однос на член 69 став 1 од Законот за шумите во иницијативата се наведува дека согласно истиот, исеченото дрво во шума како и надвор од шума (освен дрво од овошни стебла на земјоделско земјиште), без оглед во чија сопственост е, мора да е жигосано со втиснување на јасно видлив шумски жиг и снабдено со испратница за исечено дрво и дрвни сортименти кога се превезува од местото на утовар или пренесува од место до место. Испратницата се издава во електронска и хартиена форма.
Во таа насока се наведува дека со член 69 ставови 1 и 2 од Законот за шумите биле повредени одредбите од Законот за земјоделско земјиште, одребите од Законот за пасишта, одредбите од Законот за води, одредбите од член 75 од Законот за катастар на недвижности, одредбите од член 1 ставови 1 и 2, член 62 став 1, член 67 став 1 од Законот за шумите, одредбите од член 75 ставови 1 и 2 од Законот за спречување на корупција и судирот на интереси, како и со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3, 6, 7, 8 и 10, член 11 ставови 2 и 3 и член 30 од Уставот.
Според наводите во иницијативата, со одредбите од Законот за земјоделско земјиште е утврдено на кој начин и како сопственикот на земјоделско земјиште ќе го одржува своето земјиште, а со член 69 ставови 1 и 2, се ограничува тоа, односно како сопствениците ќе го одржуваат своето земјоделско земјиште ако истите не можат да го пренесат или превезат непречено исеченото дрво. Дополнително сопствениците биле принудени да плаќаат за трошоците за жигосување и издавање на испратници, а со тоа нивното право на сопственост на дрвната маса која е на земјоделско земјиште е повредено бидејќи не само што се ограничени непречено да го користат, туку се и подложени на дополнителни финансиски трошоци и зависности од бирократија.
Подносителот во иницијативата наведува пример: ако на земјоделско земјиште сади сопственикот тополи, ореви, или други видови но истиот е спречен непречено да ги превезува истите, со тоа му се оспорува правото на сопственост и не може тоа дрво да служи за добро на поединецот и на заедницата. Подносителот наведува уште еден пример дека кога сопственикот на земјоделското земјиште поради разни причини подолго време не вршел никакви земјоделски активности на своето земјоделско земјиште и се јавиле дрвенести растителни видови, истиот смее да ги сече, но не смее да го превезува непречено тоа дрво. Според подносителот, во тој случај, на сопственикот му се ограничува правото на сопственост на земјиште кое не е шума.
Во иницијативата се наведува дека Законот за шумите се применува на сите шуми и шумско земјиште без оглед на сопственоста и намената, а од тоа произлегува дека одредбата од член 69 ставови 1 и 2 од Законот за шумите на неуставен начин се однесува на се што е дрво, а воедно не се смета за шума.
Согласно горенаведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за уставноста и законитоста на одредбите од член 69 став 1 и член 70-а став 3 од Законот за шумите и да донесе решение, согласно со одредбите од член 11 од Уставот, со кое истите ќе ги укине.
II
На седницата Судот утврди дека според член 69 став 1 од Законот за шумите, исеченото дрво во шума како и надвор од шума (освен дрво од овошни стебла на земјоделско земјиште), без оглед во чија сопственост е, мора да е жигосано со втиснување на јасно видлив шумски жиг и снабдено со испратница за исечено дрво и дрвни сортименти кога се превезува од местото на утовар или пренесува од место до место, испратницата се издава во електронска и хартиена форма.
Судот исто така, утврди дека според член 70-а став 3 од истиот закон, органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството преку Државениот инспекторат за шумарство и ловство, на правното лице од ставот (2) на овој член му врши проверка на поднесената документација од ставот (7) на овој член со фактичката состојба на лице место и ја констатира со записник кој го доставува до органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството.
III
Според член 8 став 1 алинеи 3, 6, 7, 8 и 10 од Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, слободата на пазарот и преприемништвото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Со член 11 ставови 2 и 3 од Уставот, се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување и се забранува присилна работа.
Согласно член 30 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а според став 2 од истиот член сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Согласно став 3 од истиот член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а според став 4 од истиот член во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно со член 1 став 1 од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија” бр. 64/09, 24/11, 53/11, 25/13, 79/13, 147/13, 43/14, 160/14, 33/15, 44/15, 147/15, 7/16, 39/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.274/22, 255/2024 и 59/2025), со овој закон се уредуваат планирањето, управувањето, стопанисувањето, одгледувањето, заштитата и користењето (во натамошниот текст: стопанисување со шумите), чувањето на шумите како природно богатство и шумското земјиште, остварувањето на општокорисните функции на шумите, правото и обврските на користење на шумите, финансирањето, како и други прашања од значење за шумите и шумското земјиште по принципот на биолошка, економска, социјална и еколошка прифатливост. Со став 2 од истиот член се пропишува дека одредбите на овој закон се применуваат на сите шуми и шумско земјиште без оглед на сопственоста и намената.
Согласно со член 28 точка 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 121/2024), со денот на влегувањето во сила на овој закон, Државниот инспекторат за земјоделство и Државниот инспекторат за шумарство и ловство продолжуваат да работат како органи во состав на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Согласно член 21 став (1) алинеја 10 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, надзорот од надлежност од областа на шумарството го врши преку Државниот инспекторат за шумарство и ловство, а инспекцискиот надзор од областа на шумарството го врши врз основа на членовите 15 став 3, 65-6, 70, 70-а, 99, 99-а, и 100 од Законот за шумите.
Со предметната иницијатива се бара поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од член 69 став 1 и член 70-а став 3 од Законот за шумите, од причина што со оспорените членови се повредуваат одредбите од член 8 став 1 алинеи 3, 6, 7, 8, 10, член 11 ставови 2 и 3 и член 30 од Уставот на Република Северна Македонија
Судот оцени дека согласно член 21 став (1) алинеја 10 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, надзорот од надлежност од областа на шумарството го врши преку Државниот инспекторат за шумарство и ловство, а инспекцискиот надзор од областа на шумарството го врши врз основа на членовите 15 став 3, 65-6, 70, 70-а, 99, 99-а, и 100 од Законот за шумите, па во таа насока наводите од иницијативата со кои се оспорува член 70-а став 3 од Законот за шумите како спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 и член 11 ставови 2 и 3 од Уставот се неосновани, бидејќи одредбата е јасна, прецизна и недвосмислена и истата не предвидува никакво мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување, ниту присилна работа за инспекторите.
Законодавецот, има уставно овластување да креира норми со кои ќе обезбеди квалитетна заштита при спроведување на пренесените јавни овластувања и спречување на нелегална трговија со дрва. Во овој случај тоа го сторил со пропишување на надлежноста на Државниот инспекторат за шумарство и ловство во оспорената одредба од член 70-а став 3 и обврските предвидени во член 69 став 1 од Законот за шумите.
Во согласност со своето уставно овластување, законодавецот има обврска со закон да го уредува однесувањето во одредена област од општествениот живот за кои ќе оцени дека тоа е потребно и оправдано, особено кога станува збор за јавен интерес.
Судот оцени дека оспорените одредби од Законот, формално и материјално се усогласени со темелната вредност на уставниот поредок – владеењето на правото и заштитата и унапредувањето на животната средина. Исто така, по направената анализа Судот оцени дека истите одредби се во согласност со Уставот и со нив не се задира во интегритетот на вработените инспектори во Државниот инспекторат за шумарство и ловство и во правото на сопственост на граѓаните.
Имено, според подносителот на иницијативата, со оспорените законски одредби се овозможува на државните инспектори од областа на шумарството да постапуваат арбитрарно, применувајќи ги одредбите од член 16 од Законот за шумарска и ловна инспекција, одредбите од членовите 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13, 14 и 15 од Законот за инспекциски надзор и одредбите од член 75 ставови 1 и 2 од Законот за спречување на корупција и судирот на интереси, ова од причина што на државните инспектори им се ускратува правото да бидат непристрасни, несубјективни и законити, со тоа што инспекторите активно учествувале при регистрација на правното лице за вршење на промет на дрво и дрвни сортименти, за потоа да вршат инспекциски надзори дали правните лица се регистрирани согласно Законот за шумите, така што било ставено во прашање владеењето на правото, социјалната правда и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата.
Воедно, според наводите во иницијативата, со одредбите од член 70-а став 3 од Законот за шумите инспекторите од Државниот инспекторат за шумарство и ловство дејствијата што треба да ги преземат ги сметале за присилна работа и понижувачко однесување, односно истото не им било во опис и попис на работата и работните задачи, а ниту во законските овластувања за работа со што се чуствувале понижени, а со тоа им се повредувале стручните, интелектуалните и емоционалните чувства.
Според направената анализа Уставниот суд оцени дека постапувањето на Државниот инспекторат за шумарство и ловство во вршењето на инспекцискиот надзор од областа на шумарството е во согласност со член 100 од Законот за шумите во кој е уредена надлежноста и овластувањата на државниот инспектор.
Вршењето на инспекциски надзор и спречувањето на нелегална трговија со дрво, според Законот за шумите е основна работна задача на инспекторите и инспекторатот, поради што горенаведениот навод од иницијативата нема основ.
Подносителот на иницијативата наведува дека со член 69 став 1 од Законот за шумите се повредува член 30 од Уставот, со кој се гарантираат правата на сопственост.
Овој навод нема основ од причина што оспорената одредба од член 69 став 1 од Законот за шумите воопшто не се однесува на сопственоста ниту на каков било начин ја оспорува или ја ограничува, односно сопствениците можат слободно да го користат дрвото за сопствени цели или за промет, но за тоа законодавецот предвидел обврска за жигосување и транспорт со соодветна документација на истото, се со цел спречување на злоупотреби и нелегална сеча и трговија на дрво.
Напротив, со член 69 став 1 од Законот за шумите се спречува нелегалната сеча и трговијата со дрва. Овој член се однесува на регулирање на транспортот на дрво или дрвни производи кога се превезува од местото на утовар или пренесува од место до место. Со испратницата која се издава во електронска и хартиена форма, се обезбедува легално пренесување на дрвото или дрвните производи при транспорт и промет.
Во спротивно, неиздавање на документи за транспорт и нежигосување на дрвните сортименти при транспортот и нивен пласман на пазарот со дрвни сортименти би создал нерегулиран начин на постапување со што не би се разликувале дрвните сортименти кои се легално исечени од дрвни сортименти што се бесправно исечени, не поседуваат документи и не се обележани/жигосани, поради што наводот е без основ.
Во иницијативата од страна на подносителот е поставена дилема, зошто одредбите од член 69 ставови 1 и 2 од Законот за шумите се однесуваат на сите дрва, иако дрвата на земјоделски земјишта, градежни земјишта и со култура води не претставуваат шума и според нив не подлежат на Законот за шуми.
Уставниот суд не ја цени согласноста на овој закон со Законот за земјоделско земјиште кој воопшто не третира прашања на дрва, шумски дрва и слично ниту пак има одредби за сеча или транспорт на истите.
Законодавецот има уставно загарантирана надлежност да ги регулира односите предвидени во општеството, а во овој случај истиот го сторил тоа во однос на Законот за шумите кој се однесува на шумите дефинирани согласно член 6 од Законот за шумите, но истовремено, Законот за шумите во пооделните членови 69 ставови 1 и 2 и член 70 став 1 го регулира транспортот и прометот на дрво и дрвни сортименти без оглед на тоа од каков вид земјиште потекнува дрвото или дрвниот сортимент.
По однос на наводите за меѓусебна неусогласенот на оспорената законската одредба со други одредби од Законот за шумите, одредби од Законот за инспекциски надзор и одредби од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, Судот оцени дека станува збор за прашање кое не е во надлежност на Уставниот суд, согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот.
Врз основа на претходно изнесеното судот оцени дека член 69 став 1 и член 70-а став 3 од Законот за шумите, се во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 6, 7, 8 и 10, член 11 ставови 2 и 3 и член 30 од Уставот на Република Северна Македонија.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски